Скапи судски одлуки – Правдата удира по џебот на граѓаните

Правдата во земјава е скапа и тоа честопати ги обесхрабрува граѓаните да се впуштат во долги судски постапки со неизвесен епилог. Невоедначената судска пракса, пак, дополнително го поттикнува и сфаќањето дека судовите за едни се мајка за други маќеа.
Автор: Марија Севриева
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Продукција: Види Вака

„Правдата е скапа“, ова е една од најповторуваните изјави кога се зборува за остварување на правата на граѓаните пред македонските судови. 

Голем број на граѓани, некогаш не по своја вина, влегуваат во судските лавиринти надевајќи се дека ќе ја добијат правдата на своја страна, но наместо тоа завршуваат и разочарани и со повеќе трошоци.

Невоедначената судска пракса дополнително го поттикнува и сфаќањето дека судовите за едни се мајка за други макеа. Низ неколку примери на судски предмети во кои бил инволвиран граѓанин, којшто и е познат на редакцијата на Види Вака, но кој сакаше да остане анонимен, ќе се обидеме да претставиме зошто е важно за граѓаните, бизнисот и државата, правната сигурност да биде загарантирана. 

„Барањето на тужителите да се задолжат тужените да му ги  надоместат второстепените трошоци за состав на одговор на жалба 36.855,00  денари зголемено за судска такса за одговор на жалба, СЕ ОДБИВА како неосновано.  

„СЕ ЗАДОЛЖУВА должникот да им ги надомести на доверителите второстепените трошоци за одговор на жалба во вкупен износ од 13.025,00  денари, во рок 8 дена по приемот на решението.“ 

Цитатите погоре се извадоци од решенија на апелационен суд во Македонија за различни предмети во кои е инволвиран истиот граѓанин. Во првата одлука на апелациониот суд тој и неговата одбрана биле одбиени за надоместок на трошоците за одговор на жалба, додека во вториот сличен случај, тој треба да ги покрие трошоците на спротивната страна која дала одговор на жалба. 

„Проблемот не е во одмерување на висината, конкретно во преметот што ви го презентирам, во одмерувањето на висината на трошоците и употреба на слободното судско уверување при одлучувањето, туку всушност станува збор за проблем кога во закон децидно е наведено дека за одредена работа не следуваат адвокатски трошоци, истото е потврдено и низ судската пракса, но сепак во конкретниот предмет судот ја задолжи мојата странка со трошоци кои не следуваат во закон ниту пак се предмет на судска пракса“, вели адвокатот Диме Ѓорчевски. 

Или поедноставено, во слична ситуација истиот апелационен суд нам не ни ги досуди трошоците што е во ред и ние се согласивме во тоа, а во другата постапка на спротивната страна трошоците им ги досуди иако согласно закон овие трошоци не им следуваат, појаснува Ѓорчевски. 

Многу пати сме немоќни пред системот бидејќи во ситуација кога првостепениот суд ќе досуди или нема да досуди одредени трошоци истото решение второстепениот суд го потврдува и тоа нема право на правен лек и во таа сутуација се често оштетени нашите клиенти, вели Ѓорчевски. 

Сличен случај имала и адвокатката Татјана Донеска. Во нејзиниот предмет, нејзиниот клиент бил тужен и го изгубил спорот. Според Законот за парнична постапка тој што го губи спорот мора да ги надомести трошоците на постапката на „победничката“ страна. Но тие ја обжалиле оваа одлука пред повисокиот суд кој пак одлучил во негова полза. 

„Повисокиот суд рече да, дека нашиот клиент е во право дека правдата е на негова страна. Меѓутоа во делот на трошоците, иако му следуваат на клиентот, сепак образложението на повисокиот суд беше дека основниот суд требало да внимава дека нашиот клиент бил во право и дека поради тоа трошоците биле предизвикани“, појаснува Донеска.

На одлуката на повисокиот апелационен суд не може да се поднесе жалба и нејзиниот клиент нема начин како да докаже понатаму во државава дека е оштетен. 

„Не можеме ние оваа одлука да ја обжалиме понатаму бидејќи ова е последната инстанца кај нас. Не можеме да одиме пред Европскиот суд за човекови права затоа што за Стразбур ова е мал предмет. Единствено што преостанува е да се поведе постапка против судиите или да се тужи државата, меѓутоа знаете како оди тоа граѓаните кога ќе стигнат до одредена фаза и кога ќе видат како завршуваат работите се откажуваат“.

Татјана Донеска, адвокатка

Врховен суд е вонреден правен лек, но не за сите случаи

Како вонреден правен лек кој им стои на располагање на граѓаните е да изјават ревизија на пресуда или на решение од второстепен суд до Врховниот суд на Република Македонија. 

Но според Законот за парничната постапка ревизија може да се изјави кога вредноста на побиваниот спор надминува над 1 милион денари. Дополнително, без разлика на вредноста на спорот, ревизија може да се изјави и во спорови за: издршка, надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давателот на издршката, работните односи по повод престанок на работен однос, заштита на авторско право освен за паричните побарувања по тој основ, спорови што се однесуваат на заштита и употреба на пронајдоци и во спорови во кои во постапка по жалба второстепениот суд ја преиначил првостепената пресуда. 

Предметите коишто ги анализиме немаат толкава вредност и не спаѓаат во останатите категории за коишто ревизија или вонредна ревизија би можела да се изјави.

Прашавме во Врховниот суд дали судиите има донесено правно мислење во однос на различната судска пракса којашто се појавува во одлуките на судовите за трошоците на постапката, но од таму добивме одговор:

„Врховниот суд на Република Македонија нема донесено правно мислење во однос на определување на трошоци за одговор на жалба на решение на понизок суд согласно одредбите од Законот за парничната постапка.“

Извор: Одделот за судска практика во Врховниот суд

Од Врховен додаваат дека изјавување на ревизија само по однос на одлуката за трошоците на постапката не е дозволена, согласно член 372 во врска со член 391 став 1 и 3 од ЗПП. 

„Оттука, доколку во ревизијата се напаѓа одлуката за тужбеното барање, а во контекст на тоа и одлуката за трошоци на постапката, во зависност од тоа како ќе се одлучи по изјавената ревизија за тужбеното барање, така ќе се постапи и по однос на трошоците на постапката“, појаснуваат во одговорот од Одделот за судска практика во Врховниот суд.   

Претставки за неправилно применување на законот од страна на судиите  добива и Судскиот совет

Граѓаните имаат уште еден механизам за заштита на своите права пред судовите, а тоа е поднесување на претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судовите, претседателите на судовите и судиите. 

Но остварувањето на ова право не е на задоволително ниво. Од анализа на годишните извештаи на Судскиот совет, речиси 99% од претставките на граѓаните се одбиват како неосновани. 

Дополнително, остварувањето на ова право талкаше низ институциите изминатите години со што дополнително се наруши правната сигурност на граѓаните. Имено, со формирањето на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија во 2015 година ова право беше префрлено во негова надлежност за по две години, откако беше укинат Советот за факти, повторно да се врати во надлежност на Судскиот совет од 2018 година.    

Претставките на граѓаните се разгледуваат на седници, се читаат основите во претставката и членовите на Советот оценуваат дали таа е основана или неоснована.

2018

Претставки

754

Неосновани

609

Основани

6

Делумно

4

Повлечени

5

2019

Претставки

554

Неосновани

500

Основани

2

Делумно

0

Повлечени

0

2020

Претставки

531

Неосновани

485

Основани

4

Делумно

2

Повлечени

2

Извор: Годишни извештаи за работата на Судскиот совет

Како основи на претставките се повеќе. Незадоволство од работењето на судот поради одолговлекување на постапката, случаи кога не се почитувани предвидените рокови за преземање на процесните дејствија на донесување, објавување и изготвување на судските одлуки и сл. Но има и онакви за неправилна примена на законот, како што се случаите за коишто пишуваме. 

„Во дел од претставките подносителите сметаат дека судиите во текот на постапувањето по одделни предмети не го примениле правилно законот, односно сториле повреда на процесниот и материјалниот закон со што покажале нестручност и несовесност во вршењето на судиската функција“, стои во последниот извештај на Судскиот совет за работата на советот за 2020 година. 

Од Советот појаснуваат дека дури и да е основана претставката, работата на Советот е да ја преиспита работата на судијата, но не може да ја промени донесената одлука со оглед дека судската одлука може да се менува или укинува единствено од надлежен суд, во постапка пропишана со закон, по евентуален правен лек. 

Граѓанска организација Институт за човекови права вршеше редовен мониторинг на работата на Судскиот совет. Во нивниот последен извештај од јануари 2020 година наведуваат дека е потребно:

„Подеталното разгледување на претставките и одговорот што Судскиот совет им го дава на странките за основаноста и неоснованоста на претставката е многу важно за враќањето на довербата на граѓаните во овој орган“, стои во Мониторинг извештајот за работата на судскиот совет бр. 6. 

Адвокатите велат дека и покрај правните ќорсокаци до кои доаѓаат во одредени ситуации сепак ги охрабруваат и своите клиенти и граѓаните дека и понатаму треба да се предизвикуваат институциите и системот бидејќи тоа е еднствениот начин на кој може да се случи позитивна промена. 

„Кај нас мислам дека сите се согласуваме дека имаме добри закони, меѓутоа проблемот е нивната примена. Кога правосудните органи би ги почитувале законите и кога би ги применувале како што треба и воопшто кога целата власт би применувала сè што е напишано на хартија мислам дека се би функционирало одлично. Работата е во тоа како се применуваат. Дали правилно дали неправилно“, смета Донеска..

„Имајќи предвид дека дека правдата во нашата држава е скапа и не секој може да си дозволи адвокат само по себе е обесхрабрувачко за граѓаните, но и во ситуација кога сметајќи дека правдата е на нивна страна поведуваат одредени постапки и на крајот нема да им бидат надоместени трошоците кои им биле предизвикани, а успеале во постапката или пак ќе бидат задолжени со трошоци коишто воопшто не следуваат со закон е проблематично и е на штета на правдата и правичноста“, заклучува Ѓорчевски.    

И Стразбур ни вели да ја воедначиме судската пракса

Ефикасен судски систем кој ќе обезбедува заштита на човековите права е приоритет на Врховниот суд и на судовите во Македонија. Ова го истакна претседателката на Врховниот суд Беса Адеми на средба со претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано. 

Покрај тоа, на средбата на Спано со судиите на Врховен, се зборувало и за воедначување на судската пракса што ќе придонесе за поголема правичност и ќе ја врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.

„Вие сте на првата линија во заштитата на правата и слободите на вашите граѓани. Начелата на конвенциското право и начелата на Европскиот суд за човекови права треба да се применуваат во сите судски инстанци, од сите судии, а особено од  врховните судии. Во тоа е и суштината и логиката на начелото на супсидијарност, но и на владеењето на правото“, истакна судијата Спано.

Клучно за промените е да се во насока на владеењето на правото. Оттука, секогаш треба да се има предвид дека владеењето на правото и демократијата се извојуваат секојдневно и затоа тие мора континуирано да бидат применувани, првиот претседателот на ЕСЧП Спано.

Facebook
Twitter
LinkedIn