„Оној кој раскажува приказни, владее со светот“ – Индијанска поговорка

Успешната приказна на Види Вака, бренд кој за кратко време се позиционираше како лидер во раскажување приказни и од медиум за дигиталната ера се трансформираше во првото раскажувачко студио во регионот.

Првото нешто што ќе го забележите штом ќе влезете во канцелариите на Види Вака, се исцртаните ѕидови на кои се гледаат најпознатите стрип херои. Оваа „поставка“ е дел од проектот Art for Democracy, омилениот настан на младите артивисти од регионот, и најдрагиот проект на луѓето од ИДЕА ЈИЕ, фондацијата која стои зад брендот Види Вака. Токму оваа поставка, на најдобар начин ја илустрира атмосферата што ќе ве пречека во, сега веќе првото во регионот, раскажувачко студио Види Вака. Tука сè е поврзано со раскажувањето и потребата да се сврти вниманието кон оние приказни кои навистина вредат. 

„Просечниот процент на публика што влегува во интеракција со една содржина на фејсбук е 5%. Кај содржините на Види Вака, тој процент е 54% или 10 пати повеќе. И има само една причина за тоа – нашата умешност за раскажување приказни.“ – вели Мите Кузевски, извршен директор на Фондацијата ИДЕА, додека не воведува неговата канцеларија, која како и останатите простории е исцртана со ликовите на стрип јунаците. 

Тука доминира стрип јунакот Текс Вилер – одметникот со силно чуство за праведност и чест. Ова е и повеќе од симболика. Како што ќе дознаете низ нашата приказна, и медиумот Види Вака, веќе 5 години функционира „одметнички“ и бунтовно на мејнстрим медиумската сцена на која доминираат погрешни херои, обидувајќи се да им обезбеди простор на оние на кои најмногу им е потребна – на обесправдените, на безгласните, на дискриминираните, но и на младите и перспективните, заборавени од институциите.

Почетоците на Види Вака

Приказната за Види Вака започнува пред 5 години, кога Мите Кузевски заедно со Горан Игиќ, програмски директор на фондацијата ги обезбедуваат првите средства за започнување на медиумот Види Вака. За нив ова е можност да ја остварат долго планираната идеја – сето нивно знаење и експертиза во областа на новите медиуми, комуникациите и новинарството да го преточат во нов формат наменет за дигиталните генерации, сервиран на социјалните мрежи каде што, како што одамна беше очигледно, се поголем дел од јавноста ги прима информациите. 

„Во ИДЕА се бавевме доста со темите на младинско образование, дебата, медиумска писменост, нови медиуми. Воедно, нашата заедничка позадина е новинарството. Таа комбинација направи да сме постојано во тек со сите новитети, посебно оние што се однесуваа на новите дигитални канали и начинот на кој публиката ги менуваше своите навики за конзумирање содржини. Природно се наметна заклучокот дека е неопхоен медиум кој ќе ги донесе вестите онаму каде се новите, дигитални генерации, а воедно ќе ги запази највисоките стандарди на новинарска етика и професионализам.“

Нивниот неспорен капацитет, но и желбата и ентузијазмот не остануваат незабележани, па Фондација ИДЕА добива средства за да го започне овој проект, кој како што ќе се покаже, силно ќе ја преобликува медиумската сцена во Македонија и на најдобар ќе го пополни јазот кој се создаде со наглиот пораст на популарноста на дигиталните канали.

Пет години подоцна, Види Вака е медиум со милионски прегледи на содржините на месечно ниво, со навистина лојална публика и со имиџ на медиум кој е гласник на безгласните во општеството.

Горан Игиќ – Прогамски директор на ИДЕА ЈИЕ зборува за мисијата и визијата на Види Вака

Развојните планови и повикот на Томсон

Пубиката мошне брзо го прифати концептот на Види Вака, споделувајќи ги видеата и мултимедијалните содржини на своите профили на социјалните мрежи, правејќи речиси секоја објава да стане вирална. Бројките со кои медиумот можеше да се пофали беа тешко достижни за било кој традиционален медиум, но и за најголем дел од новите дигитални медиуми кои иако дигитализирани, ги задржаа традиционалните начини и формати за информирање.

Истовремено, и на менаџментот почнуваа се појасно да му се отцртуваат контурите на главните столбови на брендот, кои од план и претпоставка мошне брзо стануваа докажана реалност.

„Брзо сфатиме дека нашата најсилна страна, како што и верувавме, се раскажувањето приказни и применетата дигитална технологија. Нашата енергија и комплетните ресурси ги  насочувавме зацврстувајќи ги токму овие столбови. Првенствено доминантно преку медиумот, но имајќи ја предид поголемата слика односно развојот на брендот кон градење сеопфатно раскажувачко искуство, како мошне логично се наметна креирањето на раскажувачко студио кое ќе биде комплементарен сегмент на брендот и ќе ја нудинашата експертиза и комерцијално.“

Дека Види Вака се движи во добар правец покажа и фактот што, уште пред да биде изградена конкретна стратегија за комерцијално нудење на раскажувачки услуги, голем број органзиации и комапнии, посебно субјекти од граѓанскиот сектор почнаа „да го бараат продуктот уште пред да биде понуден“. Поради сознанието дека Види Вака може да ја раскаже нивната приказна на најдобар можен начин, наоѓајќи ги заеднички клучните нитки кои ја поврзуваат публиката и каузата за која треба да се раскаже, организациите почнуваа зачестено да нарачуваат видеа и други раскажувачки содржини од брендот.

Овој ветер во грб беше добредојден и тимот започна веќе многу поамбициозно да размислува за следната развојна фаза, односно да планира како да ги оптимизира ресурсите на најдобар начин, без притоа да трпи медиумот, а пред сè публиката која веќе во Види Вака гледаше медиум – сојузник на безгласните, кој ги раскажува приказните кои вредат и кои се често нераскажани.

„Нашиот најголем капитал беше токму довербата на публиката. Нашиот бренд тие го поистоветуваа со вредностите кои ги промовиравме. Знаевме дека ќе биде огромен предизвик да се обезбедат финансиски ресурси за планираниот развој, без притоа да не се наруши концептот на Види Вака како бренд кој раскажува само приказни кои вредат. Иако бевме комплетно подготвени за тоа, повикот на Томсон „Media for All” ни дојде како огромно олеснување“ – вели Горан Игиќ

Според него, тој и Мите отсекогаш имале едно непишано правило – да аплицираат само за проекти кои би ги сработеле секако, па дури и без ничија поддршка, инвестирајќи сопствени ресурси и време. Но, грантот на Томсон, додава, помогнал многу да се премостат неколку главни чекори со кои развојот на Раскажувачкото студио ќе бил многу потежок и побавен.


Процесите и работата со Томсон

Првата работа што Мите и Горан едногласно ја истакнуваат, кога станува збор за искуството со програмата на Томсон е професионалноста и фокусираноста на вистински, опипливи резултати. Велат дека во нивното 15-годишно искуство на водењето на Фондација ИДЕА биле дел од голем број на слични програми, менторирања, поддршки во различни сегменти, ама никогаш како сега не се почуствувале дека покрај себе имаат толку фокусиран партнер кој во исто време има толку многу знаење и придава толку многу значење на успехот.

„Партнери во вистинска смисла на зборот. Сите со кои имавме контакт во било која фаза од проектот го гледаа проектот како свој, се грижеа еднакво како нас, се радуваа со нас на секоја успешно реализирана фаза што сме ја зацртале, лично ги доживуваа предизвиците со кои се соочувавме и вложуваа многу енергија да ни помогнат да ги надминиеме. Неверојатно позитивно искуство“ – вели Горан Игиќ.

Првата фаза од проектот беше креирање на бизнис план. Во оваа фаза поддршката се однесуваше на обезбедување двајца искусни конуслтанти кои требаа да помогнат во креирање на бизнис планот. Откако бизнис планот беше завршен, се пристапи кон негова оптимизација, со ментор кој имаше мошне значајно искуство во истиот сегмент во кој Види Вака планираше да функционира – Јернеј Вербиќ. Јернеј имаше клучна улога во прилагодување на бизнис планот, бидејќи веќе го имаше успешно изодено патот и точно знаеше на што треба да се стави фокус, а на што може да се заштетат витални ресурси.

Според Јернеј, било евидентно дека Мите и Горан точно знаеле што сакаат да постигнат и мошне јасни им биле начините како тоа треба да го постигнат. Токму затоа, работата на бизнис планот со нив одела одлично.

„Беше очигледно дека сето ова им беше добро осмислено, темелите добро поставени, едноставно – се гледаше дека имаат вложено многу енергија и страст во градење на оваа приказна, и тоа е најдобриот гарант дека ја водите приказната во вистинска насока. Тоа за мене како ментор беше големо олеснување бидејќи имавме почетен консензус за најважните работи и брзо го поставивме костурот. Се понатаму беше одличен спој на нивното познавање на локалните пазарни услови и моето искуство со работа во сегментот во кои тие допрва требаа да почнат да работат.“ – вели Јернеј Вербиќ, ментор на проектот.

Јернеј Вербиќ – менторот на Види Вака зборува за досегашното искуство.

Уште една клучна работа, што можеби и е најважната во целиот процес беше фактот што за разлика од другите програми за поддршка кои обезбедуваат консултантска поддршка за развивање на бизнис план, овдека тимот на Види Вака можеше да смета и на средства за ефектуирање на бизнис планот. Според Мите и Горан, ова беше клучно за успехот на целата операција, бидејќи им даде простор и слобода да ги имплементираат своите идеи и замисли без да прават компромиси на сметка на квалитетот и амбицијата.

Нови луѓе и нови процеси, но и нови предизвици

Првата задача предвидена со бизнис планот беше регрутација на човечки ресурси кои ќе го понесат развојот на раскажувачкото студио. Мите и Горан имаа јасна идеја околу профилите на луѓе кои ќе им бидат потребни, но беа согласни дека првично треба да изберат некој кој ќе ја води целата операција – некој кој е вешт во делот на бизнис развој, но воедно има одлично познавање на дотогашните главни активности на брендот – новинарство, комуникации, нови медиуми, технологија.

На оваа позиција наскоро ќе дојде Дарјан Раденковиќ, долгогодишен познаник и соработник на Мите и Горан. Дарјан добро го познаваше брендот, дури и делеа канцеларии одреден период, па голема предност беше што ги познаваше процесите на работа на Види Вака од прва рака. Договорот падна брзо, а она што ги израдува сите беше што на првиот заеднички состанок, на кои требаше да ги споредат плановите за развој, се испостави дека иако независно правени, тие беа речиси идентични.

„Начинот на позиционирање на раскажувачкото студио ни беше мошне јасен и логичен. Мораше да се дистанцираме и од постоечките маркетинг агенции и од продукциските студија во тој конкуренциски пејсаж. На тој начин заземаме сегмент на услуги кој е прилично слободен, а воедно, наместо конкуренција, маркетинг агенциите и продукциските куќи ги позициониравме како партнери кои можат да ги понудат нашите услуги кои ги немаат во своето портфолио на нивните постоечки клиенти.“

Сепак, колку и да беше тоа позиционирање логично, на сите им беше јасно дека е потребен период на едукација на пазарот за важноста на раскажувањето во маркетинг стратегијата на компаниите, како и градење на препознатливост на брендот и како раскажувачко студио наместо само како медиум. При тоа, за да се добие на време, потребно беше активно да се понудат оние продукти кои Види Вака веќе ги имаше во портфолиото, за да „купат време“ додека се изгради големата слика.

Од аспект на човечки ресурси, ова предвидуваше регрутација на специјалист за продажба на дигитални продукти, специјалист за маркетинг и комуникации и специјалист за развој на дигитални канали и управување со заедницата. Ова се покажа како еден од двата клучни предизвици. 

Вториот беше оптимизација на постоечките ресурси од медиумот и нивно вклучување во процесите на новосоздаденото раскажувачко студио. Тоа значеше две работи. Прво, дека треба да се воведат новитети во самата креација и дистрибуција на медиумските содржини, со помош на увидот на маркетинг експертите и експертите за дигитални канали. Второ, дека треба соодветно да се оптимизираат ресурсите од медиумот – раскавачките и продукциските, за да може во прв момент да послужат како основа за развој на раскажувачкото студиот, додека не се дојде до фаза да може да се изградат два паралелни тима – еден за медиумот и еден за студиото.

„Менувањето на веќе воспоставените процеси беше најголемиот предизвик. Тоа беше до некаде очекувано, но она што беше и повеќе од сигурно за нас, беше фактот дека ако немаме агилност и подготвеност за постојано прилагодување на технолошко-медиумскиот пејсаж што динамично се менува, нема да можеме да го оствариме планираниот развој. И не само тоа, туку ќе си ја загрозиме и моменталната позиција како медиум, паѓајќи во стапицата на комоција и лагодност која во тој момент ја уживавме. Моравме да донесеме некои тешки одлуки, да се откажеме од некои луѓе кои не беа подготвени да излезат од таа комфорна зона, но веројатно не постои лесен начин да се остварат големите идеи.“ – раскажува Дарјан.

Неопходната агилност тимот сепак успева да ја пронајде преку ангажирање на надворешни соработници. Иако свесни за препознатливоста на брендот Види Вака, сите тројца признаваат дека биле изненадени од „звучноста“ на имињата кои се пријавиле на нивните повици за надворешни соработници. Во тој миг сфатиле дека токму тоа е неопходното пивотирање што треба да го направат. Имено, потпирањето на надворешни ресурси го намали притисокот кој натежна во процесот на оптимизација на постоечките ресурси, донесе многу ново know-how во тимот, а воедно претставуваше можност за многу побезбедна регрутација во иднина, на проверени кадри со кои веќе се има искуство во соработката.

Доплнително, на голем дел од надворешните соработници, една од главните мотивации да соработуваат со нас беше моноста да работат на креативни проекти во кои ќе имаат голема креативна слобода. На тој начин добивме мотивирани луѓе спремни да претворат во реалност голем дел од нашите идеи кои често имавме проблем да „ги продадеме“ на постоечкиот тим.

Дарјан Раденковиќ – Директор за бизнис развој на Види Вака зборува за предизвиците во развојот

Први резултати, успеси и развој, нови продукти

И покрај сите предизвици со кои се соочивме во првите 6 месеци од отпочнувањето на проектот, беше големо олеснување да се види дека нашите проекции се остваруваат а поставените таргети со леснотија ги натфрливме.

Она што го зацртавме за првата година се движеше во 2 главни насоки. Првата беше да ја засилиме продажбата кон постоечките клиенти од граѓанскиот сектор и од пасивна, односно сами да ни пристапуваат како досега, да ја направиме активна преку проактивен пристап кон нив.

Втората беше да стигнеме до нови комерцијални клиенти, компании, првично нудејќи ги постоечките услуги – native video advertising, brandocumentary, storytelling strategy, додека ги градиме и промовираме новите иновативни продукти на раскажувачкото студио како interactive video, immersive storytelling, data storytelling, edutainment и слични.

„Одличен прв сигнал беше нашето ангажирање од страна на маркетинг агенција за кампања за општествена одговорност за еден од најголемите национални брендови – Скопска пивара. Ова ни беше доказ дека одлично го погодивме позиционирањето на студиото, бидејќи наместо конкуренција, добивме партнер во маркетинг агенциите.“ – вели Мите Кузевски.

За Дарјан пак, олеснителна околност бил фактот што големата препознатливост на медиумот како бренд кон кој сите гаеле позитивни асоцијации, сега лесно отварала врати и кај најголемите компании за комерцијални разговори. 

„Ова за мене значеше кратење на процесите на градење темелни кампањи за прибирање лидови и закажување продажни разговори. Се испостави дека е доволно само да се спомене дека доаѓаме од Види Вака и би сакале да предложиме нешто што веруваме дека ќе биде мошне корисно за нивниот бренд. Ова го искористивме, но мошне внимателно, затоа што знаевме дека првите продукти што ќе ги испорачаме мора да се најдобриот showcase за капацитетот на студиото.“ – вели Дарјан.

Токму оваа доверба кон брендот придонесе раскажувачкото студио да успее да пилотира голем дел од зацртаните нови продукти многу порано од планираното. Продуктот наречен Immersive Video Experience, базиран на интерактивно видео, за кој главна целна група беа IT компаниите, своја примена паралелно најде и во една друга вертикала – туризмот, благодарејќи на довербата на Swiss IME програмата со која претходно Фондацијата ИДЕА имаше одлична соработка, па беше изработено првото регионално интеракртивно видео за промоција на туризмот за најголемиот домашен туроператор Фибула.

Беше пилотиранo и првото видео во делот на Edutainment, насловено Сам си го барал, направено по добиена лиценца од BBC и продуцентката Tracey Ullman, како адаптација на оригиналниот скеч од Tracey Ullman Show. На видеото работеше еминентна филмска екипа, составена од најпознатите домашни глумци, познатиот млад режисер Ханис Багашов и кинематографот на кандидатот за Оскар од Македонија – Медена Земја.

Истовремено, беше остварен и првиот проект базиран на data storytelling за Westminster Foundation for Democracy, со што портфолиото на раскажувачкото студио, во само неколку месеци беше зголемено, а палетата на продукти кои се нудат солидно проширена.

Фактот дека Раскажувачкото студио Види Вака има амбиција да биде нешто навистина различно на пазарот, можеби најдобро го илустрира нивниот проект „Спинокио“ – првиот board game на тема медиумска писменост, кој имаше за цел да им ја доближи оваа тема на средношколците во државата. Играта беше креирана и бесплатно доставена до средните училишта, каде беа оддржани најпрво локални натпревари, за да биде организирано и големо национално финале.

Спинокио

Ова најдобро покажува дека тимот на Види Вака е решен, без разлика што студиото е на самите свои почетоци, да не калкулира со квалитетот и иновацијата и дека цврсто стојат на уверувањето дека само храброто и одважно инвестирање во проекти како наведените може да ги издвојат на пазарот како уникатни креативци кои можат да донесат глема видливост за секој бренд кој ќе соработува со нив.

Сепак, на крајот на денот, најдобрите индикатори за успехот секогаш се бројот на клиенти и остварените приходи. Пресекот направен пред и по добивањето на поддршката од Томсон го покажува следното. Бројот на клиенти од 14 во 2020 е зголемен дури на 23 во 2021 година. Во исто време, приходите пораснале за 30%. 

Она што можеби е уште поважно е дека резултатите во 2021 се постигнати со споменатата оптимизација на човечки ресурси, што е доказ дека пивотирањето кон надворешни ресурси, не само што не ги намали капацитетите на Види Вака, туку напротив, влијаеше и за оптимизација на трошоците при зголемен обем на работа и приходи.

Планови за иднина

Тимот на Види Вака ја започна и новата 2022 мошне амбициозно и динамично. Беа избрани за носители на еден од најголемите регионални проекти за креирање кампања за промена на јавното мислење преку раскажувачка стратегија, каде носители се OSCE и ILO. Склучија соработка со новолансираната платформа за видео содрини glej.mk, за заедничка продукција на раскажувачки содржини кои ќе бидат пласирани во целиот регион. Преку новиот клиент WFD, го проширија своето портфолио и во креирање дигитални едукативни формати.

Сето ова покажува дека се на одличен пат да ги остварат зацртаните цели и да одолеат на компромисите кои често се неопходни, но знаат да ја потиснат креативноста. Истовремено, динамичниот развој на студиото не го дефокусираше тимот од медиумот и неговото развивање, свесни за неговата неопходност во општеството во кое јазовите се уште присутни и во кое има уште многу безгласни на кои им е потребен медиумски простор.

„Развојот на студиото не радува, не само поради фактот што успешно ги остваруваме, па дури и натфрламе зацртаните планови, туку и затоа што сега имаме допонителни ресурси, дополнителни знаења, соработници од различни области, кои ги реинвестираме токму во медиумот, надградуваќи го капацитетот, за да можеме уште подобро, понавремено и со поглем импакт да ги раскажуваме приказните кои вредат, а останале нераскажани до сега.“ – вели Мите Кузевски.

Предизвиците остануваат – медиумскиот пејсаж се менува, навиките на информирање исто така. Публиката се почесто се сели од еден канал на друг, а форматите се менуваат заедно со елементите кои ги прават атрактивни за публиката. Дали Види Вака ќе остане на патеката на следење на оваа драстична динамика на промени, прашуваме.

„Работите се менуваат навистина брзо. Баш синоќа низ неверување го дискутиравме огромниот досег на едно наше ТикТок видео, кое беше повеќе направено како тест, отколку како стратешки планирана содржина. Сепак, во ова сме повеќе од 15 години и пречекувавме и испраќавме многу нови канали и формати. И знаете што, во сето тоа, само едно остана непроменето – добрите приказни секогаш и секаде поминуваат добро.“ – со насмевка раскажува Горан.

А приказните – токму тие се она што Види Вака најдобро знае да го прави. Затоа веруваме дека оваа одлична спојка на Томсон и Види Вака е приказна која ќе трае и ќе се раскажува уште долго.

Facebook
Twitter
LinkedIn