Праисториските дами – симбол на женската истрајност

Сите пронајдени фигурини во денешно време не се само егзотични артефакти, туку се еден рефлекс, односно слика која ја прикажува жената во минатото. Праисториските дами се симбол на женската истрајност кои покажуваат дека жената во предисторијата не била само сведок на историјата, туку и нејзин креатор.
Автор: Христина Ѓорѓиевска Илиевска
Продукција: Види Вака
Праисториски дами

Јовица Ристов

археолог

„Поради отсуството на писмо и на пишани податоци за животот на луѓето во прдисторијата, податоци за организацијата на семејните структури црпиме од материјалните наоди, како и од некрополите. Па така, освен материјалните наоди кои сугерираат за жената како домаќинка, имаме и потврда за нејзината улога како свештеничка од периодот на железното време ( од Х до VI век пр.н.е. ).“

Елена Стојанова Канзурова

археолог

„Археолошкиот музеј во Скопје во неговите збирки за Неолит (младо камено време), Енеолит (бакарно време), Железно време, Класичен период, Хеленистички период, Римски период, Рановизантиски период, Нумизматика, Епиграфика и камена пластика, се чуват артефакти изработени од глина, камен, метал на кои се претставени женски ликови. Во збирката за антропологија се чуват женски скелетни наоди од неколку археолошки локалитети кои потекнуваат од разни временски периоди. Оваа збирка за антропологија содржи и неколку реконструкции односно портретни скулптури и цртежи на комплетни женски фигури во природна големина, со претстава на облека, накит и оружје од неколку предисториски и подоцнежни периоди.“

Гоце Наумов

археолог

„Ако се земе обопштеното гледиште на женските фигурини, тогаш тие се генерализираат како корпулентни индивидуии со истакнати бедра и гради. Но тоа не е така! Постојат многу варијации каде има присуство на големи бедра и мали гради, на мали бедра и големи гради, на мали бедра и мали гради, или само на бедра и само на гради. На некои од нив има и приказ на пубисот, а на многу нема. На некои плочкасти предмети или цртежи го има прикажано само пубисот, а воопшто ги нема останатите делови на телото. Тоа покажува дека во период од околу 1 500 години, колку што отприлика траел неолитот, постоеле различни мотиви и начини да се прикаже женското тело. Нив ги изработувале илјадници различни „вајари“ од стотици неистовремени различни култури кои можеле да имаат сосема различни причини да прикажат една жена, доколку е жена во прашање, а не дух, предок, божество или поим. Земете го примерот на сликарството на Никола Мартиновски и Ежен Делакроа. Дали сметате дека жената во сликата „Мајка со дете“ на Мартиновски и жената во сликата „Слободата го води народот“ на Делакроа имаат исто значење и изглед? Поради тоа колкава е веројатноста две женски фигурини од неолитот, некогаш дури и со 800 години разлика, да претставуваат единствено мајка, дама, Голема Мајка или божица?“

Facebook
Twitter
LinkedIn