Република Вевчани – идна светска зелена дестинација

Вевчанската република работи на тоа да ја добие титулата зелена дестинација, рамо до рамо со над 500 светски зелени дестинации на платформата „Грин Дестинејшнс“.
Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

„Голем удел во заштитата на Вевчански извори и затоа вевчанци се така посебен народ е нивниот бунт во 1987 година кога долните населби сакале да ја окупираат водата, да ја земат водата за сите да ја користат. Тука се пролевало крв, се давало крв, вода не се давало. Локалците тука знаат што се Вевчански извори и тоа е навистина придобивка.“

Вевчанци низ историјата покажале што значи да се брани своето културно и природно богатство. Но и во сегашноста тие се „борат“ нивното место да остане во убава природна зелена оаза.

Сместено под падините на Јабланица во југозападниот дел на Македонија, се простира таканаречената Република Вевчани. Познато по своите природни убавини и културно богатство, Вевчани денес е на пат да ја добие титулата зелена дестинација, која ја имаат над 500 дестинации ширум светот.

РЕПУБЛИКАТА ВЕВЧАНИ – СПОЈ НА ТРАДИЦИЈА, КУЛТУРА И ПРИРОДНИ УБАВИНИ

Додека пристигнете до изворите, неизбежно е да ја забележите уникатната архитектура којашто сведочи за градителски вештини на печалбарите коишто работеле насекаде на Балканот и пошироко. Тука се наоѓаат познатите куќи: Куќата на Дуцкиновци, Куќата на Плушковци, Куќата на Пешиновци, Куќата на Даскаловци, Куќата на Коруновци, Куќата на Ќитановци, Куќата на Калајџиевци, Куќата на Костојчиновци, Куќата на Гоговци, Куќата на Поповци.

Стара архитектура во Вевчани by Bjanka Stankovic

Симболот на Вевчани е најпосетениот и најпознат настан – Вевчанскиот карневал. Овој културен настан е стар 14 векови секоја година собрира стотици граѓани од Македонија и Европа за традиционалното прославување на доаѓањето на Нова година според стариот календар. На овој ден кога паганското и современото се спојуваат во чест на верскиот празник Свети Василиј Велики се изведуваат традиционалните обредни игри со современи домашно изработени маски.

Погледнете ја прстолизгачката приказна: Вевчански карневал: Каде слободата е неограничена

„Во текот на годината се случуваат и голем број на различни настани како концерти од страна на културно-уметничкото друштво „Дримкол“, Вевчанските лазарки. Имаме исто така манифестација Вевчанско лето кој е спој на повеќе културни музички настани. И го имаме мултикултурниот центар како место каде што може да се развива конгресен туризам. Исто така тука се прават изложби, концерти и други настани кои се од културната област.“ изјави Александра Велкоска, локален координатор во „Вевчани Грин“.

Заштитена република со ПЕС шема

За пожртвуваноста и зачувувањето на сѐ она што го имаат Вевчанци, сведочат природната убавина и богатото културно наследство.

Како што појаснува Меловска, иако Вевчански извори се многу мало заштитено подрачје, населеното место не спаѓа во границите на заштитеното подрачје. Изворите се прогласени за заштитено подрачје поради хидролошките услуги што ги поседуваат, а кои доаѓаат од геоморфологијата на подрачјето што е доста уникатна. Сета вода доживува најголем проток од 1.500 литри во секунда.

„Секако најпосетена дестинација се Вевчанските извори и воденицата што е во непосредна близина која е стара повеќе од 300 години. Исто така посетени се излетничките места како Јанков камен, Голина, планинското езеро Локва, но и планинската црква св.Спас. Тука има развој на манастирски туризам. Вевчани изобилува со гости во текот на целата година.“ – дополнува Велкоска.

Но за да ја добие титулата зелена дестинација, Вевчани треба да исполни одредени услови. За таа цел и всушност е воспоставена шема за плаќање на екосистемски услуги (ПЕС шема) која подразбира принцип „корисникот плаќа“.

Влез на Вевчанските извори се наплаќа 20 денари за возрасни и 10 денари за деца. Со воспоставување на оваа ПЕС шема се очекува работите да се променат.

„Екосистемски услуги е се она што го нуди природата што можеме да го видиме. Од берење боровинки, до дишење на воздухот за којшто се виновни дрвата, до пиење на вода, изворска. Денес сме помеѓу извори, па на крај завршувајќи со благодети од типот да уживаме во природата. Како рекреација, планински, рекреативен туризам, пикници итн.“ појаснува Меловска.

Концептот „Вевчани Грин“ и воспоставената ПЕС шема се пример за останатите заштитени подрачја во Македонија кои би можеле да ја аплицираат оваа програма. На овој принцип, тие би можеле да се развиваат како уште поуспешни зелени дестинации, а со тоа и државата да го зголеми својот број на зелени дестинации на платформата „Грин дестинејшнс“. Засега, на Балканот најголем број дестинации со оваа ознака има во Словенија.

Facebook
Twitter
LinkedIn