„Ако ви кажам по полисите за осигурување колку чини човечкиот живот е навистина срамно и жално, бидејќи ако останете со траен инвалидитет од таа повреда, ќе земете 10.000 евра или ако загинете, семејството ќе земе 5.000 евра. Ете толку, толку навистина чини човечкиот живот доколку загине на своето работно место.“
Македонскиот работник секојдневно се соочува со небезбедни услови за работа, недоволна заштитна опрема и притисок да работи подолго и поинтензивно за ниски примања. Во многу сектори, особено во градежништвото и индустријата, безбедносните стандарди често се занемаруваат, додека институционалната контрола не е доволно ефикасна за да ги спречи ризиците.
Еден работник загина, а тројца се повредени во несреќа на градилиште во скопската населба Кисела Вода, по што повторно ја отвора темата за безбедноста на работниците на нивните работни места.
Сето ова не е изолиран проблем, туку дел од подолгорочен тренд кој се повторува со години. Прашањето за безбедноста и работничките права во Македонија редовно се актуелизира по секоја трагедија, но ретко доведува до системски промени. Иако постојат законски рамки како Законот за безбедност и здравје при работа, нивната примена на терен често е нецелосна, особено во сектори како градежништвото и индустријата.
Само во изминатата 2025 година биле регистрирани 132 несреќи при работа, од кои 31 завршиле со смртен исход, покажува годишниот извештај за несреќи при работа и професионални заболувања, објавен од Македонското здружение за заштита при работа.
Во период од четири години, во градежништвото се регистрирани над 1 000 несреќи, додека само минатата година имало 242 случаи, од кои 12 со фатален исход, според податоците на Синдикатот за градежништво – СГИП.
Ризикот дополнително се зголемува поради прекувремената работа, заморот и недоволната примена на заштитна опрема.
Сето ова ја отвора и пошироката слика за состојбата со работничките права во Македонија, каде безбедноста на работното место често се судира со економската реалност. Ниските плати во многу сектори, ги принудуваат работниците да прифаќаат прекувремена работа и поинтензивни работни смени за да обезбедат доволни приходи за егзистенција.
Минималната плата зголемена за 1.667 денари, трошоците за живот зголемени за 3.305 денари
Порастот на минималната плата во Македонија на 26.046 денари повторно го отвора прашањето за економската состојба и животниот стандард на граѓаните. Иако формално се бележи зголемување, дел од јавноста смета дека ваквите корекции не се доволни да го следат темпото на раст на цените на основните производи и услуги.
Во последните години, се забележува голема разлика меѓу растот на платите и растот на цените, што особено ги погодува работниците со најниски примања.
„Вредноста на синдикалната минимална кошничка од почетокот на годината е зголемена за 3.305 денари“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов во пресрет на првомајскиот протест.
„Зголемување од 979 ден. за еден месец или 3.305 ден. за четири месеци на Синдикалната минимална кошница покажуваат последните податоци. Вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец април 2026 година изнесува 68.797,00 денари, споредена со вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец март 2026 година која изнесува 67 818,00 денари е зголемена за 979,00 денари. Со изнајмен стан од 60 м2 за месец март изнесува 84 172,00 денари. Зголемувањето на вредноста на синдикална минимална кошница за четири месеци јануари, февруари, март и април 2026 година изнесува 3.305,00 денари.“, велат од ССМ.
Лани синдикатот бараше минималната плата да достигне околу 500 евра, а годинава побара зголемување до 600 евра, повикувајќи се на растот на цените и намалената куповна моќ на граѓаните.
„Денеска, само делот за храна и пијалоци од Синдикалната минимална кошница изнесува 26.085 денари, или една минимална плата не е доволна само за ,,леб и за вода”, а за покривање на основните трошоци за живот се потребни 2,6 минимални плати.“, велат од синдикатот.
На многу работници во Македонија им доцнат платите или воопшто не ги добиваат редовно, што ги остава во несигурна економска состојба и без основна социјална заштита. Овој проблем е особено изразен кај дел од вработените во јавните претпријатија „Паркови и зеленило“, „Луна“ и „Флораком“, каде што работниците се соочуваат со заостанати плати и нерегулирано здравствено осигурување.
Сето ова укажува дека прашањето за вредноста на човечкиот живот и труд не е само економско, туку и институционално и општествено. Без поефикасна контрола, поголема одговорност на работодавачите и посилна заштита на работниците, ризикот од вакви несреќи и понатаму ќе остане дел од секојдневието.