Сексуалното насилство помеѓу малолетници е аларм за целото општество

„Децата не се „лоши“ по природа, тие се огледала на својата околина. Затоа, најголемата превенција лежи во создавање на безбедни, информирани и емпатични средини во кои тие можат здраво да се развиваат“ - Цветанка Бурзевска, психолог.
Автор: Љубица Иванова, Бјанка Станковиќ
Продукција: Види Вака

Порнографија, насилни видеа, „предизвици“ на социјалните мрежи, можат да влијаат на искривена перцепција на сексуалноста, врските и границите, а во недостаток на психоедукација и отворен разговор, децата можат да експериментираат на погрешен и опасен начин.

Три случаи на малолетничко сексуално насилство во Македонија во само неколку денови ја потресоа јавноста, а според Цветанка Бурзевска – лиценциран психолог, причините за ваквото однесување не се едноставни, туку често се резултат на повеќе меѓусебно поврзани фактори: психолошки, семејни, општествени и културни.

„Децата и адолесцентите кои покажуваат ваков вид на однесување често имаат тешкотии со препознавање и регулирање на сопствените емоции, како и недоволно развиена емпатија. Тоа може да се должи на занемарување, злоупотреба, несоодветно родителство или недостиг од поддршка во емоционалното развивање. Насилството може да биде научено однесување, особено ако детето расте во семејна средина со насилни модели – било физички, вербални или сексуални. Кога децата сведочат на такви модели на релации, можат да ги интернализираат и да ги реплицираат во односите со врсници. Современите медиуми, особено преку Интернет, нудат ран и често несоодветен пристап до експлицитна содржина (порнографија, насилни видеа, „предизвици“ на социјалните мрежи). Ова може да влијае на искривена перцепција на сексуалноста, врските и границите. Во недостаток на психоедукација и отворен разговор, децата можат да експериментираат на погрешен и опасен начин,“ вели Бурзевска, потенцирајќи дека некои деца извршуваат насилство под влијание на групен притисок или како начин да се чувствуваат моќно и доминантно.

Во фази кога идентитетот е сè уште во развој, чувството на контрола врз другото лице може да биде замена за чувство на лична вредност или самодоверба, а според Бурзевска, сексуалното насилство помеѓу малолетници е аларм за целото општество и бара интердисциплинарен пристап, едукација, психолошка интервенција и социјална одговорност.

29.03.2025 – Случај Велес
Малолетници од Велес кои не наполниле 15 години снимиле сексуално експлицитно видео на нивните мобилни телефони со дете кое исто така нема 15 години. Тие со видеото го уценувале детето и сo oва сториле кривични дела уцена и полов напад врз дете кое не наполнило 15 години. Видеото кружи меѓу ученици од основните училишта. Снимено е на летниковец на улица „Браќа Капчеви“. Сите деца се од различни основни училишта од градот. Едно дете се појавува во изминатите неколку месеци како сторител на кривичните дела насилство и тепачка во неколку наврати.

Од Основното јавно обвинителство Велес, информираат дека веќе презеле дејствија во предметот.
„За пријавеното малолетно лице кое е под возраста што дозволува да биде кривично одговорно известен е Центарот за социјални работи за да преземе соодветни дејствија. За пријавен малолетник кој е на возраст од 14 години, пак, поведена е постапка и до судијата за деца во Основниот суд Велес, предложена е мерка згрижување во воспитна установа додека трае постапката против него. Се работи на обезбедување на сите докази, а Обвинителството и надлежните служби преземаат дејствија за целосно испитување на настанот“, соопштија од ОЈО Велес.

29.03.2025 – Случај Битола
Двајца малолетници од Битола во неколку наврати со закана принудувале две малолетни девојчиња на секс, заканувајќи им се дека поседуваат видеоматеријал од нив, соопштија од СВР Битола.
Случајот во полиција го пријавила 37-годишна битолчанка, мајка на едно од девојчињата.

5.4.2025 – Случај Гостивар
Основното јавно обвинителство Гостивар до судијата за деца во гостиварскиот Суд поднесе барање за поведување подготвителна постапка и предлог за определување мерка притвор за 15-годишно дете во судир со законот за кое постои сомнение дека сторило продолжено кривично дело – Силување дете кое не наполнило 15 години од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Осомничениот, во неколку наврати, искористувајќи отсуство на родителите, намамувал петгодишно девојче во куќа и вршел обљуба врз него.
Судијата за деца го прифати предлогот и определи притвор за детето во судир со законот.

Не постои еден „типичен“ психолошки профил на малолетен деликвент

Во психологијата не постои еден „типичен“ психолошки профил на малолетен деликвент, бидејќи причините за деликвентно однесување се мултифакторски и зависат од спојот на индивидуални, семејни, социјални и средински фактори, оттука не постои еден „типичен“ психолошки профил на малолетен деликвент, објаснува Бурзевска.

Сепак, одредени карактеристики и психолошки модели на однесување се чести кај младите кои пројавуваат девијантно или антисоцијално поведение.

Емоционална дисрегулација и агресивност, ниско ниво на емпатија, импулсивност и ниска самоконтрола, идентификација со негативни модели, слаба самодоверба и потреба за прифаќање, трауматски искуства и занемарување, ниско образовно постигнување и когнитивни тешкотии се само некои психолошки фактори за деликвентно однесување.

Покрај тоа постојат и семејни и средински фактори кои го поттикнуваат деликвентното однесување, како недостиг на родителска грижа и надзор, занемарување или злоупотреба во домот, живеење во социјално ранливи и криминализирани заедници, висок конфликт или семејна дисфункција, припадност на банди или девијантни групи.

„Деликвентното однесување кај малолетници е симптом на подлабоки психолошки и социјални проблеми, а не израз на „лоша природа“. Наместо казнување, ефикасниот пристап е интегрирана психолошка поддршка, семејна работа и општествена одговорност. Младите имаат потенцијал за промена – важно е да ги видиме не само низ нивните грешки, туку и низ можностите за раст и развој,“ вели Цветанка Бурзевска – лиценциран Психолог, ЕАГТ Гешталт Арт Психотерапевт.

Последните јавно достапни информации во врска со детско престапништво се од 2023 година.

Податоците од Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2023 година покажуваат дека вкупниот број на деца кои во 2023 извршиле прекршок е 940. Најголем број прекршоци се извршени во Тетово (302), а најмалку во Струмица (30). 

Поголем дел од извршителите – 909 деца или 97% се машки деца, додека 31 детe или 3% се од женски пол. 

Во однос на возраста, 313 деца или 33% се помлади од 16 години. Процентот на помлади малолетници меѓу извршителите на прекршоци е највисок во Струмица (67%) а најнизок во Битола (4%). 

Вкупен број на деца на кои во 2023 им се изречени прекршочни санкции е 1617, од нив 1564 (97%) се машки и 53 (3%) женски. 

Најголем број прекршочни санкции се изречени од судот во Скопје (357) и Тетово (320). Во судот во Крива Паланка, Неготино, Ресен, Свети Николе и Штип не се изречени прекршочни санкции. 

Бројот на деца спрема кои јавниот обвинител поднел предлог за примена на санкција во текот на 2023 година e 402 деца, што претставува 43% од вкупно 944 деца спрема кои биле поднесени кривични пријави до основните јавни обвинителства.

Заводски мерки во 2023 се изречени кон 12 деца, од кои во воспитна установа се упатени 6 деца и во Воспитно поправен дом се упатени 6 деца. Сите мерки се изречени против машки деца. 

Во 2023 казна затвор е изречена на четири деца, три од машки и едно дете од женски пол. Казните се изречени од ОС Тетово, ОС Кавадарци и ОС Скопје. Оваа казна во 2022 беше изречена на четири деца, а во 2021 на две деца. 

Мерка притвор им е изречена на 10 деца. Седум се изречени од ОС Скопје, две од ОС Тетово, една од ОС Охрид. Девет се изречени на деца од машки пол, една на дете од женски пол. 

Во 2023 година судовите донеле одлуки за обештетување на девет деца жртви, осум деца од машки и едно од женски пол. Осум одлуки се донесени од ОС Кавадарци, една од ОС Гевгелија. Решение со кое се одбива барањето за обештетување е донесено за 34 деца, 20 од машки и 14 од женски пол. Сите одлуки се донесени од ОС Скопје. 

Еден од клучните предизвици идентификуван според податоците од Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2023 година, е неисполнувањето на законската обврска за формирање општински совети за превенција на детско престапништво во голем дел од општините во Македонија и покрај законската обврска и казнената одредба што се пропиша во Законот за правда за децата. Во некои општини воопшто не се формирани општински совети, во дел се формирани а не се активни, а во многу мал дел од општините формираните општински совети навистина се активни. Главниот проблем е во отсуство на финансиски средства за остварување на нивните активности во буџетите на локалната самоуправа. – стои во извештајот.

Семејната средина игра клучна улога во развојот и превенцијата на деликвентно однесување кај младите

Многу истражувања во психологијата, социологијата и криминологијата укажуваат дека раните искуства во семејството се основа за формирање на емоционалната стабилност, моралниот развој и способноста за саморегулација кај детето.

Стиловите на родителство играат значајна улога во воспитанието на едно дете.

„Кога децата не чувствуваат сигурна приврзаност, топлина и прифаќање во семејството, тие можат да бараат припадност и признание во ризични групи, банди или преку агресивно однесување, насилство и конфликти во семејството, недостиг на надзор и поставени граници,“ истакнува Бурзевска.

Емпатија, топлина и разбирање од страна на родителите, јасна комуникација и поставување здрави граници, поддршка при учење и развој, инволвираност во животот на детето, ненасилна средина која промовира безбедност и доверба се позитивни семејни влијанија како заштитен фактор.

Улогата на училиштето е важна за превенција на деликвентно однесување

Покрај семејството, училиштето исто така игра клучна улога во навремено препознавање и спречување на деликвентно однесување кај децата. Училиштето како структурирана средина каде се негуваат вредности, почит и дисциплина, професори кои се вклучени, чувствителни и подготвени да забележат промени во однесувањето и секако психолошка поддршка преку училишни психолози или педагози се многу важни во развојот на една личност.

Влијанието на врсниците и училиштето е клучно во формирањето на однесувањето кај младите, а деликвентното однесување може да се препознае и спречи навремено, особено ако постои соработка помеѓу родителите, училиштето и професионалците од менталното здравје.

Поддршка во социјализација, развој на емпатија и самодоверба, чувство на припаѓање на група може да биде посилно од личните морални вредности. Но, изолација или одбивање од врсници понекогаш води кон агресија или повлекување – истакнува Бурзевска.

Неказнивоста и благите казни како зелено светло за насилниците

Контроверзната судска пресуда за 13-те велешани за трговија со дете, полов напад, силување и производство и дистрибуција на детска порнографија потврди зошто јавноста има ниска доверба во судството во Македонија.

Затворските казни кои под законскиот минимум добија 13-те велешани за трговија со дете, полов напад и силување и производство и дистрибуција на детска порнографија ја актуелизираше дебатата за висината на казните во земјата

Пет и пол години затвор е највисоката казна која е изречена за овој случај, а шестмина добија затворски казни од една и пол година, изречена е и една условна осуда од две години затвор која ќе се изврши само ако во наредните пет години обвинетиот не стори кривично дело.

„Изречените казни се многу ниски под минимумот што испраќа една порака и до овие сторители, но и до сите останати сторители на сексуално насилство или било која форма на родово базирано насилство, дека нашата казнена политика е блага и дека на некој начин дава зелено светло или не е толку опасно да се вршат такви сериозни кривични дела,“ изјави тогаш за Види Вака Наташа Бошкова, адвокатка и правна советничка во Коалиција Маргини, полномошничка на детето жртва.

Види Вака и претходно пишуваше дека Судството со изречени благи казни им дава зелено светло на насилниците.

13-те велешани добија затворски казни под законскиот минимум за силување малолетничка

Според психолотот Бурзевска неказнивоста за сторителите на сексуално или друго насилство има длабоки и трауматски последици кај жртвите, не само за индивидуалната психа, туку и за нивниот однос кон општеството, правдата и себеси. Оваа состојба често води до продлабочување на психолошката траума, чувство на неправда и губење на доверба во системот.

Продлабочување на траумата, губење на доверба, во институции и луѓе, внатрешна вина и самопрекор, општествено молчење и срам, чувство на неправда, ризик за генерациски пренос на траума се некои од главните психолошки, емоционални и социјални последици од неказнивоста.

Неказнивоста е втора траума – вели Цветанка Бурзевска, а кога жртвата не добива правда, повторно се повредува. Психолошки гледано, неказнивоста е вторично насилство – тивко, но длабоко. Таа спречува опоравување, одржува траумата и го поттикнува чувството дека животот е небезбеден.

И покрај неодамнешните законски измени, во правосудниот систем само ограничено се изрекуваат алтернативни мерки на притворот за деца, како што е медијацијата, и постојат празнини во податоците за децата жртви и сведоци, покажува Анализата на состојбата со децата и адолесцентите во Македонија на УНИЦЕФ.

Во оваа анализа исто така се истакнува дека Националната стратегија за превенција и заштита на децата од насилство (2020-2025) која се фокусира на елиминирање на насилството врз децата е поткопана од недоволното финансирање и меѓусекторска координација.

Последиците од сексуално насилство и вознемирување се длабоки и долготрајни

И кај жртвите и кај сторителите, особено кога се работи за малолетни лица, последиците од сексуално насилство се длабоки и долготрајни, а траумите не се само моментални, туку формираат начин на гледање на светот, на себе и на другите и ги одредуваат идните односи и однесување.

И жртвите и сторителите често влегуваат во зачаран круг на срам, вина и тајност, вели психологот додавајќи дека многу млади не зборуваат за своето искуство, што го одложува процесот на заздравување, а тоа пак носи ризик за развој на психопатологија, зависности, нарушени односи и агресивно/автоагресивно однесување.

Скоро 40 силувања годишно во Македонија се случувуваат врз деца кои не наполниле 15 години

05.04.2025 – случај Македонски Брод
МВР поднесе кривична пријава против лицето Б.С. (64) осомничен за силување на малолетно од Македонски Брод.
„Б.С. се сомничи дека на 03.04.2025 во Македонски Брод бакнувал и допирал по телото малолетно девојче од Македонски Брод. На настанот од 03.04.2025 му претходел ист таков настан на 07.03.2025 од Б.С. кон истото девојче, за што од страна на очевидци било пријавено во Центарот за социјални работи во Македонски Брод“, вели МВР.

Според медиумите, малолетното девојче живеело во згрижувачко семејство од Македонски Брод, а осомничениот бил редовен клиент во продавницата на семејството кое се грижи за девојчето. Од судија на претходна постапка на лицето Б.С. му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, а е испратен во затворот во Битола.

06.04.2025 – Случај Охрид
Синоќа во 23:11 часот во СВР Охрид било пријавено дека едно лице на улицата „Дејан Војвода“ во Охрид околу 18,00 часот им пришол на две малолетнички и преку разни гестикулации почнал полово да ги вознемирува.

По преземени мерки во врска со настанот лишено од слобода 22-годишно лице од Кичево. Се работи на целосно расчистување на случајот по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопшти СВР Охрид.

38,7 односно скоро 40 силувања годишно во Македонија се случувуваат врз деца кои не наполниле 15 години, покажува статистиката на МВР од 2010 до 2023 година.

Просечниот број на сторители на годишно ниво е исто така 39.

Гледајќи ја оваа временска рамка, севкупниот број на најмногу вакви дела (99) се случиле во Скопје, а ако се разгледува по поединечни години, најмногу вакви дела (19) се евидентирани во 2010 година и тоа на територија на СВР Штип.

Насилството врз децата останува сеприсутен проблем, со појава и на нови форми, како што се онлајн насилството и технолошки олеснетото насилство, со пораст на експлоататорските и штетни онлајн содржини на децата, стои во анализа на состојбата со деца и адолесценти во Македонија на УНИЦЕФ.

Речиси три четвртини од сите деца (73%) се изложени на насилно дисциплинирање во домот, додека стапките на физичко казнување и психолошка агресија се повисоки кај момчињата, ромските деца и децата со попреченост. Слично на состојбата во останатите земји на Западен Балкан, врсничкото насилство е значително застапено, при што 19 проценти од учениците се соочуваат со малтретирање. Исто така, висока е преваленцата на детски бракови (8%) во земјата, што особено ги погодува жените и девојчињата Ромки (45%), оние со ниско образование и од пониско социо-економско потекло. Структурните предизвици, како што се несоодветното финансирање на услугите за превенција и одговор, прекумерно ги оптоварува Центрите за социјална работа, додека слабото давање интегриран одговор и спроведување на протоколите ги усложнуваат овие прашања. Социјалните норми и недостатокот на свест за ненасилните методи на дисциплинирање придонесуваат за постојаноста на насилните практики, поради што има нагласена потреба за повеќе иницијативи за родителство.

Потребни се иницијативи за пошироко запознавање на граѓаните со правата на децата и расправи за здраво семејство, за заштита на децата од наркоманија, алкохолизам и други болести на зависност, за проблемите на образованието и воспитувањето, за односот на средствата за јавно информирање и за другите фактори што влијаат врз спречувањето на детското престапништво.

За целосно остварување на законските, стратешките и програмските определби, според извештајот на Државниот совет, неопходно е да се обезбедат соодветни просторни и материјално-технички услови. Градоначалниците и општинските совети во Македонија треба да ги исполнат обврските предвидени со Законот за правда за децата, како што се формирање на општински совети за превенција на детско престапништво, изработка на годишни програми, доставување извештаи до ДС, како и обезбедување поддршка за нивно функционирање. Сите надлежни институции вклучени во системот на правда за децата треба да спроведуваат превентивни активности согласно Националната стратегија и да го унапредат системот за прибирање и обработка на податоци, како и обуката на кадарот за евидентирање и постапување со деца жртви. Професионалците треба да се обучуваат според Меѓусекторскиот протокол, а судовите и јавните обвинителства треба да ги применуваат законските решенија поврзани со ресторативна правда, алтернативни мерки и мерки на одвраќање. Јавното обвинителство да ја продолжи соработката со ВПД Тетово во Волковија, а судовите да изрекуваат мерки на безбедност во случаи на зависности, како и да водат евиденција за децата жртви. МВР треба да го унапреди користењето и опремувањето на простории за разговор со деца, додека системот треба да обезбеди поголема функционалност во остварувањето на правата на децата за бранител и бесплатна правна помош. Адвокатите потребно е континуирано да се обучуваат. Треба да се обезбедат образовен процес и здравствена заштита во ВПД Тетово и Затворот во Охрид, како и да се зајакне улогата на центрите за социјална работа за постпенален третман на децата. Институционалните услови за извршување на дисциплинската мерка, Упатување во Центар за деца во Скопје, мора да се подобрат, со развој на мрежа на регионални центри. Исто така, потребно е унапредување на стандардите за згрижувачките семејства и поддршка на истражувања за анализа на ризик факторите што водат до пораст на деца во ризик и деца жртви.

Превенцијата од малолетничка деликвенција претставува клучен елемент во заштитата на децата и обезбедување на нивен здрав развој и интеграција во општеството. Системскиот пристап, кој ги вклучува сите релевантни институции: образовни, социјални, судски, полициски и локални самоуправи е од суштинско значење за создавање на безбедна и поддржувачка средина за децата. Преку навремено препознавање на ризик-факторите, јакнење на семејствата, унапредување на образовниот систем, обезбедување психосоцијална поддршка и креирање на програми за позитивен развој, може значително да се намали ризикот од девијантно однесување кај младите. Инвестирањето во превенција не само што придонесува кон личен развој на децата, туку и создава побезбедно и поодговорно општество за сите.

Актуелна е серијата на Нетфликс „Адолесценција“, којашто говори токму за генерацискиот јаз, но и кои се последиците на врсничкото насилство и младите денес. Преку ликот на Џејми, тринаесетгодишно дете од обично семејство, серијата ја открива големата психолошка длабочина на проблемите кои не се видливи на прв поглед. Џејми не е физички малтретиран, но страда од недостаток на емоционална врска со родителите, што води до неговото девијантно однесување. Серијата наметнува низа прашања за тоа како општеството, но и системите ги обликуваат одлуките и моралот. Оваа серија не само што ја отсликува глобалната реалност, туку и ја осветлува сериозноста на проблемот со насилството меѓу малолетниците во Македонија, каде што е потребно гласно да се зборува и да се дејствува за да се разбуди целото општество.

Facebook
Twitter
LinkedIn