Преполовени училници и низа предизвици пред македонскиот ученик

Од година во година опаѓа бројот на ученици во основните и средните училишта. А и бројот на првачиња последниве неколку години бележи постојан тренд на опаѓање.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Учениците и оваа учебна 2023/2024 година ја започнувaат со неизвесност за учебници, но и со преполовени училници.

Од година во година опаѓа бројот на ученици во основните и средните училишта. Но и бројот на првачиња последниве неколку години бележи постојан тренд на опаѓање.

Годинава, досега 18.142 првачиња се запишале во прво одделение во основните училишта низ државава.

Од Министерството за образование велат дека сепак оваа бројка ќе биде целосна на крај на септември, кога училиштата имаат обврска да испратат финални извештаи за запишани ученици.

Но, според досегашните бројки, алармантно е во Битола. Во овој град, наместо предвидените 950 ученици, според книгата на родени во Општина Битола, годинава во училишните клупи седнаа 230 првоодделенци помалку, односно наместо предвидените 950 ученици, седнале 720 ученици.

Во Прилеп пак 100 првачиња помалку се запишале во новата учебна година, односно се запишале околу 700 првачиња наместо предвидените по реонизација околу 800 првачиња.

И во Штип изминатата учебна година беа запишани околу 200 помалку ученици во прво одделение, а училиштата беа принудени да формираат паралелки со под 20 ученици, иако Законот за основно образование налага една паралелка да има најмалку 24 ученици.

Евидентно е дека бројот на првачиња кои се запишуваат во основните училишта низ државава е сè помал.

Овој тренд од една страна се јавува како последица на стапката на наталитет во Македонија, од година во година се раѓаат сè помалку деца. Во последниве десет години се родиле 5.065 бебиња помалку.

Но, од друга страна намалениот број на ученици во училиштата е и резултат на тоа што се повеќе семејства се иселуваат од земјава.

Па, додека од една страна се намалува бројот на запишани ученици во училиштата, расте бројот на ученици кои се отпишуваат, со една од главните причини – отпишување на ученици поради преселба во странство.

Така во учебната 2020/21 година, на ниво на државата од вкупно 2.007 ученици кои се отпишале од училиштата, 935 се отпишале поради заминување во друга држава.

Како најчести причини за иселување се вбројуваат квалитет на образованието, партизирани институции, корупција, финансиска несигурност, недоверба во правосудство…

Вкупно
2573 ученици се отпишале од основните училишта во 11 скопски општини за три години

Од овие 2573 ученици во скопските општини, најголем број се отпишале во учебната 2021/22 година, вкупно 1120, а од нив 219 ученици се отпишале само од Кисела Вода каде како причини се наведуваат преселба во друг град и во странство. Најголем број на ученици за три години се отпишале од Општина Чаир, дури 526 ученици.

За пет години 3000 помалку ученици во основните училишта

За 2423 се намалил бројот на ученици во средните училишта во државава за пет години

Од МОН велат дека бројот на ученици во средното образование е околу 70.000 ученици, но конечен податок за оваа учебна година се очекува да има кон крајот на месец септември.

Бројот на ученици кои се запишуваат во средните училишта исто така е сè помал

Преполовен е бројот на средношколци кои се запишале во струмичките средни училишта, каде оваа учебна година останале 555 слободни места.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на почетокот на учебната 2022/2023 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 185 099, што претставува намалување за 0.8 % во однос на претходната учебна година.

Бројот на учениците во редовните средни училишта, на почетокот на учебната 2022/2023 година, изнесува 69 227, што претставува намалување за 2.5 % во однос на претходната учебна година.

Види Вака и претходно пишуваше за трендот на масовно отпишување на ученици од основните и средните училишта во општините Кочани, Кавадарци, Куманово и Штип, пред почетокот на второто полугодие минатата учебна година.

Покрај тоа што се преполовува бројот на ученици, последниве години наставата започнува со неизвесности

Онлајн настава поради Ковид-19, дојави за бомби, штрајк на професорите… беа дел од предизвиците со кои се соочуваа учениците изминативе години. Исто како и претходните и годинава започна со неизвесности.
Учениците бараат решавање со проблемите со учебниците, јавен бесплатен превоз и најважното училиштето да обврнува повеќе внимание околу менталното здравје на учениците.

„Онлајн наставата даде негативен придонес кој многу влијае врз менталното здравје на децата, бидејќи изолираноста сам дома и малата опкруженост со врсници и комуникација, негативно влијаеше врз нас. Службите и професорите треба малку повеќе да се вложат од тој аспект да помогнат, особено на учениците кои имаат навистина потреба, бидејќи не сите одат да побараат помош и да кажат дека се соочуваат со одреден проблем“, истакна средношколката Ана Бошкова од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес.

Видео прилог: Учениците со нови предизвици во пресрет на учебната година

Преполовените училниците од година во година го вклучува алармот за иднината на Македонија. Постпандемично почнува да закрепнува образовниот систем, но се исправа пред нови предизвици. Македонските ученици кои останаа во училиштните клупи се децидни, ќе продолжат да се борат и да ги бараат своите права пред одговорните, онака како што вели и претседателот на Сојузот на средношколци, Берин Мухамед.

Секако дека се надеваме ќе се остварат ветувањата кои ги имаат дадено надлежните органи во државата, но сепак ние даваме напори за да се реализира тоа што го имаме предвидено. Во случај да не биде така како што беше предвидено и како што тие ветија, ќе преземаме нови акции за да тие да го реализираат тоа што го ветија.

Facebook
Twitter
LinkedIn