Судството со изречени благи казни им дава зелено светло на насилниците

Контроверзната судска пресуда за 13-те велешани за трговија со дете, полов напад, силување и производство и дистрибуција на детска порнографија потврди зошто јавноста има ниска доверба во судството во Македонија.
Автор: Љубица Иванова, Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

На Светскиот ден на детето, 20 ноември беше донесена пресудата за 13-те велешани кои силуваa малолетничка. Сите 13 млади луѓе на возраст од 22 до 32 години судот ги прогласи за виновни дека сексуално злоупотребиле малолетничка ја снимале и ги препраќале снимките.
Со контроверзни судски пресуди кои поставуваат сериозна дилема за ефикасноста на правосудниот систем во Македонија се соочува јавноста.

Затворските казни кои под законскиот минимум добија 13-те велешани за трговија со дете, полов напад и силување и производство и дистрибуција на детска порнографија ја актуелизираше дебатата за висината на казните во земјата

Пет и пол години затвор е највисоката казна која е изречена за овој случај, а шетсмина добија затворски казни од една и пол година, изречена е и една условна осуда од две години затвор која ќе се изврши само ако во наредните пет години обвинетиот не стори кривично дело.

На висината на казните за овој случај, која е под законскиот минимум, јавноста гледа како на индикатор за потенцијално лошото функционирање на правосудството.

„Изречените казни се многу ниски под минимумот што испраќа една порака и до овие сторители, но и до сите останати сторители на сексуално насилство или било која форма на родово базирано насилство, дека нашата казнена политика е блага и дека на некој начин дава зелено светло или не е толку опасно да се вршат такви сериозни кривични дела,“ вели Наташа Бошкова, адвокатка и правна советничка во Коалиција Маргини, полномошничка на детето жртва.

Пет и пол години за силување малолетничка, три години за украдени ќебапи

Во јануари 2023 година првообвинетиот, дваесет и петгодишен велешанец, започнал комуникација со девојчето кое сè уште немало наполнето 14 години преку апликацијата „Инстаграм“. И ветил дека ќе започнат љубовна врска, но уште на првата средба ја снимал со телефон.

„На првата средба бил направен порнографски материјал што првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед“, пишуваше во соопштението.

По ова во периодот од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 со употреба на закана над детето поврзани со снимките кои ги поседувал, им овозможил на другите обвинети и на други непознати луѓе да вршат полови дејствија со што таа станала и жртва на трговија со луѓе, по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.

Пред десетина години на 31-годишен велешанец му беше одредена казна затвор од три години затоа што украл ќебапи од кафеана и направил штета од 6.000 денари.

Јавноста се потсети на овој случај по изрекувањето казна на 13-те велешани за делото силување, трговија со дете и и производство и дистрибуција на детска порнографија, упатувајќи на висината на казната која е под законскиот минимум и дека вакви казни служат како референца за лошо судство

И според Бошкова, ваквите казни се на штета на општеството но исто така, со вакви казни судот испраќа порака дека овие дела не се толку сериозни.

Според Бошкова, благата казнена политика покрај тоа што испраќа охрабрувачки пораки за постоечките сторители, уште поопасно е дека ги зацврстува стереотипите во однос на тоа какво однесување е дозволено за мажите и жените и како општеството го третира силувањето како форма на родово базирано насилство, кое што, како што потенцира Бошкова, непропорционално повеќе ги засега жените и девојките.

Во таа смисла, вели Бошкова, судот испраќа порака и ги зацврстува овие стереотипи кои што, законодавството со последните измени се обидува да влијае на измена, но ако не го смениме пристапот како професионалци и примената на законите во духот во кој што се донесени во којшто позицијата на судот нема да биде неутрална, туку ќе биде во контекст целата ситуација, е сериозно штетна за идното постапување во вакви ситуации, но и за идните сторители кои ќе треба да се најдат на обвинителна клупа.

За споредба, за случајот со силувањето на 11-годишно девојче во август минатата година во Косово, Основниот суд во Приштина, на вкупно 62 години затвор ги осуди шестте обвинети за силување на 11-годишното девојче, каде највисоката затвор казна е изречена на 12 година за првообвинетиот и по десет години затвор поединечно добија останатите пет осудени.

„Обвинетите Б.Р, Д.Р, Б.С, М.С, Ф.С, М.Р се прогласени за виновни и осудени, бидејќи сториле кривично дело силување, па обвинетиот Б.Р. е осуден на затворска казна од дванаесет години, додека обвинетите Д.Р., Б.С., М.С., Ф.С и М.Р се осудени на по десет години, поединечно“, се вели во соопштението на судот во Приштина.

Од друга страна, неделава беа изречени пресудите за случајот со Жизел Пелико од Франција, чијшто сопруг, Доминик Пелико, десет години континуирано ја силувал, дрогирал и канел други мажи да ја силуваат додека таа е во бессознание.
Максимална казна од 20 години доби Доминик Пелико кој судот во Франција го прогласи за виновен за тешко силување, правење и ширење фотографии и снимки од Жизел Пелико и за правење и дистрибуирање сексуални снимки од неговата ќерка Каролин и од сопругите на двајцата синови.

„Сакам да знаете дека сме во истата борба. Вашите пораки длабоко ме допреа и ми дадоа сила да доаѓам секој ден и да ги издржам овие долги дневни сослушувања. Овој судски процес беше многу тежок предизвик.“ „И за нив ја водев оваа борба,“ рече таа за своите внуци. „Сакав целото општество да биде сведок на дебатите што се случија овде. Никогаш не зажалив што ја донесов оваа одлука. Имам доверба во нашата способност колективно да се проектираме кон иднина во која сите, жени и мажи, можат да живеат во хармонија, со почит и меѓусебно разбирање. Ви благодарам“ – изјави Жизел по пресудата.

Изрекувањето ниски казни ги охрабрува сторителите

„Судот има тенденција да изрекува многу ниски казни, многу често и условни казни, дури при повторени извршувања на кривични дела, кога насилството е ескалирало од обична телесна повреда во сериозна, па дури на крај имаме случаи кога завршувале со фемициди, да казните бидат многу ниски, тоа е сериозен проблем во давање на зелено светло или минимизирање на сериозноста на проблемот“ – Бошкова потенцира дека ова го покажува и праксата и бројни извештаи на граѓански организации коишто ги следат судењата коишто се поврзани со родово базирано насилство, семејно насилство.

Таа вели дека имало случаи кога сторители на трговија со луѓе, па и трговија со деца, добивале многу повисоки казни. 8, 10, 12, па дури и 17 години затвор, и одовде изречените казни за овој случај не се соодветни на претходната пракса за изрекување на казни за таков тип на случај.

„Во однос на силувањето, минималната казна е 3 години, така што судот можеше да досуди малку посериозна казна. Особено што во ова постапка имаше од оние коишто признаа вина на самиот почеток и тој доби две години, додека овие коишто не ја признаа вината и до крај тврдат дека не го сториле кривичното дело, добиваат практично поблага казна од овие коишто се покајаа и кажаа дека се чувствуваат виновни“ – вели таа.

Според адвокатката, друга важна работа која надлежните ја пропуштаат, почнувајќи од полиција, обвинителството, судот – којшто на крај ја дава казната и го дава образложението се родово-неутрални одлуки каде што констатирањето дека некој извршил кривично дело и добива казна, согласно закон, не е доволно да се справите со проблемот во општеството.

„Мислам дека судиите имаат малку посериозна обврска во овој дел, да ја препознаат родовата компонента, родовата перспектива на случајот, дали тоа е родово базирано насилство, физичко насилство, сексуално насилство, психолошко насилство и да земат предвид историската состојба, да земат предвид статистиката, дека тоа силување не се случило во вакуум и не е изолиран настан, туку кога се одлучува за тоа силување да се земе предвид целиот контекст, контекстот на средината, на заедницата во која што се случило настанот.“

За елиминирање на насилството, важно е покрај казните, начинот на кој работат службите, како се водат постапките, но и каде е позицијата на жртвата во текот на постапката, дали се слуша неjзиниот глас.

Законска рамка добра само на хартија

Адвокатката Бошкова истакнува дека Македонија е во добра позиција во смисла на законската рамка, иако долго време правниот систем функционираше на начин со примена на одредба каде што за да докажете силување, мораше да постои присила закана од страна на сторителот и отпор од страна на жртвата за да се исполни обележието на кривичното дело силување.

„Од 2023 година кривичниот законик комплетно ја има променето и усогласено дефиницијата со Меѓународните стандарди во таа смисла и како држава сме пофалени со добра, квалитетна законска рамка, но ниеден закон не бил доволен да навистина ги промени работите во пракса“ истакна Бошкова.

Недостасуваат обуки, процедури, протоколи, сензибилитет кај клучните институции, додава адвокатката, особено кај првата влезна институција, полиција, откаде што ќе зависи и понатаму иднината на тој случај.

Засрамување и заплашување на жртвите на родово базирано насилство ги одвраќа да воопшто и дојдат и пријават во полициска станица, вели Бошкова додавајќи дека се случува таму да ги пречека полицаец којшто не е доволно сензитивен, којшто не ѝ верува на жртвата.

„Првото нешто кога некој доаѓа и пријавува сексуално насилство, се поставуваат прашањата: „Па кај си била? Кај си одела? Како си била облечена? Си користела дрога? Си била на забава со другар, со пријател?“ и така натаму, така што не се гледа настанот којшто е пријавен и дали постоело волја или не постоело волја кај жртвата, независно нејзината гардероба, психоактивни супстанци и така натаму, туку фокусот се става на други аспекти кои имаат за цел да ја засрамат, да ја одвратат, да ја обесхрабрат жртвата да пријави“ – појаснува адвокатката.

Оттука за многу жртви пријавувањето во полиција е првата препрека која ги обесхрабрува да го истерат случајот.

„Како држава, ако ние навистина сакаме да направиме промена, не е доволно ние само да што гиаме дека сме направиле добро законодавство кој што ќе се пофалиме и ќе бидеме лидери во регионот или не знам како добро и квалитетно законодавство, ако не направиме ништо, не е доволно ресурси за да луѓето можат да работат, за да ги обезбедат доказите најбрзо што можат. Доказите се после клучни за понатаму во текот на постапката. Истото и со обвинителите, истото и со судиите. Судиите и обвинителите мора да ја разберат динамиката на насилството, нерамномерната распределба на моќ, историската нееднаквост меѓу мажите и жените и дека тоа насилство кое што е пријавено без разлика во било која форма не е изолиран настан, туку е дел од еден поширок контекст.“

Законот гарантира, но праксата потфрла во обезбедувањето поддршка на жртвата

Иако законот за кривична постапка во однос на судската постапка и постапката пред јавен обвинител вели дека сите професионалци инвалидирани треба да се грижат за здравјето, добросостојбата и да обезбедат поддршка на жртвата, сликата во реалноста е многу поразлична.

„Ние имаме центри формирано за упатување на жртви на сексуално насилство, кадешто е развиен протокол како треба да се постапува со овие жртви, да се соберат доказите, да се викне обвинител и полицаец во една безбедна и пријатна атмосфера, да не биде тоа полициска станица. Понатаму да се обезбеди помош и поддршка и малку подолгорочно советување и помагање на жртвата. Ова последното барањето за надомест на штета е еден од начините да се компензира на некој начин претрпената штета и да може жртвата по натаму да побрзо и полесно се реинтегрира, рехабилитира од искуството на насилство. Така што државата потфрла, тука не е само судот одговорен, судот е одговорен за оваа последната одлука, но сите овие сервиси, предходно и начин на кој што институциите одат по чекорите за прибирање на докази, помош и поддршка на жртвата се, за жал, недостатпни, а сериозно влијаат на мотивираноста на жртвата да првично пријави, но и потоа да остане активна во текот на постапката.“ заклучува адвокатката.

Сѐ уште постојат случаи каде што жртвата пријавила силување, но полицајците ја разубедуваат, ја обесхребруваат дека тешко може да се докаже, тешко може да се собере доказ, дека сепак тој е нејзин партнер (кога насилникот е партнерот). Иако Законот е јасен, таквите постапувања во индивидуални случаи практично го подкопуваат системот и ги обехребуваат жртвите.

Одбиено е барањето за соодветна нематеријална штета за малолетната жртва

Од позиција на некој кој што ја застапуваше жртвата во текот на постапката, исто оваа одлука според мене не е соодветна, затоа што барањето за надоместна штета во оваа постапка беше одбиено и жрцата е опатена да тоа во една нова судска постапка го остварува, иако има можност, имаше доказ, е доволно да судот одлучи во оваа постапка. Така што мојата критика во однос на одлуката на судот е во однос на весината на казната и во однос на одбивањето на барањето да се досуди соодветна нематеријална штета. Не постои сума на сојетот кој може да го поправи оно што жртвата го опоминуваше, го опоминува и веројатно уште во едни на долго време ќе има последици од кривичните дела кои што во по-долу период се случувале, но сметам дека таквата одлука е не со одвет на неја става жртвата во центарот на одлуката и не внимава на незињото право за пристап до правда.

Најавена е жалба, доколку се одлучи повторно враќање на случајот жртвата повторно ќе поминува низ истото што влијае на нејзиното ментално, физичко здравје и понатамошно опоравување.

Медиумите во Македонија ја преувеличија пресудата

„33 години затвор за 13 велешани за силување малолетничка“ – со ваков наратив бројни медиуми ја објавија веста по пресудата за случајот со што во јавноста се стекна погрешно мислење во однос на големината на казната.

Член 8 од Кодексот на новинарите на Македонија предвидува:

  • „Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.“

Неопходни се системски реформи и построги казни за злосторства против девојчиња и жени, апелираше Платформата за родова еднаквост веднаш по објавувањето на пресудата за велешаните, давајќи осврт на наративот каде во јавноста наместо сторителите, во фокус беше минатото и карактерот на жртвата.

„Ваквите ублажени казни, наместо да ги одвратат од сторување на исти или слични дела може да ги охрабрат мажите во иднина повторно да вршат вакви форми на родово базирано и сексуално насилство. Уште позагрижувачки е наративот на одбраната кој индиректно ја обвини малолетната жртва, – па наместо фокусот да се кривичните дела на вршителите, карактерот и минатото на жртвата беа истакнати како причини кои го оправдуваат нарушувањето на телесниот интегритет, безбедност и благосостојба. Ваквиот дискурс во јавноста само ги зајакнува опасните стереотипи, ја одржува системската дискриминација и може да ги обесхрабри другите жртви на насилство да бараат правда. Карактерот на жртвата не е составен дел на обележјето на кривичните дела и не може да биде аргумент за одбрана на сторителите на трговија со дете и силување. Нејзиното минато и личните околности не смеат да се користат за оправдување или намалување на злосторствата извршени против неа. Со ова се одвлекува фокусот дека злосторството започнува со заведување малолетно лице и дека наштетувањето на честа и угледот на малолетното девојче е направено токму од страна на злосторниците преку уцена и присилување, до полов напад, силување и трговија со дете.“

видео: Наташа Бошкова

Според новите проценки на УНИЦЕФ, повеќе од 370 милиони девојчиња и жени кои живеат денес, или 1 од 8 доживеале силување или сексуален напад пред да наполнат 18 години.

Сексуалното вознемирување и насилство е повеќеслоен проблем и потребни се долгорочни решенија; континуирана едукација на полицијата, сензибилизирање на судиите по однос на овие прашања, долгогодишна едукација во образованието во врска со теми поврзани со насилство. Медиумското известување и натаму е клучна алка во рушењето на стереотипите и стигмата за жрвтвите, но и за кревање на свеста за родово-базирано насилство.

Според експертите благата казнена политика во Македонија продолжува да биде индикатор за лошо судство, но и да ги охрабрува идните сторители на насилство, а да ја обесхрабрува жртвата од пријавување и барање институционална заштита.

Види Вака со фотоизложбата „Што носеше кога сама си го бараше” и краткиот филм „Сам си го барал“ ја крева свеста за родовобазираното насилство, но и за апсурдноста на обвинувањето на жртвите на сексуално насилство.

Facebook
Twitter
LinkedIn