Носталгија за градот убав

Шеесет години од катастрофалниот земјотрес, сеќавањата не бледеат, а граѓаните најчесто со носталгија ги пренесуваат деновите од еден минат живот.
Автор: Љубица Иванова, Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Песна: „Скопје, младост моја“, Драган Мијалковски

Поробуван под византиска, османлиска и фашистичка власт, Скопје ги преживеа сите негови владетели. Како птицата феникс ќе се издигне од катастрофалниот земјотрес во 518 година, подоцна од епидемијата на чума и неговото палење од Силвио Пиколомини. Скопје со својот борбен дух ќе исплива над водите што ќе го поплават од обилните дождови во 1962 година, а неколку месеци подоцна ќе се издигне и од рушевините на земјотресот што ќе го разурне јулското утро во 5:17 на 26 јули 1963-та година.

Доживувањата за некогашно Скопје се раскажуваат до ден-денес од сите повозрасни генерации. Се споменуваат култните места за собир, познатото корзо, излетите и капењето во Вардар и Треска, двокатните автобуси, кината, места кои денес имаат нови имиња, но и нови улоги. Шеесет години од катастрофалниот земјотрес, сеќавањата не бледеат, а граѓаните најчесто со носталгија ги пренесуваат деновите од еден минат живот.

„Јас го знам плоштадот со коцка, Камени мост, пензионери, стари баби, па и разни луѓе. Ќе седнат кај коштаните тука, кај телефоните, хотел Македонија бараката беше карши, ме разбирате. Седеа тука, уживаа и се знаеше ред некој,“ раскажува Ѓулџеман Асен, син на легендарниот мајстор за кожа и кожна галантерија – Кенан.

Тој со радост се сеќава на деновите кога со својот татко ја посетувале турската бања која била во близина на денешниот плоштад Македонија. Ги памети и улицата Орце Николов, слаткарницата „Пошта“.

Поранешната новинарка и сегашна пензионерка, Оливера Трајкова вели дека сета своја љубов ја има за нејзиниот роден град.

„Јас си го сакам Скопје, Скопје е мојот роден град. Јас сум тука родена, мојот син е тука роден, моето семејство, моите внуци и сум емотивно врзана за тој град. Како поранешен новинар, сега пензионер сум, сум го прошетала половина свет да кажам, 50-тина држави во светот, четири-пет континенти сум видела, но Скопје е за мене најубавиот град. Иако сум се воодушевувала од многу земји, многу градови, навистина повеќепати сум ги посетила, би сакала уште да ги посетам но кога му се враќам на Скопје, емотивно сум врзана и покрај промената,“ истакнува новинарката Оливера Трајкова.

Копнеж по старо Скопје

Новинарот и член на квартетот „Импулси“, Ванчо Димитров, кој по потекло е од кочанско Зрновски, пред да се случи катастрофалниот земјотрес, Ванчо се школувал во средното Музичко училиште во Скопје, а со тоа имал и прилика да го живее старото Скопје по кое денес скопјани копнеат.

Квартет Импулси
Квартет Импулси (приватна архива)

„Сосема ги разбирам старите скопјани, што копнеат по тој амбиент на старо Скопје, по тие калдрми, по тие мали улици, по кината што ги имало, по настаните што се случувало, по познанствата што се случувале во Скопје – имал тој град еден свој дух кој они многу добро го знаат, јас помалку, но и во тие три години додека учев во Скопје пред земјотресот, го почувствував и навистина го засакав Скопје како и скопјани“, раскажува Димитров, сеќавајќи се како Скопје го освоило на прв поглед.

Граѓаните на Скопје отсекогаш биле со поделени мислења за растот, развојот но и менувањето на ликот на Скопје. Последната промена која Скопје сѐ уште ја живее е онаа од 2014-та кога започна барокното уредување, нетипично за Скопје, но и Македонија. Неконтролираната изградба ги налути многумина, зашто со тоа, не само што се измени градот, се изгубија култните места, туку и дополнително се зароби градот слободно да дише.

Скопје е изградено, изградено. Што да ви кажам. Корзото, нема ништо од корзото како што сме биле млади, како што сме шетале. Не е само центарот на Скопје, променети се и околни населби,“ дециден е Драги Секуловски, пензионер од Автокоманда.

59 години од земјотресот. Видеото оригинално е објавено на: 26.07.2022

Новинарката Трајкова е согласна дека Скопје низ годините претрпе промени. Таа го љуби Скопје и покрај промените, но замерува за нееколошките постапки.

„Скопје е различен но јас го сакам и ваков. Некои од мојата генерација го осудуваат, и не им се бендисува, мене ми се допаѓа и ваков каков што е. Единствено што замерувам е што исекоа многу зеленило, со оправдување дека е старо дека е вакво дека е такво. За тоа за мене нема оправдување бидејќи јас сум го прошетала светот и сум видела паркови стари и по 500 и 600 години,“ вели Трајкова.

ГАЛЕРИЈА СТАРО СКОПЈЕ

Фотографии од книгите: „Скопје 1963 – 1973“ – Издавач: Собрание на Град Скопје, „Скопље град солидарности“ – Издавач: Фонд за обнову и изградњу Скопља

Петар Догов е внук на македонскиот легендарен снимател Ѓоко Поповски – Гањо, човекот кој ги има направено првите снимки од скопскиот земјотрес во 1963 година. Неговиот внук Петар Догов истакнува дека низ текот на своето растење ги слушал раскажувањата за некогашното Скопје. Како што вели, сега Скопје е поинаку од она што му го раскажувале блиските за помалиот град, со помалку жители и едноставен живот, каде од една до друга точка се стигнувало многу полесно.

„Можам да кажам прво дека многу ми е жал што јас можам вистинската душа и тоа што Скопје претставува за родените скопјани, за вистинските скопјани, да го доживеам само преку раскажувањата на луѓето. Зборуваме не само за предземјотресно Скопје, туку и Скопје коешто било ете повторно изградено, постземјотресно Скопје и поедноставно Скопје. Луѓето го паметат со тие тесни улички, со тие ситни сокаци, со специфични куќи, градби, но без овие високи џинови, облакодери. Ние сега сметам дека сме загушени од бетонски џинови коишто буквално ја заземаат секоја педа во главниот град. Сѐ помалку зеленило имаме, но високи градби кои мислам дека никого не го фасцинираат имаме сѐ повеќе и повеќе,“ појаснува Петар Догов.

58 години од земјотресот. Видеото оригинално е објавено на: 26.07.2021

Метаморфозата на Скопје наместо да заврши со прекрасна пеперутка, ги остава жителите со грутка во грлото, загрижени за квалитетот на животот што следи. Но градот феникс и натаму живее, незаборавајќи ги катастрофите што ги преживеа.

И како што кажа хроничарот на Скопје, Данило Коцевски: „Само храбро, Скопје, сето ова ќе го пребродиме, зарем некој воопшто може да ни се заканува нам и на нашата љубов кон тебе.“

Во скопскиот земјотрес (1963 година) животот го загубија 1.070 граѓани, од кои 478 мажи, 430 жени и 162 деца. Повредени беа вкупно 2.900 луѓе, од нив околу 800 луѓе останале инвалиди. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000.

60 години од земјотресот. Видеото „Градот Феникс“ оригинално е објавено на: 26.07.2023

Facebook
Twitter
LinkedIn