Синдикатите бараат, Владата тактизира, а работникот чека достоинствен живот

Цените на основните потреби и трошоци на граѓаните растат побрзо од платите. Синдикатите бараат минимална плата од 500 евра, а Владата според законските процедури донесе сама одлука за порастот од 1 800 денари на минималната плата.
Автор: Ангела Петровска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Првпат Владата донесе сама одлука за минималната плата во Македонија. Без Економско-социјалниот совет и без претставници на работниците одлучи минималната плата да се зголеми за 1 800 денари и да изнесува сега 24 400 денари, зголемување согласно законското усогласување. Седницата на Економско-социјалниот совет која беше планирана за овој месец, зависи од претходното заседавање на Комисијата за репрезентативност, која треба да утврди дали ССМ останува репрезентативен синдикат, бидејќи неговата репрезентативност истекла минатата година.

Сојузот на синдикатите на Македонија бара минималната плата да биде зголемена на 500 евра, а останатите плати да се зголемат за 100 евра, бидејќи како што велат платите во Македонија се мизерни во однос на регионот и имајќи ги предвид трошоците за живот. Сегашната минимална плата да се зголеми за 6 000 денари, а придонесите за разликата до 30 000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, една година да ги субвенционира Владата.

Според пресметките на ССМ за минималната синдикална кошница, која сега изнесува 63 000 денари, граѓаните ниту со две и пол минимални плати не можат да си ги покријат основните трошоци за живот во Македонија.

„Синдикалната минимална кошница не е параметар со кој ние работниците сакаме да кажеме со колку можеме да преживееме, туку да покажеме на креаторите на политиките дека не се преживува ниту со толку“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, за Види Вака.

Цела Влада на минимална плата – изгласа Сојузот на синдикатите на Македонија на „јавна седница“

Бидејќи Владата донесе одлука за минималната плата без Сојузот на синдикатите на Македонија, синдикалците одржаа „јавна седница“ на улица каде изгласаа цела Влада да биде на минимална плата.

Синдикалците пред Владата порачаа или ќе има зголемување од 6 000 денари на минималната плата или ќе одат на протести и генерален штрајк.

Работничката мака ги скара Владата и синдикатите

Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ деновиве излезе со низа обвинувања кон Сојузот на синдикатите на Македонија. Оттаму велат дека ССМ не е репрезентативен синдикат бидејќи нивната репрезентативност истекла.

„Немаме репрезентативен синдикат затоа што репрезентативноста истекла. Именувавме комисија, претставници од 3 институции, од Министерство за социјални работи, демографија и млади, од Министерство за правда и од Министерство за економија и труд. Ја поминавме на владина седница, таа комисија ќе се состане и ќе одреди репрезентативен синдикат. Ние што треба да направиме како Влада? Знаеме дека согласно закон треба да донесеме одлука за минималната плата. Ние како Влада мораме да постапиме согласно закон, таму има методологија и ние донесовме врз основа на закон. Но велиме, секоја одлука, секој договор кој ќе го постигнат работниците и работодавачите во било кој период од годината ние ќе го поддржиме,“ изјави премиерот Христијан Мицкоски на телевизиско гостување.

Според ВМРО-ДПМНЕ позади протестите на работниците и синдикатите стои опозициската СДСМ.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија исто се спротистави на Сојузот на синдикатите на Македонија, иако во последните години неколкупати седнаа заедно на маса. Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, ги обвини ССМ за популизам во минатото и изјави дека доколку се почитуваат законите минималната плата ќе расте повеќе.

„Со почитувањето на законите минималната плата растеше повеќе отколку што растеше кога правевте популизам, затоа што не нè слушнавте нас, не слушнавте што зборуваме. Кога шетавме по улиците за да законите и колективните договори вие бевте глуви. Во 2022 година кога СОНК беше во штрајк, а САДУ на протести заедно со сите синдикати, бидејќи многу се грижевте, вие отидовте во Владата да ја спасите знаете ли зошто? Затоа што во 2020 година кога платите беа 18 илјади и минималната плата, платите во јавниот сектор ДГ1 беше под минимална плата, од 16 464 денари“, вели Ралповски во телевизиско гостување.

Трошоците за живот растат многу побрзо отколку платата на работникот

Трошоците за живот на граѓаните растат многу побрзо отколку нивната плата. Според пресметките на ССМ, минималната синдикална кошница за јануари 2025 година изнесува 63 252 денари, која е зголемена за 391 денари споредбено со трошоците во декември 2024 година. Минималните месечни примања не ги покриваат основните потреби на граѓаните како што се храна, облека, станарина, комуналии, здравје и транспорт. Растот на цените на основните потреби се одвива многу побрзо од зголемувањето на платите што ги става работниците во тешка финансиска ситуација.

Ситуацијата во Македонија покажува економска нееднаквост помеѓу растот на цените и платите.

Тековната ситуација во Македонија одразува длабока економска нееднаквост, во која цените на основните потреби растат многу побрзо од платите на работниците. Владата донесе одлука за зголемување на минималната плата, но без консултации со синдикатите, што предизвика незадоволство кај синдикатите, но и работниците. Сојузот на синдикатите на Македонија бара значајно зголемување на минималната плата и подобри услови за живот, нагласувајќи дека тековната плата не може да ги покрие основните трошоци за живот. Економската нееднаквост меѓу растот на платите и цените се влошува, што ги става работниците во уште посложена ситуација. Ова создава напнатости помеѓу синдикатите, Владата и политичките партии, со можност за протести и штрајкови доколку не се постигне договор за подобри услови за работниците. Синдикатите бараат, Владата тактизира, а работникот е тој којшто чека и се надева дека наскоро ќе дочека достоинствен живот.

Facebook
Twitter
LinkedIn