Неискористениот географски потенцијал на Македонија

Додека незаштитените природни подрачја во Македонија се соочуваат со уништување, човечкиот фактор и климатските промени дополнително го забрзуваат овој процес, оставајќи непроценливи природни богатства во ризик.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Горан Бошковски
Продукција: Види Вака

Македонија е мала земја со огромни природни богатства. Под нејзината површина и на нејзините ридови се кријат приказни стари милиони години. Но, што правиме за да ги зачуваме овие богатства? Зошто сè уште немаме геопарк? Како се справуваме со ерозијата и поплавите? И што ни кажуваат сателитите за нашата земја?

Цела Македонија заслужува да биде геопарк – но Македонија нема ниту еден геопарк

Геопарк не е само место за заштита, туку и платформа за едукација, туризам и економски развој. Македонија има толку многу потенцијални локации, но за жал, сè уште немаме ниту еден геопарк.

Кратовско-Злетовската област или Кратовско-Пробиштипската област, Кожуфскиот планински масив, областа Порече со карактеристичните почви, пештери, пропасти и многу други раседи што ги има на овој простор, потоа Маркови Кули како уникатен простор со сите оние камени формации што ги има, делови од веќе постоечките Национални паркови, се потенцијални подрачја за геопаркови во Македонија со својата геоморфолошка уникатност.

Геопарковите се актуелен и современ концепт и во Европа, но и во светски рамки. Во Европа има стотина геопаркови. Во регионот, Грција има десетина геопаркови, Хрватска четири, Словенија оди кон четвртиот геопарк, додека Македонија со целиот потенцијал заостанува во прогласувањето на геопаркови на својата територија.

Во 2014 година професорот Милевски заедно со професори од УГД Штип покренуваат иницијатива и изработуваат студија за геопарк во Македонија, меѓутоа постапката запира во 2020 година, а геопарк не се прогласува. Во меѓувреме низ Европа за истиот тој период се прогласени околу 30 геопаркови.

проф. Ивица Милевски

Јас навистина се надевам дека ќе има поголемо разбирање и од политички и од локални и секакви фактори, да не бидеме ние последна држава во Европа што ќе добие геопарк, тоа сепак да биде во следните 3,4,5 години, бидејќи, како што кажаа колеги стручњаци од Германија, на чијашто конференција бев присутен, всушност, цела Македонија заслужува да биде геопарк со оглед на тоа што го имате и споредбено со некои други држави, коишто се навистина, да не кажам, монотони, хомогени во својот релјеф, во своите природни карактеристики , вели професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно – математичкиот факултет во Скопје.

Дека нема лош пример на геопарк во смисла на добра социо-економска развиеност во тој простор, позитивни трендови, забавување на емиграцијата, потенцира професорот Милевски, според кој геопарковите се можност за неразвиените подрачја да се стават во некаква функција, пред сѐ на промоција, на зголемена туристичка посетеност.

Градоначалниците не гледаат интерес во геопаркови

Сѐ се тука локални некои интереси во прашање, „Аха, па чекај, што ќе добијам јас од тоа?“ посочува проф. Милевски.

Геопарк е концепт кој се развива, има процедури и постапки кои може да траат во период од пет до седум години. При постапка на формирање на геопарк се добиваат и одредени задолженија во смисла на изработка на промотивни табли, означување на просторот на геопаркот, подобрување на собраќајната инфраструктура и така натаму.

Одовде, локалните фактори, посебно градоначалниците, најчесто не гледаат интерес во тоа, бидејќи ќе им заврши мандатот, па „ништо нема да добијат од тоа“.

Иако, на некој начин награда за сето тоа е амблемот на УНЕСКО и вие ќе бидете препознаени во таа глобална мрежа на геопаркови. Велам, речиси и да нема лош пример, односно сите примери што ги имаме, па и на Балканот, се забележува драстично зголемување на посетеност, но и на финансирање од страна на Европска Унија, од страна на различни фондации и така натаму, истакнува професорот Милевски.

Кај геопарковите се става акцент на поврзаноста меѓу природата, односно геосот и луѓето

Професорот Ивица објаснува дека евалуатори за геопаркови особено ценат доколку во тој простор има блиска поврзаност на луѓето, нивната традиција, нивниот начин на живот со околината како што е примерот со вулканските карпи во Кратовско-Злетовската област, каде во многу села таму куќите се изградени од такви вулкански карпи, односно вулканскиот простор се пренел на традицијата на начинот на градба, начинот на живот.

Наместо да ги заштитува, човечки фактор ги уништува геобогатствата на Македонија

Македонија е дом на ретки геолошки форми и богатства кои не се само природен украс, туку и одраз на нашата историја и иднина. Но, како и дали ги чуваме?

Бислимска Клисура е само еден од примерите за недоволно ценето природно богатство што 30 години чека да биде прогласено за споменик на природата.

Видеото е оригинално објавено на 10.02.2025

Демиркаписката клисура исто така низ годините трпи низа штети, од изградбата на автопатот и интерконекторот за гасовод, до градби и трла со кози, додека чека да биде прогласена за заштитно подрачје.

Видеото е оригинално објавено на 13.04.2023

Од друга страна, дел од глацијалните езера во Македонија, за жал се во фаза на исушување, пред сѐ ради климатските промени, но и поради антропогени фактори, односно човекот деструктивно влијаел да се уништи биодиверзитетот. Според анализи на професорот Милевски за некои 20-тина години можно е да се изгубат 20 до 30 природни глацијални езера.

Македонија се карактеризира со изворедна разноликост во поглед на релјефот, во поглед на геологијата и климата, со специфична карактеристична вегетација.

Нашата позиција на нашата држава, значи во овој дел на Европа, придонело да имаме многу геолошки структури, раседи, многу планини, котлини, различни видови на карпи кои што се стари од над милијарда години, навистина извонредна старост, па до карпи кои што сѐ уште денес се формираат. Таа извонредна геолошка положба на Македонија, од друга страна, е малку во колизија со сеизмиката, односно, таа позиција предизвикува да ние имаме релативно активна сизмичност на овој простор – вели проф.Милевски.

Но, и повеќе од потребна е посилна заштита и едукација бидејќи геобогатствата не се само за научниците, тие се за сите нас. Професорот Милевски смета дека Македонецот повеќе го цени туѓото, додека од друга страна, странците особено се интересираат за нашите природни богатства препознавајќи ја нивната вредност. Пример за тоа е Охридското Езеро кое е старо скоро 2 милиони години и е на листата на светско наследство на УНЕСКО, но е во опасност од загадување, урбан развој и прекумерен риболов.

„Особено странски универзитети се многу заинтересирани, затоа што поради големата старост на езерото, седиментите содржат записи што се случувало во последните 2 милиони години. Значи, преку тие седименти, ние дознаваме и на денешна територија на Македонија, но и Европа, што се случувало во поглед на климатски промени, во поглед на геолошки настани, вулкански ерупции и така натаму. Значи, од тој аспект не е ни чудно што Европски универзитети истражуваа на подрачјето на Охридско Езеро, а ние некако сѐ уште како да не го сфаќаме неговото значење овде.

Непланска сеча, градежни активности и климатските промени закана за природата

Ерозивните процеси во Македонија се сериозен проблем. Климата, човечката активност и недоволната заштита се меѓу главните причини за оваа појава. Ерозираното земјиште не е само проблем на природата, туку и на луѓето кои зависат од него.
Пошумените простори кои се уништуваат многу лесно можат да бидат подложени на силна ерозија.
Професорот Милевски објаснува дека до ерозија доаѓа на почвени слоеви од 50-тина сантиметри кои се формираат на пошумен простор доколку се направи непланска сеча на дрвјата не размислувајќи за последиците, тогаш останува земјата незаштитена од влијанието на атмосферските врнежи, кои што некогаш, а во последно време, сѐ почесто стануваат интензивни, со силни удари на водените капки и на тој начин се плакне сѐ поголема количина на земјишен материјал, а тој земјишен материјал ни е неопходен за раст и развој на растенијата.

Видеото е оригинално објавено на 19.09.2024

Видеото е оригинално објавено на 10.04.2024

Поради несоодветно користење на земјиштето, како градежни активности, во Македонија има комплетно уништени подрачја од претерана ерозија.

Скопска, Кумановска котлина сè под поголем ризик од ерозија односно котлини, подрачја каде што имаме голема човечка активност, за разлика од подрачја како Мариово каде во голема мера се напуштени, нема луѓе и таму постепено се враќа вегетацијата.

Во околината на Скопско, во околината на Кумановско, во бројни други многу населени котлини кај нас, ризикот да се развие ерозија е голем, особено имајќи предвид она што климатските промени можат да ни донесат и многу екстремни врнежи коишто тоа земјиште, оголено земјиште или несоодветно обработено земјиште или земјиште на големи наклони, може лесно да биде подложно на слекување, на одронување, на еродирање постепено и ние постојано да губиме одредена количина на плоден почвен материјал, односно плодноста на почвата да се намалува и да се јавуваат проблеми со земједелското производство, изјавува проф. Милевски.

По сите анализи, според професор Милевски во Македонија се намалува интензитетот на ерозија, но тоа не е поради зголемената свест напротив причината е иселувањето и сѐ помалиот број и активности на аграрното население поради што се соочуваме и со недостиг на храна.

„Се намалува бројот на активно население во селските средини, односно младото население од селата се исселува во градовите, запира или се намалува драстично аграрното производство и обработката на земјиштето и ерозивните процеси се намалуваат, но на некои места каде што сè уште имаме интензивна активност во руралните предели, па и не само во руралните туку и во урбани делови некои, навистина имаме многу висок степен на ерозија, дополнува проф.Милевски.

Од друга страна, климатските промени исто така влијаат на ерозијата, односно нерамномерната дистрибуција на врнежи низ годината има големо влијанија на ерозивноста на почвата.

Ако некогаш 40-50 години и претходно, во почетокот на 20-тиот и 19-тиот век, врнежите биле генерално рамномерно или многу порамномерно распоредени во текот на годината, сега се случува месец-два во летниот период немаме врнежи, па наеднаш врнежи со интензитет од 50, 60, 80, 100 мм дневно, што придонесува за земјиштето, оголеното земјиште да не може тоа да го на некој начин издржи, нема толкава кохезија и го губиме тоа земјиште, вели проф. Ивица и објаснува дека тоа еродирано земјиште ги натрупува од друга страна плодните почвени површини, па покрај нормално земјиште и материјал од депони, од загадени подрачја – токсичен материјал надоаѓа поради што ние добиваме загаден, загрозен, почвен супстрат односно доаѓа до деградација на плодно земјиште и намалена продуктивност како и квалитет на продизводи што се одгледуваат на такви почви.

За да се заштитиме од поплави потребни се превентивни мерки

Начинот на градење во Македонија треба да се прилагоди на сценарија кои укажуваат на екстремни врнежи и поплави во иднина.

Праксата покажува дека во идниот период, во идните 10-20 години, ќе имаме сѐ поголема фреквенција на екстремни настани, особено на екстремни врнежи, врнежи со голем интензитет за кратко време, проследени со силно невреме.

Ќе мора да се води сметка во поглед на изведување на различна инфраструктура, во поглед на поставување на различни објекти, дека сето тоа може да биде од голем ризик и да губиме човечки животи, вели професорот Милевски укажувајќи на неопходноста од превентивни мерки во однос на заштита.

Пошумување, изградба на дренажни одводни канали, пропустна моќ на тие канали, чистење на каналите, мостовите, се некои од главните мерки кои треба да се преземат.

Попусто ни е ние ако имаме канал со мала пропусна моќ, ако покажуваат податоците дека тука можеби, 10-15 метри кубни вода може да протече во секунда, па дури повеќе. Нешто слично како што беше во Стајковци каде и дренажните канали, одводните канали, беа најчесто затрупани со отпаден градежен материјал, шут, пропусти под автопатот и така натаму, што беше една од можеби главните причини да се случи катастрофата.

Итна е потребата од идентификување на ризичните подрачја и отпочнување со превентивни мерки за да не се случи повторно Стајковци, истакнува професорот.

Во Стајковци и околината имавме невиден максимум од 100 мм врнежи за само 4 часа, оттука професор Милевски потенцира дека невозможното станува возможно и треба да се има предвид кога ќе се димензионираат автопатиштата, бидејќи токму во Стајковци имаше проблеми со поставеноста и пропустите под автопатот, коишто не беа доволни да ја пропуштат целата вода, а во голем дел беа наполнети, зачепени.

Видеото е оригинално објавено на 06.08.2024

Оттука се наметнува потребата и Центарот за управување со кризи и други државни институции постојано да имат на ум што се гради кај нас и начинот на користење на земјиштето да биде прилагодено на тоа сценарио, особено со оглед на големиот просечен наклон на државата и на доста стрмни терени кои што ги имаме. Во таа смисла, неопходно е да се мапираат ризични подрачја.

Заради типот на релјеф кој што го имаме, геолошкиот состав, значи голем дел од територијата на нашата држава е под ризик, односно е подложна на силни поројни поплави и она што е уште побитно е што голем дел од тие површини се во близина на градски центри или на поголеми селски насади, објаснува проф.Ивица Милевски.

Далечинската детекција клучна за следење и анализа

Далечинската детекција ни дава податоци кои некогаш беа невозможни. Од следење на климата, до анализа на ерозијата, езера, шумска површина, сè може да се набљудува од вселената.

Но според професорот Ивица, Македонија не располага со доволно експерти и капацитети за анализа на такви податоци иако таа детекција може да помогне во заштита на природни богатства и подобро планирање на земјиштата и има многу предности во користење на сетелитски податоци за географски и еколошки истражувања.

Не само на факултетите кои се занимаваат со овие науки, туку и во средните училишта задолжително да се изучува далечинската детекција, смета професорот Милевски бидејќи потребни се што повеќе стручњаци од областа на далеченска детекција, а во комбинација со вештачка интелигенција може да се добие за секој просторен елемент некаква информација, некаква прогноза, нешто што би се случувало во иднина.

За година-две тоа ќе биде апсолутно многу актуелно, а ние некако слабо, полека, додека да го фатиме тој чекор и ќе чекаме сега од други стручни лица, од Запад и така натаму, да ни кажуваат што како. Имаме многу паметни деца, но за жал, оваа бавност во воведување на некои работи кај нас си го чини своето и после тоа излегуваме ние недоволно функционално писмени за некои технологии коишто веќе многу се употребуваат во други држави и тоа на различни нивоа, од локално до национално ниво, од институции, па сѐ до факутети, универзитети – проф.Ивица.

Далечинска детекција може да помогне во справување со пожари. Односно во случај на пожар може да се направи план во кој правец би требало да оди интервенцијата гледано според правецот на движење на ветрот.
Понатака да се набљудува вегетациската покривка, како се менува земјината површина, каде се отселуваат, каде се населуваат луѓето, како и колкава е просечна височина на дрвјата, добивка и губење на шумска површина, состојба на езера.

Така на пример со овие алатки може да се види загрижувачката состојба со Преспанското Езеро, или пак можноста од исчезнување на глацијални и вештачки езера во Македонија.

Многу загрижувачка е состојбата со Преспанско Езеро во поглед на 80-те години кога првите подетални сателитски мерења почнуват споредено со сателитски снимања од 2024 година каде гледаме дека навистина, огромно повлекување имаме, вели проф. Ивица и дополнува дека сателитските податоци покажуваат дека влијаат климатските промени, количеството на врнежи не се сменило нешто драстично, но различниот режим на паѓање, разликите во сезонските врнежи, појавата на сѐ подолги, покарактеристични суши, сѐ повисоки температури и испарување придонесува да имаме поголема загуба на вода, така да ние за жал постепено го губиме и ќе го губиме Преспанското Езеро.

Преспанско езеро 1986 – 2022 година

Колку и да сакаме нешто да преземеме, мислам дека тој процес ќе биде неповратен.Но не е само Преспанското Езеро, она што е многу актуелно и што е многу карактеристично и видливо од снимките и од моделите и пресметките што ги правевме, за жал голем дел од вештачките езера сѐ повеќе и повеќе се полнат со еродиран материјал и нанос, ја губат онаа нивна корисна површина, а од друга страна климатски елементи влијаат да има сѐ поголема стагнација кај езерата, така да навистина и тука ќе се јави еден проблем на кој што ќе мора да се обрне внимание во идниот период, истакна професорот Ивица Милевски.

Видеото е оригинално објавено на 07.11.2024

Грижата за природата не е само одговорност на институциите, туку и на сите нас. Потребно е да го препознаеме геолошкото богатство на Македонија и да го зачуваме за идните генерации, поради што потребни се иницијативи и едукации како на локалните населенија така и на институциите кои треба да инвестираат како во превентивни мерки, така и во прогласување на заштитени подрачја со цел нивна заштита но и локален и туристички развој.

Facebook
Twitter
LinkedIn