Ова се само дел од многубројните случаи во Македонија кои не добија разрешница за кривичните дела кои беа направени. Жените чувствуваат небезбедност на улиците, во домовите и во целото општество. Нивниот револтиран глас се расчу и пред Министерството за внатрешни работи каде побараа одговорност од институциите.
„МВР викни ми такси! Престанете да не малтретирате! Дали си го барам? Насилникот си ти!“ беа дел од пораките на протестниот собир „Не сме безбедни“.
Според Сара Миленковска од Стела мрежа што е дел од Платформата за родова еднаквост, целта на протестниот собир е да се искаже солидарноста кон девојките кои пријавуваат сексуално насилство и вознемирување во полициска станица.
„Сакаме да искажеме солидарност со девојките коишто одлучија да го пријават таксистот, знаејќи што значи да пријавиш сексуално насилство и вознемирување во полициска станица, бидејќи знаеме дека општеството нема да им ги даде начините на коишто тие ќе се чувствуваат поддржани. Сметавме дека тоа можеме да го направиме бар ние како нивни сограѓанки и воедно како луѓе коишто се ангажираат повеќе во однос на родовата еднаквост и родово базираното насилство. Мислам дека сега повеќе пријавуваат девојките, не сметам дека нешто суштински се има променето од претходно, ист е односот, исти се полицајците на коишто им се пријавува и дополнително речиси секоја година има по 400 нови вработени полицајци, така што концептот на тоа како тие се едуцирани за да имаат некаков соодветен пристап кон родово базирано насилство е под знак прашалник. Она што е добро е што постои малку повеќе солидарност, меѓутоа не суштинска, не системска и буквално е оставена само на граѓаните, а не на институциите коишто имаат должност и надлежност да ги спроведуваат овие случаи.“
Сара Миленковска (фото: приватна архива)
Активистите истакнуваат дека потребно е уредување на Кривичниот закон во делот на сексуалното вознемирување.
Драгана Дрндаровска од Коалицијата Маргини посочи дека сексуалното насилство многу малку се пријавува во полиција.
Изјава на Драгана Дрндаревска
„Треба да се доуреди Кривичниот закон во делот на сексуалното вознемирување. Во овој момент тоа не претставува кривично дело, затоа инсистираме на овие измени. Жртвите секако мора да пријават во полиција, особено загрижува тоа што сексуалното насилство многу малце се пријавува, особено сексуалното вознемирување. Нормализирано е сексуалното вознемирување онлајн, нормализирано е на улица, во работни средини, за жал, тоа е вткаено во нашата култура на функционирање. И оттука е навистина неопходно да се перцепира како кривично дело со соодветно спроведување, па понатаму да можеме да зборуваме за негово намалување“ – појаснува Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини.
Колку законите го штитат родовото базирано насилство?
Во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство треба да се вклучи и родовата компонента, којашто засега во овој момент како генерална одредба насилство врз жените Министерството за внатрешни работи не ја брои. Се брои само насилството врз жените случено во рамките на контекстот на семејно насилство. Најмногу пријави во МВР има за телесни повреди, потоа загрозување на сигурноста, па тешка телесна повреда, а на крај убиствата. Во најголем дел од овие случаи на семејно насилство, жената, сопругата, мајката е најчесто жртвата, а сторителот сегашен или поранешен сопруг. Психичкото насилство кое се нанесува на жената жртва од страна на сопругот не се препознава во институциите.
Видеото оригинално е објавено на 9.9.2022 година
Слична е и ситуацијата во Oсновното Jавно Oбвинителство. Оттаму не може да дадат податоци за родово базирано насилство и за семејно насилство поради терминологијата, односно случаите не се водат под тие термини. Велат, потребно е да се види во Кривичниот законик под кои термини се водат случаите за кои најчесто новинарите бараат увид за да ја известат јавноста.
Наслови во медиуми за родово базирано насилство
Изјава на Драгана Дрндаревска
„Центрите за упатување на жртвите се далеку од функционални. Односно, неопходно е да се инвестира во кадар, нема доволно кадар, искуствата на терен зборуваат дека жртвите сѐ уште многу чекаат да добијат услуга, дека службите се недоекипирани, немаат соодветни протоколи за постапување и така натаму. И ако ја земеме предвид оваа култура на обвинување на жртвите, завршуваме со статистиката која ни говори дека силувањето е едно од најнепријавуваните дела,“ додава Драгана Дрндаревска.
Иако дел од нападите се пријавуваат, тие не ја добиваат својата правна разрешница. Таков е и случајот со 19-годишната студентка од Кичево која го пријави сексуалниот напад од страна на таксист. По пријавата во полиција, надлежните одлучија таксистот да го гонат за „недолично однесување“ иако тој физички ги малтретирал девојките во таксито, почнал да се соблекува, да го покажува половиот орган, да се самозадоволува, допирајќи ја едната девојка. Тој во скутот и фрлил банана, а едната од девојките во автомобилот ја изгорел со цигара во пределот на вратот.
Но, засега случајот е запрен бидејќи таксистот избега од државата и не е достапен за институциите.
„Се верува дека жена нема подеднакво право да го користи јавниот простор како маж, дека жените коишто излегуваат навечер, коишто се облекуваат како сакаат дека сами си го бараат. Оттука се негираат еднаквите права на жената, се негира правото на жените да се забавуваат и да пијат алкохол подеднакво како што пијат мажите, жените тоа што го прават си бараат да бидат жртви на насилство, тука за нив нема емпатија, нема солидарност, тие се неморални, како такви непожелни,“ се надоврзува Дрндаревска од Коалиција Маргини.
Коментари на социјални мрежи за жртвите на родово базирано насилство
Случајот што ја потресе јавноста неодамна беше за сексуалното злоупотребување на 14-годишното девојче од Велес, за кое четворица мажи од Велес и еден од Тетово завршија во притвор.
Од Центарот за социјални работи од Велес велат дека стручни лица се вклучени во случајот и продолжуваат со пружање на психосоцијална помош и поддршка и следење на состојбата и потребите на малолетното лице согласно законските надлежности.
„Преземени се сите мерки во рамки на законските надлежности односно обавен е разговор со малолетното лице и пружена е стручна психосоцијална поддршка и помош. Со цел заштита на правата и интересите на малолетното лице стручните лица присуствуваа при спроведување на истражните постапки и назначен е и старател за распит на малолетното лице во ОЈО. Со цел заштита на малолетното лице , истото е сместено во Центар за жртви на трговија со луѓе, со решение за привремен престој,“ изјавија од центарот.
Со цел заштита на малолетното лице, истото е сместено во Центар за жртви на трговија со луѓе, со решение за привремен престој.
Фотографија од протестен марш: Не сме безбедни! (17.2.2023)
Како до намалување и целосно искоренување на родово базирано насилство?
Со оваа борба против родово базирано насилство се соочуваат и сите држави од цел свет. Дел од нив со голем број на едукативни и заштитни мерки се обидуваат да го искоренат или да го намалат бројот на жртвите.
Неодамна шпанската Влада, поттикната од протестите против родово базирано насилство поради црната статистика кoја бележеше 11 убиства на жени од страна на својот партнер за месец декември во 2022 година, одлучи да одобри специјален протокот против насилство со кој полицијата ќе има дозвола да ги информира жените за историјата на насилството на нивните партнери. Со овој протокот жените ќе бидат информирани за нивниот партнер доколку претходно извршил насилство.
Во Македонија жените жртви на родово базирано насилство најчесто се соочуваат со стереотипи, дискриминација и осуда од јавноста и институциите.
Токму државата и институциите треба да се тие кои ќе бидат поддршка на девојките, жените и децата кои претрпeле насилство, без притоа да треба повторно да се виктимизира жртвата.
Затоа што никоја од жртвите сама не си го барала!
(АРХИВА) ВИДИ ВАКА „Сам си го барал“
„Види Вака Раскажувачкото Студио“ во самостојна продукција го изработи видеото „Сам си го барал“ во кое е испратена силна порака за опасноста од оправдување на насилството, која укажува на двојното виктимизирање на жртвата преку барање причини за самото насилство, кои не ја земаат во прв план злонамерноста на насилникот.