Слобода без покрив над главата

Автор: Марија Севриева
Камера и фотографии: Крсте Шупев
Монтажа: Крсте Шупев
Продукција: Види Вака

„Сакам да живеам нормално како сите, како порано што било, ама, еве, условите не ми дозволуваат. Мора животот да се живее нормално.“ 

Ова се зборовите на нашиот соговорник, кој, поради негова заштита, побара да зборува со прикриен идентитет. Го запознавме далеку од неговото родно место, кое е во Кичевско. Причината зошто не е во крајот од кој потекнува е дека веќе нема каде да живее. 

Неодамна излегол од затвор, откако целосно ја издржал казната за којашто бил осуден.

„Бев осуден на четири години и 11 месеци за три кражби. Амнестија ме фати и ми ја намалија казната. Одлежав три години и седум месеци.“

Поранешниот осуденик вели дека бил задоволен од судскиот процес што се водел коректно, иако смета дека досудената казна била повисока. Казната затвор ја отслужил во казнено-поправни установи од полуотворен и од отворен тип.

„Две години пред да излезам разбрав дека во бараката каде што седев се вселиле други. Се обратив до Народен правобранител. Дојдоа неколку луѓе, повеќе беа. Запишаа сè, но ми рекоа дека не можеле никаков одговор од Кичево да добијат зaшто се други вселени. И така ме оставија на улица. Кога излегов, немаше каде да одам, мораше кај другар ми да одам“, вели нашиот соговорник.

Тим од адвокат и правник од Македонското здружение на млади правници работи на случајот на поранешниот осуденик. 

„Согласно основните начела на Законот за извршување на санкции, процесот на ресоцијализација претставува основна функција на казнено-поправната и воспитно-поправната установа. Имено, токму и целта на извршување на казната затвор е оспособување на осудените лица да се вклучат во општеството со најдобри изгледи за самостоен живот. Конкретно, помошта на осудените лица по издржување на казната затвор опфаќа збир на конкретни мерки и постапки“, вели Марија Келепуровска, адвокатката која го води случајот на нашиот соговорник. 

Нашиот соговорник не е единствен кој не може да се врати во нормалниот живот како што посакува. И други осуденици кои се на крај на издржување на казната затвор го имаат истиот проблем, вели Арбен Гудачи, правник во Македонското здружение на млади правници. 

„Карактеристично за овие лица е дека, за разлика од сите други осудени лица кои најчесто прашуваат за користење на погодности надвор од затворот – за предвремено отпуштање, за користење на правото на условен отпуст, овие лица сакаат подолго да останат во затворот. Кога се сретнавме со лицето коешто е ваш соговорник, тоа беше неговото прашање – како да остане уште некој месец дури да најде место за престој. Затворот мора да постапи согласно пресудата и да го отпушти во денот кога му завршува казната“, вели Гудачи

Институционален лавиринт

Келепуровска како полномошник на поранешниот осуденик неколку месеци пред неговото излегување на слобода и сега сè уште бара одговори од институциите надлежни за обезбедување ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осудени лица. 

Во конкретниот случај, таа се има обратено до Центарот за социјални работи Кичево, до Општина Кичево, до Министерството за труд и социјална политика. 

„Согласно Законот за социјална заштита, во рамките на вонинституционална заштита којашто може да се остварува во или преку Центарот за социјални работи, покрај останатото се предвидува и остварувањето на правото на дневно и привремено прифаќање и згрижување како помош на поединец и семејство. А токму тоа право на згрижување во центар за дневно и привремено прифаќање и згрижување, согласно Законот за социјална заштита, се обезбедува и на лице бездомник, како што е во моментов мојот штитеник“, вели Келепуровска. 

Во одговорот на еден од дописите, од ЦСР Кичево наведуваат дека извршиле увид во бараката во која порано живеело лицето со неговата мајка, која починала додека тој ја издржувал казната затвор. Констатирано е дека други лица се вселени во бараката, но немаат договор за закуп или купопродажен договор. 

Од Центарот во одговорот додаваат и дека не се надлежни и не располагаат со социјални станови на територијата на Општина Кичево. 

Адвокатката Келепуровска се обратила и до Општина Кичево, со која бил склучен договорот за закуп на бараката со мајката на поранешното осудено лице. 

Од Општина Кичево наведуваат дека единствено лице со кое е склучен договорот за закуп е мајката на нашиот соговорник, но Општината ниту знаела дека таа живее со син, ниту пак дека починала. Од Општината додаваат дека, исто така, не се запознаени дека други лица во моментов се корисници на социјалната барака и упатуваат проблемот да се пријави во други институции. 

За случајот е известено и Министерството за труд и социјална политика. Во известувањето е опишана состојбата во која се наоѓа лицето, фактот дека во моментов е без живеалиште и дека има итна потреба од обезбедување на сместување во прифатилиште. 

Но адвокатката Келепуровска сè уште очекува одговор од Министерството. 

Гудачи: Ова не е изолиран случај

Правникот од Македонското здружение на млади правници Арбен Гудачи имал неколку средби со нашиот соговорник во рамките на проектот „Елиминација на мачење и нечовечко постапување во затворите и установите за лишување од слобода“. 

Гудачи вели дека на овие лица им е потребна поддршка со цел да можат успешно да се вклучат во општеството и да придонесат за него.  

„Покрај материјална помош, на осудените лица на кои им завршува казната потребна им е социјална интеграција и ресоцијализација, што всушност претставува широк поим кој вклучува повеќе аспекти, но суштински е битно да опфати индивидуален институционален пристап за едно осудено лице да се вклопи во општествената заедница и да го живее животот на слобода“, појаснува Гудачи.

Самиот процес на ресоцијализација
на осудените лица, додава тој, треба да започне уште со започнување на казната.  

Целта е по излегување на осуденото лице од затвор да има кај него напредок во поведението и да не се впушти уште веднаш со извршување на нови кривични дела, што и се случува кај нас, вели Гудачи. 

Гудачи додава дека лицето кое е наш соговорник не е единствениот кој нема каде да продолжи да живее по напуштањето на казнено-поправната установа и кој станува бездомник.

„Иако ние преку проектот имавме контакт само со мал процент на осудени лица од вкупниот број на осудени лица, наидовме на неколку вакви случаи кои немаат обезбедено дом по завршување на издржување на казната затвор“, вели Гудачи. 

Тој додава дека околностите врз основа на кои остануваат бездомници се најразлични. Кај некои се поврзани со причината поради која се во затвор, за други семејството не ги прима назад, за трети биле бездомници и пред да влезат во затвор. 

Опциите, вели Гудачи, се да им се помогнеме преку институциите да им се обезбеди привремен дом или да најдат начин повторно да се вратат во затвор каде што имаат обезбедено покрив над глава и храна. Но тоа значи ново кривично дело, нов судски процес, ново издржување на казна затвор, со што не се остварува целта на ресоцијализацијата.  „Ова е една од причините и зошто имаме голем број на повратници по затворите“, додава Гудачи. 

А поранешното осудено лице со кое разговаравме вели дека се покајал за грешките во минатото. Апелира други да не го следат неговиот пат. 

„Можам да им кажам да седат, да не прават бели. Ако имаат кај кого да се обратат, ако знаат кај кого, нека се обратат“, завршува нашиот соговорник.

Facebook
Twitter
LinkedIn