„Куварот“ дила нечиста дрога за младите

47% од луѓето кои употребуваат дроги не се сигурни за чистотата на супстанците кои ги внесуваат, а во Македонија не постојат програми за проверка на психоактивни супстанци.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Горан Бошковски
Продукција: Види Вака

„Пронајдена марихуана во ранец на ученичка во училиште во Кисела Вода“, „Пронајдени малолетници со дрога и оружје во угостителски објекти“, „Во Тетово евидентирани се малолетници со 16 и 17 години, кај кои биле пронајдени и одземени наркотични средства“, „Пронајдена дрога и точење алкохол на малолетници во локали во Битола“, „Уапсена малолетничка од Мала Речица, полицијата при нејзин претрес и потоа во нејзиниот дом пронашла дрога“, „Приведени петмина дилери на дрога во Велес меѓу кои и еден малолетник“, „Приведен малолетник од Гостивар, кај него најдена дрога“ – ова се дел од насловите кои во текот на оваа година ги пренесуваа медиумите од билтените на МВР, а се одраз на моменталната слика за начините на кои младите, а неретко и малолетниците се „забавуваат“.

Но, знаат ли што „земаат“ младите?!

Психоактивни супстанци измешани со брашно, цемент, стакло, парацетамол, кафетин и други таблети и аналгетици се присутни на македонскиот пазар, ова летово го потврди и Министерството за внатрешни работи кога објави информација дека 90% од дрогата што е во Македонија е нечиста, се меша со стакло од мелени неонки, а хероинот со отров за глувци и бетон.

Последното истражување на ХОПС покажува дека 47% од корисниците не се сигурни за чистотата на супстанците кои ги употребуваат. А сè поголема е достапноста на психоактивните супстанци, сè пониска е нивната цена и сè поголема е нивната употреба, па токму од овие причини и сè повеќе млади употребуваат дроги.

Всушност чистотата на супстанците ја диктира и формира цената на дрогите. Мешањето на супстанците е често со цел да се појача нивното дејство, но и да се намали нивната цена. Па така доколку го земеме за пример кокаинот, неговата цена е толку поевтина колку што има повеќе други примеси. Сите други примеси можат да бидат штетни, некогаш може да биде измешан и со друга психоактивна супстанца, па тука да настанат дополнителни компликации при негово земање.

-„Куварот“ што ја прави таа дрога, може да знае што има, а сигурно нема убави работи, добри хемии. Штом толку младинава е загрозена, така да кажам, од тие дроги, амфетамин, кокаин, сега се зема и таблети, лаковани, вакви- такви. Достапна е да се најде секаде, на журка да отидете можете се да најдете – вели поранешен зависник чиј идентитет е познат на нашата редакција.

Податоците од ХОПС покажуваат дека дури 47% од испитаниците рекле дека воопшто не се сигурни за чистота на супстанцата која ја употребуваат, а 40,5% дека половично се сигурни. За ризичното однесување зборува и податокот дека 67% од испитаниците земале супстанца за која не биле сигурни што е односно за кој вид на психоактивна супстанца станува збор.

Во Македонија не постојат програми за проверка на чистота на психоактивни супстанци

Од податоците добиени од истражувањето на ХОПС се гледа потребата од воведување на програми за проверка/тестирање на психоактивни супстанци во Македонија, со оглед на фактот што недостатокот од постоење на програми за намалување на штети од употреба на синтетичките супстанци, влијае на недоволната информираност за ризиците од нивна употреба.

Програмите за проверка на психоактивни супстанци се познати како drug checking и во Македонија не постојат. Вакви програми постојат во повеќе од 20 земји во светот и нивна главна цел е превенција на смртни случаи и намалување на здравствените ризици од употреба на дроги.

Како што покажува истражувањето на ХОПС, очигледно е дека трендовите на употреба на дроги во Македонија се менуваат. Ако порано заедно со канабисот една од најупотребуваната супстанца беше хероинот сега тоа е кокаинот, а веднаш потоа следуваат МДМА (екстази) и амфетамините. Освен овие супстанции кои се присутни на пазарот, сè почесто се среќаваат и нови психоактивни супстанции, а од тие причини и корисниците не се свесни што внесуваат и какви последици можат да имаат.

38% од луѓето кои употребуваат дроги се изјасниле дека во Македонија можат да се набават нови психоактивни супстанци, што е ризично за корисниците доколку не се свесни за што точно користат, па оттука дури 58% од испитаниците биле сведоци на предозирање од психоактивни супстанци.

Покрај тоа што недостасуваат drug checking програми, во Македонија не постојат ниту програми и центри за лекување за стимуланси, за рехабилитација и реинтеграција на луѓе кои користат дроги, ниту специфични програми за деца и млади кои користат психоактивни супстанци посочува Силвана Наумова – програмски менаџер на програмата за намалување на штети од употреба на дроги, ХОПС.

Кога зборуваме за лекување ние немаме програма специфична за деца и млади, лекување на деца и млади третман и рехабилитација, ХОПС долги години застапува за отворање на една ваква програма, за жал сè уште немаме таква програма, деца до 18 години немаме каде да се лекуваат. Недостатокот на програми за лекување од психоактивни супстанци е поголем, односно кај нас имаме програми само за луѓе кои користат опијати и има супститутска терапија за нив. Луѓе кои употребуваат стимуланси како кокаин, амфетамин, екстази или други халуциогени психоактивни супстанци, нема никаква програма за лекување, е проблематично и за деца и млади и за возрасни кои употребуваат а сакат да се лекуваат. Во таа насока и програмите за деца и млади воопшто недостасуваат со исклучок на Клиника за токсикологија и ургентна медицина каде има супститутска терпаија со бубренорфин за деца од 16 години и повеќе но со дозвола од родител, старател мора да се започне лекувањето. Истотака центри за рехабилитација и реинтеграција за луѓе кои употребуваат дроги недостасуваат односно воопшто нема, истакнува Наумова.

Покрај тоа што недостасуваат вакви програми, се кратат и средства кои Министерство за здравство преку програмата за заштита на население од ХИВ ги доделуваше. Токму поради кратење на средствата затворен од пред година и пол е Дроп ин Центарот во Шуто Оризари кој постоеше 15 години.

Затворањето на вакви центри ги доведува луѓето и до поголем ризик од ХИВ инфекција, бидејќи не им се достапни сервисите, немаат достапна чиста опрема и многу поголема е веројатноста дека има и нови клиенти нови луѓе кои започнуваат со употреба, и потешко е да се стапи во контакт со нив посочува Наумова, а токму благодарение на овие програми преваленцата на ХИВ кај лица кои инјектираат дроги во Македонија е многу ниска.
Во последните 15 години нема ниту еден случај на ХИВ како последица на користење на нестерилен прибор за инјектирање дроги – истакнува Наумова и објаснува дека во овие центри се прави размена на материјалите каде корисниците се обврзани да ги даваат употребените шприцеви и игли, од центарот ги диспонираат како инфективен отпад, а во замена тие добиваат нови, стерилни материјали за инјектирање.

„Во земји каде нема програми за размена на прибор за инјектирање, преваленцата на ХИВ инфекција помегу луѓе кои инјектираат дроги е многу висока. Во некои земји стигнува дури и до 80-90 проценти. Чисто за споредба, во Србија кога прекина финансирањето на програмите за размена на прибор за инјектирање, стапката на ХИВ помеѓу луѓе кои инјектираат дроги се зголеми. Затоа е многу важно да постојат превентивните програми и да се одржуваат, бидејќи ХИВ-превенцијата мора да биде континуирана. Не може да имаме сервиси три месеци, а три месеци немаме сервиси. Неконтинуитетот ќе доведе до епидемија“, истакнува Силвана Наумова.

Се затвораат центри, а останува стигмата и дискриминацијата за лицата зависници од дроги

Вадење на лични документи, остварување на здравствена заштита, остварување на материјалните помоши од социјална заштита, покривање на административни такси за вадењето на потребните документи, дискриминација и стигма, се дел од проблемите со кои се соочуваат луѓето кои употребуваат дроги. Најзагрозени се луѓето од социјален ризик и од маргинализирани заедници кои се изложени на двојна дискриминација, а тоа го потврдуваат и поранешни зависници.

Видеото е оригинално објавено на 09.11.2023

Во Македонија е евидентирана најниска просечна цена за хероин во регионот. Просечната малопродажна цена на хероинот во регионот во периодот помеѓу 2018 и 2020 година изнесувала 20 евра за грам, при што во Македонија е најниската просечна цена (16,5 евра) – се вели во извештајот на ЕМЦДДА за 2022 година, каде се упатува на податокот дека во Македонија купувањето супстанции во мали количества и нивното консумирање веднаш е почесто од купувањето во поголеми количества поради ризикот да се биде фатен од страна на полицијата додека се чува неупотребената дрога.

Проценетата употреба на кокаинот помеѓу младите возрасни лица (на возраст од 15 до 34 години) во Македонија во 2017 година била поголема од просекот на ЕУ во 2020 година – покажува извештајот на EMCDDA, 2022. Поголема од просекот на ЕУ била и употребата на екстази и амфетамини помеѓу возрасните во Македонија.

Од употребата на психоактивни супстанци кај младите се појавуваат голем број на здравствени проблеми.

Во Македонија недостасуваат програми за едукација и превенција за намалување на штети од употреба на дроги. Актуелната законска рамка не нуди јасна можност за проверка/анализа на составот на супстанциите кои се употребуваат, а се почесто се присутни на нелегалниот пазар на дроги и психоактивни супстанции. Потребно е развивање и имплементирање на такви програми особено на места каде најчесто се употребуваат – клубови, кафулиња и така натаму. Неопходни се и центри и програми за деца кои пробале и станале зависни од дроги како и зајакнување на законската рамка на Македонија во справувањето со новите трендови на нелегални активности поврзани со дрога и новите психоактивни супстанции

Facebook
Twitter
LinkedIn