Полициска бруталност: невидлива за системот, видлива на камера

Брзата реакција на МВР за санкционирање на припадниците од своите редови заглави во судските лавиринти. Обвинителството вели дека успешно ги процесира случаите на полициска бруталност.
Автор: Марија Севриева
Камера и фотографии: Крсте Шупев
Монтажа: Крсте Шупев
Продукција: Види Вака

Инцидент помеѓу група граѓани и припадници на сообраќајната полиција можеше да помине незабележан доколку за него не се појавија видеоснимки. Инцидентот се случи на 21 септември. Снимките излегоа во јавноста три дена подоцна, на 24 септември, а веќе на 25 септември излезе и друга видеоснимка, овој пат од прес-конференција на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски со осуда на настанот и со преземени активности за казнување на насилните полициски службеници. 

Станува збор за случајот во Битола, во кој полициски службеници употребуваат прекумерна сила врз Роми кои штотуку направиле сообраќајна незгода со својот автомобил.

Бевме излезени петмина другари, да си прославиме, вели Невзат Јашаровски за Види Вака, сеќавајќи се на инцидентот од пред повеќе од осум месеци. 

„На одење за дома и поднапиени удривме во една бандера. Тоа беше кога удривме и само што излеговме од колата почнаа тие да маваат на нас. Мене ме тргнаа подолу, детето погоре го тепаа. Мене ме фатија со клоци, со тупаници и со палици да ме тепаат“, вели Јашаровски.

Не добиле никакво објаснување зошто насилно се постапува со нив, а ниту давале отпор, вели Јашаровски.

Покрај тоа што се гледа на снимките, кои беа објавени на социјалните мрежи, Јашаровски тврди дека неговиот син, кој бил со него во автомобилот, бил малтретиран и во полициска станица. Тој вака ја објаснува ноќта што ја поминал во полициската станица. 

Постоењето на видеоснимка на која јасно се гледа инцидентот го охрабрило Јашаровски да го пријави случајот. 

Правна помош добил од Македонското здружение за млади правници (МЗМП). Тие како здружение активно работат во областите на заштита на човековите права и заштита од тортура и нехуман третман. Во партнерство со Хелсиншкиот Комитет за човекови права имаат развиено и посебна програма за правна помош на лица кои се задржани во полициска станица, а се пожалиле на прекумерна употреба на сила или на нехуман третман. 

Ирена Здравкова, проектен менаџер во МЗМП, вели дека за поздравување е реакцијата на полицијата и на обвинителството коешто експресно ја процесира кривичната пријава на МВР. Сепак, според Здравкова, правдата не треба да биде достапна само за случаите кои брзо стигнуваат до пошироката јавност.

Според тврдењето на жртвите, тие се соочиле со проблеми и при самото пријавување на случајот во полициска станица.  

Предметот кој е во суд по кривичната пријава од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и обвинението, се однесува на  само еден полициски службеник кој учествувал во инцидентот во Битола.

За него, министерот Спасовски на пресот потенцираше дека поради основано сомнение дека сторил кривично дело малтретирање во вршење на служба предвидено во член 143 од Кривичниот законик и поради неоснована употреба на физичка сила врз Јашаровски е поднесена кривична пријава. 

Покрај тоа, за истиот полициски службеник е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и суспензија од работното место. А против уште еден од тројцата полициски службеници присутни на настанот кој не преземал мерки за спречување на неоснованата употреба на физичка сила е поведена дисциплинска постапка и е суспендиран од работното место, рече Спасовски. 

Сепак, во одговор за Види Вака од МВР дообјаснуваат дека дисциплинската санкција за првиот полицаец, кој е и обвинет, била 15% пониска плата во рок од три месеци, додека пак за вториот полицаец постапката била запрена поради неутврдена одговорност. Суспензијата не се споменува во одговорот кој го добивме. 

За останатите двајца полицајци присутни на настанот, пак, Одделот за внатрешна контрола препорачал претпоставениот да им укаже да го подобрат своето однесување и работење. 

Во обвинението, пак, е наведено:

Според обвинителниот предлог, само Невзат е оштетен. 

Здравкова вели дека откако ги разгледале доказите, видеодокументацијата и изјавите на странките одлучиле дека има елементи на повеќе кривични дела и затоа е поднесена нова кривична пријава до обвинителство со согласност на оштетените. 

„Поднесена е кривична пријава против сите полициски службеници, поради малтретирање во вршење на службата како и поради непријавување на кривичното дело од страна на другите кои не презеле дејствија да го спречат полицискиот службеник кој применува сила на видео снимката, потоа за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување и за расна и друга дискриминација“, вели Здравкова.

Таа очекува дека доказите ќе бидат земени предвид и ќе се донесе правична пресуда која ќе испрати порака до јавноста дека прекумерната употреба на сила и бруталното однесување на полициските службени лица е недозволиво и казниво.  

Законските измени бавно ги даваат резултатите

Заради подобрување на механизмите за следење и откривање на случаи на злоупотреба на службената положба од страна на полициските службеници како и од затворската полиција во 2019 и 2020 година беа направени законски измени. Целта на измените беше зголемување на довербата на граѓаните во системот за пријавување и во системот за надворешна контрола и истрага, вели Здравкова.

За поефективно решавање на вакви предмети формирана е посебна организациона единица со своја стручна служба и истражители во рамките на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Исто така, формирана е и посебна организациона единица во рамките на Народниот правобранител која требаше да се развие и прерасне во механизам за граѓанска контрола на работата на полицијата. 

„Покрај тоа што здруженијата на граѓани, помеѓу кои и МЗМП и Хелсиншкиот Комитет се избрани од страна на Собранието, поради несогласувањата со претходниот Народен правобранител во врска со концептот на функционирање на граѓанскиот механизам, ваквиот модел на контрола на работата на полицијата и затворската полиција, со активно вклучен невладин сектор во рамките на Омбудсманот не започна со работа. Сепак очекуваме ваквата соработка да се подобри со новиот Народен правобранител“, вели Здравкова од Здружението на млади правници. 

Иако одржале состанок со новиот Народниот правобранител, Насер Зибери, во меѓувреме истекол мандатот на членовите од граѓанските организации коишто се дел од контролниот механизам и распишан е нов оглас.  

Повеќе пријави, помалку завршени случаи

Минатата година, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапувал по 65 пријави, во кои е наведено дека e употребена физичка сила од полициски службеници врз граѓани. 

„По преземените мерки и испитување, утврдено е дека 27 поднесоци се неосновани, односно употребата на физичка сила била оправдана или воопшто не била употребена, во 30 случаи поради немање на докази не може да се утврдат наводите во претставката, два поднесоци се делумно основани, додека шест поднесоци се основани“, се наведува го годишниот извештај (pdf) на внатрешната контрола во МВР. 

До Народниот правобранител во 2020 година поднесени се 11 претставки од граѓани за тортура и нехуман третман од страна на полициски службеници

Народниот правобранител-механизам за граѓанска контрола поднел две кривични пријави – малтретирање во вршење на службата и противправно лишување од слобода до специјалното одделение за гонење на кривични дела, извршени од полиција или затворска полиција при ОЈО за гонење на организиран криминал.

Пријавите од внатрешната контрола, граѓани, анонимни подосители и други обвинителства завршуваат во Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. 

Како што наведуваат од таму во одговорот за Види Вака, им недостасува целосна екипираност на одделението, но и покрај тоа се справуваат со предизвиците. 

„Ова одделение треба да брои четири јавнообвинителски службеници од кои тројца се јавнообвинителски советници – истражители и еден раководител на одделение. Но во моментов се пополнети само две работни места за истражители“, велат од Обвинителството. 

Според податоците за конкретните дела, малтретирање во вршење на службата и мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување значително се застапени во пријавите поднесени до Обвинителството во 2020 година. 

Па така, за малтретирање во вршење на службата биле примени пријави против 62 полициски службеници, додека за мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување пријавени се 17 полициски службеници. 

„Заради донесување на мериторна одлука јавните обвинители кои постапуваат во овие предмети презедоа низа процесни дејствија во предистражна постапка, па така донесени се 39 наредби за претходно прибирање на известувања и се повикани лица чии сознанија можат да придонесат за појаснување на фактите и околностите во предметите, воедно се издадени наредби за увид во телефонски и други електронски комуникации, за вештачење, како и барања за издавање на наредби претрес“, велат од Обвинителството. 

Иако ваквата статистика не е задоволителна, сепак ова е некаква позитивна пракса во споредба со кривичните пријави во 2019 година, бидејќи примената на сила од страна на полициски службеници или затворската полиција се процесираа според кривичното дело – злоупотреба на службената положба и овластување, вели Здравкова од Здружението на млади правници.

Хелсиншки: Постапките за полициска бруталност имаат предзнак итно!

Хелсиншкиот комитет забележува дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди од досегашната пракса на постапување по случаи на полициска бруталност често ги отфрла претставките во кои странките не доставиле докази за поткрепа на наводите. Она што е спорно е што не се спроведува дополнителна истрага за утврдување на наводите во претставките, велат од Хелсиншки. 

„Во едниот случај по кој Комитетот постапуваше, странката поради немање на здравствено осигурување ниту пак финансиски средства не побара навремено медицинска помош, а од докази имаше само фотодокументација од повредите, поради што Одделот ја отфрли претставката поради немање на докази“, вели Ина Џугуманова, правна советничка од Хелсиншки.

Во судска постапка, пак, според податоците добиени од Основиот кривичен суд во Скопје, во периодот од почеток на 2019 година до сега за делото малтретирање во вршење на службата заведени се вкупно 20 предмети против 30 лица.

„Од нив 5 предмети се завршени со првостепена пресуда, а 3 се веќе правосилни“, велат од Кривичен. 

Но иако е добро дека има промена во судската пракса, сепак судските постапки се одвиваат премногу долго иако имаат предзнак на итност поради природата на делото.

Експедитивното водење на овие постапки е неопходно и за да се задржи довербата што граѓаните треба да ја имаат во правосудните органи, додава Џугуманова. 

Од судот, пак, додаваат дека поради поадемијата со ковид-19 правосудниот систем се соочувал со работа под посебни услови па во одредени периоди приоритет во постапувањето се давало само на притворските предмети.

А случајот со Јашаровски не е притворски предмет оти никој не бил во притвор. Но тој смета дека правдата не е целосно задоволена бидејќи неговите напаѓачи се сè уште на слобода и очекува правда од судот. 

„Јас очекувам од судот правдата да си дојде“, вели Јашаровски.  

Под паролите „До кога полициска бруталност?“ и „Стоп за полициска бруталност!“ уште во 2011 година по убиството на Мартин Нешкоски од страна на припадник на специјалната полициска единица „Тигри“, беа барани посилни контролни механизми во институциите кои ќе гарантираат правда и пред се заштита на жртвите на полициска бруталност. Десет години подоцна, состојбата со пријавувањето и казнувањето на полициската бруталност сè уште се одвива со мали чекори.  

Комитет за превенција од тортура со забелешки за полицијата

И Комитетот за спречување на тортура и нехуман или понижувачки третман или казни при својата посета во декември 2019 година и извршени проверки на терен констатира пречекорување на полициските овластувања и употреба на прекумерна сила од страна на полициските службеници за време на приведување, во полициска станица, но и подоцна од страна на затворската полиција.

Во извештајот на Комитетот објавен во мај 2021 година, се наведува дека од разговорите со лица кои се во притвор за какво било искуството при апсењето, тврделе дека биле жртви на полициска бруталност за време на нивното приведување.

Овие обвинувања за физичко малтретирање се однесуваат на полицајци од целата земја, а особено од градовите  Битола, Гостивар, Кочани, Скопје, Струмица и Тетово. Покрај тоа, Комитетот регистрира и неколку обвинувања добиени во врска со употреба на сила и вербална злоупотреба од страна на полицајци при приведување на жени. Комитетот нотира и навреди од расистичка природа насочени против притворени лица од одредена етничка припадност, особено кон Ромите.

Комитетот порачува земјава да преземе низа мерки за успешно справување со полициското малтретирање: конкурентен процес на регрутација кој ќе се базира на јасно дефинирани критериуми за селекција, обука на сите полициски службеници за современи методи на истрага во согласност со принципите за почитување на човековите права, одговорност на повисоките полициски чиновници, санкционирање на полициските службеници за кои е утврдено дека употребиле прекумерна сила и ефективна и независна контрола.

Покрај тоа, како што потенцира Комитетот, борбата против малтретирањето во службата не може да се сведе само на носење законски измени туку мора да значи и обезбедување на сите неопходни услови за нивно спроведување, што значи и нивно навремено процесирање. 

Facebook
Twitter
LinkedIn