Со брзи кредити до брзи злоупотреби

Македонија нема механизми за заштита од злоупотреба на лични податоци за брзи кредити. Институциите наместо системски да ги заштитат граѓаните, делат совети за претпазливост. Без надзор и санкции се остава простор за злоупотреби, а граѓаните се тие кои најмногу страдаат.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

„Брзи кредити до 200.000 денари за само 30 секунди“, „Пари на рака за еден час“, „Кредит со лична карта – одобрување веднаш“, „Супер брз и лесен кредит за 15 минути. Аплицирање и исплата денес“, „Земи кредит – избери си рок на враќање“, „Без жиранти“, „Без докажување“, „Аплицирај онлајн – потребно е само да ја сликаш твојата лична карта“, „Нудиме финансиска поддршка тогаш кога е најпотребна!“… – со овие пароли финансиските друштва за брзи кредити земаат голем замав особено последниве неколку години.

И, ако за подигнување на класичен кредит во банка ви се потребни куп документи, потврди и податоци, условите за аплицирање за брз кредит во финансиските друштва воглавно се два: да си полнолетен и да имаш важечки личен документ.

Со лесни критериуми до брзи измами

Овие лесно исполнителни критериуми за брзи кредити, во поново време доведуваат до бројни измами со злоупотреба на лични податоци за подигање на инстант кредити.

Вработените во финансиските друштва се должни недвосмислено да го утврдат идентитетот на барателот на кредит, без разлика дали јас подигнувам кредит онлајн или одам во просториите на финансиското друштво, треба да поднесам лична карта, доколку јас не соодвествувам во својот лик физички со лицето коешто е на личната карта мене воопшто не треба да ми се дозволи да подигнам кредит – вели Весна Дишлиоска – правник во Македонско здружение на млади правници.

Во МВР годинава пријавени 65 случаи за злоупотреба на лични податоци за брзи кредити

„Вкупно пријавени 65 случаи за злоупотреба на лични податоци и извршени незаконски дејствија на финансиските друштва за т.н. брзи кредити, без проверка на документи за лична идентификација на барателите на средствата, за периодот од 01.01.2023 година до 30.07.2023 година,“ велат од МВР за Види Вака.

Досега ниту еден случај нема разрешница

Според Народниот правобранител сите инволвирани мора да бидат ставени пред лицето на правдата доколку има индиции и соодветни материјални докази. Односно не само тие што ги злоупотребуваат ваквите документи туку и лица кои во постапката ги одобруваат ваквите кредити.

Не е тајна дека понекогаш финансиските друштва функционираат на начин што доколку лицето кое е кредитобарател нема своја трансакциска сметка, парите за кредитот финансиското друштво ги пушта на сметка на трговски друштва, неретко за бела техника, па лицето кое поднело за кредит подигнува производ, во случајов електрични елементи во износ за подигнатиот кредит.

Народниот правобранител посочува дека доколу едно финансиско друштво исплаќа на едно трговско друштво, а лицето кое не пристапило со свој личен документ оди и го користи прозиводот на трговското друштво апсолутно се поставува прашањето како се овозможува тоа, кој го дозволува тоа?

„Секој апликант пред финансиското друштво треба да пристапи со документ за утврдување на идентитет или лична карта или важечка патна исправа и со приложување на трансакциската сметка на која ќе бидат исплатени парите. Второ доколку оди преку овие трговски друштва односно користење на производи од овие трговски друштва исто така уплатата која е извршена од финансиското друштво носи и име и презиме на корисникот на кредитот, како може трето лице да оди да го земе производот без да приложи документ дека е тоа лицето на кое на чиј терет е даден кредитот“, вели Зибери и дополнува на многу индикации кои наведуваат на потребата од една детална истрага и изведување пред лицето на правдата на сите можни инволвирани во вакви дејанија бидејќи навистина граѓаните стануват жртви заради украдените идентитети, а најтрагично е кога имаме и вакви случаи кога лице со попреченост станува жртва.

Кај Народниот правобранител годинава стигнале десетина претставки за злоупотреба на лични податоци, а како најтрагичен го наведува случајот со украден идентитет на лицето со попреченост на чие име биле подигнати дури пет кредити.

И по петти пат во друштво во кое било еднаш направено ваквото противзаконско дејство уште еднаш е одобрен ваков кредит,“ вели Народниот правобранител.

Мајката на жртвата го пријавила случајот во МВР пред да се обрати до Народниот правобранител, а правобранителот вели дека Министерството за внатрешни работи не одговорило со целосен и задоволителен одговор пред Омбудсманот.

Министерството за финансии пак е одговорно за вршење надзор на финансиските друштва, но Народниот правобранител смета дека овој орган треба да пристапи посериозно кон надзорот.

Ние се обративме и до Министерството за финансии, надлежен орган кој врши надзор во работењето на овие друштва и одговорот за жал не ги задоволува нашите барања бидејќи тие се ограничуваат само на фактот дали финансиското друштво ги почитува прописите во однос на финансиското работење но не и на начинот на исплата на кредитите. Ние сметаме дека Министерството за финансии како надлежен орган треба да ги провери сите можни дејствија кои ги презема едно финансиско друштво во текот на работењето и не може да се дозволи едно финансиско друштво без почитување на прописите да користи издавање на кредити еве често пати и на лица кои всушност имаат лажен идентитет односно украден идентитет од вистинските граѓани и лица,“ посочува Народниот правобранител додавајќи дека Министерството за финансии се ограничило само на тој дел на надзор иако Омбудсманот дал препорака и ургенција за дополнителен одговор и каде да се насочи надзорот на Министерството за финансии.

„Се надевам сега со последните измени кои ви ги спомнав ќе се вклучи и Народната банка и просторот за манипулации со користењето на вакви кредити ќе се намали но и надзорот ќе се зголеми. Едно е прописите, друго е постапувањето на органите во надзорот на примањето на прописите зошто прописите ако не се применуваат тие стануваат само мртво слово на хартија,“ истакнува Народниот правобранител, Насер Зибери.

Министерството за финансии не одговори на прашањата на Види Вака колку инспекциски надзори на финансиски друштва се направени во 2023 година, какви неправилности се утврдени и какви казни биле одредени.

А Омбудсманот смета дека Министерството не смее да се ограничува во надзорот толку тесно туку треба посериозно да пристапат зошто еден од нивните одговори до Народниот правобранител бил дека тие не се надлежен орган кој треба да ги провери постапувањата при утврдување на идентитетот на лицата кои се корисници на кредитите, но како што посочува Зибери тие може да вршат надзор за текот на процесот на протокот на парите.

„Значи не се исплатуваат на трансакциска сметка зошто кога би се исплатиле на трансакциска сметка не може да се изврши злоупотребата зошто тоа лице треба да поседува туѓа и лична карта и трансакциска смета во исто време. Второ, како се дозволува да средствата од брзите кредити да не се исплатууваат на трансакциска сметка туку на трговски друштва и така натака итн, сигурно дека стручните тимови од Министерството за финансии кои се надлежни и задолжени за надзорите , овие прашања треба многу пошироко да ги одговорат,“ дециден е Зибери.

Доколу Министерство за финансии, МВР, Обвинителство не одговорат на неговите барањата, Омбудусманот ќе пристапи кон известување на повисоките органи на крај и Собранието како надлежен орган пред кој се полага одговорност.

„Навистина бев среќен што веднаш по нашето укажување за проблемите во начинот на користење на ваквите кредити во однос на транспарентноста, во однос на високите износи на тарифи за надоместок на трошоци, во администрирањето, во однос на неколкукратното задолжување во истото друштво беа веднаш елиминирани со последните измени на Законот за финансиски друштва односно Закон за финансиско работење во чиј дел се и финансиските друштва и мислам дека Собранието, кога ќе расправаме за следниот извештај на Народниот правобранител со установените констатации ќе знае да одговори навреме.“

Граѓаните за кредити од 10.000 денари враќале и по 70.000 па и 100.000 денари

Сега се направени две измени во Законот за финансиско работење во насока на ограничување на износ на надоместоци до 60% и забрана за подигнување кредит во финансиско друштво во кое потрошувачот веќе еднаш земал кредит.

Народниот правобранител посочува и дека е направена измена во насока што се дале надлежности на Народна банка која дотогаш беше целосно исклучена во надзорот врз функционирањето на овие финансиски друштва.

Но, со овие измени не се опфатени механизми за заштита од злоупотреба на лични податоци.

Македонија нема механизми за заштита од злоупотреба на лични податоци за брзи кредити

Детектирани се повеќе пропусти посочува Народниот правобранител:

„Ние уште сега при постапување некои од проблемите ги детектиравме, прво да не се дозволи онлајн апликација, второ ова што ви го велам да не се овозможи средствата да се исплатат освен на трансакциска сметка при користење на кредитот обавезно друштвата да се должни да го утврдат иднетитетот на лицето кое пристапува, значи има неколку сет мерки кои можат да бидат бариера за да се спречат ваквите злоупотреби.“

Граѓаните најчесто дознаваат дека се измамени и дека нивните податоци се искористени за подигање на брзи кредити откако ќе им тропнат на врата дека истекол рокот за враќање на кредитот за кој тие не се ни свесни дека го зеле, односо го подигнало друго лице во нивно име.

Неретко злоупотребите доаѓаат од блиски луѓе

Весна Дишлиоска од Македонско здружение на млади правници вели дека најчестите злоупотреби од ваков тип се случуваат од страната на блиски лица, дали станува збор за лица од потесно или пошироко семејство како и од соседи, соработници, колеги од работа.

„Најчесто станува збор за подигнување на брзи кредити на лица коишто ги изгубиле своите паричници или врз нив е извршено кривично дело кражба, меѓутоа постојат и одредени случаи каде што луѓето за да направат одредена услуга на комшија, сосед итн даваат свои лични податоци, свои трансакциски сметки со цел да се изврши услуга, парите да легнат на сметка на лицето коешто ја прави услугата во мометнот но потоа тие луѓе дознаваат дека се баратели за кредити и нели нормално треба да го вратат кредитот на финансиското друштво.“

А доколку дојде до таква злоупотреба за брзи кредити, должни да го вратите кредитот сте вие, со тоа што доколку во текот на постапката се утврди навистина дека финансиското друштво или лицетото коешто било одговорно на финансиското друштво сториле одредено кривично дело тогаш во текот на постапката странката ќе пријави оштетно побарување и ќе си ги поврати парите назад, посочува Дишлиоска.

Досега нема информации дека на некое финансиско друштво му била одземена дозволата за работа поради неутврдување на личен идентитет и направена злоупотреба на лични податоци и покрај податокот од 65 пријави за злоупотреба на лични податоци до МВР.

Сепак, годинава Агенцијата за заштита на лични податоци изрече финансиски глоби до три друштва и до одговорни лица во финансиски друштва.

Агенцијата за заштита на личните податоци по три вонредни супервизии по поднесени барања од три физички лица, согласно членот 97 од Законот за заштита на личните податоци, изрече три глоби во вкупен износ од 653.160,78 денари на финансиско друштво за брзи кредити и три глоби во износ од 55.347 денари за одговорното лице кај финансиско друштво за сторен прекршок согласно членот 111 став (1) точка 2 и членот 111 став (2), а во врска со членот 111 став (1) точка 2 од Законот за заштита на личните податоци.

Агенцијата информира дека во трите случаи физичките лица тврделе дека финансиското друштво (конролор) одобрило онлајн кредит во износ од 90.000 денари, на други физички лица кои ги употребил нивните лични податоци со користење на телефонски броеви кои не се нивни и без притоа да им се утврди идентитетот при поднесување на барањата за кредит.
Финансиското друштво (контролор) спротивно на членот 10 став (1) алинеја 1 од Законот за заштита на личните податоци без претходно обезбедена согласност за обработка на личните податоци при аплицирање за кредит обработувал лични податоци за три физички лица (субјекти на личните податоци) при што не  демонстрира  (докажа) дека субјектите на личните податоци дале согласност за обработка на нивните лични податоци,“ соопштуваат од Агенцијата и апелираат граѓаните да поднесуваат кривична пријава поради сторено кривично дело – злоупотреба на лични податоци.

Инаку во Агенцијата за заштита на личните податоци во 2023 година граѓаните поднеселе 5 барања за утврдување на повреда на правото на заштита на нивните лични податоци при процес на спроведување на брз кредит. А во претходната 2022 година, имало вкупно 1 пријава.

Од Агенцијата ни посочуваат дека по однос на сите барања спроведени се вонредни супервизии од страна на Секторот за супервизија и во сите случаи утврдени се повреди по правото на заштита на личните податоци.
Велат дека пријавите се однесуваат на користење на личните податоци на граѓаните од други лица при земање на брз кредит, користење на контакт податоци на лица без нивна согласност за брзи кредити (на пр. телефонски број), за рокот на чување на лични податоци во финансиските друштва за брз кредит, злоупотреба на службена должност, фалсификување на потпис при аплицирање за брз кредит итн.

Од Јавното обвинителство велат дека се постапува по сите поднесени кривични пријави за кривичното дело – Злоупотреба на личните податоци. Меѓутоа, во статистиката на Јавното обвинителство предметите не се издвојуваат врз основа на причините поради кои е извршена злоупотребата велат од таму за Види Вака и дополнуваат дека од тие причини, не се во можност да ни го обезбедат бараниот статистички преглед. 

Со апелот „Граѓаните да внимаваат каде ги споделуваат лични податоци“ македонските институции се борат против злоупотреба на лични податоци за брзи кредити

Народниот правобранител е согласен дека свеста кај граѓаните треба да биде на повисоко ниво при користење на личните документи со кој се утврдува идентитетот, тука пред сè се мисли на лична карта или патна исправа во кои се внесени лични податоци како што е единствениот матичен број на граѓаните кој пак е клучот за отварање на сите можни побарувања, информации за граѓаните.
Тој вели дека секако дека таква свест кај граѓаните треба да постои – каде се оставаат документите, на кого се им дозволуваат пристап до документите, но кога се работи конкретно за ова прашање, Народниот правобранител посочува дека мора државата да води сметка за детектираните проблеми во смисла на утврдување на идентитет на лице кое пристапува да користи ваков тип на кредит, за начинот на исплата на средствата, откако ќе биде одобрен кредитот за понатамошната транскација и пат по кој одат средствата треба законски да се реши.

„Не може, недозволиво е во ситуација кога има начин да се исплатат средствата на трансакција, средствата без да поминат преку трансакција да завршат кај некое трговско друштво, тука е првиот извор за манипулација и злоупотреба на овој процес. Неутврдување на личниот идентитет на лицето кое аплицира за користење на кредит е недозволиво, не може без да се утврди иднетитето на тој што пристапува да одобрите кредит. Значи има сија сет мерки кои можат да се уредат добро и да се минимизира просторот за манипулација и злоупотреба.“

Наплив од реклами за брзи кредити и филијали на секој чекор

Со едноставно испишување „брзи кредити“ на Гугл пребарувачот, добивате десетици „атрактивни“, спонзорирани реклами за брзи и онлајн кредити во трка да ги одберете токму нив.

А финансиските друштва имаат филијали на секој чекор, доволно е да прошетате од точка А до точка Б низ центарот на градот и да го утврдите тоа.

Во Македонија од 2011 година до 2022 година има регистрирано вкупно 35 финансиски друштва. Во просек, секоја година „никнуваат“ три нови финансиски друштва, а во 2016 и 2019 година се регистрирани по пет нови финансиски друштва – покажува регистарот на финансиски друштва на Министерство за финансии.

На пример, само едно од вкупно 35 финансиски друштва има отворено над 30 филијали распространети низ цела држава, а дури 13 од нив се на различни локации низ Скопје.

Вкупно 206.240 апликации за брзи кредити биле одобрени само во едно од финансиските друштва, кое постои околу пет години. Тоа е еквивалентно на околу 40.000 кредитобаратели годишно, во едно финансиско друштво од вкупно 35.
Истото друштво за овие апликации одобрило кредити во вкупен износ од 3.1 милијарди денари.

„Големиот број на ваквите друштва е индикатор дека условите за основање и функционирање на ваквите друштва е многу лабав, а кога имате такви лесно исполнети критериуми кои ги бара законот, тогаш се разбира дека ќе се најдат и субјекти кои се лакоми за профит“ – истакнува Народниот правобранител Насер Зибери.

Се додека надлежните институци немаат механизми и не ги зајакнат веќе постоечките и утврдени со Закон одговорности, се додека недостасува надзор и санкции се остава простор за злоупотреби, а недолжните граѓани се тие кои најмногу страдаат.

Она што како поединци би можеле да го направиме е да не споделуваме своите лични податоци – податоци од лична карта, податоци за трансакциски сметки, со непознати луѓе или колеги соработници бидејќи се случуваат измами од ваков тип.

Исто така да се зголеми свесноста за детално да се информираат граѓаните кои своеволно сакаат да подигнат некој од брзите кредити поради за нив оправдани причини. Детално да ги прочитаат договорните одредби за кредит каде што треба да пишува во кој рок треба да се врати, висина на камати, трошоци за провизија итн. Односно секој ќе биде запознаен со општите услови за договор за подигнување на кредит, ќе знае колкава е провизијата, ќе биде запознаен со трошоците, ќе биде запознаен со висината на каматната стапка и со самото потпишување на договорот значи дека странката е запознаена со одредбите и дека се согласува по тие услови да го подигне кредитот.

Меѓутоа и во случај кога се изгубени лични документи, во случај кога станува збор за кражба на лични документи веднаш да се алармира МВР, да се обратите со соодветна пријава до нив како и до Агенцијата за заштита на лични податоци доколку постои одредена злоупотреба на личните податоци.

Facebook
Twitter
LinkedIn