
Вака Гане Тодоровски во песната „Дојди в Охрид“ ја опишува Галичица како мирот што го следи, но тој мир и спокој Националниот парк Галичица го прекрши голем пожар.
Овој пожар на Галичица е ставен под контрола, но не е единствен во 2024 година. За жал секоја година се случува истото сценарио „Републиката да е во пламен“, каде најголем дел од пожарите е дека се настанати поради човечки фактор.
Според Центарот за управување со кризи во моментов околу 12 пожари се активни, а 7 под контрола на територија на цела Македонија, но ситуацијата од час во час се менува и повици за помош на социјалните мрежи се постојани.
Штета на шумски пожари секое лето
Републиката во пламен секоја година доживува големи штети од шумските пожари кои и се случуваат. Според податоците со кои располага Регионалниот центар за шумарство и рурален развој – РЕФОРД, појавата на шумските пожари не е иста секоја година. Пример, во периодот од 1998 до 2013, вкупно била опожарена површина од 161.000 хектари или 1.458.000 м3 дрвна маса, со проценета штета од 39 милиони евра или просечно на годишно ниво имало појава на 248 пожари, била опожарена површина од 10.096 хектари или 91.000 м3/годишно, што укажува на големи бројки. Пример, бројката од 91.000 м3/годишно изгорена дрвна маса е некаде 10% од годишното производство на дрвни производи.
Ако имаме предвид дека генерации пред нас со многу напори успеале да пошумат околу 150.000 хектари голини шумско земјиште преку програмите за заштита од ерозија, испаѓа дека во годините од 1998 до 2013 исто толку шуми биле опожарени.
Во некои години појавите на шумски пожари се катастрофални. Тука се издвојуваат 2000 година со опожарени 33.000 хектари и 2007 година со 39.000 хектари.
Според Сашо Петровски од Регионалниот центар за шумарство и рурален развој – РЕФОРД, финансиската вредност може да се одреди, но не може да се процени штетата на дрвната маса.
Сашо Петровски
Регионалниот центар за шумарство и рурален развој – РЕФОРД
„Иако штетата од надлежните институции се изразува во финансиска вредност, тоа се параметрите кои се однесуваат на проценета штета на дрвната маса. Другите штети по загубата на екосистемските функции не може да се проценат, затоа што нема усвоена методологија за проценка на истите. Да напоменам, екосистемските (општокорисни) функции на шумите, покрај производство на дрво вклучуваат:
– регулација на воден режим;
– заштита на почва од ерозија;
– врзување на јаглерод;
– намалување на температурни екстреми;
– производство на шумски недрвни производи;
– туризам и рекреација;
– живеалиште на диви животни, растенија и габи;
– биолошка разновидност;
– економски развој и вработување;
– пејсажна и пределска разновидност;
По една голема еколошката катастрофа, на природата и се потребни години и децении за да се обнови и да се врати во првобитната состојба. Според Сашо Петровски враќање на состојбата по пожар во една шува потребен е најмалку половина век.
„Процесот на враќање на шумата во првобитна состојба, без човечка интервенција, подразбира период на сукцесија на повеќе типови на вегетација и аналогно на тоа и нови пратечки видови на инсекти, птици и цицачи. Тоа значи дека после пожар на одредено подрачје дури и се јавува зголемена биолошка разновидност. Но сепак, враќањето на шумскиот екосистем на едно пожариште во состојба на рамнотежа, каде природните процеси се повторно и потполно воспоставени во функција е долготраен процес од најмалку 50 години,“ истакна Сашо Петровски од РЕФОРД.
Според Петровски, обновувањето на шумата пред се зависи од видот на пожарот.
„Во некои шуми, пожарите проаѓаат со поголема брзина и доаѓа до опожарување на дел од кората и приземната вегетација, па и штетите се помали. Тоа е особено кај т.н. приземни пожари во дабовите шуми на пример. Но, кај буката тоа е особено чувствително, бидејќи таа има потенка кора и доаѓа до оштетување на спроводните садови кои го снабдуваат дрвото со вода, па така подоцна доаѓа до сушење. Кај зимзелените, особено боровите шуми пак пожарите се можеби и најдевастирачки, особено кога пожарот се качува во крошните, посочи Сашо Петровски.
Човечкиот фактор главен виновник за пожарите
Пред неколку дена се прошири информацијата дека Основното јавно обвинителство во Скопје поведе постапка против татко и неговите два сина поради сомнение за предизвикување општа опасност бидејќи со бензин го палеле Јасен. Изминативе години шумската пракса покажува дека 90% од пожарите се иницирани од човечки фактор.
Според анализата која ја има направено Македонското здружение на млади правници може да се види дека најчесто предизвикувањето пожари кои зафаќаат шуми се казнува според кривичното дело „предизвикување општа опасност“. Само 43,36% од пријавените кривични дела против животната средина завршиле со обвинение во изминатите 5 години, но нема посебна статистика за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“ За кривичните дела против животната средина во изминатите 5 години, 15 пати била изречена казна затвор и 107 пати била изречена парична казна.
На судскиот портал може да се најде само една кривична пресуда за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“, а за што е изречена алтернативна мерка – условна осуда.
Министерството за внатрешни работи пред месец дена воспостави оперативна акција наречена „Пожар 2024“ во која од 17.07.2024 година до 14.8.2024 година преземени се следниве мерки:
– Поднесена е кривична пријава од ОВР Свети Николе, против лице од Свети
Николе за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.
– СВР Велес лиши од слобода две лица и против нив поднесе две кривични
пријави за сторени кривични дела „предизвикување општа опасност“.
– ОВР Радовиш поднесе известување до ОЈО Радовиш против лице од с. Конче за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.
– СВР Струмица лиши од слобода едно лице во врска со пријавен пожар на 30.07.2024 година, на месноста „Депонија“ во близина на с. Али Коч, радовишко кое го признало делото и против него ќе биде поднесена кривична пријава за сторени кривични дела „предизвикување општа опасност“ и „предизвикување шумски пожар“.
– На 05.08.2024 година полициски службеници од ОВР Прилеп и ПС за граничен надзор Старавина при РЦ Југ од слобода лишиле едно лице поради сомнение дека предизвикал пожар. Против лицето е поднесена кривична пријава за кривично дело „предизвикување општа опасност“
– СВР Велес лиши од слобода и поднесе кривична пријава против едно лице од с. Ореше, општина Чашка за сторено кривично дело „предизвикување општа
опасност“.
– ОВР Македонски Брод поднесе кривична пријава против едно лице од Прилеп за сторено кривично дело „предизвикување шумски пожар“.
– СВР Скопје поднесе кривична пријава против три лица од Скопје по чл.292 вв чл.288 вв чл.19 од КЗ на РМ.
– Во с. Канатларци, прилепско, полициски службеници од ОВР Прилеп лишиле од слобода лице од с. Канатларци поради сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување шумски пожар“ по член 227 од Кривичниот законик. По
целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Според Сашо Петровски од РЕФОРД, сезоната на палење започнува уште во почетокот на годината.
„Кај нас сезоната започнува уште јануари-февруари кога неодговорни лица ги палат високо-планинските пасишта за да добијат поквалитетна трева. Понатаму, вториот пик е после обавување на жетвата (јули) кога малите земјоделци применуваат неодговорна пракса на палење на ожнеаниот имот. Иако е тоа законски забрането, спроведувањето на законот е многу слабо. И секако, постојат основани сомненија дека палењето се прави заради економски интерес. Имено, постои пракса да опожареното дрво се продава по намалена цена, па самото тоа е стимул повеќе за одредени групи да подметнуваат пожари. Некогаш палењето е намерно, заради одмазда или пак тоа го прават лица кои се душевно болни,“ заклучува Петровски.
Кој и зошто ги пали шумите?
Гневот кај граѓаните расте со секоја споделена фотографија од пожар во Македонија. Секој човек си го поставува прашањето зошто некој би бил способен да отиде во планина и да запали шума? Веројатно одговорот е само еден, капитализмот „ја јаде“ и животната средина.
Но што значи едно изгорено дрво и колку може да се има бенефит од него?
„Кај пожари кои поминуваат бргу низ шумата и кога горењето е главно во лисјата, честопати дрвото останува внатре неоштетено, така да може да се употребува и за преработка, вклучително и за пелети, брикети и ќумур,“ додава Сашо Петровски од РЕФОРД.
Другите причини се наведуваат дека подметнатите пожари не се за нова сеча на дрвја, туку само да се сокрие сечата од претходно.
Македонија без човечка сила и возила за гаснење на пожарите
Пожарите направија пустош на планините и шумите низ Македонија, а во гаснењето на пожарите помага и меѓународна помош, војска, полиција, припадници на Национални шуми како и цивилно население кои се пријавуваат доброволно.
Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, согласно Законот за управување со кризи, во четвртокот донесе одлука за учество на дел од Армијата во справувањето со пожарите. Ова е откако бешедонесената Одлуката на Владата од 13 август 2024 година за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на државата.
Според Базата на податоци на Центарот за граѓански комуникации од 2023 година, 340 пожарникари недостигаат во земјава, што е помалку од законскиот минимум
Повеќе од 200 пожарникари му недостигаат на Скопје каде има 190 пожарникари, а треба да има 405. Пожарникари недостигаат и во Куманово, Битола и Тетово. Околу 35% од пожарникарите имаат преку 40 години.
Во кризна состојба освен професионалците помош при гаснењето на пожарите се локалното население, но најголемата поддршка доаѓа од волонтерите кои без никакви материјални средства се одлучуваат да помогнат, но и да го ризикуваат сопствениот живот. Една таква поддршка се појави деновиве и за хероите на Галичица и на ДПД Кочани, каде преку граѓанска иницијатива се повикува за донации на овие луѓе.
Најстаро противпожарно возило во Македонија годинава слави 57 години во градот Валандово, ова возило исто така помага во гаснењето на пожари.
Возилата кои ги возат противпожарните единици се просечно стари по 27 години.
Додека 34-те противпожарни единици во земјава имаат вкупно 284 возила од најразличен вид. Половина од вкупно 284-те противпожарни возила се постари од 30 години, додека само 15% од возилата се стари до 10 години.
На 11 август изгоре и единственото противпожарно возило кое го има во Пехчево.
Како да се промени црното сценарио со пожарите?
Според Сашо Петровски од РЕФОРД, државата треба да вложи ивестиции во опрема (авиони, хеликоптери, специјални возила, булдожери и други теренски возила. Треба да најде други технички решенија како што се противпожарни препреки и камери за набљудување. Потребни се и припремни мерки (отстранување на горлив материјал, кастрење во густи шуми, прореди, косење на ливади). Но важна е и обуката на наменски сили, специјално обучени и опремени за природни катастрофи, но секако тука спаѓаат и средства за плати и гориво.
Анализата за шуми на Македонското здружение на млади правници укажува и на предизвиците со кои се соочува државата во однос на исполнувањето на обврските. Правниците укажуваат на следните факти:
Потребно е ревидирање на системот на следење на остварувањето на стратешките насоки;
Работните задачи се извршуваат врз основа на расположливите ресурси и во голем дел се детерминирани од нив;
Во определни ентитети има преклопување на надлежностите.
Мерки за заштита од пожари треба да преземаат и субјектите кои управуваат со шумите. Законот за шумите предвидува донесување Национален план за управување со пожари на отворен простор и формирање Национален комитет за спроведување на ваквиот план: Уште во 2007 година биле идентификувани состојби кои се сѐ уште актуелни: Предизвикувањето шумски пожар и предизвикувањето штета на тој начин врз шумите е кривично дело предвидено во Кривичниот законик во главата на кривични дела против животната средина. Во зависност од причинетата штета, казната за сторено вакво кривично дело може да се движи од парична казна до казна затвор во траење од 20 години. Постои преклопување во надлежностите помеѓу ЦУК и ДЗС;
Не е донесен Националниот план за управување со пожари на отворен простор, ниту е формиран Националниот комитет; Последната Национална стратегија за заштита и спасување била важечка до 2018 година; Владата никогаш не го донела Планот за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи на Републиката;
Владата никогаш не ја донела Процената на загрозеноста на безбедноста на Републиката од сите ризици и опасности, додека методологијата за нејзината изработка била донесена дури во 2023 година.
Португалија лани гасеше пожари со противпожарен дрон кој тежи само 21 килограм, инженерите кои го создале ова беспилотно летало сметаат дека тоа е иднината на гаснењето на пожарите и дека роботиката може многу да помогне со управувањето на пожарите особено на оние непристапни места. Дополнително португалските воздухопловни сили годинава набавија две нови авиони кои се наречени „водени бомбардери“ (DHC-515 Firefighter) за да го зајакнат капацитетот за борбата против шумските пожари.
Сите овие мерки и влог на државата се должи откако во 2017 година Португалија се соочуваше со сериозни пожари кои предизвикаа голема штета и загуба на човечки животи. Португалската Влада објави дека во 2017 година се случиле околу 21.000 шумски пожари, тие изгореле површина од 539.920 хектари шуми, грмушки и земјоделско земјиште, предизвикувајќи 117 смртни случаи (116 цивили и еден пожарникар). Оттогаш државата направи нови реформи и стратегии за во иднина како да се управува со шумските пожари.
Вкупната површина на Португалија изнесува 92.090 квадратни километри, додека Македонија е 25.713 квадратни километри, тоа значи потребни се 3.58 Македонии да се спојат и да ја добијат површината на Португалија.
Иако мала Македонија е богата земја со шумска површина, богата флора и фауна, но сепак не успеваме децении наназад да ја сочуваме, ниту да учиме од грешките и секоја година „Републиката е во пламен“, онака како што режисерот Љубиша Георгиевски го наслови својот игран филм.
Сите признаваат дека пожарите се сериозен проблем, потребно е подлабоко разбирање и посветеност на зачувување на флората и фауната која се наоѓа во загрозените региони. Инвестирање во истражување, мониторинг и заштита на природната средина може да помогне во ублажување на овие ефекти и во обновување на уништените области.
Македонската природа заслужува внимание и грижа не само поради економските штети, туку и поради критичната потреба за зачувување на својата биолошка разновидност и природна убавина. Пожарите не би требало да бидат само краткотраен интерес во вестите, туку сериозен повод за акција и реформи во управувањето со природните ресурси.
Бидејќи немаме резервна држава!