Тигрестиот комарец се оддоми во Македонија

Расте популацијата на тигрест комарец во Скопје, но не и стручниот кадар во Центрите за јавно здравје каде недостигаат ентомолози за секторот комарци.
Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Изминативе месеци, 86% од граѓаните во Македонија често биле мета на убоди од комарци, а дури 95% сметаат дека нашата земја не се справува добро со овие инсекти. Вака ни одговорија граѓаните на анкетата што ја спроведовме на социјалната мрежа Инстаграм.

М-р Николина Соколовска е единствениот ентомолог во државава. Таа е вработена во Центарот за јавно здравје во Скопје.

Соколовска како ентомолог е стручно лице кое се занимава конкретно со комарците во Македонија. Освен во Скопје, во останатите центи за јавно здравје низ земјава, со оваа проблематика се занимаваат епидемиолози.

Ентомолог – Стручно лице, познавач и проучувач на инсекти.

Според Николина Соколовска, ако земјата сака да успешно да се справува со комарците неопходно е да се зголеми тимот на ентомолози коишто ќе можат да ги следат видовите комарци, нивниот број, пиковите што се појавуваат низ текот на годината, но и епидемиолози коишто ќе работат на болестите и последиците од комарците.

„Треба да се направи стратегија од страна на Министерството за здравство некако да се зголеми, да се вработи кадар, да се подржи, да се едуцира тој кадар во таа насока, да има повеќе епидемиолози, ентомолози,“ децидна е Соколовска.

Како што вели Николина Соколовска, Центарот за јавно здравје има соработка со епидемиолозите, но и со ветеринарите кои пак се одговорни за следењето на состојбата со животните и преносливите болести од комарците.

Се зголемува бројот на тигрестиот комарец

Ентомологот Николина Соколовска и тимот којшто работи со неа, утврдиле дека се зголемува популацијата на тигрестиот комарец во Скопје изминативе години. Тој во главниот град се појавува во 2017 година, но како одминуваат годините неговиот број станува се поголем, а со тоа ги потиснува и останатите комарци.

„Сѐ уште ја нема освоено цела територија на Скопје. Значи за две недели како што ловиме, така мрежите ги менуваме на две недели, ако во 2017-та година имало по две три единки во мрежата, а доминантни во мрежата биле нашите автохтони видови, сега веќе ги има по 50-60 единки. Значи тој се намножува и му одговара ова климатско подрачје.“

Најголемо влијание за толкавото распространување на тигрестиот комарец е глобалното затоплување. Тој е ендемски тип карактеристичен за југоисточна Азија и Африка, каде што температурите се многу повисоки. Штом успеал да се адаптира и во климатските карактеристики и во Европа, значи дека голем придонес има климатското затоплување.

„Колку е повисока температурата и генерациите се побројни. Меѓутоа мора почести ларвицидни дезинсекции, мора третирање на водната површина. Ако е поголема, ако ни е потребна или не смееме да ја исушиме, тогаш таа треба да се третира. Треба да се третираат и приватните базени и канали и треба да се третира онаму каде што не можеме да ги исушиме водните површини,“ потенцира Соколовска.

Урбанизацијата исто така влијае врз зголемениот број на тигрестиот комарец. Погуста популација, но и ѓубрето што се исфрла на депониите се одлични услови за размножување.

„Отпадот е многу важен. По улиците наоѓаме се фрлени шишиња, лименки, некакви капачиња, тоа ја задржува водата. Неопходно е редовно косење на тревата, кога ги средуваме тревниците, сето тоа да е рамно да нема вдлабнатини, па да ја задржува водата. Каналите редовно да се чистат. Значи улога има и општината тука. Сите кога ќе си ги знаат своите обврски кои се интегрално. Не може само еден човек или една институција да се бори. Граѓани, општини, министерство,“ децидно вели Соколовска.

Не секој убод од комарец подразбира пренесување на болест

Како што појаснува Соколовска, не сите комарци се преносители на болести и не сите се опасни за здравјето на човекот. Тоа е низа на моменти коишто треба да се совпаднат за да се разиве болест, односно да има вирус, да има каснување, слаб имунитет, компатибилност на вирусот со организмот на човекот и така натаму. Некој комарец може да е заразен, но по убодот во човечкото тело, имунитетот да даде силен одбранбен механизам и да не дојде до заболување. Но тоа не значи дека граѓаните треба да ги игнорираат симптомите од убод на комарец, особено кога станува збор за патувања по тропски дестинации.

„Еден дел од комарците се преносители кај животните, еден дел се преносители кај луѓето. Меѓутоа сепак треба луѓето да се свесни, внимателни, за што и да се случи, за било каков симптом да има сето тоа да се пренесе кај лекарот за да нели, навремено да се реагира.“

Комарците ги пренесуваат болестите Маларија, Западно-нилска треска, Зика, Денга, Чикунгунија и така натаму.

Сѐ уште постои стигма за препаратите за заштита од комарци

Дел од луѓето сѐ уште се скептични за употребата на препарати за заштита од комарци. Некои веруваат дека од нив се добива рак. Соколовска вели дека не може да има некакво негативно влијание од нив бидејќи концентрацијата на тој инсектицид е доволна да ги одбива комарците. Таа потсетува дека покрај препаратите, за добра лична заштита се препорачува долга лесна облека или пак доколку лицето е во надворешна средина да користи препарат што се спалува, со чиј дим се одбиваат комарците. За домашни услови, препораките се комарници на прозори и врати.

Ова лето беа ослободени 50,000 стерилни машки тигрести комарци како дел од пилот-проектот за контрола на комарци во областа Цветно во Хрватска. Ова е биолошки метод за борба против комарци, кој се спроведува со ослободување на стерилни мажјаци во природата.

Но имајќи ги предвид сите негативни особини на комарците, тие сепак се дел од екосистемот и синџирот на исхрана и целта не е да се уништат во целост. Одржување на популацијата на комарци на пониско ниво, но и добрата лична заштита се клучни во справувањето со комарци, а тука се вклучени сите чинители во општеството, од обичниот граѓанин до институциите и општините.

Facebook
Twitter
LinkedIn