Име и презиме на маж, назнака за пол – женски, или пак, обратно. Неусогласените назнаки во личните документи често пати ги доведуваат трансродовите лица во непосакувани ситуации во секојдневието. Тие се ставени во положба на постојано исчекување на одлука на законодавецот за измени во Законот за матична евиденција за да можат непречено да ја променат назнаката за пол во личните документи.
Постоечкиот закон не обезбедува јасна процедура за промена на назнаката за пол, со што правниот вакуум им остава простор на надлежните институции за носење на произволни одлуки.
Таков е случајот на Лила Милиќ, трансродова жена од Македонија која се соочила со проблеми во правниот систем при промена на полот во својата лична карта. Поради неусогласените документи за лична идентификација во кои пишува Лила Милиќ, а полот ѝ стои машки, била обвинувана дека користи лажни документи и фалсификати и покрај тоа што со себе носела решение од Министерството за внатрешни работи што потврдува дека личното име и презиме и се променети.
Во вакви ситуации, на Милиќ и била загрозена и безбедноста.
Промена на една буква за побезбеден живот
Трансродовите луѓе се едни од најизложените на дискриминација, насилство и закани по живот од целата ЛГБТИ заедница. Поради нивните неусогласени документи, тие се соочуваат и со потешкотии да најдат работа, а стравот од дискриминација и насилство ги спречува да користат дури и здравствени услуги. Со ова, нивната безбедност е загорозена и тие се доведени во положба на економска нестабилност.
Промените во Законот се од суштинско значење за овие лица, со цел тие да не се соочаат со ситуации како на Милиќ.
„Но со бавните промени во законодавството, кон трансродовите лица се испраќа порака дека нивниот проблем не е доволно важен за да ‘стигне на ред’ да се реши“, смета Давид Тасевски, психолог и извршен директор во Субверзивен фронт.
Тасевски одговорноста за промените во општеството ја посочува во образовниот систем, професионалноста на обвинителствата и Министерството за внатрешни работи, но и во политичарите кои со својот говор ги разгоруваат емоциите кај граѓаните и прават поделби помеѓу нив.
„Долгото исчекување на решение на некој проблем кој на луѓето треба да им донесе некаков мир, чувство на стабилност, прекин на долготрајно измачување, дефинитивно може да предизвика анксиозност, депресија, па и други симптоми, кога зборуваме за исчекување кое трае и се проткајува во текот на целиот нивен живот.“ вели Тасевски.
Досегашните одредби на Законот за матична евиденција не го забрануваат и не го оневозможуваат правото на трансродовите луѓе да побараат промена на полот во своите документи. Но сепак, праксата покажува дека Законот не е доволно јасен.
Со новите законски измени, коишто во моментов се наоѓаат во Собраниска процедура на усвојување, јасно ќе се регулира постапката и меѓу другото, ќе се утврди и надлежноста на Управата за водење матични книги да постапува во вакви случаи.
Како ќе биде регулирана постапката? Транс луѓето ќе треба да поднесат писмено барање до Управата за водење на матични книги кон коешто ќе треба да приложат изјава заверена на нотар со којашто потврдуваат дека бараат податокот за пол во матичната евиденција да биде усогласен со нивниот родов идентитет со којшто тие живеат и се чувствуваат.
„Постоечкиот закон доколку биде усвоен вака како што е предложен, нема да бара медицинска документација или исполнување на дополнителни медицински критериуми како услов за правно признавање на родот и на тој начин ќе се признае и телесниот интегритет на луѓето и ќе им се овозможи да добијат податоци коишто се усогласени со нивниот родов идентитет без да бидат условени со некаква медицинска интервенција“ појаснува адвокатката Наташа Бошкова од Коалиција Маргини.
На 25 мај 2019 година Светската здравствена организација (СЗО) ја усвои последната меѓународна класификација на болести (ICD-11) со која да се биде трансродово лице не се смета за здравствена состојба. Меѓународна класификација на болести стапува на сила на 1 јануари 2022 година, од кога и Република Северна Македонија има обврска да го прилагоди националниот систем на здравствени состојби и дијагнози. Тоа значи дека од 1 јануари 2022 година нема да постои дијагноза што ќе ја означува состојбата на трансродовост.
извор: СЗО
Правното признавање на родот не ги одзема правата на другите
Донесената пресуда од страна на Европскиот суд за човекови права за случајот Лицето X против Македонија, кое своето искуство го сподели со Види Вака, ја обврза државата да го обештети тужителот и воедно да направи измени на постоечкиот закон. Минатата година ова (не)спроведување на пресудата во целост беше оценето како неуспех, или како забавен успех во интеграцијата на државата кон ЕУ.
„Македонија е една од ретките земји од регионот, па и во рамки на Советот на Европа каде што нема јасна законска рамка за правно признавање на родот и во сите статистики се води како земја каде што ова прашање не е регулирано и оттаму и таа арбитрерност, таа произволност на службениците во еден случај да одлучуваат на еден начин, во друг на друг начин“, вели Бошкова.
Со правно признавање на родот нема да се наштети на јавниот интерес или на Буџетот на државата. Ниту пак, на некаков начин ги засега правата на другите луѓе или пак, јавниот интерес, уверува Бошкова. Според неа, важно е да се препознае дека индивидуалните права на одредени луѓе значат подобрување на квалитетот на животот на тие луѓе без да се засега или да се земе од правата или да се ограничуваат правата на другите.
Но за подобрување на правата на трансродовите луѓе, не се важни само законите. За суштествена промена може да се зборува само доколку се јакнат капацитетите на институциите, се сензибилизира јавноста за важноста од донесување на закони за признавање на човековите права, но и доколку се адресира и казнува говорот на омраза, насилството и дискриминацијата на оваа маргинализира група.