Сексуалните работници дистанцирани и социјално стигматизирани

Сексуалните работници/чки во време на пандемија со ковид-19 дополнително стигматизирани. Дали нивната работа не заслужува законска регулација, но во нивна корист?
Автор: Сунаи Сабриоски
Камера и дрон: Крсте Шупев
Монтажа: Горјан Атанасов
Продукција: Види Вака

Ковид-19 пандемијата придонесе кон зголемување на многубројните здравствени и социјални нееднаквости помеѓу ранливите популации, како што се сексуалните работници/-чки.

Голем дел од сексуалните работници/-чки почувствувале негативно влијание врз општата благосостојба, меѓусебната интеракција, финансиските средства, основните средства за живот, како што се домување, храна, итн.

Ова се дел од заклучоците од истражувањето за влијанието на пандемијата од ковид-19 врз менталната, здравствената, социјалната и економската благосостојба на сексуалните работници/-чки во Македонија.

Истражувањето е спроведено минатата година во месеците јули и август од страна на Првиот колектив на сексуални работници на Балканот „СТАР – СТАР“, а со него се опфатени 50 сексуални работници/-чки.

Негативно е и искуството наМоника Тасевска, која веќе долги години работи како сексуална работничка. Во време на пандемијата од ковид-19 три месеци не работела ништо поради сите рестриктивни мерки.

Краткиот документарен филм во продукција на Види Вака, „Сексуалните работници дистанцирани и социјално стигматизирани“, преку личната приказна на сексуалната работничка, Моника Тасевска, ги претставува системските проблеми на оваа категорија на граѓани кои произлегуваат од пандемијата. Покрај тоа, документарецот го опфаќа и барањето за декриминализација на сексуалната работа во земјава.

Пандемијата од ковид-19 најмногу што ги има погодено сексуалните работници е да не изгубат некој близок, да не станат самите жртви на вирусот, бидејќи како што посочува Моника Тасевска државата ги исклучила во целост, без никаква поддршка. Тасевска подвлекува дека дополнително со пандемијата од ковид-19 биле ставени како најризична група граѓани и од сиромаштија и од насилство.

Правно регулирање и декриминализација на сексуалната работа

Борче Манев Божинов од Првиот колектив на сексуални работници на Балканот „СТАР-СТАР“ смета дека во земјава преовладуваат двојни аршини. Од една страна постојат луѓе коишто ги купуваат односно ги користат сексуалните услуги, меѓутоа од друга страна одбиваат да ја препознаат сексуалната работа како работа и да ги прифатат сексуалните работници како работници.

Божинов додава дека кога се зборува за правна регулација на сексуалната работа, за прифаќање на сексуалната работа, треба да се појасни дека тоа се луѓе коишто со свои полни 18 години одлучиле, без ничија присила и своеволно, да се впуштат во сексуалната индустрија.

Во истражувањето на Првиот колектив на сексуални работници на Балканот „СТАР-СТАР“ се наведува дека во услови кога сексуалната работа не е конкретно правно регулирана и признаена како дејност, сексуалните работници не се во можност да ги користат економските мерки кои важат за останатите стопанства и индустрии, не можат да работат во здравствено контролирани околности кои овозможуваат заштита и придонесуваат кон спречување на ширење на пандемијата. Понатаму, се наведува дека иако постои релативно висока свест за националните мерки за намалување на последиците од ковид-19, опфатот со овие мерки помеѓу учесниците/-чките е ограничен.

Влада: Сексуалната работа е нелегална, сексуалните работници заштитени само од насилство

Од Владата  посочуваат дека во однос на прашањето за социо-економски мерки за сексуалните работници/чки,  државата не може да креира мерки за оваа група на лица, потенцирајќи дека тоа се смета за вршење на  нелегална работа согласно законските прописи во Република Северна Македонија.

Оваа целна група, потенцираат од Влада, е опфатена во протективното законодавство односно сексуалните работници/чки се опфатени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и истите треба да бидат заштитени согласно законот во случај кога се јавуваат како жртви на родово базирано насилство.

Во Македонија вршењето дејност поврзано со сексуалната работа се смета за нарушување на јавниот ред и мир:

„Кој се оддава на проституција, како и издава, односно става на располагање простории за вршење на проституција ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност, додека некои други активности поврзани со сексуалната работа (подведување, охрабрување, заработување од посредување за сексуални услуги) се третираат и казнуваат како кривични дела“.

Во Македонија сексуалната работа не е признаена како работа што често ги принудува сексуалните работници да работат тајно и да се кријат, да не зборуваат отворено за својата работа, ниту со семејството, ниту со партнерите, плашејќи се да не бидат откриени. Сексуалните работници се социјално исклучени, истите се соочуваат со низа проблеми кои имаат негативно влијание врз нивниот живот и работа.

Потребно е да се препознаат сексуалните работници/- чки како особено ранлива популација на ковид-19 и последиците од пандемијата и да се определат пакет социо-економки мерки со цел таргетирана поддршка на оваа заедница.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn