Пороците кај младите во Македонија започнуваат од деветгодишна возраст

Пред Македонија високо исправен стои предизвикот со справување со употребата на тутун, е-цигари, алкохол како и коцкање кај адолесцентите.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

Коцкање, алкохол, пушење цигари, е-цигари и други тутуни на загревање кај младите во Македонија започнува уште од 13-годишна возраст и помлади.

Македонија се соочува со сериозен општествен предизвик каде сѐ почеста е појавата на ризични навики кај младите. Коцкањето, пушењето цигари, употребата на е-цигари и други тутунски производи на загревање, како и консумирањето алкохол, започнуваат уште од осмо одделение, а во некои случаи и порано.

Овој загрижувачки тренд ја става државата пред висок и итен предизвик во справувањето со употребата на цигарите како и коцкањето кај адолесцентите.

Во Македонија прва цигара се пали на 9 години и порано

Само 8.5% од средношколците читаат книга секој ден додека 3,6% од сите ученици пријавиле пушење цигари секојдневно на возраст од 13 години или помлади според извештајот за преваленца на употреба на цигари спроведена со ученици родени во 2008 година, од сите региони на земјата, во речиси сите средни училишта во земјата.

Перцепцијата на младите е дека цигарите, е-цигарите како и алкохолот се прилично или многу лесни за набавување. Оттука и процентот на оние кои користеле цигари барем еднаш во животот изнесува 33%, а 23,6% пријавиле дека употребувале цигари во текот на последниот месец.

3,6% од сите ученици пријавиле секојдневна употреба на цигари на возраст од 13 години или помлади покажуваат податоците од извештајот Европски проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги во Република Македонија, ЕСПАД 2024 од Институтот за јавно здравје.

Вкупната преваленца на секојдневната употреба на цигари на возраст од 13 години или помлади се зголемува во последните 16-ет години, од 3% во 2008 година на 3,6% во 2024 година.

Започнувањето со пушење всушност започнува уште на 9 години или помлади кај 2,9% од учениците, а на возраст од 13 години, стапката се зголемува на 6,3%.

Зголемена е и употребата на е-цигари кај учениците.
Употребата во текот на животот се зголемила од 21% во 2019 година на 30% во 2024 година. Додека 2,1% од сите ученици пријавиле секојдневна употреба на е-цигари на возраст од 13 години или помлади.

Оттука производите од тутун што се загреваат се појавуваат како уште еден загрижувачки тренд, каде речиси 20% од учениците пријавиле дека ги пробале, а 10,3% ги користеле.

„Алармантно е дека овие електронски цигари и тутунските, оние што користат тутун на загревање, децата и младите ги перцепираат како нешто што е поздраво, како нешто што може да се конзумира секаде, бидејќи до сега не беа офатени во Законот за заштита од пушење, така што претпоставувам од тука и нивната популарност кај децата и кај младите“ – вели Бојана Мијовиќ Христовска – извршен директор на Аналитика Тинк Тенк чијашто истражувачка студија покажа дека преваленцата на употреба на тутун во Македонија е меѓу највисоките во Европа.

Достапноста на овие производи е висока, а адолесцентите честопати ги потценуваат вклучените ризици.

„Овие производи честопати носат заблуда дека се побезбедни од традиционалните цигари, но нивниот потенцијал за зависност и здравствените ризици остануваат значајни, особено за адолесцентите кои сè уште се развиваат“ – стои во извештајот ЕСПАД 2024.

Видеото е оригинално објавено 13.02.2026

Нов, рестриктивен Закон за заштита од пушење на повидок

Законот за заштита од пушење иако и сега забранува продажба на цигари на малолетници и забрана за пушење во затворени простори, меѓутоа не постојат контроли на терен и во реалноста не се применува.

Промените од 2018 година во Законот за заштита од пушење дозволија повторно пушење на тераси и посебни места, дополнително во 2021 година се дозволи и употребата на уредите што го загреваат тутунот во внатрешните делови од угостителските објекти.

Наскоро се очекува на сила да стапи Законот за заштита од пушење каде новост е тоа што се воведува и забрана на новите никотински производи и електронски цигари.

Македонија е на чекор до донесување на проширен Закон за заштита од пушење.

Предлог-законот предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени простории од јавен карактер, без исклучоци, како и строги ограничувања за увозот, продажбата и изложувањето на тутунски и никотински производи. Забраната ќе важи за сите угостителски објекти за исхрана, вклучувајќи ресторани, барови, меани и кантини. Пушењето ќе биде забрането и на терасите на угостителските објекти доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни. Законот ја проширува забраната и на пушење во автомобил доколку во него има дете, како и на автобуски и железнички станици, пазари и други јавни простори. Истите правила ќе важат и за електронските цигари и вејп-уреди, а се предвидува и целосна забрана за ароматизирани цигари и никотински производи. Дополнително, сите цигари и електронски уреди ќе мора да бидат тргнати од видното поле на купувачите во маркетите и продажните места.

Имплементацијата на новиот Закон за заштита од пушење ќе се одвива во две фази – прво би се изрекувале опомени, а потоа казни. Предвидените казни за прекршување на законот се од 150 до 300 евра за граѓаните, додека пак, за правните лица казните можат да достигнат и до 5.000 евра.

Советувалиштата за откажување од пушење при ЦЈЗ со мала посетеност и мал буџет

Цигарите се голем ризик фактор за голем број незаразни заболувања, со негативни влијанија врз здравјето на човекот – укажуваат од ИЈЗ.

Респираторни заболувања, кардиоваскуларни, проблеми со ендокринолошки систем, метаболизам, проблеми со плодност, компликации со бременост, заби, кожа, како и можна појава на канцер – се заболувањата за кои ИЈЗ информира како последица од пушење.

Оттука и придобивките од откажување од пушење се огромни – од подобрување на циркулација, намалување на пулс, замор, подобрување на функцијата на респираторните органи до намалување на стапката на инфаркт.

Институтот за јавно здравје во 2024 година отвори линија за откажување од пушење.

Луѓето кои сакаат да прекинат да пушат цигари можат да разговараат со професионалци кои работат според светски стандарди.

ИЈЗ соопшти дека линијата успешно функционира, а бројот на повици е голем и имаат помогнато на луѓе кои решиле да се откажат од пушење.

Линија е достапна секој понеделник и среда од 11 до 13 часот.
078 285 873 е бројот на Центар за советување за откажување од пушење при ИЈЗ

Од друга страна, според програмата за јавно здравје на Република Македонија, на пушачите им се овозможува пристап и до Советувалишта за откажување од пушење во рамките на Центрите за јавно здравје. Иако овие центри се како единствена достапна помош за откажување од пушење што ја обезбедува Фондот за здравство на Македонија, за жал нивната работа е се со помал обем, бидејќи имаат мала посетеност, а исто така имаат многу мал буџет – покажа извештајот за работа на советувалиштата за откажување од пушење при Центрите за јавно здравје – 2025.

Во 2023 година, вкупниот број на советувани граѓани во сите 10 ЦЈЗ изнесува 43. Во ЦЈЗ Тетово и ЦЈЗ Охрид по 1 лице добило помош во однос на индивидуално советување, додека во ЦЈЗ Битола 10 лица биле советувани додека во ЦЈЗ Велес, ЦЈЗ Кочани, ЦЈЗ Штип, ЦЈЗ Прилеп, ЦЈЗ Струмица, ЦЈЗ Куманово и ЦЈЗ Скопје немало никакви активности поврзани со Советувалиштата за откажување од пушење.

На 13 години и помлади, прва интоксикација со алкохол

Наргиле, вејпови и други тутуни на загревање, како и консумирање на алкохол исто така пријавиле адолесцентите опфатени во ЕСПАД 2024.

Младите најчесто пијат алкохол за да уживаат и подобро да си поминат на забавите и прославите, покажува истражувањето, а други пак пијат при лошо расположение, да не се чувствуваат изоставено и депресивно, за да заборават на проблемите.

Пијанство (пет или повеќе пијалоци во една пригода) во последниот месец од истражувањето пријавиле 33,2% од учениците. Интоксикација со алкохол во текот на животот пријавиле 27% од учениците, а 28,5% изјавиле дека го имале своето прво искуство со алкохол на возраст од 13 години или помлади и 6,7% од учениците изјавиле дека биле интоксицирани за прв пат на возраст од 13 години или помлади.

Алкохол и седативи наспроти грижа за ментално здравје

Младите земаат и транквилизери и седативи, како што се (дијазепам, лексилиум, валиум, хелекс), како и лекови против болки (диклофенак, кетонал, волтарен, дорета) кои понекогаш лекарите ги препишуваат за да им помогнат на луѓето да се смират, да заспијат полесно или да се релаксираат.

Иако аптеките не би требало да ги издаваат овие лекови без рецепт, 6,6’% од учениците земале такви лекови без рецепта.

Менталната состојба укажува дека 32,4% од момчињата се чувствувале полни со живот цело време, во споредба со 20,5% од девојчињата. Никогаш не се чувствувале полни со живот изјавиле 6,5% од момчињата и 6,8% од девојчињата.

Загрижува што во голема бројка учениците изјавиле дека никогаш не учествувале на настани за подигање на свеста и информирање за штетни последици од коцкање, игрици, социјални мрежи, тутун, алкохол и други дроги. Како и обука за медиумска писменост, лични и социјални вештини.

Најголемиот број никогаш не присуствувале на такви настани, додека мал дел присуствувале еднаш или повеќе од еднаш.

Казина и обложувалници на секој чекор, и голем процент на адолесценти кои се коцкаат

Секој четврти ученик се коцка за пари (25%), од кои поголемиот број 21% се коцкаат во живо, а 15% пак се коцкаат онлајн.

Загрижува зголемената преваленца на проблематично коцкање пријавено кај учениците, каде и кај момчиња и кај девојчиња речиси се удвоила.

Во меѓувреме скоро 60 казина и обложувалници во скопски Центар мапираше граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

Поаѓајќи од тоа колку јавни спортски терени има на кои не треба да плаќаат за да играат, а колку казина и обложувалници има, заклучокот на „Шанса за Центар“ е дека огромна е концентрацијата на објекти за игри на среќа и обложување во Општина Центар и во Скопје воопшто.

Дека казина и обложувалници има на секој чекор покажува изработената мапа, а според Јане Димески од „Шанса за Центар“ голем проблем е што не им се дава можност и опции на младите како и каде да го поминуваат времето и сѐ позанемарени се, за сметка на битката и трка за профит.

„Ако во мое време на пример имало пет кина најмалку во Центар и можеби исто толку вакви казина и уште некои кладилници, сега соодносот е целосно променет, драстично, сега ги имаме повеќе од 60 објекти за обложување за игри на среќа, а немаме веќе ни едно кино. И не е само проблемот бројката на едниве, туку е огромен проблемот, недостатокот на другите“ – Јане Димески „Шанса за Центар“.

Видеото е оригинално објавено 17.02.2026

Зависноста од коцкање најчесто почнува како забава, а особено адолесцентите не размислуваат за ризиците и последиците кои можат да настапат од оваа зависност.

Потребата од коцкање ако надвладее постои опасност да ја доведе личноста да лаже, краде, да ја потроши заштедата, да навлезе во финансиски потешкотии.

Тоа е навика која лесно може да доведе до сериозни финансиски, психолошки и социјални проблеми. Честопати започнува како игра, но брзо преминува во зависност што ги уништува соништата и иднината на многу млади луѓе.

Потреба од нов Закон за игри на среќа и поголема контрола

Доколку родителите или пријателите забележат коцкарско однесување кај адолесцентите, училиштните психолози се први кај кои родителите можат да се обратат.

Во Македонија не постојат специјализирани центри за зависност од коцкање, но во центарите за зависност од дрога, како и центри за ментално здравје и психолошки и психијатриски установи може да се побара помош.

Новиот Закон за игри за среќа кој во 2024 година помина во Собрание, а предвидуваше во рок од една година да се отстранат сите објекти за коцкање во радиус од 500 метри од училиштата и градинките, како и намалувања на бројот на обложувалници, казина, апарат клубови.
Меѓутоа тој Закон не беше потпишан од тогашниот претседател на Македонија која одлука била резултат на детална анализа.
Сепак, тогашниот претседател Стево Пендаровски тогаш го повика Собранието без одложување да отпочне повторна дебата со сите засегнати страни во врска по ова прашање, но при повторно гласање предлог-промените не беа изгласани.

Моментално Законот за игри на среќа и забавни игри не е конзистентен во предвидувањето на обврските кон сите приредувачи на игри на среќа за информирање на играчите за опасноста од стекнување зависност од играње. Согласно овој Закон, единствено за игрите на интернет е предвидена обврска за приредувачот да објавува информации кои предупредуваат на можностите од зависност од учество во игри на среќа, како и информации и линкови до други интернет-страници кои им помагаат на зависниците од игри на среќа. Ваква обврска не е предвидена за другите приредувачи на игри на среќа како казина, автомат клубови и обложувалници кои најчесто се посетувани од младите во Македонија.

Законот исто така забранува рекламирање, освен на игрите на среќа преку интернет, но не и на останатите игри на среќа.

Сепак, истражувања како „Коцкањето не е игра“ покажуваат дека не постои строга примена на постоечката законска регулатива и испитаниците често пати се сведоци дека и малолетни луѓе играат игри на среќа.

Истражувањето на ЕСПАД 2024 укажува на нови предизвици во јавното здравје кои бараат обновени стратегии во образованието, превенцијата и политиките.

Загрижувачки индикатори дека до 30% од учениците не се вклучени во вообичаени активности во слободно време. Ова може да укажува на ограничен пристап до рекреативни простори, недостаток на мотивација или можни емоционални или ментални здравствени предизвици.

Потребни се системски мерки, едукација и заедничка одговорност за заштита на здравјето и иднината на младите генерации.

Овие наоди ја нагласуваат итната потреба од сеопфатни стратегии за превенција што одат подалеку од традиционалното пушење и се однесуваат на целиот спектар на тутун на загревање, вклучувајќи го и коцкањето, консумирањето алкохол и седативи. Јасни пораки за јавното здравје, построга регулатива, измена на постоечките закони и насочено образование се од суштинско значење за да се спречи понатамошното користење кај младите.

Facebook
Twitter
LinkedIn