Правдата во Македонија доаѓа преку Стразбур

Дел од исклучените од системот за централно греење кои не плаќаат надоместок за ангажирана можност сè уште водат постапки пред домашните судови, други, пак, ја чекаат правдата од Европскиот суд за човекови права. Регулаторот и БЕГ велат дека сегашните услови се во интерес на потрошувачите.
Автор: Марија Севриева
Камера и дрон: Крсте Шупев
Монтажа: Крсте Шупев
Продукција: Види Вака

Осум години по воведувањето на обврската исклучените корисници од системот на централно греење да плаќаат надоместок за ангажирана моќност на снабдувачите со топлинска енергија, во случајов Балкан Енерџи Груп (БЕГ), Марјан Ненов сè уште има дваесет судски постапки против него.

Постапките се за долг кон БЕГ поради неплаќање на надоместокот за ангажирана моќност на што беа обврзани и исклучените од системот на централно греење со одредба од Правилникот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) од 2012 година. Ненов и здружението „Но Пасаран“ со години апелираа дека таа е незаконски воведена, а за што потврда стигна од Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП). 

Во меѓувреме, покрај од Стразбур, потврда дека на исклучените граѓани им е нарушено правото на сопственост, стигна и од дома со укинувањето на спорните одредби и донесување на нови во Правилникот на Регулаторната комисија за енергетика од април 2019 година.

Здружението „Но Пасаран“ изврши силно влијание за адресирање на овој проблем, вели Ненов. 

„Од почетокот проблемот беше индивидуален, секој граѓанин сам за себе го имаше овој проблем. Меѓутоа, бидејќи бројката на граѓани беше огромна, на почетокот некаде околу 15 илјади фамилии, па достигна до некаде 20 илјади фамилии, почнавме да се самоорганизираме“, вели Ненов за почетоците на нивното движење. 

Македонското здружение на млади правници, во изминатиов период, преку правна помош им помогна на дел од исклучените и тужени граѓани во водењето на постапките. Беа изготвувани вештачења и стручни мислења во насока на докажување дека овие лица не се пасивни корисници на топлинска енергија, како што одлучи Уставниот суд, кој ја легитимираше спорната одредба од Правилникот, вели Александра Цветановска проектен координатор во Здружението на млади правници.

Еден од најспорните елементи, додава Цветановска, е што парите од граѓаните не одеа во државниот, туку во буџетот на приватни компании.

„Иако во сите одговори на тужби и во сите списи на предметите ние истакнувавме дека ова е прекршување на човековите права, за жал судовите не го препознаа тоа. Но сега, откако се доби пресудата од ЕСЧП веќе се смени праксата на судовите. Иако, пак, ќе кажам нагласувавме дека има повреда на правото на сопственост од член 1 протокол 1 од Европската конвенција за човекови права, но по добивањето на пресудата судовите почнаа да ја согледуваат таквата повреда“, вели Цветановска. 

Здружението на млади правници го следи и извршувањето на пресудата на судот од Стразбур, а исто така и постапките коишто завршија правосилно пред домашните судови на штета на граѓаните за кои се поднесени апликации/жалби пред ЕСЧП. 

Стрезовски и други против РСМ како водилка за незавршените предмети

Пресудата на ЕСЧП (pdf) Стрезовски и други против Република Северна Македонија од февруари 2019 година утврди дека на исклучените од системот за парно греење им било загрозено Правото на сопственост. Државата требала да обезбеди дека оспорената мерка не им наметнува прекумерен товар на апликантите, притоа дозволувајќи им на приватните снабдувачи на топлинска енергија да остварат потенцијално неоправдана добивка. Меѓу другото, судот од Стразбур наведува дека домашните судови не успеале да ја воспостават неопходната правична рамнотежа помеѓу засегнатите интереси, преку примена на доволно процедурални гаранции. 

Покрај тоа, со пресудата се утврди дека државата треба да им исплати и паричен надоместок на осумтемина апликанти. Надоместокот е во висина од 320 до најмногу 2.100 евра.  

Овој надоместок е исплатен во роковите предвидени во пресудата на ЕСЧП, велат од Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред ЕСЧП. 

„Дел од апликантите во случајот Стрезовски и други имаат побарано повторување на домашните спорни постапки“, додаат од Бирото. 

Од Бирото наведуваат дека тие мерки се преземени со промената на правилникот на РКЕ, но и со промената на судската пракса за активните судски предмети, кои се водат според стариот Правилник од 2012 година. 

„Постојат индиции дека домашните судови во овие предмети по правосилноста на пресудата на ЕСЧП при правораздавањето ги имаат предвид и ги применуваат ставовите на ЕСЧП изразени во пресудата во случајот Стрезовски и други што е на линија на очекувањата на Комитетот на министри и целта на општите мерки во насока на превенирање на идни слични повреди на Конвенцијата“, стои во одговорот за Види Вака од Бирото. 

Според адвокатскиот тим на дел од тужителите, пак, пресудата не се спроведува во целост. Тие имаат истакнато забелешки до Комитетот на министри, кој врши надзор на спроведувањето на пресудата, вели адвокатот Дамјан Гроздановски од адвокатската канцеларија Чакаровска која застапува повеќе граѓани во овие постапки. 

„На кратко, се жалиме на моментот дека Бирото не предложува никакви измени, бидејќи смета дека новите одредби во Правилникот за снабдување со топлина, донесен од РКЕ, се во согласност со пресудата на ЕСЧП. Ние не се согласуваме со ова и сметаме дека и новиот Правилник е спротивен на човековите права, бидејќи наметнува прекумерен товар на граѓанинот, со цел да го натераат да остане поврзан на мрежата на БЕГ“, вели Гроздановски.

Според Гроздановски, пресудата од Стразбур треба да се однесува на сите, а не само на осумтемина апликанти.

Меѓутоа, граѓаните коишто ги имаат изгубено претходните судски процеси дадоа барање за повторување судските постапки коишто сите, скоро сите овие барања, беа одбиени, вели Марјан Ненов од „Но Пасаран“.

Причината за тоа е членот 400 од Законот за парнична постапка според кој:
„Кога Европскиот суд за човекови права ќе утврди повреда на некое човеково право или на основните слободи предвидени во Европската конвенција за заштита на основните човекови права и слободи и во Дополнителните протоколи на Конвенцијата, кои Република Македонија ги ратификувала, странката може во рок од 30 дена од конечноста на пресудата на Европскиот суд за човекови права да поднесе барање до судот во Република Македонија кој судел во прв степен во постапката во која е донесена одлуката со која е повредено некое од човековите права или основните слободи за измена на одлуката со која тоа право или основна слобода е повредена.“

Поради веќе воспоставената судска пракса на судот во Сразбур и позитивната пресуда Стрезовски и други против РСМ, поднесени се дополнително уште 120 апликации пред ЕСЧП, а кои се однесуваат на правосилно завршени постапки.
Апликантите се надеваат дека нивните жалби ќе бидат усвоени и врз онова на пресуда од Стразбур ќе можат дома да бараат повторување и на нивните постапки.  

Од Бирото за застапување на РСМ пред Европскиот суд за човекови права, за новите апликации испратени до Стразбур наведуваат:

„Поголем дел се веќе доставени на одговор до државата. Поточно, досега до државата на одговор од страна на ЕСЧП се доставени 117 апликации од сличен вид. Извесно е дека според најавениот број, над 120 апликации, во следниот период ќе следува достава и на други апликации од овој вид на одговор до државата.“

За 25 апликации од овие 117, судот во Стразбур на 1 април 2021 година има донесено одлука врз основа на спогодба. Овие 25 апликации се споени во две одлуки. Од увид во одлуките, може да се забележи дека досудениот надомест кој треба државата да им го исплати на апликантите се движи од 950 до 1.150 евра за секој апликант поединечно.

Со постигнатата спогодба, овие апликанти се откажуваат од понатамошно водење на постапки пред домашните судови.  

Но Ненов вели дека не сака да се спогоди до државата, иако е свесен дека голем број на луѓе ќе го сторат тоа, тој ќе оди до крај.  

„Бидејќи државата и понатаму игнорантски се однесува кон овој проблем и го загрозува правото на повторување на постапките, ние им дадовме максимална поддршка на сите за постапките кои се водат пред Стразбур. И тие ќе добијат и ќе имаме уште една масовност, можеби за неколку години по ова прашање“, се надева Ненов.

И Цветановска се надева на позитивен исход за оние апликации пред Стразбур за кои нема да има спогодба.

Со спогодба нема повторување на постапката дома

Со потпишана спогодба не може да се повторуваат постапки, вели адвокатот Гроздановски. Со спогодбите жалителите се задоволуваат со примениот надоместок и понатаму не можат да бараат ништо ни од БЕГ ни од државата, за тој предмет. 

„За тие што не потпишаа спогодби, пак, Владата даде еднострани изјави, каде признава дека има повреда на правото на сопственост, а врз основа на оваа изјава Европскиот суд може да донесе Решение за отфрлање на жалбата, бидејќи државата признава. Секако судот може да одреди дека изјавата не е во ред и да продолжи со постапката, но ова ретко се случува“, вели Гроздановски. 

Дали може признанието на Владата да се искористи за повторување постапки, е спорно прашање, бидејќи член 400 од Законот за парнична постапка бара да постои пресуда, а таква ќе нема, бидејќи Владата признала. Во секој случај, според нас би требало да се повторат овие постапки, наведува уште еднаш адвокатот Гроздановски. 

РКЕ: Измените на Правилникот во 2019 се во интерес на потрошувачите

Во однос на забелешките на правниот тим Гроздановски, дека и новиот Правилник на РКЕ наметнува многу обврски за граѓаните од Регулаторната комисија за енергетика наведуваат дека новите правила предвидуваат прецизна процедура за исклучување (pdf) и со нив се излегло во пресрет на барањата на граѓаните. 

„Со измените, секој потрошувач може да се исклучи од соодветниот систем, доколку докаже дека има подобра еколошка алтернатива за затоплување на станбената единица. Измените се во насока да се намали потрошувачката на примарна енергија како и да се покријат топлинските загуби кои настануваат поради празните (не населени) станбени единици кои се исклучени од централното греење и не користат ниту еден друг систем за поединечно греење“, велат од Регулаторна во одговорот за Види Вака.

Според Регулаторна, нема економска и еколошка логика домовите во централното градско подрачје да се загреваат на електрична енергија, која доминантно се произведува од РЕК Битола, во услови кога има систем за топлинска енергија. 

Користењето на електрична енеригија значи и зголемено оптоварување на дистрибутивниот систем за електрична енергија во градот Скопје и воопшто преоптоварување на електроенергетскиот систем на територијата на цела држава што може да има негативни последици, велат од РКЕ.

Од таму додаваат дека Правилата за снабдување на топлинска енергија се донесени во согласност со барањата од Законот за енергетска ефикасност.

БЕГ: Доколку фиксниот дел од надоместокот не им се фактурира на исклучените потрошувачи, тој износ ќе биде соодветно распределен на приклучените 

Од Балкан Енерџи Груп велат дека тие не профитираат на грбот на граѓаните. Тие како снабдувач со топлинска енегрија, поседуваат лиценца од 1 јануари 2013 година и работат согласно законските и подзаконски акти донесени од страна на институциите во државата. „Компанијата, како носител на лиценца, на потрошувачите им изготвува фактури за надоместокот за испорачана топлинска енергија и надоместокот за ангажирана топлинска моќност со примена на одобрените тарифни ставови во ‘Одлуките за одобрување на регулиран максимален приход’, донесени од РКЕ“, велат од БЕГ.

Во 2013 година, кога исклучените граѓани почнаа да протестираат, од вкупно 55.640 потрошувачи, обврска за плаќање на надоместок за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) имале 12.530 потрошувачи исклучени од системот за централно греење. 

Од 2013 до 2019 година, до промената на Правилникот, според направените анализи учеството на исклучените потрошувачи во остварениот регулиран максимален приход, изнесува 6,55%, појаснуваат од БЕГ.

Преку табелата прикажана подолу, од БЕГ појаснуваат дека распределбата на фиксниот трошок паѓа на приклучените на системот за централно греење. 

„Доколку фиксниот дел од надоместокот не им се фактурира на исклучените потрошувачи, тој износ ќе биде соодветно распределен на останатите приклучени потрошувачи во објектот, и токму за овој износ би се зголемиле нивните фактури за топлинска енергија. Вкупниот износ за фиксниот дел од надоместокот кој се фактурира на исклучените потрошувачи од мерното место не претставува дополнителен приход за Снабдување со топлина БЕГ, а ниту пак профит надвор од одобрениот регулиран максимален приход по грејна сезона“, велат од компанијата.

Но и покрај тоа, Ненов и останатите исклучени сметаат дека се обесправени и оштетени и од државата и од БЕГ и се надеваат дека судот во Стразбур ќе го констатира тоа и за нивните случаи. 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn