Пандемија на отежнат пристап до институции

Автор: Христина Ѓорѓиевска (соработник: Бјанка Станковиќ)
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Мајда Б. Атанасовска
Продукција: Види Вака

„Во последните 24 часа направени се 3.156 тестови, а регистрирани се 674 нови случаи на ковид-19, од Скопје има 352…“, одекнува на радиото во автомобилот. Колегата ме замолува да ја променам радиостаницата и да слушаме малку музика. По тесните улички, стигнавме до нашата дестинација, Поликлиниката во Шуто Оризари. Таму нè пречекаа Ервин и Џенгис, едниот од нив држи картонска кутија која ја користи како тапан. „Дадичке, не гледај во Пунктот за тестирање, не работи“, ми кажува Ервин и продолжува со творењето на своето музичко дело.

Пунктот за тестирање на ковид-19 не е единствениот проблем со кој се соочуваат граѓаните во општина Шуто Оризари. Тука, предизвиците за сопственото здравје се многубројни. Кризата предизвикана од ковид-19 дополнително им го отежна пристапот до здравство на граѓаните и во оваа општина, бројките на новозаразени од коронавирусот никако да се намалат. 

Во различните пунктови за вакцинација низ државава има различни вакцини, но, не е таков случајот и во Шуто Оризари. Тука граѓаните имаат право само на кинеската вакцина „Синовак“. До 23 декември 2021 година, бројката на вакцинирани граѓани со две дози во Шуто Оризари изнесувала 3.695 луѓе. Од граѓанските организации велат дека ова не е релевантна бројка, бидејќи поголемиот дел од граѓаните се вакцинираат во соседните општини со друга вакцина, за да можат да патуваат во европските земји. 

Матични лекари во Шуто Оризари нема ни за лек

Во време на светска пандемија, во општина Шуто Оризари на одредени места имаше и жаришта на коронавирусот. Токму во вакви услови, голем дел од граѓаните немаа можност да закажат за ПЦР тестирање, да отидат на преглед или да ги однесат своите деца на педијатар. Само што започна пандемијата, во Поликлиниката Шуто Оризари тројца матични лекари заминаа во пензија, еден од нив беше педијатар.  

Ќамуран Узеир кој е фасцилитатор на проектот „Параправна помош“ во Здружение на граѓани „Иницијатива за развој и инклузија на заедниците – ИРИЗ“ го истакна големиот проблем со матичните лекари со кои се соочуваат граѓаните од општина Шуто Оризари. 

„Над 3.000 возрасни пациенти и околу 1.200 деца останаа без матичен лекар. Во тој период кога беше пандемијата во најголемиот пик имаше и проблем, бидејќи сегашните лекари коишто се достапни во нашата Поликлиника во општина Шуто Оризари се преполни со пациенти и сите имаат околу 3.000 пациенти и немаа можност да примаат нови пациенти,“ посочи Ќамуран Узеир од Здружението „ИРИЗ. 

Шерефедин Сејфула, целиот свој живот го поминува во општината Шуто Оризари, вели дека откако започнала пандемијата се соочувал со голема депресија, а дополнително му бил отежнат пристапот до институциите за да го реши својот здравствен проблем со окото. 

„Три години не можев да добијам термин за операција на окото. Мораше преку приватниве, а тоа приватното чини. Верувајте ми институциите не доведуваат до тоа. Луѓето коишто се надлежни за тоа треба да го средат тоа, да видат до каде е системот со здравството. Ама они треба тоа да го направат не народот. Сирот народ што може да направи,“ истакна Шерефедин Сејфула, граѓанин од Шуто Оризари. 

Малкумината лекари што се во Поликлиниката, не успеваат да ги прегледаат пациентите, на ова реагираа и од Здружението на граѓани „Иницијатива за развој и инклузија на заедниците – ИРИЗ“.

„Пандемијата од ковид-19 е виновна поради тоа, навистина беше отежната ситуацијата. Имаше преголема гужва на пациенти коишто чекаа во холот на Поликлиниката Шуто Оризари, најчестата рутина којашто ја правеа матичните лекари е ќе ја испратат сестрата или хигиеничарката којашто работи во Поликлиниката за да им ги земе книшките и ќе им препише терапија без да ги прегледа. Единствено тие што  настојуваа на преглед, лекарот не ги примаше внатре во организацијата, туку ќе излезеше во холот и ќе го направеше тој преглед, што е недозволиво,“ кажа Ќамуран Узеир од Здружението „ИРИЗ. 

Околу 20.000 жени во Шуто Оризари без матичен гинеколог

Лани, во месец април одекна информацијата дека по многу години, 20.000 жени во општина Шуто Оризари добиваат матичен гинеколог. Ваквата среќна вест на жените од Шуто Оризари не траеше долго, по неколку месеци повторно останаа без гинеколог. 

„Поради некои нејасни причини по шест месечна работа гинекологот се одлучи да замине во пензија. Сега за сега, немаме гинеколог. Пред 10 дена имавме средба со пратеничката Љатифе Шикоска и советникот за ромски прашања Елвис Мемети, на таа средба присуствуваше и еден иден гинеколог којшто Министерството за здравство го финансира да специјализира, со услов по неговото специјализацирање да дојде и да работи во Поликлиниката на општината Шуто Оризари“, истакна Ќамуран Узеир од Здружението „ИРИЗ. 

Повеќе од десетина години, жените од оваа општина мака мачат за остварување на својата здравствена заштита за репродуктивното здравје. Од осум до тринаесет илјади жени во оваа општина се во репродуктивен период. Сега се чека да специјализира новиот лекар и повторно жените од Шуто Оризари да добијат матичен гинеколог, со надеж дека ова ќе биде трајно решение на нивниот долгогодишен проблем.

Прилогот оригинално е објавен на 11.1.2021

Пристапот до здравствени институции во целата држава

Коронавирусот ги зафати со својата работа сите институции. Пренамената на болниците во Ковид центри дополнително го зголеми хаосот во здравствениот систем, а тоа најмногу го почувствуваа пациентите. Колку во овој дел „страдаа“ другите здравствени проблеми на пациентите? Заклучоците и последиците допрва ќе се гледаат. 

До нашата редакција дваесетина граѓани на територија на цела Македонија ни пишаа лични сведоштва за пристапот и проблемите со кои се соочиле изминативе две години во здравствените институции. Одложување на операции, прегледи, немање термини за ехо и мамографија на дојка, одложена коронографија… на листата се уште многу други проблеми, некои од тие проблеми не се решиле и имале фатален крај. 

Шуто Оризари е единствената општина во светот каде најголемиот дел од граѓаните што живеат се Роми, кои имаат свој градоначалник и можат да ги остварат своите национални права. Во светот е позната и се издвојува по тоа, а во Македонија се издвојува со нееднаквиот третман за матичен лекар, гинеколог, право на избор за различна вакцина…

Граѓаните на Шуто Оризари ќе продолжат да се надеваат дека ќе се промени ваквиот третман и дека нивните предизвици до пристапот до институции ќе ги снема за да уживаат во своите права. Бидејќи, здравјето е основно човеково право кое е неопходно за уживање на сите останати човекови права.

Facebook
Twitter
LinkedIn