12 ноември 2021, петок навечер. Дваесет и пет годишната Теано се подготвува за вечерно излегување со пријателите. За да се сретне со нив, треба да го помине пешачкиот премин пред нејзината зграда во близина на средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Но наместо вечерта да се забавува со пријателите, кои ја чекаат од другата страна на улицата, Теано ноќта ја завршува во Ургентниот центар на Државната клиника, откако во неа удира џип. Пред очите на нејзините пријатели, на Теано и е загрозен животот токму на место каде што пешаците треба да се чувствуваат најбезбедни во сообраќајот.
„Тој е пешачки што редовно го поминувам, мислам пред зграда ми е, дел ми е од секојдневието и како и секој пат го поминувам, колите си застанаа од едната страна. Од другата страна видов бел џип, беше прилично далеку. Се почувствував безбедно да поминам, сметајќи колку голема дистанца има за застанување. И џипот не закочи. Јас се обидов, иако во тој момент не знам точно што се случи, се обидов да се поместам некако. Веројатно некој потег сум направила, не знам. Само знам дека излетав. И за среќа бев свесна после ударот“ раскажа Кардула за Види Вака.
После шест часовни испитувања и прегледи, на Теано и е констатирана скршеница на подтколено. По пет дена направен и е оперативен зафат, од кој, пет месеци подоцна сè уште се опоравува. Но освен физички последици, сообраќајната незгода влијае и на нејзиното ментално здравје, потврдува Теано. Идната година, таа ќе мора да оди на уште една операција, а во меѓувреме, се надева дека ќе го добие повикот од Обвинителство кое по службена должност треба да ја повика за изјава за конкретниот случај.
Во периодот 2010-2019 година, во Македонија 96% од сообраќајните незгоди се случиле поради грешки на возачите, а останатите 4% се поради грешки на пешаците. Управување со брзина поголема од дозволената, недавањето првенство на минување, недржење страна и правец на движење, неправилно движење/свртување и управување под дејство на алкохол се топ пет фактори за овие незгоди, покажува анализата на Министерството за внатрешни работи на состојби во сообраќајот на патиштата.
Граѓаните и активистите за безбедност во сообраќајот од иницијативата „НаТочак“ веќе 10 години алармираат дека се неопходни промени во планирањето на улиците, повисоки казни за сторителите на кривични дела во сообраќајот и неселективни судски пресуди.
„Има булевари кадешто секој ден граѓаните возат брзо, можеби полицијата два месеци ќе казнува и потоа ќе престане. Гледаме дека улиците коишто ги реконструираат самите општини ги прават на стар начин. Град Скопје прави нешто со булеварите, ги стеснува, но повторно Град Скопје е еден, а другите десет кадешто има најмногу пешаци, тие улици се повторно исти. Автомобилите повторно се паркирани на тротоарите, пешаците се приморани да се снаоѓаат, кој оди низ зеленило, кој оди на улица, деца пред училишитата нема како да се движат. Така да, ако споредиме со претходните десет, петнаесет години ситуацијата е минимално подобрена, а минимално подобро значи дека сè уште луѓе ќе умираат во сообраќајот“ вели Дарко Арсовски, од иницијативната „НаТочак“.
Одговорноста прво ја сноси возачот, а подоцна и целото општество
Одговорноста несомнено произлегува од нефукнционалноста на државниот апарат, oдносно на системот на државата за справување на овој вид прекршоци и кривични дела, смета адвокатката и извршна директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“, Натали Петровска.
„Значи, доколку државата е свесна дека се во пораст овие кривични дела и прекршоци, пропорционално на тоа треба да биде и заостреноста на казнената политика“ додава таа.
Според, неа свесното правење прекршок не може да подразбира небрежност.
„Во принцип, обвинителството има една можам да констатирам, лоша пракса на квалификација на овие кривични дела. Со тоа што во огромен процент овие деца, освен ако не се сторени под дејство на алкохол или под дејство на наркотици од страна на обвинетиот којшто го сторил делото, во преку 90% од случаите ги квалификуваат како дела од небрежност. Значи биле свесни за последиците меѓутоа сметале дека можат и лесно да ги избегнат или дека нема да се случат последиците. Тоа е впрочем небрежноста“ појаснува Петровска.
Во последните 10 години, највисоката изречена казна затвор за правосилна пресуда за тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот е шест години, а најниска пет месеци.
ПРАВОСИЛНИ ПРЕСУДИ ЗА ТЕШКИ ДЕЛА ПРОТИВ БЕЗБЕДНОСТА НА ЛУЃЕТО И ИМОТОТ ВО СООБРАЌЈОТ ПРИ КОИ НАСТАНАЛА СМРТ НА ЕДНО ИЛИ ПОВЕЌЕ ЛИЦА БЕЗ РАЗЛИКА НА УЛОГАТА НА ЖРТВАТА (ВОЗАЧ, СОВОЗАЧ, ПАТНИК, ПЕШАК) ВО ПЕРИОДОТ ОД 2011-2021 ГОДИНА:
Теано не е единствената жртва на скопскиот небезбеден сообраќај. Јавноста пред само два месеци ја посведочи сообраќајната незгода во која дваесет и четири годишната Викторија Николова од Радовиш, беше прегазена на пешачкиот премин во близина на трговскиот центар „Сити Мол“ во Скопје. Две години помладиот скопјанец кој управувал со возилото е осомничен и нему ќе му се суди за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од чл. 300 од Кривичниот законик.
По овој случај, граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ од претседателот на Владата, Собранието и Град Скопје побара неодложно преземање одговорност, подобрување на безбедноста во сообраќајот и проекти за нови сообраќајници. По нивната реакција, тие беа поканети на средба во Град Скопје со претставник на кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска каде биле претставени горливите проблеми во општината.
„Нашиот став е дека Град Скопје треба да го отвори кон јавноста и процесот за изработка на стратегијата за урбана мобилност со што ќе се овозможи и секоја општина од своето искуство да придонесе кон овој план кој треба да определи како ќе се развива сообраќајот во целиот град, опфаќајќи ги сите учесници. Ги пренесовме и нашите ставови дека во сите идни планови на градот, централното градско подрачје треба да се цели да се ослободува од автомобили и просторот да се пренаменува во таа насока за да им се даде приоритет на пешаците, велосипедистите, јавниот транспорт, па дури потоа на автомобилите што значи дека има потреба наместо од ширење, улиците да се стеснуваат и прилагодуваат за други начини на движење. Сепак, на средбата освен потврдата и свесноста за проблемите со кои се соочуваме од страна на претставниците на Градот не добивме конкретни одговори за преземање на конкретни чекори во врска со нашите барања на територијата на Центар“ изјави Јане Димески, советник во Општина Центар.
Тимот на Види Вака од Град Скопје побара информација кои мерки во моментов и кои активности ќе се преземат во иднина со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот. До објавување на текстот не добивме одговор на нашите прашања.
„Ако видиме дека пред еден месец Викторија го изгуби животот на „Партизанска“, раскрсницата со „Московска“, треба градот, МВР, обвинителството заедно да седнат и да видат што придонело до таа сообраќајка и како да се спречи да не се повтори. Секојдневно каде што има сообраќајки да се види што е причинителот. Велат брзината на прво место, да видиме како да ја намалиме брзината и чекор по чекор, малку по малку ќе стигнеме до тоа, надевајќи се дека во нашиот животен век ќе имаме град во којшто ќе бидеме сигурни дека нема да има смртносни сообраќајки“ вели Арсовски од иницијативната „НаТочак“
Ставот на адвокатката Петровска пак, е дека надзорен систем на камери во сообраќајот би можел да придонесе при решавањето на судските случаи поврзани со овие дела, но поголемо влијание и превенција би имал во генералното сторување прекршоци во државата. Сепак, прашањето на функционалноста на надзорниот систем со камери останува отворено поради недоволната подготвеност и приоритизирање од страна на државата.
Улици на смртта
„Партизанска“, „Илинденска“, булевар „Борис Трајковски“, „АВНОЈ“, „Александар Македонски“… Жителите на Скопје секојдневно се сведоци на дивеењето на овие улици кое резултира со несреќни случаи. Тие постојано алармираат дека институциите мора да изрекуваат соодветни, неселективни казни за оние коишто ќе ги прекршат законите.
Имајќи ја предвид сообраќајната култура и метежот во Скопје, тимот на Види Вака упати прашања и до Авто Мото Сојузот на Македонија (АМСМ). Со оглед на тоа што „Авто школа Мобилити“ која е дел од АМСМ е прва авто школа во земјава, во нејзин склоп годишно се обучуваат 9% од вкупниот број на кандидати, со што таа е една од најголемите автошколи на територијата на градот Скопје. Поради таа причина, од АМСМ побаравме информации за тоа кои улици во Скопје и во кој дел од денот се најфрекфентни. Како и детали околу полагањето возачки испит, но и за бројот на граѓани кои добиле возачка дозвола преку АМСМ во изминатите десет години.
„Еден кандидат да стане обучен возач преку „Авто Школа Мобилити Плус“ потребно е да помине 20 часа теоретска настава, 36 мото часови практична обука и по потреба дополнителни часови за возење. Според мислењето на инструкторите во „Авто Школа Мобилити Плус“ старосната граница треба да биде повисока, на пр.20 години. Повеќе информации ќе треба да побарате во здравствените установи кои издаваат лекарски уверенија, во МВР и во Испитниот Центар Скопје“ ни одговорија накратко од АМСМ.
Апелите за безбедност во сообраќајот одекнуваат во празно
Од иницијативата „НаТочак“ велат дека нивното мото е „Инфраструктурата го моделира однесувањето“, а тоа подразбира менување на пирамидата во сообраќајот каде пешакот е на прво место, а автомобилот на дното.
„Некои работи се прават бавно, со целосно реобмислување на просторот и стеснување на ленти итн. Но пандемијата нè научи дека може буквално еден ден сè да се направи. Да се стават столбчиња на лентите, да се прецртаат нови и буквално од една ноќ „Партизанска“ која што сега има три ленти по три и пол метри, да стане повторно со три ленти, но со три метри“ појаснува Арсовски.
Но за нула жртви во сообраќајот, не е потребно само реобмислување при реконструкција на улиците ставајќи го пешакот на прво место, туку и редовната контрола од страна на полицијата, неселективните судски пресуди, и најважно од сè, јавниот притисок врз државните институции кои треба да ги спроведат овие мерки, гарантирајќи ја безбедноста на граѓаните во сообраќајот.