Трнливиот 35-годишен пат на Македонија

Автор: Христина Ѓорѓиевска Илиевска, Ангела Петровска
Продукција: Види Вака
Nezavisna Makedonija

Секој 8 септември ја слушаме оваа реченица која во 1991 година одекна од плоштадот во центарот на Скопје. Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров пред три и пол децении пред илјадници граѓани ја прогласи независноста на Македонија. Тогаш на плоштадот, Киро Глигоров им се обрати на граѓаните по успешниот референдум и го одбележа историскиот чин со кој Македонија го започна својот пат како независна држава.

Но, што сè преживеа Македонија изминативе 35 години?

Македонскиот референдум за независност се одржа на 8 септември 1991 година каде граѓаните на Македонија одговараа на прашањето: Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?

На гласањето од вкупно 1.495.807 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85%, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,26% (односно 72,16% од вкупниот број на граѓани со право на глас).

Истиот ден, на плоштадот Јосип Броз Тито, денес именуван како Македонија, Претседателот на Референдумската комисија ги соопштил резултатите дека референдумот е успешен. По тој повод се обрати претседателот Киро Глигоров каде ги поздрави насобраните и им ја честиташе независноста на Македонија.

По ова започнаа голем број на процеси кои беа потребни за формирањето на една држава.

На 17 ноември 1991 година Собранието го усвои првиот Устав на независна Република Македонија. Со него беа поставени темелите на новиот уставен поредок и парламентарната демократија. Уставот го означи завршувањето на еден од клучните процеси во создавање на независната држава.

По создавањето на независната македонска држава, потребно било таа да го добие својот нов визуелен идентитет, односно симболите по коишто најмногу ќе се препознава државата, најмногу ќе се веат, ќе бидат највидливи. Тоа се државните инсигнии – знамето, грбот и химната.   

Архитектот и професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, Мирослав Грчев е автор на дизајнот на македонското знаме кое е усвоено на 5 октомври 1995 година. Неговиот ангажман на проектот дошол директно од тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, кој во одреден дел бил уметнички директор на целиот проект. Сепак, како што вели, неговиот финален предлог е изменет и тој не со согласува со сегашниот изглед. Смета дека има „фалинки“ со кои не може да се помири.

„Не може човек со еден збор да каже дали е тоа гордост или е разочарување или е помирување. Демек „Ај се роди бебето, наше е, па“ … Јас на одреден начин, до ден-денес, не сум помирен со таа тешка „фалинка“ затоа што не е само неприродно, туку и против логиката на одржувањето на државните инсигни и државните дизајни. Сите знамиња еволуираат, грбовите се дотеруваат,“ вели професорот Мирослав Грчев.

shablon-konstrukcija-zname

Шаблон за знамето на Македонија

И дебатата за грбот на Републиката тлееше и се менуваше низ годините од нејзиното осамостојување. Како по непишано правило, на секои десетина години, но и почесто, ова прашање стануваше главна тема во македонската политика.

За разлика од усвојувањето на другите државни симболи, знамето и химната, коишто беа усвоени една година по прогласувањето на независноста на Републиката, државниот грб со закон е изгласан дури 18 години подоцна, односно на нејзиното полнолетство во 2009 година.

Според пишувања на македонските историчари и хералдичари, грбот на Република Македонија, како што изгледа денеска е резултат на неможноста да се постигне консензус за негова посуштинска промена. Консензус кој сè уште е недостижен и по 30 години од отворањето на ова прашање во независна Македонија.

Во текот на летото потесниот избор од предлозите се јавно претставени. И тогаш се отвора дебатата кај јавноста, кај хералдичарите и кај политичарите.  

Карактеристично за сите предлози за грб е што како елементи ги имаат сонцето и историскиот земски грб со лав во различни варијанти. Нивните крактеристики, обележја па дури и репродукции, бидејќи оригиналите не се зачувани, во детали ги објаснува хералдичарот и историчар, Јован Јоновски во текстот „Грбовите и другите форми на државни симболи предложени за Република Македонија и процесот на нивно усвојување 1992–2014“.

На 41-та седница на Собранието, 11 август 1992 година, изгласани се само „Денес над Македонија“ и знамето. Договорот за грбот, не бил постигнат бидејќи ВМРО-ДПМНЕ на маса го вратил предлогот за грбот со лав, пишува хералдичарот и историчар, Јоновски. 

Видеото оригинално е објавено на 5.8.2022 година

Со слободна, суверена и самостојна Македонија, започнуваат и процесите за воведување на првата македонска валута. Тогашната Комисија за монетарен систем ги разгледувала предлозите како да се именува валутата, во потесниот круг влегле: македонски динар, лав и денар. Одлуката паѓа на предлогот кој го дал академикот Петар Илиевски, „денар“. Денарот официјално беше прогласен за национална валута следната година по осамостојувањето, на 26 април 1992 година.
На големиот христијански празник Велигден, од говорницата на Собранието, првиот претседател на Владата на современата македонска држава, Никола Кљусев, ги претстави испечатените транзициски пари.

Транзициски бонови (Споменик Македониум и Жени при жнеење жито)


Во градот под Марковите Кули – Прилеп, во печатницата „11 октомври“ биле дизајнирани и печатени банкнотите. Првото стандардизирано парично издание по осамостојувањето на Македонија е од 1993 година.

И парите, како и останатите државни симболи од почетокот на монетарната историја на Македонија, претрпуваат измени три пати. 

Во 2016 година беа воведени две нови банкноти, 200 и 2000 денари. На нив се отсликани средновековната бронзена фибула (пронајдена близу Прилеп) и релјеф на Псалм 41 од Стариот завет (теракотна икона од Виница). Од другата страна се уметнички елементи од фасадата на Шарената џамија во Тетово и цветните дизајни на Исак-беговата џамија во Битола. Додека на 2000 денарите, на лицето се бронзениот артефакт во облик на афионова чашка (откриен во Сува Река, Гевгелија),  македонската невестинска носија од Прилеп, а на опочината е декорацијата на внатрешноста на позлатен сад (од XVI век) со два пауна покрај „изворот на животот”.

Никола Кљусев го претставува денарот во Собрание

Две години подоцна, во 2018 година беа пуштени полимерните пари, книжните апоени од 10 и 50 денари. На овие полимерни десет и педесет денари, животниот циклус е подолг 3 до 4 пати, за разлика од хартиените банкноти.

Во 2020 година на 8 април стапи на сила Одлуката за издавање и печатење банкноти во апоени од 500 и 1000 денари со изменети белези, Република Северна Македонија.

На 3 октомври 1995 година, беше извршен обид за убиство на првиот претседател на независна Македонија,Киро Глигоров. Нападот бил извршен во автомобил-бомба во 9.50 часот на улицата Македонија, пред хотелот „Бристол“ во центарот на градот.
По атентатот била отворена истрага под името „Автомобил“, а се вклучиле и безбедносните служби на САД, Велика Британија и Германија, но ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот, никогаш не биле откриени и пронајдени.
Девет години подоцна, на 26 февруари 2004 година во авионска несреќа на патот кон економската конференција во Мостар, во Босна и Херцеговина. Претседателот Трајковски, заедно со уште осум лица кои биле во авионот, не ја прежиеале несреќата. И ден-денес причината за несреќата е непозната.

По војната во Косово и бегалската криза со која се соочуваше Македонија, се случи нов предизвик за државата. 2001 година е годината на страв, неизвесност, болка и немири. Вооружениот конфликт во започна во јануари месец кога албанската паравоена формација Ослободителна народна армија (скратено ОНА) ги нападна безбедносните сили на Македонија. Тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, во интервјуто дадено за CNN, оваа паравоена формација ја нарекува „терористичка организација, без оглед на тоа како тие самите се нарекувале“.

Прекинот на огнот на воениот конфликт беше со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. На потпишувањето на 13 август 2001 година, тогашниот претседател Борис Трајковски изјави:

„Договор за мир, кој ќе го отстрани присуството на натрапниците, на терористите од територијата на Република Македонија. Ќе ја гарантира сувереноста, територијалниот интегритет на нашата држава.“ 

На 8 април 1993 година Република Македонија стана членка на Обединетите Нации. Тоа беше голем дипломатски чекор и потврда дека новата држава станува дел од меѓународната заедница. Поради спорот со Грција, членството беше под привремена референца, но приемот во ООН остана еден од најзначајните моменти во првите години на независноста.

На 22 март 2004 година, Македонија официјално го направи првиот голем чекор кон Европската Унија, поднесе барање за членство.

Само девет месеци подоцна, во декември 2005 година, земјата доби статус на кандидат за членство. Но, кандидатскиот статус не значеше и брзо членство. Но, следуваше долг пат исполнет со реформи, препораки, политички одлуки, услови и нови очекувања. Годините минуваа, а Македонија остануваше кандидат за членство. Европската перспектива беше дел од политичките програми, изборните кампањи и јавните дебати, но отворањето на преговорите постојано се одложуваше.

Во март 2020 година, по повеќе од 15 години од поднесувањето на апликацијата, Европскиот совет даде зелено светло за отворање на пристапните преговори со Македонија. Сепак, до официјалниот почеток на преговорите поминаа уште повеќе од две години. Во јули 2022 година, Македонија и Европската Унија за првпат седнаа на маса за пристапните преговори. Со тоа формално започна нова фаза од европскиот пат – процес во кој земјата треба да го усогласува своето законодавство и институции со европските стандарди и правила. Од апликацијата во 2004 година до преговарачката маса во 2022, Македонија помина речиси две децении на патот кон Европската Унија.

Но, преговорите не се само едно отворање на врата. Тие се процес кој се одвива по поглавја и области, со реформи, проверки и исполнување на услови.

Исто така, патот на Македонија во НАТО започна уште во 1995 година, кога земјата се приклучи кон Партнерството за мир на Алијанската. Четири години подоцна, во 1999 година, Македонија влезе во Акцискиот план за членство, механизам преку кој земјите-кандидати спроведуваат реформи и се подготвуваат за идно членство. Пресвртот дојде со Преспанскиот договор во 2018 година, односно со решавање на спорот со името, се отвори патот за забрзување на евроатланските интеграции. Во феваруари 2019 година, земјите-членки го потпишаа Протоколот за пристапување на Македонија. Па на 27 март 2020 година, Македонија официјално стана 30-та членка на НАТО, откако Вашингтон го депонираше инструментот за пристапување кон Северноатланскиот договор. Три дена подоцна, македонското знаме беше подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел.

Во своите три и пол децении, Македонија со многу настани беше завиена во црно. За голем дел од овие трагедии не постојат судски разврски, неразјаснети се причините, недовршени се истрагите, неказнети се сторителите.

По осамостојувањето на Македонија, 18 месеци потоа, на 5 март 1993 се урна авионот на македонската авиокомпанија – Палер МК, од типот Фокер 100, веднаш по полетувањето од скопскиот аеродром. Се урна на 400 метри од пистата. Вкупно 83 луѓе, од кои 79 патници и 4 членови на екипажот загинале, додека 14 луѓе преживеале. Во тоа време таа била најфаталната авионска несреќа во Македонија.

На 20 ноември 1993 година на Тројани се срушил авион од типот Јак-42Д на „Авиоимпекс“, кој се враќал за Скопје од Женева, но бил пренасочен кон Охрид поради лошите временски услови на скопскиот аеродром. Сите осум членови на екипажот и 115 од 116-те патници загинале. Единствениот преживеан патник им подлегнал на повредите неколку дена подоцна во охридската болница.

На 3 јануари 2001 година, воениот хеликоптер Ми-17 на Армијата на Република Македонија (АРМ) се урна на Попова Шапка, при што загинаа пилотот и инженерот, а десетици војници беа повредени.

Утрото на 16-ти октомври 2007 година, во 6 часот и 20 минути престана да чука срцето на најголемата македонска и балканска ѕвезда Тоше Проески. Балканот се разбуди со вест дека на автопатот кај Нова Градишка, Хрватска, на 26-годишна возраст загина македонскиот пејач Проески.

На 12 јануари 2008 година, во една од најголемите воени трагедии во Македонија, загинаа 11 македонски мировници при пад на воен хеликоптер Ми-17 на Армијата на Република Македонија (АРМ) во близина на Катланово, додека се враќаа од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

Потонувањето на „Илинден“ беше најголемата бродска несреќа во историјата на Република Македонија. На 5 септември 2009 година, 15 лица загинаа во бродска несреќа со бродот за разгледување „Илинден“ со група од 57 странски туристи којшто потона во Охридското Езеро.

На 12 април 2012 година е извршено убиство на петмина лица со огнено оружје кај езерото во атарот на селото Смилковци, близу Скопје. Четири момчиња на возраст од 18 до 21 година се убиени и тоа од населбата Радишани.

На 9-ти мај во 2015 година во кумановската населба „Диво Насеље“, дел од градската месна заедница „Тоде Мендол“, во близина на автопатот Е75 се случи полициска акција за разбивање на вооружена терористичка група.

На 4 август 2015 година, силно невреме со поројни дождови и бура предизвика разорни поплави и свлечишта во тетовскиот регион, најтешко погодено беше селото Шипковица. Во оваа природна катастрофа загинаа 6 лица, меѓу кои и деца, а неколку други беа повредени.

На 06.08.2016 година временска непогода го зафати скопскиот регион кога наврнаа 93 литри на метар квадратен дожд, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето удриле над 800 молњи и громови.

22 лица загинаа, од кои најмладата жртва беше двегодишно дете во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново, најголемиот дел од загинатите граѓани се удавиле во сопствените домови или водата ги понела низ улиците на излегување од своите автомобили.

На 13 февруари 2019 година околу 17 часот во атарот на селото Ласкарци, скопско, во автобуска несреќа загинаа 16 лица. Автобусот на компанијата „Дурмо турс“ со 51 патник од Гостивар, сообраќаше на релација Скопје-Гостивар. Автобусот излета од автопатот Тетово-Скопје и падна во провалија пробивајќи ја заштитната ограда на автопатот. Над 30 луѓе беа повредени.

Вечерта на денот на независноста на Македонија, на 8 септември 2021 година избувна пожар во модуларната болница за Ковид пациенти во Тетово. Во пожарот загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти, а двајца роднини на пациентите.
На 23.11.2021 година на автопатот „Струма“ во Бугарија загинаа 45 патници вклучувајќи и деца, а само седум патници преживеаја во автобуска несреќа со „Беса транс“. 

Последната трагедија која ја зави Македонија во црно е пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“. Животот го загубија 63 лица, од кои најголем број млади, меѓу кои и малолетни загинаа во пожарот, а 197 биле повредени.

Видеото оригинално е објавено на 1.3.2026 година

На 14 февруари 1992 година, на Скопскиот саем, „Леб и сол“ одржа еден од најголемите и најзначајните концерти во раните години на независна Македонија. Пред илјадници фанови настапи составот на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Драгољуб Ѓуричиќ, во периоди кога земјата ги правеше првите чекори како независна држава. Концертот остана запаметен како еден од последните големи настапи на оваа постава и како важен момент во историјата на македонската рок-музика.

По распадот на „Леб и сол“, Влатко Стефановски ја продолжи својата приказна како соло артист и еден од најпрепознатливите македонски музичари во светот.

Во годината кога Македонија ја прогласи независноста, на филмското платно се појави „Тетовирање“. Столе Попов раскажа приказна за апсурдот, репресијата и човекот заробен во системот – филм кој и по повеќе од три децении останува едно од најпрепознатливите дела на македонската кинематографија.

„Тетовирање“ е и првиот македонски филм понуден за номинација за престижната филмска награда Оскар, но не бил прифатен од Академијата.

Во годината на независноста се појави и еден нов глас во македонскиот етер. На 1 мај 1991 година, како дел од МРТ, започна да се емитува Канал 103 – радио кое наместо на комерцијалниот, му даде простор на алтернативниот звук, младите и слободната мисла. „Стотројка“ со текот на годините прерасна во многу повеќе од радио, стана дел од културниот идентитет на Скопје.

Радиото три децении функционираше како независна и непрофитна радио станица.

Во 1993 година формирани се „САФ“, еден од пионерите на македонската хип-хоп сцена. Со песни како „Мис Стон“, групата во втората половина на 90-тите го донесе македонскиот рап до поширока публика, а во 2000 година го објави култниот албум „Сафизам“.

„САФ“ со својот автентичен звук, уличен јазик и општествени теми станаа еден од симболите на новата урбана култура во Македонија.

Во 1994 година, македонската кинематографија доби филм кој ќе остави трага далеку надвор од границите на земјата. „Пред дождот“ на режисерот Милчо Манчевски ја стави Македонија на светската филмска карта. Филмот освои „Златен лав“ во Венеција и доби номинација за Оскар за најдобар странски филм.

Истата година, музичката група „Анастасиа“ ја создаде музиката за „Пред дождот“ на Манчевски. Музиката од филмот стана едно од неговите претпознатливи обележја, носејќи го македонскиот фолклор на светската филмска сцена.

Во 1996 година, Македонија за првпат се обиде да настапи на „Евровизија“, со Калиопи и песната „Само ти“. Сепак, тогашниот систем предвидуваше аудио-квалификации, во кои Македонија не успеа да обезбеди место во финалето. Официјалното деби на Македонија на „Евровизија“ следуваше две години подоцна, во 1998 година, со Владо Јаневски и „Не зори, зоро“.

Во 1997 година, Тоше Проески настапи на музичкиот фестивал „Макфест“ со песната „Пушти ме“ и за кратко време го освои вниманието на македонската јавност. Тој настап го најави раѓањето на една од најголемите музички ѕвезди во Македонија, а во следните години Тоше стана познат и надвор од земјата.

Од фестивалските настапи и првите хитови, преку седум албуми и големи концерти, до Евровизија и регионалната кариера, Тоше прерасна во симбол на македонската музика и една од најпрепознатливите личности на современата македонска култура.

Документарниот филм „Медена земја“ ја донесе Македонија меѓу највпечатливите филмски приказни на светската сцена. Филмот на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов доби две номинации за Оскар – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. Документарецот доби и бројни награди и номинации на филмски фестивали, вклучително и три награди на кинофестивалот „Санденс“ во 2019 година.

Спортските успеси секогаш предизвикувале голема среќа кај македонскиот народ. Уште на 6 ноември 1996 година, тогаш осумкратниот Европски првак Реал Мадрид му гостуваше на МЗТ Скопје во рамки на Евро Купот. На три секунди до крајот на натпреварот, Перо Блажевски го дава последниот кош каде мечот завршува со 69:68 за МЗТ Скопје.

Историска година на македонската кошарка беше во 2011 година кога македонската кошаркарска репрезентација го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија. Овој пласман и ден-денес сме смета за најголем успех на македонската машка сениорска репрезентација на европските првенства.

На плоштадот Македонија по 2011 година со кошаркарите, повторно имаше слајве во 2017 и 2019 година. Тоа беше поради европските титули што ги освои РК Вардар, овие две титули се едни од најголемите спортски приказни во историјата на Македонија. Во 2017 година, финалето во Келн, Вардар го победи ПСЖ во 24:23. Во 2019 година, Вардар повторно стигна до европскиот врв, тогаш во финалетот Вардарци го победија клубот Веспрем со 27:24.

Во 2021 година на Олимписките игри во Токио, Дејан Георгиевски освои сребрен медал во теквондо, во категоријата на +80 килограми. Ова беше втор олимписки медал за Македонија како независна држава, по бронзата на Могамед Ибрагимов во борење на Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година.

На 24 март 2022 година, македонската фудбалска репрезентација приреди едно од најголемите сензации во поновата македонска историја. Во полуфиналниот бараж за Светско првенство во Катар, Македонија ја победи Италија со 1:0 во Палермо. Голот го даде фудбалерот Александар Трајковски, во 92 минута од натпреваеор.

Следната година, во август 2023 година, македонскиот борец Горјан „Гого“ Славески стана светски шампион во Bare Knuckle Fighting Championship (BKFC) во велтер категорија.

Три и пол децении се повеќе од бројка, тоа се години исполнети со голем број на предизвици, пресврти, победи и разочарувања. Но, тоа се и години исполнети со луѓе, идеи и важни моменти што ја создадоа приказната на една држава.
Независноста не е само датум што го славиме, туку и датум што треба да значи одговорност што секојдневно ја живееме.

Онака како што Блаже Конески во своето дело „Татковина“ вели:

„До кај што сум ја пронесол својата љубов, дотаму е мојата татковина.“

И можеби во овие стихови е собрана и приказната за изминативе 35 години, приказна за една земја што не е само граница на карта, туку и место што го носиме со себе, каде и да одиме.

Facebook
Twitter
LinkedIn