Робови на технологијатa

Автор: Христина Ѓорѓиевска
Камера и фотографии: Иван Алушевски и Драган Котовски
Монтажа: Синиша Илијески
Продукција: Види Вака

За десетина години секое второ дете на планетава ќе има некаков вид на говорно – јазично нарушување, а една од причините е прераната, неконтролирана и постојана изложеност на паметни телефони, лаптопи и таблети.

„Уште од три месеци детето е изложено на некаква компјутеризација и сè повеќе гледаме дигитализирани родители и деца“, вели Силвана Филипова, логопед и директорка на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје.

Технологијата создава модерни робови од децата, особено кога не се ограничува и става под контрола. Зависноста од технологија не само што им го управува времето, туку им создава сериозни психолошки и физички проблеми. И во Македонија, ако се суди по лекарската пракса,  сè почесто има деца кои подоцна проговоруваат, делумно поради постојаната изложеност на технологија. Наместо да играат, тие постојано се со лаптоп, телефон или таблет, одбегнувајќи ја социјализацијата. 

Од Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас од Скопје, истакнуваат дека од 9 до 15 месеци детето треба да го изговори првиот збор, а до двегодишна возраст, во својот фонд на зборови треба да има околу педесетина значенски зборови. Според истражувањата на Универзитетот Нортвестерн (Northwestern), децата на возраст од две години, кои во нивниот секојдневен речник имаат помалку од педесетина зборови, кај нив, поголеми се шансите да имаат почести и посилни напади на бес.

Почнува да развива: тантруми, врескања, проблеми со однесувањето, односно бихевиорални проблеми кои подоцна потешко се модифицираат, истакнува директорката на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, Силвана Филипова.

Филипова напоменува дека првите три години кај детето се многу важни, затоа што во тој период се создаваат невронски мрежи, нервни патишта, коишто се потребни за развојот на говорот, за мисловните процеси, за совладување на социјалните вештини, за осознавање на емоциите (своите и туѓите), за развојот на фината и грубата моторика, како и за моторното планирање… 

Според Светската здравствена организација, бебињата помлади од една година не треба да бидат изложени на никакви електронски уреди. Баш во тој период родителите ги прават најголемите грешки, прикажувајќи им содржина на паметни телефони или таблет компјутери.

Што прави постојаната изложеност на модерната технологија кај детето?

  • Слуша говор преку микрофони коишто се со слаб квалитет, тука говорот се дигитализира и е со задоцнување. Така се нарушува аудитивната перцепција, аудитивната дискриминација и затоа не може да ја совлада акустичната структура на изговорените гласови, па се појавува нарушувања во артикулацијата.
  • Слуша говор кој го нарушува фонемскиот (гласовите според нивниот изговор) и фонеманскиот (смисловната функција на зборот) слух којшто е битен за развојот на фонолошката свесност којашто понатаму му е потребна за развој и за совладување на техниката за читање и пишување.
  • Со постојано гледање, се нарушува аудитивното процесирање, аудитивната меморија која му е битна за следење на непрекинат редослед на зборовите во реченицата.

Според логопедот Филипова, се очекува дека за десетина години секое второ дете на планетава ќе има некаков вид на говорно – јазично нарушување.  

Уште во првите денови од својот живот, бебињата се среќаваат со модерната технологија. Родителите за да ги „смират“, најчесто им пуштаат цртани филмови или детска музика на нивните скапи играчки. Така се „навлекуваат“ со моќта на технологијата. 

Децата во тој период треба да гледаат тродимензионална слика, но, тие гледаат дводимензионална слика, којашто го нарушува фокусот,“ вели логопедот Силвана Филипова. 

Tехнологијата и развојот на вербалната комуникација кај децата

Според светските истражувања, деменцијата се појавува и кај младите. Тинејџерите стануваат толку зависни од дигиталната технологија, што тие повеќе не можат да ги запомнат секојдневните детали, како што е примерот со телефонските броеви.

Многумна сметаат дека „паметните“ телефони всушност им го земаат паметот на корисниците. Аргумент за тоа е можноста да се вршат математички калкулации без некаков уред и да се запомнат телефонски броеви напамет. Овие работи сега им се оставаат на паметните уреди, па луѓето забораваат на потребата да запомнат одреден факт, број, лозинка, име…Слично е и со снаоѓањето во просторот, ЏиПиЕс (GPS) уредите ги направија луѓето зависни и потешко се снаоѓаат во просторот, без да ги користат истите. 

Според специјалистот од Србија за рано поттикнување на детската интелигенција, Ранко Рајовиќ, денешните деца, во однос на децата од пред 40 години, разликуваат 50% помалку нијанси на боја. 

Сите овие податоци водат кон современата „болест“, таканаречената дигитална деменција.      Според светските истражувања, деменцијата се појавува и кај младите. Тинејџерите стануваат толку зависни од дигиталната технологија, што тие повеќе не можат да ги запомнат секојдневните детали, како што е примерот со телефонските броеви.

Кај повозрасните деца, модерната технологија исто така во одредени случаи доведува до некои нарушувања. Тие меѓу себе се отуѓуваат, комуницираат само преку социјалните мрежи, каде користат скратеници, не читаат книги, не го збогатуваат речникот, располагаат со сиромашен фонд на зборови, имаат слаби комуникативни способности, не можат да се фокусираат за учење и градат еден дигитален идентитет, кој е сосема различен од реалниот. 

Заради фокусирање на наставата и полесно совладување на материјата, во Грција, Франција, Велика Британија и Норвешка, употребата на мобилни телефони во училиштата е забранета. Кај нас, само општина Карпош се огласи на ваквата идеја, односно, ја ограничи употребата на мобилните телефони и другите електронски уреди во текот на наставата, во сите десет основни училишта на територија на општина Карпош.

Сепак не е лесно наеднаш да им се одземе телефонот на учениците, вели Дамјан Николовски, претседател на Здружението за дислексија „Ајнштајн“.

78% од учениците користат мобилен телефон во текот на наставата

Модерната технологија, сепак, не смее да се смета за лоша и да се запостави. На многумина им го олеснува животот, како што е примерот со лицата со некаква попреченост, кои користат асистивна технологија без која би се соочиле со сериозни проблеми во секојдневното живеење. Она што е важно е тоа дека технологијата мора да се употребува, но да не се злоупотребува. 

Англискиот филозоф и есеист Френсис Бејкон, во XVI век рекол: „Парите се одличен слуга, но лош господар.“ Во современиот дигитален свет, оваа реченица добива поинакво значење, „Технологијата е одличен слуга, но лош господар!“

Facebook
Twitter
LinkedIn