Условен отпуст: Добро поведение без „награда“

Институтот условен отпуст треба да претставува круна на ресоцијализацијата на осудените лица. Но „наградата“ за нивното добро поведение во рамки на затворската установа многу ретко доаѓа бидејќи судовите ги одбиваат барањата за условен отпуст.
Автор: Марија Севриева
Камера и фотографии: Борис Каески
Монтажа: Мајда Бошњак
Продукција: Види Вака

Ресоцијализацијата на едно осудено лице започнува уште со неговото влегување во затворот. Тоа е комплексен процес преку кој осуденикот треба да ги разгради социјално неприфатливите ставови, размислувања, убедувања и уверувања и да гради нови социјално прифатливи карактеристики. 

Овој процес не е лесен, но не е невозможен, вели Мавроди Карпичаров, раководител на оддлението за третман при КПД Штип. Карпичаров целиот свој работен век го има поминато во казнено поправните установи и бил и директор на затворот во Штип. 

„Ресоцијализацијата е двонасочен процес. Неопходно е осуденото лице коешто е вклучено во тој процес да биде високомотивирано и целосно активно бидејќи без негово активно учество во тој процес, никој не може да работи на промените коишто треба да ги направи.“

Мавроди Карпичаров, раководител на оддлението за третман при КПД Штип

Еден од мотивите за добро поведение, вклучување во работните задачи и активно учество на осуденото лице во процесот на негова ресоцијализација е исполнувањето на критериумите за добивање на условен отпуст.

Условниот отпуст претставува предвремено отпуштање од издржување на казната затвор во услови доколку лицето има издржано една половина од казната, но и доколку: соработува и го прифаќа процесот на ресоцијализација, дисциплинирано ги извршува поставените работни задачи, има позитивен однос кон сите вработени во установата, а особено кон непосредниот воспитувач и инструктор и не ги злоупотребува дадените погодности во текот на издржувањето на казната.

„Со самото пристигнување во установата, осудените престојуваат до 30 дена во приемно одделение и за време на престојот се врши проценка на таа личност и се изготвува индивидуалната програма за третман на понатамошниот тек на казната. Едноставно кажано, се детектираат неговите индивидуални потреби и насоки на кои ќе се работи за време на третманот. Во тој период им се претставуваат и одредбите од Законот за извршување на санкции, куќниот ред на установата, но и со правото за поднесување на молба за условен отпуст и пробација“, појаснува Карпичаров.

Сите осудени лица уште од самиот почеток на издржување на казната затвор се интересираат за тоа како можат да го користат институтот условен отпуст. 

„Јас најчесто им велам дека тие сами, со своето однесување си го пишуваат своето досие, ние вработените во секторот за ресоцијализација само се потпишуваме на него“

Мавроди Карпичаров, раководител на оддлението за третман при КПД Штип

 

При поднесувањето на молбата или барањето до судовите за условен отпуст се подготвува извештај кој го отсликува севкупното поведение на осуденото лице. Проблемот, според Карпичаров е во тоа што судовите многу тесно ги разгледуваат тие извештаи, а епилогот од таквите постапки е повеќе одбиени отколку одобрени барања за условен отпуст на осудените лица.   

Мал е процентот на одобрени барања за условен отпуст, меѓутоа не можеме да кажеме дека е нула, смета и директорот на КПД Штип, Мики Тодоров. 

„Кога велам дека е минимален бројот на условните отпусти кои ги даваат судовите зборувам врз база на искуство. Моја претпоставка е дека судот повторно ги суди осудените лица и кога се дава условниот отпуст тоа е веќе на крајот на казната и според мене не надминува повеќе од една година од ослободување“, смета Тодоров.  

Кога судот одлучува по молба на осуденото лице ги зема елементите коишто биле предмет на опсервација при изрекувањето на казната, вид на кривично дело, околности, одзив во јавноста како и структурата на личноста на осуденото лице, појаснува Карпичаров.

„За разлика од судскиот процес, мое мислење е дека при одлучување по молба предмет на опсервација примарно треба да биде индивидуалниот процес на ресоцијализација кое го остварило тоа лице за време на издржувањето на казната“, вели Карпичаров. 

Нормално дека треба да се гледа и таа кривичноправна основа, меѓутоа примарна процена треба да биде условниот отпуст, додава тој. 

Условниот отпуст – круна на ресоцијализацијата

Секое осудено лице кое ги реализира зацртаните цели на ресоцијализацијата во затворски услови, кога треба да дојде до проверка на неговото интегрирање, многу е важно да има еден пробациски период, еден условен период со засилен надзор, како што беше во стариот закон, каде што ќе бидe под контрола, затоа што постпеналниот период на пробацијата треба да биде круна на ресоцијализацијата, смета Карпичаров. 

Но наместо тоа, преку негативните решенија за условен отпуст осудениците се демотивирани да го унапредуваат своето поведение затоа што го имаат истиот третман како и оние коишто воопшто не се подготвени за промена.   

Карпичаров сподели пример за осудено лице кое било на издржување на казна затвор од 12 години. Станува збор за случај за обид за убиство, со тешки телесни последици за жртвата. 

„Во текот на казната осуденото лице е мотивирано, активно ги извршува сите третмански зацртани задачи, стекнува образование по занимање, работно е ангажиран од првиот ден, никаков дисциплински престап и веќе од тие 12 има издржано 10 години и му остануваат некаде околу 2 години. Пред некој месец на состанок, имаше општ консензус дека лицето е зрело за поднесување на предлог за условен отпуст“, раскажува Карпичаров. 

Но и покрај сите овие позитивни карактеристики, осуденикот добил негативно решение за условен отпуст. Ваквите случаи доведуваат до разочарување во системот кај осудените лица бидејќи тие не гледаат кој е ефектот од нивното добро поведение.    

За подобрување на состојбите неопходно е во иднина да се направи стандардизирање на процесот за одлучување за оправданоста на условното отпуштање или да се има предвид статусот на осуденото лице дали тој е повратник или примарен сторител, смета директорот на КПД Штип, Тодоров, како и генералната и специјалната превенција од сторувањето на кривичните дела за заштита на заедницата. 

„Да бидат позитивен пример во институцијата меѓутоа и да нè убедат нас како институција и како општество дека се подготвени за враќање во заедницата и дека самите тие нема да направат нови кривични дела или да ги повторат истите.“  

Мики Тодоров, директор на КПД Штип

Условниот отпуст може да влијае врз пренатрупаноста на затворите

И директорот на КПД Штип, Тодоров и раководителот на одделението за третман во затворот, Карпичаров сметаат дека со повеќе позитивни решенија за условен отпуст може да се влијае на пренатрупаноста на затворите. 

„Еден од поголемите проблеми институционално ќе кажам дека е пренатрупаноста во институциите и со користењето на една од алтернативните мерки или со користењето на условниот отпуст може да се намали пренатрупаноста каде што условите за живот на осудените лица ќе бидат попристојни и подобри. Нема да ја има пренатрупаноста, а знаеме што самата таа значи по себе“, вели Тодоров. 

Но од најголемиот суд во земјава, Основниот кривичен суд Скопје, не се согласуваат со ваквото тврдење. Во одговор за Види Вака од кабинетот на претседателот на судот, Иван Џолев, наведуваат дека ресоцијализацијата на осудените лица не е поврзана со пренатрупаноста на затворите. 

„Оваа околност на никој начин не може да влијае во проценката на судот при носење на мериторна одлука по однос дозволување или одбивање на молба за условен отпуст“, велат во одговорот од Кривичен. 

Според статистиката на судот за изминатите осум месеци од 2021 година биле поднесени вкупно 155 молби за условен отпуст. Од нив:

уважени

53

молби

одбиени

77

молби

отфрлени

8

молби

повлечени

2

молби

Повлечени

and description

Од Кривичен велат дека како најчеста причина за одбивање на молбите е неисполнувањето на условите, односно во времето на поднесување на барањето не е издржана една половина од казната затвор.

Во судската пракса постојат и барања коишто се одбиваат дури и да се исполнети законските услови. Причината за тоа е долгиот период од поднесувањето на молбата до стапувањето на сила на условнот отпуст, период во кој се случувало осудените лица да го влошат поведението или дури и да се дадат во бегство, велат од Кривичен. 

Понатаму, како втора причина осудените се со негативно поведение за времетраењето на издржувањето на казната во установата и како трета најчеста причина за одбивање на барањето за условен отпуст е проценката на судот за нецелосна ресоцијализација на осудените лица, согласно извештаите за осудени лица на установата во која се издржува казната затвор, велат од Кривичен.

Од таму додаваат дека оние коишто не се задоволни од одлуката можат да понесат повторно нова молба до судот, по протек на одреден временски период.

Истите прашања ги поставивме и до Основниот суд Штип. Нивната пракса во оваа година е повеќе одобрени барања за условен отпуст отколку обиени. 

„Во Основен суд Штип- одделение за извршување на санкции од почетокот на годината до сега се поднесени 21 барање за условен отпуст. Од нив, 9 барања за условен отпуст се одобрени, 6 се одбиени, за останатите барања сè уште не е донесена одлука“.

Од таму не сакаа да го коментираат ставот дека со позитивно решавање на барањата за условен отпуст директно ќе се влијае на пренатрупаноста во затворите бидејќи нивната судска пракса е секако повеќе одобрени отколку одбиени барања. 

И во скопскиот и во штипскиот суд најчести подносители на барањата за условен отпуст се осудените лица. Иако постои можност да се одржуваат рочишта на кои и судот може да ги сослуша и осуденото лице и неговиот непосреден воспитувач во однос на исполнување на условите за условен отпуст, тоа ретко или воопшто не се случува, наведуваат од двата суда. 

Условниот отпуст не значи простување на казната

Дека условниот отпуст е една од мерките за која најмногу се интересираат осудените лица, потврдува и адвокатката Татјана Донеска. Ваквиот институт е погоден како за затворениците така и за државата, смета таа, од причина што оние коишто ги исполнуваат условите и за коишто барањето е усвоено од една страна се росоцијализирале, а од друга страна не се повеќе на товар на државата. 

Праксата е најчесто дека ваквите барања се одбиваат, вели Донеска која работи и на проект за подобрување на условите во затворите и промовирање и заштита на правата на осудените лица, нивна едукација за истите и обезбедување на правна помош за остварување на конкретни права. 

Постапката е следна:

„Најпрво остваруваме контакт со осуденото лице во самиот затвор, па доколку има интерес од негова страна или пак доколку од разговорот утврдиме дека ги исполнува условите за поднесување на вакво барање, ја прибавуваме целокупната потребна документација и ја проучуваме за да утврдиме дали навистина ги исполнува условите.“

Татјана Донеска, адвокатка

Судот секогаш претходно бара мислење од обвинителот кое најчесто е негативно, а ретко ја користи и можноста за сослушување на осудените кои бараат условен отпуст, додава адвокатката. 

Тоа што можеби е клучно да се потенцира за условниот отпуст е дека тој не претставува простување на казната, туку осуденото лице продолжува да ја издржува надвор од затворската установа, потенцира Арбен Гудачи, правник во Македонското здружение за млади правници. 

„Условниот отпуст доаѓа со цел сет на правила и на институции кои се надлежни за надгледување на истиот. Стравот дека за времетраење на условниот отпуст лицето повторно ќе стори некое кривично дело, е неоправдан и значи дека тој ќе продолжи да ја изддржува казната и во преостанатото време за кое добил условен отпуст“, вели Гудачи. 

Клучна алка во остварувањето на условниот отпуст се и пробациските служби, кои покрај надзор над спроведувањето на условниот отпуст треба да им бидат и поддршка на осудените лица, појаснува Гудачи. Крајната цел од овој систем е оддржување на безбедноста на заедницата со подобрување на ресоцијализацијата на лицата над кои се извршуваат пробациските работи.

И Донеска и Гудачи се согласни дека осудените лица се високомотивирани за исполнување на условите за условен отпуст, но и разочарани од надлежните институции кога ќе бидат одбиени нивните барања во ситуација кога навистина постојат услови за тоа.

„Правилното користење на условниот отпуст може да влијае на пренатрупаноста на затворите, но целта на условниот отпуст не е таа. Условниот отпуст како таков меѓу другото има за цел да го мотивира осуденото лица да се вклучи што е можно повеќе во процесот на ресоцијализација“, вели Гудачи.

Европска Комисија: Да се зголеми координацијата меѓу институциите

Во последниот достапен извештај на Европската комисија за напредокот на земјава се наведува дека иако Стратегијата за развој на казнено-поправниот систем продолжила да се спроведува, сепак подготовките за ослободување на осудените лица во заедницата остануваат недоволни. 

„Во текот на 2019 година беа регистрирани 165 условни пробации, од кои повеќето беа за надзор над осудени лица условно ослободени од затвор и за случаи на условни казни со заштитен надзор. Други 34 случаи се регистрирани во 2020 година“, стои во извештајот на Комисијата.

Сепак, Комисијата препорачува да се зајакне и координацијата меѓу пробациските службеници, судиите, јавните обвинители, затворскиот персонал и другите институции пред ослободувањето на осудено лице. Акцентот треба да остане на развојот на алтернативи на притворот со цел да се избегне пренатрупаност и да се подобри ресоцијализацијата и рехабилитацијата на осудените лица и да се намалат случаите на повторување на делото, стои во извештајот.

Facebook
Twitter
LinkedIn