Правата од социјалната заштита се едни од најважните права кои ги остваруваат граѓаните. Покрај индивидуалниот бенефит за примателот на социјалната помош, правата од социјалната заштита имаат влијание и врз целото општество. Намалување на сиромаштијата, поддршка на ранливите групи и промовирање на самостојно и пристојно живеење за граѓаните се само дел од придобивките за целата заедница.
Но остварувањето на овие права не секогаш се одвива според потребите на граѓаните. Недостаток на кадар во институциите, неправилно утврдена фактичка состојба, долги постапки за докажување на потребата од добивање на правата од социјална заштита се само дел од препреките со кои се соочуваат граѓаните кои бараат остварување на социјална помош.
Таков е случајот и на скопјанката Добринка Рамовиќ. Таа има 74 години и веќе десетина години, по преживеани два мозочни удари, има потреба од помош и нега од друго лице. Рамовиќ ја сподели својата приказна со Види Вака за нејзиното талкање низ институциите за да оствари право од социјалната заштита.
„Лежев во болница, ми даваа терапија. Ме снимаа, ми најдоа спондилоза, ишијас, реума, остеопороза. Сите тие болести. Се пробаа. Ми даваа разни апчиња, инекции во рамо примав. Ништо, ништо не ми помогна“, вели Рамовиќ.
Поради отежнатото движење и големи болки, поучена од својата докторка, Рамовиќ поднела барање за добивање на надоместок за помош и нега од друго лице до Центарот за социјални работи во Скопје (ЦСР). Првото барање за добивање на ова право од социјалната заштита Рамовиќ го има поднесено во 2016 година.
Според Законот за социјалната заштита, правото на надоместок за помош и нега од друго лице има лице со навршени 26 години возраст, со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги врши основните активности од секојдневниот живот доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.
Добринка Рамовиќ добила позитивен одговор во 2016 година од Центарот за социјални работи при што и било определено дека таа има потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем, односно дека нејзината состојба е тешка.
Според Законот, контролен преглед се врши по две години од започнувањето на користењето на ова право. И тогаш започнуваат проблемите за Рамовиќ.
„По истекот на овие 24 месеци и по поднесено ново барање за продолжување на правото за помош и нега од друго лице, барателката примила ново решение од ЦСР со кое и престанува правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице“, вели Андријана Марковска, правничка во Македонското здружение на млади правници (МЗМП) коешто и дава правна помош на Добринка Рамовиќ
Институционални апсурди
Рамовиќ не знаела дека може да побара правна помош од Македонското здружение на млади правници. Се обратила за правна помош до здружението кое го земало нејзиниот предмет кој го следат бројни институционални апсурди.
Како што појаснува правничката Марковска, проблематично е тоа што Рамовиќ добила решение со кое и престанува правото.
„Клучниот проблем тука е дека стручната комисија воопшто не извршила непосреден преглед врз барателката и наодот, оценката и мислењето го има донесено врз основа на медицинската документација која барателката ја има доставено со првичното поднесено барање во 2016 година“, вели Марковска.
На ова негативно решение е поднесена жалба до второстепениот орган, Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Но и Министерството носи решение со кое нејзината жалба се одбива како неоснована, а решението на ЦСР останува во сила.
Управен суд одлучува, институциите не спроведуваат
Откако и првостепениот и второстепениот орган одлучиле негативно, Рамовиќ била поучена дека има право на тужба до Управен суд.
„Викам, да сум здрава па да не ми е криво. Но тие ги дадоа документите и пуштивме тужба“, раскажува Рамовиќ.
Предметот на Рамовиќ два пати стигнал до Управен суд. При првата тужба Управен донел пресуда со која ја уважува тужбата и предметот го враќа на повторно одлучување пред пониските органи со конкретни насоки како да постапат.
„Имено при повторно одлучување насоките се да се изврши непосреден преглед на барателката како и детално да се образложи нејзината здравствена состојба и да се даде оцена дали таа има потреба од помош и нега од друго лице“, појаснува Марковска за насоките во пресудата на Управен.
Но институциите не го сториле тоа и повторно врз основа на стара документација го одбиле барањето на Добринка Рамовиќ.
За непостапувањето на институциите по насоките на Управниот суд, во интервју за Види Вака пред неколку месеци зборуваше и претседателот на судот Бурим Сејдини.
Тој ваквото однесување на институциите го нарече понг-понг ефект кој се јавува поради неспроведувањето на одлуките на Управниот суд што доведува до тоа исти предмети по тужби неколкупати да завршуваат пред судот.
Зборуваме за недоверба во судот или недоверба во институциите, праша тогаш Сејдини.
„Се прават реформи во судството затоа што граѓанинот имал две пресуди во негова корист, а органите не ги спроведуваат. Не знам каде би требало да се одвиваат реформите“, рече Сејдини.
Ситуацијата не е многу променета ниту во случајот на Добринка Рамовиќ кој по втор пат стигнува до Управниот суд. При одлучувањето по втората тужба на Рамовиќ и согласно со новиот Закон за управната постапка одржана е јавна седница со присуство на странките во постапката – Рамовиќ од една страна и Центарот за социјални работи од друга страна.
Како што раскажува Рамовиќ, кога судијката ја сослушала, ја видела и медицинската документација, но и сите потешкотии со кои се соочува, била изненадена зошто таа не го остварувала правото за надоместок за помош и нега од друго лице.
„А од судот не очекував толку брзо да ми одговорат. На прва пресуда одговорија за месец и пол мислам, а на втора пресуда судијката ми одговори верувале или не за осум дена јас добив одговор. Кој има мака, само на Управен суд да се обратат. Судот многу ми помогна“, вели Рамовиќ.
После три години, по донесената втора пресуда на Управниот суд во корист на Добринка – првостепениот орган, односно Центарот за социјални работи, носи позитивно решение со кое и се признава правото на користење на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, вели Марковска.
Интересен е фактот, вели Марковска, дека повторно не е извршен непосреден преглед на барателката согласно насоките во пресудата на Управниот суд за да се утврди нејзината здравствена состојба, туку решението е донесено само врз основа на медицинската документација, која е доставувана и во сите претходни барања и жалби.
Сепак, додава Марковска, Рамовиќ е обештетена и исплатени и се средства и за периодот додека ја водела институционалната битка. Негативно во оваа позитивна одлука е што наместо во поголем обем, таа го остварува ова право во помал обем иако здравствената состојба и се нема подобрено низ годините, напротив таа и се влошила.
Кои се пропустите во постапувањето на институциите
Најголемите пропусти на институциите се во нецелосно и неправилно утврдување на фактичката состојба, неприменување на материјалното право, поради тоа што не извршиле преглед врз барателката. Сето ова, вели Марковска, се прави на грбот на странките коишто и онака се во загрозена социјална положба која се продлабочува низ годините додека траат постапките.
Дополнително, додава Марковска, лицата баратели на права од социјална заштита се и правно неуки и многу често и со тешки здравствени проблеми што дополнително ја влошува нивната состојба пред институциите коишто треба да ги заштитат.
„За овие постапки да не траат толку долго потребно е надлежните институции да постапуваат согласно предвидените законски рокови. Дотколку повеќе, во овие постапки е од особено значење да се почитуваат роковите имајќи предвид дека станува збор за права од социјална заштита, кои ги остваруваат ранливи категории на лица. Од нашето искуство, надлежните институции често ги пречекоруваат предвидените законски рокови за одлучување за одредено право“, вели Марковска.
Таа додава дека покрај сите жалби и тужби пред институциите, поднесени се и жалби за молчење на администрацијата поради неодлучување во предвидените законски рокови.
Европска комисија: Да се зајакне капацитетот на социјалните центри
Во последниот достапен извештај на Европската комисија за напредокот на земјава од октомври 2020 година, во поглавјето 19 Социјална политика и вработување наведено е дека земјава е умерено подготвена во оваа област.
Бидејќи препораките од претходната година не биле целосно спроведени, тие остануваат валидни и оваа година, стои во извештајот. .
„Законот за социјална заштита треба да ја намали стапката на сиромаштија, која останува сериозен проблем. Капацитетот на центрите за социјална работа мора дополнително да се зајакне за да им се овозможи да го спроведат новодонесеното законодавство, во согласност со политиката на земјата за децентрализација на социјалната помош“, се наведува во препораките на ЕК.
Добринка Рамовиќ е задоволна што повторно може да го користи правото на социјална заштита што и го олеснува животот – има помош во домот, има кој да и направи и да и даде јадење и да и помогне да се симне и да поседи пред зграда. Но обврската за институцииите правилно да ги анализираат барањата за остварување на правата од социјална заштита не завршуваат со барањето на Добринка, туку остануваат да важат за сите идни баратели на социјална помош.