Автор: Бјанка Станковиќ
Снимател: Лоран Бајрами
Монтажа: Мајда Б. Атанасовска

Правниот вакуум за промена на една буква во личните документи ја загрозува безбедноста на трансродовите лица. За влијанието на бавните измени во законодавството, повеќе во мултимедијалната сторија на Види Вака 

Име и презиме на маж, назнака за пол – женски, или пак, обратно. Неусогласените назнаки во личните документи често пати ги доведуваат трансродовите лица во непосакувани ситуации во секојдневието. Тие се ставени во положба на постојано исчекување на одлука на законодавецот за измени во Законот за матична евиденција за да можат непречено да ја променат назнаката за пол во личните документи. Постоечкиот закон не обезбедува јасна процедура за промена на назнаката за пол, со што правниот вакуум им остава простор на надлежните институции за носење на произволни одлуки.

Таков е случајот на Лила Милиќ, трансродова жена од Македонија која се соочила со проблеми во правниот систем при промена на полот во својата лична карта. Поради неусогласените документи за лична идентификација во кои пишува Лила Милиќ, а полот ѝ стои машки, била обвинувана дека користи лажни документи и фалсификати и покрај тоа што со себе носела решение од Министерството за внатрешни работи што потврдува дека личното име и презиме и се променети. Во вакви ситуации, на Милиќ и била загрозена и безбедноста.

Промена на една буква за побезбеден живот

Трансродовите луѓе се едни од најизложените на дискриминација, насилство и закани по живот од целата ЛГБТИ заедница. Поради нивните неусогласени документи, тие се соочуваат и со потешкотии да најдат работа, а стравот од дискриминација и насилство ги спречува да користат дури и здравствени услуги. Со ова, нивната безбедност е загорозена и тие се доведени во положба на економска нестабилност.

Промените во Законот се од суштинско значење за овие лица, со цел тие да не се соочаат со ситуации како на Милиќ. 

„Но со бавните промени во законодавството, кон трансродовите лица се испраќа порака дека нивниот проблем не е доволно важен за да ‘стигне на ред’ да се реши“, смета Давид Тасевски, психолог и извршен директор во Субверзивен фронт. 

Тасевски одговорноста за промените во општеството ја посочува во образовниот систем, професионалноста на обвинителствата и Министерството за внатрешни работи, но и во политичарите кои со својот говор ги разгоруваат емоциите кај граѓаните и прават поделби помеѓу нив.

„Долгото исчекување на решение на некој проблем кој на луѓето треба да им донесе некаков мир, чувство на стабилност, прекин на долготрајно измачување, дефинитивно може да предизвика анксиозност, депресија, па и други симптоми, кога зборуваме за исчекување кое трае и се проткајува во текот на целиот нивен живот.“ вели Тасевски.