НЕПОПИШАНИТЕ

Автор: Александар Манасиев, Ивана Настеска
Камера и фотографии: Иван Алушевски, Драган Котовски
Монтажа: Синиша Илијески
Продукција: Види Вака

Над 200 деца на листа за чекање во градинка во скопската населба Аеродром бидејќи нема доволно место.  Недостигаат специјалисти во струмичката болница.  Ниту еден млад земјоделец од Југоисточниот регион нема да користи 10.000 евра помош за млади земјоделци. Ниту едно прваче не се запишало во долнореканското село Велебрдо. Ова се наслови на вести од различни региони во земјава. Опфаќаат и различни области, од образование до медицина и земјоделие. Иако навидум неповрзани области и региони кои изгледаат како да немаат многу заедничко, сепак ги поврзува еден заеднички проблем- статистиката поточно отсуството на статистички податоци.

Македонија веќе 18 години нема спроведено попис. Годинава пописот е одложен поради изборите што значи дека следната година останува како опција за ново попишување. Овој факт ја прави единствена земја во Европа без спроведен попис, а многу веројатно и единствена во светот која безмалку две децении не спровела ново попишување на населението. Овој податок не е нешто со што државата може да се гордее, напротив треба да ги загрижи сите жители на земјава од едноставна причина што без попис планирањето во една држава е буквално на слепо. Без разлика дали станува збор за планирање дали во некое место треба да се изгради училиште или пак планирање колку пченица ќе се произведе и колку лекови ќе се набават- нужни се статистичките податоци кои се добиваат од пописот.

„Нема земја во светот којашто не придава големо значење на оваа операција, односно нема земја којашто не спроведува попис“, вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, институција која е носител на оваа статистичка операција.

Институцијата со која раководи Симовски се наоѓа на само 50 метри од Собранието кое пак е задолжено да го донесе Законот за попис пред секое попишување. Поради недостиг на политичка волја Македонија со години го одложува попишувањето на населението со што и секое планирање во земјава е врз основа на стари податоци добиени од последниот успешен попис во 2002 година.

„Пописот во 2011 година пропадна од политички причини. Намерата да се исполитизира тој попис фактички доведе до негово пропаѓање. Пописот е статистичка операција и не може да биде никогаш политичка операција. Тој овозможува да се приберат податоци како што споменав уште еднаш ќе повторам, за да се планира развој. Да, тоа се политики коишто после се спроведуваат, ама политики во смисла на развојни политики, а не дневни политики. Е за жал пописот во 2011 година се употреби во таа насока“, вели тој.

Под канцеларијата во која зборуваме со Симовски се наоѓа и архивата на Државниот завод за статистика. Преку скалите стигнуваме до големата просторија преполна со папки и хартија. Во стотици папки, распоредени по градови се чуваат и последните статистички податоци од последниот спроведен попис од 2002 година. По 18 години од тој попис, голем дел од овие податоците се нерелевантни, посебно ако се знае дека со миграциите сменета е значително демографската структура во земјава.  

Но зошто е важен пописот? На пример од аспект на економија, без попис македонските институции немаат точна бројка на работоспособно население, немаат информации за квалификациите на граѓаните, нема податок за нивната територијална распределба…

„Исклучително е важно да се знае со каква работна сила се располага во земјата. И тоа не само во земјата туку и на одделните делови од земјата. Ако сака некој да инвестира во економски развој треба да знае со каков потенцијал располага. Дали има прво понуда на пазарот квалитетна и соодветна работна сила. Понатаму, каде може да ја лоцира, тој економски субјект, таа потребна работна сила. Битно е да се види каков е бројот и квалитетот на лицата кои што допрва би дошле на таа работна сила, оние коишто во моментов се наоѓаат во образовниот процес, кои струки се образуваат“, објаснува Симовски.

И поранешниот директор на ДЗС, Дончо Герасимовски е гласен поборник за пописот. Ја нагласува важноста на пописот и за време на изборите.

„Функцијата на пописот е врзана со изборите,податоците имаат силно влијание постојано во однос на изработката на избирачкиот список, популација, државјани, лица државјани во списокот. Значи, неговата примена е голема“, вели тој.

Покрај податоци за населението додава дека се опфаќаат и областа на градежништвото, односно бројот на згради, станови…

„За да знаеме каква е структурата на становите, која година се изградени, од каков материјал се изградени, која е нивната површина, која е нивната катност, која е нивната вредност…Сето тоа ќе ни посочи за иднината, да можеме да го планираме„  вели Герасимовски.

Кога станува збор за планирање пак во образовниот систем значајно е да се знае колку деца има, во кои региони, на која возраст и слично.

„Важно е да се знае територијален распоред за да може да се планира квалитетно образование. Прво услови за образование, во смисла на школи соодветни со капацитет и слично, а понатаму и во однос на квалитетот на самото образование“, додава тој.

Податоците од пописот се исклучително важни и за локалниот развој

„Локалната самоуправа, фактички целокупниот свој развој, во принцип го базира на податоците од пописот. Зошто? Бидејќи тие луѓе кои живеат на одредена територија имаат потреба од инфраструктура. Треба соодветен транспорт на тие луѓе, до работа, до училиште, соодветни сообраќајни решенија и многу други работи кои се битни како греењето на домаќинствата, од еколошки аспект битни моменти“, објаснува директорот на Државниот завод за статистика.

Од разговорот со Симовски може да се заклучи дека не постои фактички област во општественото живеење којашто не се базира на податоците од пописот.

„ Ако ги немате овие информации, вие не можете да планирате квалитетен развој. Или ќе одите по некаква интуиција па може да се случи да вложите огромни средства во нешто што нема да даде никаков придонес и обратно, да одлучите да не вложувате во нешто што можеби ќе даде свој придонес, само поради тоа што немате информација. Така да, дефинитивно потребата од пописните податоци е исклучително голема, заклучува тој.

Разгледувајќи ги архивите на ДЗС дознаваме дека првите попишувања на територијата на Македонија се од 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население. Постојат руски, француски, грчки и други извори на податоци за попишување на населението во 19-тиот век.

Првиот современ попис на територијата на Република Македонија е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна, во Република Македонија се спроведени 8 пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година. Пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада.
Пописот во 1994 година е прв попис во Република Македонија по нејзиното осамостојување. Пописот во 2002 година е последниот спроведен попис во Република Македонија.

Што е пописот? 

Пописот претставува вкупен процес на прибирање, обработка, оценка и анализа и дисеминација на податоци за населението, домаќинствата и становите во една држава.

Пописот е најобемно статистичко истражување во однос на единиците што се попишуваат и најмасовно во однос на бројот на учесниците што учествуваат во неговото спроведување. Пописот се подготвува неколку години пред неговото спроведување на терен, а податоците се обработуваат подолг временски период по прибирањето од теренот. Целта на пописот е да обезбеди целосни, квалитетни, ажурни и меѓународно споредливи статистички податоци за населението, домаќинствата и становите за задоволување на потребите на корисниците во државата и во странство.

Притоа мора да се обезбеди континуитет и споредливост со податоците од минатите пописи.

Какви податоци се обезбедуваат

  • бројот на населението и неговата територијална разместеност, како и за неговата структурата според демографски, географски, етнички, економски и социјални белези
  • бројот на домаќинствата и нивната територијална разместеност, како и податоци за структурата на домаќинствата според нивната големина, типот, семејниот состав и генерацискиот состав
  • бројот на живеалиштата според видот и нивната територијална разместеност, а за становите, во градежна смисла, се обезбедуваат и податоци за големината, опременоста со инсталации и помошни простории.

Како се користат податоците

Агрегираните збирни податоци, добиени од податоците собрани со Пописот, се користат за:

  • анализа и оценка на состојбите во економскиот и социјалниот развој
  • планирање на развојот во стопанството, образованието, здравството, домувањето и во другите економски и социјални сфери
  • следење на извршувањето на плановите
  • научни истражувања
  • статистички цели 
Facebook
Twitter
LinkedIn