Турканица, нервоза и извици „ќе се задушиме“, вака изгледа еден ден чекајќи ги сопствените документи.
И додека политичарите изминативе денови даваат само изјави и предлози, за граѓаните новото име на државата предизвика колони, турканици и нервози бидејќи со часови чекаат да стигнат на ред и надежно да се фотографираат, но и да ги добијат личните документи и патни исправи пред пунктот за издавање на документи на МВР.
Додека граѓаните се туркаат, Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски и грчката претседателка Катерина Сакеларопулу треба да се сретнат за да зборуваат да не се брзаат со промена на личните документи, но и дали ќе се пролонгира рокот за после изборите. Ова е главна вест изминативе денови.
Дополнителниот пункт, кој беше отворен пред повеќе од еден месец, служи за оние граѓани кои сакаат да се фотографираат за лични документи без претходно закажан термин, по наметнатиот рок за промена на личните документи со новото име на државата – до 12 февруари 2024 година. Возрасни луѓе, бремени жени и многу други граѓани од сите возрасти секојдневно доаѓаат во раните утрински часови и чекаат во редици да се фотографираат или да си ги подигнат личните документи, доколку успеат и имаат среќа да „завршат работа“. Чекајќи со саати во редот, немаат каде да седнат, а немаат ниту тоалет во близина. Има граѓани кои доаѓаат и по неколку дена со надеж дека ќе успеат да си ги подигнат новите документи, но неуспешно. За оваа обврска граѓаните се приморани сами да си ги платат трошоците, а од лани и со нови и повисоки цени.
Овие промени произлегуваат од Преспанскиот договор кој беше потпишан во 2018 година, помеѓу Македонија и Грција, со кој се обврзува Македонија во рок од пет години да го промени името на сите јавни и државни институции, ознаките на регистарските таблички на автомобилите со „НМК“, во јавни обраќања да се користи новото име на државата, како и сите лични документи и патни исправи да бидат променети, во спротивно – никој нема да може да ја напушти државата доколку има документи со старото име на државата.
Промената на документите удри врз џебот на граѓаните
Кон крајот на 2023 година од Министертството за внатрешни работи ги извести граѓаните дека до 12 февруари 2024 година сите ќе треба да имаат лични документи со новото име на државата. Граѓаните кои имаат документи со старото име на државата и покрај тоа што нивната важност не е истечена – нема да бидат корисни. Со тоа, граѓаните своите обврски пред банките, судови, за плати и пензии – нема да можат да си ги остварат.
Во рок од 2 и пол години лична карта со новото име на државата добиле вкупно 1.007.885 граѓани, издадени се 1.169.463 пасоши и 529.799 возачки дозволи.
Од сите добиени информации, граѓаните се уште не знаат што треба да прават. Поголемиот дел од банките дадоа известување дека ќе им ги уважуваат личните карти на граѓаните со старото име Република Македонија, чиј рок на важење не е истечен, додека во ДИК се повикаа со актуелните одредби во Изборниот законик во Избирачкиот список каде се запишуваат сите полнолетни граѓани со важечки лични документи.
Од Министерството за внатрешни работи во изјава за Види Вака велат дека нема да има никакви казни за граѓаните кои нема да ги сменат документите.
„МВР ги користи сите капацитети за граѓаните да добијат лични документи. Покрај редовното работење со закажан термин, овозможивме и фотографирање за лични документи без закажан термин во ПС Пролет. Што се однесува до подигнувањето на веќе готови документи, шалтерите работат и преку викенд и тоа соодветно го најавуваме преку медиумите за граѓаните да бидат информирани кога и каде можат да подигнат документи.“ – велат од министерството.
Веќе пет години Македонија само ги штиклира своите обврски од договорот
На 12 февруари 2019 година стапи во сила Преспанскиот договор.
Македонија и македонскиот народ се соочија со голем број на промени, предизвици и одлуки изминативе 5 години. Втората страна од договорот односно Македонија, веднаш по стапувањето на сила договорот започна да ги исполнува точките од договорот, првата страна (Грција) се уште нема остварено ништо од обврските.Што сè исполни Македонија?
Промената на важечките документите падна на грбот на граѓаните, за вадење на пасош, лична карта и возачка дозвола, граѓаните ги чини 3.190 денари, а за оние до 27 години оваа сума изнесува 2.590 денари.
Додека граѓаните со саати на минусни температури чекаат за да си ги добијат своите документи за идентификација или да се фотографираат, од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат претставка пред Уставниот суд за ставање на времена мерка на Законот за лични документи од 2021 година.
Овој предизвик на граѓаните на Македонија како само да им ја најави новата 2024 година дека ќе биде полна со низа на предизвици и промени за нив. И додека се во исчекување на исходот дали ќе остане рокот до 12-ти февруари или ќе се пролонгира, на граѓаните не им преостанува ништо друго освен да го чекаат одговорот или редот…