Тужат роднини за да докажат дека им треба социјална помош

Автор: Марија Севриева
Камера и дрон: Крсте Шупев
Монтажа: Крсте Шупев
Продукција: Види Вака

Дајте ни тужба! Со вакви барања се соочил Граѓанскиот суд во Скопје од лица во социјален ризик, кои биле упатувани да тужат родители и роднини за да се стекнат со право на гарантирана минимална помош.

Тужба против близок роднина е доказот што треба да го приложат граѓаните кои се баратели на гарантирана минимална помош. Во превод, тие треба да ги тужат своите брат, мајка или татко и да го изгубат судскиот процес. Судот треба да утврди дека оној што го тужат не може да ги издржува, за потоа Центарот за социјални работи да може да го одобри правото од социјалната заштита.

Овие судски процеси, покрај тоа што ја усложнуваат постапката за добивање социјална помош за граѓаните, дополнително го оптоваруваат и онака оптовареното судство.

Ваква тужба добило и семејството Јакуп. Ги тужи синот. Иако биле запознаени дека тоа е законска обврска, сè уште не можат да веруваат дека синот, којшто живее со нив и за кого се грижеле цел живот, мора и да ги тужи.

„Почнавме да се бориме со болеста на синот на негови 26 години. Две операции, една тука, една во Белград. Потоа почнаа финансиските проблеми. Како детето да прима лекови, каква терапија. И затоа поднесовме барање до Центарот за социјални работи за да добие социјална помош, а потребна му е и нега“,објаснува Ајрие Јакуп.

Поради неговата болест, тој не може да работи, но и не може сам да се грижи за своето здравје, додава таа.

„Комисијата кога виде дека тој е млад, 26 години, а со толку многу тешки болести, од прва рака тоа му го одобрија и додатокот за нега од друго лице“, вели Ајрие Јакуп.

При редовна обнова, кога синот на Ајрие бил да поднесе документи во Центарот за социјални работи во Шуто Оризари, му било кажано дека му е потребен уште еден документ – тужба за издршка против родителите, тврди Ајрие.

„Социјалната работничка го прашала: – ‘Имаш татко?’ – ‘Да.’ – ‘Зема ли пензија?’ – Да, зема. Десет илјади.’ – ‘Оди тужи го татко ти.’ Со овие зборови му рекоа на детето. – ‘Оди тужи го татко ти, тој нека те издржува’“, вели Ајрие.

Ова не е проблем само на семејството Јакуп. Оваа одредба е дел од Правилникот (pdf) за добивање гарантирана минимална помош. Проблемот е во тоа што Центарот за социјални работи, иако има законска обврска да побара полномоштво и да ја поведе тужбата, ретко го прави тоа.

„Проблемите на синот на Ајрие настануваат кога се изменува Законот за социјална заштита и кога постојаната парична помош се преобразува во ново право наречено гарантирана минимална помош. За да се изврши преобразбата на правото, посочено му е да поднесе барање (pdf) поткрепено со доказ за поднесена тужба за издршка до парничен суд против неговите родители со кои живее во исто домаќинство“, вели Ангела Шумкоска правник во Македонското здружение на млади правници.

Во согласност со Законот за социјална заштита член 30 став 3:

„Центарот за социјална работа по службена должност ја проверува материјалната состојба на носителот на правото на гарантирана минимална помош и сите полнолетни членови на домаќинството, преку обезбедување на податоци за остварени месечни приходи од службената евиденција на надлежниот јавен орган, Министерството за финансии – Управата за јавни приходи“, појаснува Шумкоска.

Наместо да поднесуваат тужба, граѓани барале од судот да им ја даде

Неколку месеци по стапување на сила на Правилникот, најголемиот граѓански суд во државава, Основниот граѓански суд Скопје, се соочил со невообичаена ситуација.

Граѓани барале судот да им даде тужба бидејќи така им било кажано од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи (МЦСР). Со цел да се разјаснат ваквите барања, претставници од судот, од Одделението за имотноправни спорови, одржале состанок со претставници од МЦСР.

„Потребата од овој состанок се наметна поради сѐ поголемиот број странки кои се обраќаат до судот и бараат тужби против блиски сродници, со појаснување дека биле упатени од МЦСР“, велат во писмениот одговор од Граѓанскиот суд.

Од таму додаваат дека на состанокот претставниците од МЦСР појасниле дека, според законските измени, за остварување на правото на парична помош барателите се должни да поднесат доказ дека имаат поднесено тужба за издршка пред надлежен суд. Станувало збор за правно неуки странки, што е причината што не знаеле да објаснат што бараат кога доаѓаат во судот.

По состанокот било заклучено дека за потребите на постапките кои се водат пред МЦСР, Центарот треба да поднесе до судот барање за проверка дали конкретните лица кои ќе бидат наведени во барањето поднеле тужба за издршка против близок сродник.

Судиите на овој суд кои постапуваат по предметните тужби не сакаат да ја коментираат ваквата законска обврска. Од судот наведуваат дека судиите постапуваат исто како и со останатите поднесени тужби за издршка или тужби по друг основ.

Од увидот во тужбите за издршка, од судот добивме одговор дека ниту една од нив не е поднесена од Центарот за социјални работи, туку од граѓани.

МТСП: Се работи на релаксирање на критериумите, тужбата останува

Од Министерството за труд и социјална политика не добивме конкретен одговор зошто правно неуки странки во социјален ризик дополнително се изложуваат на трошоци преку судски постапки. Ниту пак зошто центрите не ги користат механизмите за да ја проверат сами финансиската и имотната моќност на членовите на семејството со кои живее барателот или да побараат полномоштво.

За синот на Ајрие Јакуп добивме одговор дека:

И тој потврди дека му се префрлени на сметка парите од помошта, но решение дека му е трансформирано правото во гарантирана минимална помош нема добиено, тврди тој. За постапката пред суд и за тоа во која фаза е неговата тужба за издршка против родителите, исто така, не добил известување.

За време на пандемијата со ковид-19 беа направени измени на Правилникот, наместо за изминатите три месеци, материјалната необезбеденост на домаќинството да се проверува еден месец пред поднесување на барањето.

Но тужбата за издршка останува како доказ.

„МТСП преку својот електронски систем за администрирање на паричните надоместоци се поврза со сите институции кои имаат свои електронски бази на податоци и кои имаат техничка можност за електронска размена, а кои податоци како факти се потребни во постапката за остварување на правата од социјална заштита“, стои во известувањето од Министерството до неколку граѓански организации.

Лавиринтот во Центарот за социјални работи – Шуто Оризари

Неодамна неколку ромски организации изведоа уличен перформанс „Лавиринтот во Центарот за социјална работа“, преку кој го изразија незадоволството на ромската заедница од работата на Центарот во Шуто Оризари. Тоа е истиот центар каде што синот на Ајрие поднесува документи.

Фото: Ванчо Џамбаски

Најчестите проблеми и пречки со кои се соочува ромската заедница во пристапот до социјални услуги:

„Доставување или недоставување на решенија и одлуки вон законскиот рок за поднесените барања и неиздавање на архивски броеви за одделните предмети кои го оневозможуваат правото на жалба во законски рок; субјективно оценување на состојбите без излегување на терен; некоординиран пристап; недоволна екипираност и немање капацитет и стручност на службите; лоши просторни услови, како и маргинализација на Центарот од страна на ресорното Министерство“, наведоа организациите во својата акција.

Од Секторот за инспекциски надзор во областа на социјалната заштита и заштита на децата при Министерството за труд и социјална политика, потврдуваат дека Центарот треба самостојно да ја утврди состојбата на барателот на гарантирана минимална помош доколку тоа е во социјален ризик.

За евентуални прекршувања во работата на центрите, оттаму упатуваат граѓаните да се обратат до Секторот за инспекциски надзор со претставка, по што ќе биде утврдена фактичката состојба.

Ајрие Јакуп и нејзиниот сопруг ќе сторат сè за нивниот син, но ограничени им се можностите. Велат, за среќа, тужбата со којашто мора да докажат дека не можат да го издржуваат нема да ги наруши нивните семејни односи.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn