ТИВКИТЕ БАЛКАНСКИ УБИЈЦИ

Автор: Александар Манасиев
Камера и фотографии: Синиша Илијески
Монтажа: Синиша Илијески, Анета Цветковска
Продукција: Види Вака

„Ми се случило наутро, да се обидам да земам воздух, но да не можам од тешката миризба! Некогаш изгледа како се наоколу да е полно со прашина, прашина за која знаеме дека доаѓа од ископувањето во рудникот за јаглен!“

Вака младо момче од Новаци го опишува животот во селото во чиј двор буквално се наоѓа РЕК Битола, комбинатот кој произведува до 80% од струјата што се користи во Македонија. Овде струјата се произведува на најевтиниот , но воедно и највалканиот начин, со согорување на лигнит, јаглен со најслаб квалитет. Дополнително во РЕК се трошат и до 35.000 тони мазут на годишно ниво, а од Владата велат дека лани таа бројка не надминала 10.000 тони.

Тајмлапс видео од РЕК Битола и рудникот за јаглен

Според извештајот на граѓанската организација со седиште во Брисел, HEAL , РЕК Битола е меѓу најголемите загадувачи во Европа со преку 31.000 тони испуштен SO2 (сулфур диоксид) на годишно ниво и 2.491 тон ПМ10 честички. Тоа значи дека дневно РЕК Битола испушта и до 7 тони ПМ10 честички правејќи ја една од десетте најсмртоносни центеали во Европа.   

На хартија, во земјава, струјата е релативно евтина. Сепак производството на вака евтина струја доаѓа по поскапа цена, онаа која се мери во број на загубени животи и број на заболени.

Куќите на околу 1.200 жители во Новаци, кое е на само 12 километри од Битола, се ниски па лесно од секое ќоше можат да се видат највисиоките објекти во околината, оџаците на РЕК Битола. Дента кога бевме таму работеа со полна пареа.

Се обидуваме да поразговараме со жителите за загадувањето и за тоа каков е животот со рудник за јаглен и комбинат за производство на струја во нивниот двор . Луѓето го вртат погледот штом ќе дознаат дека сме новинари, очигледно загадувањето е болна тема што ја одбегнуваат.

Им објаснувае дека камерата не е вклучена, но одмавнуваат со рацете или ги наведнуваат главите давајќи ни знак дека јавно не сакаат да зборуват на оваа тема.

“Никој од локалните жители нема да ви зборува за РЕК Битола и за загадувањето. Половина општина Новаци, но и пошироко во Битола живеат од комбинатот. Не се плука против тој којшто ти дава леб на масата”, објаснува еден од жителите напоменувајќи да не го откриеме неговиот идентитет.

Густата магла неретко се гледа над Новаци и Битола

Уште од деца се сеќаваат дека во Новаци имало прашина и чад, а за нив не е тајна кој е изворот на ова загадување. Сепак, во минатото велат имало многу повеќе дрвја кои биле како брана за прашината која доаѓала од рудникот за лигнит кој е на отворено. Дента кога снимавме имаше ветар кој пак прашината лесно ја креваше наоколу. По еден час поминат во Новаци имавме чувство дека прашината ни е постојано во устата.

„Едноставно голем дел од воздухот е полн со чад и прашина. Најчесто прашината е ситна и можеш да ја видиш на полиците. Денес бришиш, утре е по старо, прашината повторно е насобрана на мебелот“, вели млад жител на Новаци.

На крајот од селото е напуштениот објект на старата амбуланта. Наоколу нема луѓе, а ниту куќи. Влегуваме во објектот за да направиме фотографии и снимки од комбинатот од еден од демолираните прозорци. Го гледаме и патот кој се одвојува за РЕК Битола, но натаму влезот за невработените е забранет.

Целата сцена изгледа филмски-чадот од оџаците, напуштениот објект и тишината наликуваат како да се сцена од серијата Чернобил. Тишината ја нарушува само по некој камион кој излегува од кругот на комбинатот. Во далечината, на околу километар гледаме како од камионите се истура нешто налик на прашина. Одлагањето на прашината на отворено велат дека е најголем еколошки проблем, а за неа има сознанија дека е радиоактивна.

Со автомобил тргнуваме во обиколка на рудникот до онаму каде има пат, а потоа продолжуваме пеш за да се увериме како ископот на јаглен се одвива со полна пареа. Иако багерите се далеку сепак, поради нивната големина, лесно се видливи освен кога ќе дувне ветер па погледот го заматува прашината која се крева високо.

ТРУЕЊЕ СО ТЕШКИ МЕТАЛИ

На 12 километри од Новаци, во Битола, се среќаваме со активистот Драган Вељанов од Платформата за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух „Земи здив“. Тој е гласен поборник за поздрава животна средина, а РЕК Битола го посочува како еден од најголемите проблеми.

„Земи здив“ со конкретни решенија за проблемот со загадувањето

За него е поразително што околу 240 жители на Битола секоја година умираат од карциноми, а притоа ништо не се прави за да се смени состојбата.

„Рударско-енергетскиот комбинат „РЕК Битола“произведува електрична енергија со согорување на фосилни горива, јаглен. Проблемот е што директните емисии на загадување се на две места, конкретно за комбинатот. Прво е во самата постројка значи директната емисија и во депонијата, која што е исто така голем проблем.“, вели тој.

За да се добие слика колку загадува РЕК Битола вели дека потребно е да се погледнат годишните извештаи на Министерството за животна средина.

„Во тие извештаи имате „snap“ или „selected nomenclature of air pollution “ кадешто има 11 сектори, со нивнот процентуално учество во вкупните емисии на различни параметри“, вели Велјанов.

Објаснува дека секторот 1 е согорување и транзиција на енергијата во електро-енергетскиот сектор.

„Значи тоа е производство на електрична енергија во комбинатот.  Кога ги гледате податоците, за чисто да се долови состојбата за колку има удел тој сектор во вкупното загадување, само кај сулфур диоксидот изнесува околу 91%. Кај азотните оксиди е 60%, кај кадмиумот е 70%, кај живата околку 50%.“, вели тој.

Од локалното здружение за поддршка на пациетнтие со карцином „Јасмин“ велат дека бројот на заболени од малигни заболувања во регионот на Битола варира.

„Има пораст на одредени видови карцином како што се карциномот на бели дробови и сарком, но има успешно третирање и пад на бројката на заболени од карцином на дојка и грло на матка“, велат од здружението.

Објаснуваат дека старосната граница е поместена кога станува збор за малигни заболувања.

„Многу млади и деца се засегнати со проблемот. Болеста има земено голем замав и апелираме до сите да одат на навремени прегледи и секоја промена во здравјето да ја испитаат бидејки навремената реакција е клучна“, велат од здружението „Јасмин“.Не се убедени дека РЕК Битола, кој постои четири децении, е главен и клучен проблем за аерозагадувањето и сметаат дека има многу фактори.

Локација на РЕК Битола и рудникот за јаглен

Владата во март лани распиша тендер за набавка и инсталација на нови електростатски филтри во РЕК Битола. Инвестицијата се проценува на 20,4 милиони евра. Постоечките електростатски филтри се направени во 1979 година, а реконструирани и модернизирани по 1989 година.

„Со оваа модернизација на целиот систем, од постоечките стандарди кои се 100 милиграми на нормален метар кубен издувот на прашина ќе се намали за под 20 милиграми на метар кубен што е европски стандард и ќе придонесе за многу поголема заштита на животната средина“, изјави директорот на АД ЕЛЕМ Драган Миновски.

Според  директорот на РЕК, Васко Ковачевски санацијата на системот на филтрите на трите блока во РЕК Битола е од суштинско значење за заштита на животната средина во Битола, Могила, Новаци и околните населени места.

„Со оваа телмелна реконструкција на системот на електростатските филтри, со правилен третман на пепелта којашто доаѓа од производството, со прскањето на тие полиња, со примената на квалитетен ископ и транспорт на јагленот и сѐ она што значи исполнување на еколошки стандарди, веруваме дека во следниот период силно ќе влијаеме врз подобра животна средина и подобрување на квалитетот на воздухот“, рече директорот на РЕК, Васко Ковачевски.

За активистот Велјанов пак најголем проблем и најболната точка е што никој не е загрижен за состојбата со тешките метали.

„Во тие извештаи процентот е некаде 40%, меѓутоа, треба да се има предвид дека, нивото на тешки метали, во тие мерни сеанси на Министерството, не е опфатен регионот на Битола. Малку е нелогично, во присуство на таков комбинат, со производство на електрична енергија, овде на ова подрачје да не мериме тешки метали“, загрижено вели активистот.

Термоцентралата е буквално во дворот на Новаци

Институтот за јавно здравје во минатата година објави студија дека домашните производи и дел од увозните имаат зголеменно ниво на кадмиум.

Велјанов гласно прашува: „како тој кадмиум влегол во тоа овошје?“

Проблемот со испуштсањето на сулфур диоксид во воздухот треба да се реши со постројка за десулфуризација.

„Постројката за десулфуризација е најавена е и како дел од обврските за таа „А“ еколошка и интегрирана дозвола, којашто најавија дека ќе се воведе. Меѓутоа, тоа е исто сериозен крупен проект којшто бара доста инвестиции“, објаснува Драган Вељанов.

Решението го гледа во промена на енергенсот од кој се добива струја односно замена на јагленот со природен гас, но при средбите со раководството на компанијата им објасниле дека тоа не е возможно.

Додава дека има најава за замена на подлогата на разладните кули каде сегашниата азбестна подлога да се замени со еколошка пластика. Исто така делумно решение гледа и во земане на филтрите.

Анализа на HEAL за штетното влијание на балканските термоцентрали

НЕВИДЛИВ ПРОБЛЕМ, ВИДЛИВИ РЕШЕНИЈА

„Поставување на електростатските филтри ќе се одвива блок по блок и тоа драстично ќе го намали ослободувањето  меѓутоа, вие имате друг проблем- депонијата”, вели тој.

Депонијата е всушност отворениот простор каде се одлага пепелта.

„Има испитувања дека таа пепел е на границите на радиоактивна пепел, што исто така е сериозен проблем. Таа пепел понатаму се распространува на најголемата жетва на Македонија, на Пелагонија од каде сите ние се храниме.

Вели дека РЕК Битола пробуваат да направат бедем околу депонијата за кој смета дека нема да има ефект.

„Тој бедем ќе биде само едно метро над депонијата, а на толкав отворен простор како што е таму, нема апсолутно да спречи било какво разлевање на прашината доколку има ветрови“, објаснува Вељанов.

Решението или патот до поодлучна борба со аерозагадувањето го гледа во модерната технологија.

„Проблемот е невидлив и ние мораме да го направиме видлив, а ќе го направиме преку користење на модерната технологија и современите алгоритми коишто вршат и предвидувања за аерозагадувањето за наредните 24 часа“, вели Велјанов гледајќи ја моменталната состојба на ПМ честички во воздухот во Битола.

СКАПАТА ЦЕНА НА ЕВТИНАТА СТРУЈА

Следењето на ПМ честичките во воздухот од неодамна е наметната навика и на жителите на Приштина, град во чија близина се едни од најголемите загадувачи во Европа-термоелектраните Косово А и Косово Б. Само централата Косово Б испушта околу 6.300 тони ПМ10 честички годишно, а двете централи годишно го загадуваат воздухот еднакво на загадувањето со ЦО2 на 4 милиони автомобили.

Косово А и Косово Б се најжешка еколошка точка

„Двете електрани на лигнит произведуваат околу 95% од струјата на Косово и тие се прилично стари. Ова посебно се однесува на Косово А која требаше да биде надовр од функција во 2013 година. Интересно е што Косово Б, иако е понова и во неа беа вложени 80 милиони евра за да се намалат емисиите на штетни честички до 40%, досега беше поголем загадувач од Косово А“, вели Гранит Гаши, од невладината „Гаја Косово“.

Вели дека има повеќе извори на загадување и тоа посебно во текот на зимата.

„Приштина е како базен на смртта ако се земе во предвид фактот дека во близина се двете централи, потоа градежната индустрија која е во подем и огромниот број на автомобили“, објаснува тој.

И Бесфорт Косова, истражувач на Balkan Green Foundation вели дека двете централи се голем извор на загадување кое особено е штетно за жителите на Обилиќ, Косово Поле и Липљан.

„Електраните на јаглен ги загадуваат и површинските и подземните води, поради тоа што пепелта се депонира во езеро, од каде се испушта во реката Ситница“, објаснува Косова.

Според него, потребно е да се стимулира производството на енергија од обновливи извори.

Бесфорт Косова: Термоцентралите ги загадуваат и подземните води во Косово

„Загубите на електрична енергија треба да бидат ограничени бидејќи 27% од енергијата се троши во мрежата. Друга важна мерка е инсталирање на електростатски филтри за електраната Косово Б, затворање на електраната Косово А и забрана за користење јаглен за затоплување на станбени простории„, објаснува тој,

Според анализите на Светска банка, загадувањето на воздухот во главниот град на Косово му парира на големите градови како Пекинг, Мумбаj и Њу Делхи. Анализата на Светската банка објавена во 2019 година пресметува дека годишно поради загадениот воздух во Косово умираат по 760 жители.

„Пресметаните економски трошоци поврзани со морталитетот од аерозагадувањето се во висина од 160 до 310 милиони долари или од 2,5 до 4,7 % од БДП на Косово“, пишува во извештајот на Светска банка.

Во истиот документ се наведува дека здравствените трошоци дополнително се во висина од 240 милиони долари.

Снимка од дрон на Косово А и Косово Б во Обилиќ

Анализата на Светска банка кога станува збор за Македонија е подраматична. Извештајот покажува дека 1.600 луѓе годишно умират поради загадувањето, а економските трошоци поврзани со морталитетот се пресметуваат од 500 до 900 милиони долари или од 5,2 до 8,5% од БДП. Од друга страна пак економските трошоци врз здравјето се пресметуваат на 750 милиони долари.

И во двата извештаи на Светска банка за Македонија и за Косово како значајни извори на загадување се посочени електричните централи Рек Битола и Косово А и Косово Б.

Она што ги загржува повеќе жителите на Косово е планот на Владата за изградба на нова елетроцентрала со капацитет од 500 MW и тоа во близина на Приштина. Планот исто така предвидува развој и отворање на нов рудник за ископ на лигнит, главен ресурс во производството на струја.

 Пресметано е дека проектот ќе чини преку 2 милијарди долари. Инаку Косово е петта земја во светот во големината на резервите на лигнит или во превод, државата може и во наредните 1.500 години да обезбеди непрекинато производство на струја со овие ресурси. Новата централа е идеја која се провлекува веќе деценија и ја фаворизираа неколку Влади иако сега по изборите на Косово, нејасно е дали владејачката структура ќе ги продолжи плановите.

Двете косовски термоцентрали се лоцирани во близина на Приштина

Обилиќ и Битола не се единствените балкански жаришта каде електраните тивко го убиваат населението. Вкупно 16 електрани на јаглен има во Западен Балкан кои загадуваат повеќе од 250 електрани во ЕУ. Тие прозведуваат малку струја, а загадуваат екстремно. За Македонија и Косово засега нема алтернатива и во наредните децении двете земји ќе останат зависни од јагленот. Производството на евтина струја и натаму скапо ќе ги чини жителите на двете земји.

Facebook
Twitter
LinkedIn