Девојче малтретирано од други девојчиња, ја шамараат додека е на колена и ги моли, а притоа 30 души снимаат – со овој опис е вознемирувачкото видео од врсничкото насилство во Аеродром кое се расшири на социјалните мрежи месецов.
Ова видео кружеше на социјалните мрежи и предизвика силни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за сè почестото врсничко насилство, но и за улогата на сведоците кои наместо да помогнат, избираат да снимаат и да го споделуваат насилството на социјалните мрежи. Психолозите и професорите предупредуваат дека ваквото однесување ја продлабочува траумата кај жртвата и создава чувство дека насилството е прифатливо или забавно, наместо спречено и пријавено.
Врсничкото насилство не е нова појава, но во последниве години стануваат сè повидливо поради социјалните мрежи. Според психологот Зорица Николова она што можевме да го забележиме е појава на групна динамика во која чувството на лична одговорност се намалува, а желбата за прифаќање од врсниците станува посилна.
Кај дел од младите се јавува т.н. „ефект на набљудувач“, социјален и психолошки концепт кој е во тесна врска со психологијата на толпа, каде наместо да интервенираат и да помогнат, тие остануваат пасивни или дури го охрабруваат насилството. Токму тоа загрижува, вели Николова додавајќи дека снимањето често се доживува како набљудување, а всушност претставува учество. Во моментот кога некој снима, не реагира или го споделува видеото, тој повеќе не е само сведок – станува дел од процесот на насилство. Затоа е важно да ги учиме децата дека одговорност не носи само оној што удира. Одговорност има и оној што охрабрува, снима, споделува или молчи.
Сето ова не значи дека овие деца се нужно насилни личности, вели Николова, туку дека им недостигаат развиени вештини за емпатија, критичко размислување и отпор кон негативниот групен притисок. Затоа е исклучително важно децата уште од најрана возраст да се учат дека молчењето или навивањето за насилство исто така придонесува за негово одржување.
Овие зачестени појави на меѓуврсничко насилство кај децата, според професорката Татјана Алексиќ се должат на нашето однесување кон нив, на условите кои им ги создадовме на нашите деца и младината, која бега од Македонија. Според неа, коренот на проблемот лежи во нарушениот систем на вредности, недостигот на емпатија и слабеењето на авторитетот на семејството, училиштето и институциите.
„Ова не е само одлив на мозоци, ова е одлив на иднината и сите можни перспективи за еден здрав општествено-културен и економски стабилен живот. Се должи на новиот општествениот поредок, на сѐ подлабокиот материјален јаз меѓу луѓето, отуѓеноста на луѓето, глобален недостаток на емпатија, рушењето на семејните односи и сѐ помалку школувани срца. Можете да ги постигнете сите можни титули и дипломи, но интелектуалец без школувано срце не е баш добар пример за младите. Најпресуден е фактот е што поместувањето на етичките, па и естетски норми се должи на прифаќањето ненормалности како нормалности, на агресијата како моќ, на невоспитаноста како демократија и човекови права, на корумпирано образование, здравство и судство. Односите меѓу таа тријада е иста како релацијата помеѓу тријадата ученик-родител-наставник. Едно без друго не можат. Кога децата гледаат агресија, можно е да се учат на неа како на нешто нормално, на агресија кон другите или автоагресија. Кога децата гледаат дека наместо казни се фаќаат врски, а почнува најбенигно со оценките, не постои закон што ќе ги држи под контрола. Кога родителот и учителот губат авторитет и дома и во училница, децата ќе водат свои војни. Одамна системот пука по шевови. Сега пукаме по крпениците. Нема оптимизам со несреќни деца“ – изјави професорката за Види Вака.
Според професорката, училиштата немаат доволно механизми за навремено препознавање и справување со насилството меѓу учениците особено кога гледаме дека е излезено од контрола. Таа вели дека потребни се многу построги безбедносни мерки, превентивни, како на пример при влезот во училиштето преку електронски систем да се детектира метал или било какво оружје; понатака при систематски прегледи да се провери преку крв и урина присуство на психотропни супстанци; да се одложат телефоните на безбедно место во училницата, барем тие седум училишни часови да не гледаат во монитори и телефони; децата да се ангажираат максимално во проектни активности, научни, спортски, физички и уметнички ангажмани; да се научат од најмала возраст на трудољубие и да стекнуваат работни навики – ова според професорката Алексиќ се мерки кои е клучно да се преземат.
„Дете преокупирано со полезни активности нема време за ,,денгубење” и пакости. И секако, да им ги школуваме срцата, да се учат на емпатија преку хуманитарни активности, солидаризација со различностите, грижа кон сета флора и фауна. Да ги посетат домовите за деца без родители, за да увидат колку се аздисани“ – вели проф. Татјана Алексиќ и додава дека покрај здрав училиштен систеm, најбитните алатки за здраво општество се домашното воспитување, семејната култура и темелен воспитно-образовен процес на децата. Според неа не случајно се вели дека учителите се „втори родители” и дека имаат силно влијание врз учениците, затоа важно е заемно да се работи на создавање здрави навики, меѓусебна почит и одговорност кај децата.
И психологот Зорица Николова е согласна дека улогата на родителите, професорите и училиштата е клучна во воспитување на децата и навремено препознавање на насилно однесување. Според неа тие треба да дејствуваат како партнери во превенција на врсничкото насилство.
„Зголемениот број случаи на врсничко насилство не е резултат на еден фактор, туку на комбинација од индивидуални, семејни, училишни и пошироки општествени влијанија“ – вели Николова објаснувајќи дека семејството е првата средина во која детето ги учи моделите на однесување. Ако во семејството се негуваат почит, емпатија, конструктивна комуникација и одговорност, многу е поголема веројатноста тие вредности да се пренесат и во односите со врсниците.
Таа додава и дека денес сè почесто акцентот се става на академскиот успех и материјалните достигнувања, а сè помалку се вложува во развојот на емпатијата, почитта, толеранцијата, соработката и емоционалната писменост. Во такви околности постои поголем ризик децата да имаат потешкотии во самоконтролата, регулирањето на емоциите и конструктивното решавање конфликти.
Училиштата континуирано да работат на превенција, рано препознавање на ризичните однесувања и создавање училишна клима во која насилството нема да се толерира или нормализира е исто така клучно заедно со наставниците, психолозите и педагозите кои имаат важна улога во препознавањето на првите предупредувачки знаци, но и во развивањето култура на меѓусебна почит, емпатија, ненасилна комуникација и психолошка безбедност, според психолотог Николова.
Вложување во емоционалната писменост кај децата е од големо значење. Децата најмногу учат од она што го гледаат и доживуваат дома. Емпатијата не се учи преку лекции и предавања, таа се гради низ секојдневните односи со најблиските. Се развива преку поддршка, прифакање и јасно поставени граници. Кога детето уште од најрана возраст учи дека секоја постапка има последици и дека секој избор носи одговорност, тогаш се развива чувството за почит, одговорност и грижа кон другите луѓе.
„Само преку заедничка работа на родителите, училиштата, стручните служби и пошироката заедница можеме да создадеме безбедна средина во која децата ќе научат дека вистинската сила не е во агресијата, туку во почитта, одговорноста и грижата за другите“ – вели Николова.
Социјалните мрежи го продолжуваат врсничкото насилство
Врсничкото насилство постоело и претходно, но денес има сосема поинаква димензија. Поради мобилните телефони и социјалните мрежи, насилството не завршува кога ќе заврши училишниот ден, а последиците од дигиталниот булинг и од повеќестепената виктимизација често се подлабоки и подолготрајни од оние кај традиционалните форми на врсничко насилство и воопшто не смее да се потценуваат.
Кога насилството се снима, споделува и повторно се прегледува на социјалните мрежи, жртвата не ја преживува траумата само еднаш, туку одново и одново, секојпат кога содржината ќе биде видена, коментирана или споделена. Тоа, според психологот Николова може да доведе до нарушена самодоверба, чувство на срам и беспомошност, социјално повлекување, потешкотии во учењето и секојдневното функционирање, како и сериозни последици врз менталното здравје. Затоа е исклучително важно дигиталниот булинг да се препознае навреме и на него да се реагира сериозно и одговорно.
И професорката Алексиќ истакнува дека е клучно да се намали времето поминато пред монитори, пред компјутери и телефони.
„Тоа е време кога времето многу побргу поминува отколку гледање во залезот на сонцето или морските бранови. Нивното време поминато во видео игри и слични „забрзувачи” и „крадачи” на драгоцениот временски простор, е време на допамински атак врз целиот организам. Еден таков млад „зависник” тешко ќе го натераш (инспирираш) да чита книга, тешка „дури” 300 страници. Уште потешко да слуша квалитетна музика, да оди по концерти, театри, кино сали и други храмови на културата. Нивниот „храм” веќе не е ни улицата. Улицата им служи за решавање виртуелни проблеми во „живо”. Тепачките почнуваат со вербални електронски препукувања, погрешен емотикон или коментар. Во ниту една книга не можете да сретнете такви гадости како што можете на интернет. Ниту една театарска трагедија или филмски хорор не можат точку штетно да влијаат од сите агресивности кои ги следат и имитираат од Тик – Ток предизвиците, Дип њуз или Синиот Кит, виновен за низа самоубиства. Времето на насилства е чекор пред нас, не можеме веќе да го превенираме. Му дозволивме да нѐ предводи. Не сме во војна, но децата почнуваат да ја водат меѓу себе“ – истакнува Алексиќ.
Недоволно развиена емпатија, потреба за моќ или прифаќање во групата, модели на агресивно однесување во семејството или околината, изложеност на насилни содржини и недоволно развиени вештини за конструктивно решавање конфликти односно комбинација од повеќе фактори се најчестите причини за врсничко насилство – вели Зорица Николова.
Најважната порака е дека насилството никогаш не смее да се игнорира – вели психологот, оттука родителите треба да градат доверлив однос со своите деца, секојдневно да разговараат со нив за тоа како се чувствуваат, со кого се дружат и што се случува на училиште и на интернет. Во училишна средина наставниците и стручните соработници се во први борбени редови за да следат и алармираат за индикатори за присуство на насилство.
Доколку детето е жртва, важно е да знае дека не е виновно и дека треба веднаш да се обрати кај родител, наставник, училишен психолог или друг возрасен на кој му верува. Доколку детето покажува насилно однесување, потребно е да се реагира навремено – не само со санкции, туку и со разбирање на причините за таквото однесување и обезбедување стручна поддршка.
За две години 120 пријави за врсничко насилство
Во 2023/2024 учебна година на тогаш – новоотворената електронска адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk пристигнале околу 120 пораки поврзани со врсничко насилство.
По сите пријави било постапено од страна на Државниот просветен инспекторат и Педагошката служба во МОН, а по потреба се вклучуваат и МВР и Центри за социјална работа, велат за Види Вака од Министерството за образование.
Оттаму велат дека како превентивни мерки во борбата со врсничко насилство ги зајакнале стручните служби со ангажирање на кадар онаму каде недостига, а ги вратиле и дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и во дворовите, наместо ученици да го прават тоа.
Понатака со со законски измени од минатата година ги задолжиле училиштата во своите годишни програми да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слично.
Нова мерка на повидок – парични казни за родителите на насилниците
И покрај тоа што врсничкото насилство со години е еден од најсериозните проблеми во образовниот систем, институциите и понатаму најчесто реагираат по конкретни случаи наместо превентивно. По бројните инциденти во изминатите години, повторно се најавуваат законски измени, иако беа најавувани и ветувани низ годините.
Во моментов, во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште, но и за родителите кои одбиваат да соработуваат со училишните служби.
250 евра казна се предвидува за секој родител чие дете предизивкало насилство, казни се предвидуваат и за родители кои ќе одбиваат да соработуваат.
„Минатиот месец заедно со Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Комората на психолози, пристапивме кон нова национална иницијатива за надградба на компетенциите на училишните психолози и наставници за препознавање на семејно насилство преку однесувањето на децата и спречување на понатамошна трансформација во врсничко насилство (со оглед дека анализите потврдуваат дека најчест причинител на врсничко насилство е токму семејното). Во рамки на оваа иницијатива се реализираат и директни средби со родителите на децата и наставниците, за да ги предочиме проблемите, да побараме поголема вклученост, да слушнеме предизвици и предлози за справување“ – ни изјавија од МОН.
Николова вели дека ограничените ресурси со кои честопати располага стручниот кадар, психолози, педагози и други стручни соработници, за голем број училишта се предизвик. Тоа ја отежнува навремената и континуирана психолошка поддршка. Затоа е неопходно да се инвестира во зајакнување на стручните служби и во континуирана едукација на сите кои работат со деца бидејќи поддршка не им е потребна само на жртвите, туку и на децата кои покажуваат насилно однесување. А зад секое такво однесување често стојат нерешени емоционални, семејни или социјални проблеми. Доколку интервенираме навреме, можеме да спречиме насилството да стане траен модел на однесување.
„Иако проектот е насочен кон семејното насилство, знаеме дека многу често децата кои се изложени на насилство во семејството може да станат жртви или сторители и на врсничко насилство. Затоа е исклучително важно училиштето да биде место каде што децата ќе се чувствуваат безбедно, ќе бидат слушнати и ќе добијат навремена стручна поддршка.Визијата е да се изградат училишта во кои превенцијата ќе биде подеднакво важна како и реакцијата – училишта што ќе промовираат емпатија, психолошка безбедност, ненасилна комуникација и меѓусебна почит. Само преку заедничка работа и превземена одговорност на семејствата, училиштата, институциите и локалната заедница можеме да создадеме средина во која секое дете ќе има можност да расте без страв и насилство“ – вели Николова.
Според психологот Николова, за врсничкото насилство да се спречува наместо само да се санкционира, неопходен е системски пристап во кој училиштата, семејствата и институциите ќе дејствуваат заедно.
Насилството меѓу врсниците не е изолиран инцидент, туку сè почеста појава која отвора сериозни прашања… Додека институциите најавуваат построги мерки и законски измени, психолозите и професорите предупредуваат дека вистинската борба почнува многу порано – дома, во училниците и во воспитувањето на децата.
Девет кривични пријави и извршен разговор со две малолетнички и родителите во врска со групното врсничко насилство во Аеродром
За бруталната тепачка во Аеродром, Министерството за внатрешни работи поднесе четири кривични пријави против четири деца и пет родители, а според законот се предвидуваат затворски казни.
„Во Полициска станица извршен разговор со две малолетнички и нивни родители во врска со насилството во скопски Аеродром, следуваат кривични пријави. На 01.07.2026 во 19:30 часот во СВР Скопје 31-годишна жена пријави дека на 30.06.2026 околу 22:00 часот во парк на подрачјето на општина Аеродром нејзината 12-годишна ќерка била физички нападната од 14-годишна малолетничка која била заедно со нејзина другарка и кои претходно ја натерале во два наврати да клекне на колена и да се извинува. Потоа откако тргнала да си оди била физички нападната од друга малолетничка, а целиот чин бил снимен со мобилен телефон од повеќе малолетници кои биле присутни, а едниот од нив го познавала. Истиот ден во полициска станица бил извршен службен разговор со две малолетнички во присуство на нивните родители. Известен е јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. Во врска со предметниот настан се преземаат активности за утврдување на идентитетот и на други инволвирани малолетни лица за целосно расчистување на случајот по што ќе бидат поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „насилство“ по член 386 и за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на малолетно лице“ по член 201 од Кривичниот законик“, стои во полицискиот билтен.
Полицијата информираше дека до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против две малолетнички за кривично дело „насилство“, предвидено и казниво според член 386 од Кривичниот законик. Кривична пријава е поднесена и против еден малолетник за кривичните дела „поттикнување“ според член 23 во врска со член 386 став 1 од Кривичниот законик и „неовластено снимање“ според член 152 во врска со член 386 став 1 од Кривичниот законик. Против уште еден малолетник е поднесена пријава за кривично дело „неовластено снимање“, а против родителите е поднесена кривична пријава за делото „запуштање и малтретирање на дете“, предвидено и казниво според член 201 од Кривичниот законик.