(Не)пристапноста низ очите на граѓаните со попреченост

Автор: Љубица Иванова, Ангела Петровска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

Паднати студентски испити, пропуштени термини за лекарски прегледи, намалена можност за социјализација и учество во културни настани, животи изложени на опасност поради непристапните улици и институции… за многумина ова не се изолирани случаи, туку секојдневна реалност.

„Не можев да отидам на испит на факултет бидејќи беше во кабинетот на втори спрат каде што нема рампи. И така го паднав испитот“;
„Стигнав до Пулмологија некако со електтрична количка ама на тротоар не можам да се качам, не можам да влезам внатре, ми пропадна терминот и никому ништо“;
„Секојдневно животот ми е изложен на опасност бидејќи одам на работа, а насекаде се паркирани коли и нема прегледност кога седам во количката. На тротоарите исто така има коли и нема рампа за да се качиш на тротоарот“;
„Се заборава на нас лицата со попреченост, забораваат дека постоиме. Ние сме обично интересни пред избори“;

„Две електрични колички расипав по улиците, само една батерија за нив е 22.000 денари. А морам да ја чувам како очите во главата, ова ми е и за свадби и за погреби.“

Ова се гласовите на нашите соседи, студенти, пријатели, родители и деца, луѓе кои секојдневно се борат за нешто што за многумина е незабележливо: можноста за слободно и безбедно да се движат низ градот.

Види Вака изминатиов период спроведе прашалник со цел да ја мапира непристапноста во Македонија и да се добие директен увид од граѓаните за бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост.
Преку собирање лични искуства, перцепции и конкретни локации, истражувањето резултираше со креирање мапа на непристапни институции и јавни простори низ државата. Прашалникот овозможи да се идентификуваат системските пропусти, но и најчестите инфраструктурни и административни проблеми што го ограничуваат секојдневното функционирање на лицата со попреченост.

Вкупниот број на испитаници ни покажа дека покрај директно засегнатите односно лицата со попреченост, во истражувањето учествуваа и граѓани кои сведочат или забележуваат непристапност во својата околина или се родители, роднини, пријатели на лица со попречност.

Во врска со нивната перцепција за пристапноста на институциите, ниту еден испитаник не одговорил дека институциите се целосно пристапни.

Најголемиот дел сметаат дека институциите не се пристапни и дел сметаат дека институциите се делумно пристапни.

Ова укажува на сериозен системски проблем во обезбедувањето еднаков пристап до јавни услуги.

*Податоците се добиени од фотографии, описи и локации кои граѓаните ги испраќаат до Види Вака со цел мапирање на непристапноста ширум Македонија.

Мапата за непристапност на Види Вака претставува жива и отворена база на податоци која постојано ќе може да се надополнува. Граѓаните имаат можност да испраќаат фотографии, информации и конкретни локации со цел заеднички да ја документираме реалната состојба на терен и да придонесеме кон поголема видливост и притисок за системски промени.

Инфраструктура, јавни услуги, образование, немање места за дружење – се главните проблеми кои ги имаат лицата со попреченост во Македонија, а кои произлегуваат од прашалникот на Види Вака.

Скали без рампа или лифт, високи рабници на тротоари, недостаток на звучни семафори, тактилни патеки, како и информации на Брајово писмо, неприлагодени тоалети, непристапни автобуси како и градски и меѓуградски превоз се некои од најчестите инфраструктурни бариери кои испитаниците ги посочуваат.

Овие податоци покажуваат дека физичката инфраструктура е всушност најголемата пречка за самостојно движење и самостојно живеење воопшто за лицата со попречености.

„УЈП има лифт ама не работи со години, исто е и со Собранието на Македонија“, „Не можам да извадам извод и државјанство во Центар дека рампата не работи“, „Скалите ми се единствена опција, а тоа е пречка за пристап до медицинските услуги“, „Движење по тротоар иако е место каде треба и може да се движиме, најчесто тоа е место каде ќе наидам на паркирано возило или застанато на кратко со пуштени жмигавци, но сепак јас не можам да поминам или комбе или камион кое врши растовар на тротоар, а поради мрза да заобиколат објект и да се паркираат на официјален паркинг“, „Како лице со целосно слепило, самостојното движење од точка А до точка Б ми е целосно невозможно, благодарение на лошата инфраструктура, вклучително немање тактилни патеки, звучни семафори и ужасната услуга на (ЈСП)“, „Киното во Велес нема пристап да може лица со количка да одат“, „Реуматологија амбулантата и дневна болница ги делат три спрата, многу често лифтот не работи и треба да заверуваш документи помеѓу двете институции“, „Секое одење во продавница со ролатор наидувам на пречка. Високи рабници на тротоарот, непристапен тротоар од паркирани возила. Доколку можам да си дозволам кревање на ролатор или количка,тогаш нема ни да ми биде потребна. Градски автобус во Прилеп е проблем исто така“… бројни се проблеми и предизвиците кои лицата со попреченост ги посочуваат обидувајќи се да живеат нормално секојдневие кое е попречено од лошата инфраструктура, несоодветните или непостоечки рампи, узурпирани тротоари.

Улицата како прв непријател за лицата со попреченост

„Имал 30.000 евра да купи нова кола, немал 30 денари да плати паркинг. Ми се случувало да чекам додека не се смилува да дојде сопственикот на возилото да го тргне од тротоар“ – коментира лице со попреченост обидувајќи се да помине по тротоарот, но не успева бидејќи е попречен од паркирано возило.

Високите рабници, контенјерите и паркираните автомобили „ги туркаат“ инвалидските колички директно во сообраќајот, правејќи го нивното движење небезбедно.

Додека несовесни граѓани се паркираат на тротоари, градските претпријатија поставуваат контејнери на тротоарите – од една страна е свеста и совеста на граѓаните, од друга страна пак онаа на институциите.

„Не може нормално здрав човек да се движи, а не лице со попреченост“

Не се почитуваат ниту паркинг местата наменети за инвалиди.

„За пет минути се работи“ – вака соседите на Игор од Скопје коментираат кога ќе се пожали дека се паркирале на паркинг местото за инвалиди иако знаат дека има возило означено со лепенка „инвалид“. Но, до нивниот менталитет е – вели тој.

„Уште пострашно, еден комшија ми вели: „Паркирај се на друго место.“ А, бе, човек, јас да сум здрав да можам да се паркирам на друго место не доаѓам тука да се паркирам. Ќе одам 100 метри подолу, кајшто е побезбедно за паркирање и ќе си дојдам дома пеш. Меѓутоа, не можам. Затоа е тоа место тука, до зградава, за да можам да го користам.“

Отсечени од светот – јавниот превоз привилегија, а не право

Јавниот превоз претставува клучен предуслов за самостојно движење, вклученост и еднаков пристап до образование, здравство, работа и јавни услуги. Неговата пристапност директно влијае врз квалитетот на живот на лицата со попреченост, но и на повозрасните лица, родителите со колички и сите граѓани со намалена мобилност. Во Македонија, прашањето за пристапен јавен превоз останува значаен предизвик, при што недостигот од автобуси и соодветна инфраструктура создава реални бариери за секојдневно функционирање.

Со недостатоците на ЈСП се соочуваме сите, но возењето во автобус е посебен предизвик за лицата со оштетен вид.

Покрај тоа што во најголемиот број градови во Македонија нема јавен превоз, не е целосно прилагоден ниту веќе постоечкиот.

„Како слепа личност, не можам да видам кој број е автобусот, а ако се качам во него, никогаш не се пуштени аудитивните информации за тоа која постојка е следна или на која постојка се наоѓаме“ – го споделува своето лични искуство испитаничка во прашалникот на Види Вака.

Говорниот синтетизатор во ЈСП одамна веќе не работи, па така тие се оставени самите на себе.

Од расипани рампи, до немање говорни синтетизатори, тактилни патеки, звучни табли на постојките – долга е листата на проблеми кога е јавниот превоз во прашање.

Оттука и испитаниците го посочуваат јавниот транспорт како значајна бариера, особено за меѓуградско движење кој е речиси непостоечки за лица во колички.

„Не работат рампите“, „За во автобус не може само едно лице да ја внесе количката, потребни се повеќе, затоа што не функционира (или не ја пуштаат) рампата“, „Таксињата немаат соодветен багажник да соберат количка“, „Немаат трпение за луѓето што се качуваат, скалата од автобусот е преголема и треба повеќе време да ја искачиш додека вратата ти се затвора секоја секунда“, „Неопходен е ангажман од друго или повеќе лица“ – овој проблем се провлекува низ годините, а лицата со попреченост се оставени на милоста и немилоста на граѓаните и возачите на автобусите да ги помогнат да се качат во превоз.

„Една држава вреди онолку колку што се грижи за најбеспомошните. Замислете да се возите во автобус со врзани очи и покрај тоа што треба да броите станици, треба да внимавате некој да не ве турне“ – вака Суарет Алишан го опишува предизвикот да се користи јавен превоз во Скопје како лице со оштетен вид.

Видеото е оригинално објавено на 15.02.2023

(Не)пристап до непристапни институции

Здравство што разболува, образование недостапно за сите и прашања на достоинство.

Здравствени институции, образовни институции, банки и пошти, културни институции како музеи, театри, кино и библиотеки, општини и јавни администрации, спортски и рекреативни објекти ширум Македонија не обезбедуваат непречена пристапност за сите граѓани, а лицата со попреченост особено го чувствуваат ова на сопствена кожа.

„Како Сојуз на лица со телесен инвалидитет, особено нѐ загрижува непристапноста на објектите во кои се изведува настава во сите степени на образование, бидејќи тоа е директна пречка за едукација и стекнување на знаења и вештини на лицата со попреченост, конкурентни на пазарот на трудот, и понатаму по принцип на споени садови недоволната едуцираност претставува сериозна пречка за нивно активно вклучување во сите пори на општеството.“ – изјави Бранимир Јовановски, претседател на Мобилност Македонија.

Секое излегување од дома за мене претставува проблем – вака 54-годишниот Игор Николовски од Скопје го започнува неговото сведоштво за непристапноста која го попречува неговото секојдневие.

Тој е еден од околу 200.000 лица со попреченост кои живеат во Македонија и секојдневно се соочуваат со бројните инфраструктурни и административни пречки.

Видеото е оригинално објавено на 06.02.2026

Граѓани од втор ред

„Информациите ги добивам не на шалтер, не во институција, туку зад зграда на прозорец. Чукаме на прозор.“

Од стрмни или непостоечки рампи, до лифтови кои или не работат или не постојат – особено загрижува ограничениот пристап до здравствените услуги како загарантирано право кој произлегува повторно од инфраструктурата.

Најголемиот дел од испитаниците го оценуваат пристапот до здравствени установи како делумен, а други пак сметаат дека не се воопшто пристапни здравствените институции.

„Се случува во ходник и на паркинг да ме боцкаат бидејќи нема пристап до здраствената установа“ – вели Игор Николовски од Скопје дополнително укажувајќи и на проблемот со недостаток со пристапни тоалети кои стануваат прашање на достоинство.

Непристапноста е доминантно инфраструктурен проблем (рампи, лифтови, рабници, тоалети). Постои јасен јаз меѓу законската регулатива и реалната состојба на терен, а институциите не обезбедуваат системско и унифицирано решение за пристапност. Јавниот превоз и здравствените установи се меѓу најкритичните точки.

Со „ѕвонче“ решено прашањето за непристапност

Резултатите од прашалникот јасно покажуваат дека пристапноста во државата е сериозно ограничена и најчесто се сведува на делумни или формални решенија. Мапата на непристапни институции која произлезе од ова истражување претставува важна алатка за јавен притисок, застапување и креирање политики базирани на реални искуства на граѓаните.

Ситуацијата е уште полоша во внатрешноста на Македонија, особено во помалите градови и села и руралните места каде пристапноста е мисловна именка.

Во Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија – Мобилност Македонија членуваат повеќе од 8.000 лица со телесен инвалидитет, доброволно здружени во 16 општински, меѓуопштински и градско здружение на лица со телесен инвалидитет.

Членовите се граѓани кои имаат пречки во мобилноста поради телесен инвалидитет предизвикан од параплегија, дистрофија, ампутација на екстремитет, детска парализа, мултипла склероза и други невро-мускулни или коскени заболувања.

Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски истакнува дека пристапноста до јавните институции за лицата со попреченост не е на завидно ниво, напротив, поголемиот број на институции не се пристапни особено за лицата со потежок телесен инвалидитет кои се движат со инвалидска количка, како и за потполно слепите лица. А најмногу поплаки од членовите добиваат за неможност за паркирање, скали на влезовите, недостаток на лифтови или истите не се во функција.

„Кога зборуваме за пристапност, погрешно е да се мисли дека само премостување на висинска разлика на влезна врата претставува пристапност на самиот објект. Без обележани паркинг места за паркирање на возила управувани од лица со попреченост, доволно широки како влезни, така и врати во внатрешноста на објектите, лифтови и платформи за внатрешно премостување на катови, адаптирани тоалети за лица кои се движат со инвалидски колички, широки ходници без бариери итн. не може да стане збор за пристапен објект.“

За дел од граѓаните кои се обиделе да побараат помош од институции и организации да ги надминат инфраструктурните и административните бариери, впечатокот е дека се нема слух или не им е возвратено.

Така институција во Прилеп, „со ѕвонче“ го „решила“ проблемот со пристапноста.

„Побарав од Народен правобранител да се реши проблем со пристапноста во зградата на ФЗОМ и ПИОМ ПЕ – Прилеп. Ми беше одговорено дека проблемот е решен со ѕвонче“ – споделува лице со попреченост од Прилеп.

И Игор од Скопје вели дека во несреќата, среќа е што е од Скопје бидејќи другите градови се неверојатно непристапни.
„Имам пријател во Свети Николе, браќа сме по маката, кај нив има само едно инвалидско место кај Општината. Едно, единствено и тоа е секогаш зафатено.“

Сообраќајната неправда како лице со оштетен вид на своја кожа ја има почувствувано и Душан Граовац од Кочани во кој пред неколку години, преминувајќи со бел стап на пешачки премин, удри такси возило и избега.

Видеото е оригинално објавено на 07.08.2023

Право на движење гарантирано – но не и овозможено

Правилник за обезбедување непречена пристапност во Македонија постои, но во реалноста истиот и не се применува.

Според Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање на Министерството за транспорт мора да се предвидат мерки за непречено движење на лицата со инвалидитет. Пешачките улици и патеки, тротоарите и плоштадите треба да имаат рамни, континуирани површини со максимален наклон од 8,33%, а каде има скали, мора да се обезбедат рампи со широчина од најмалку 1,65 м.

Рампите треба да се димензионираат според наклонот, а на сите пешачки премини и влезови во јавни и групни простории треба да има рампи кои не го попречуваат движењето на лица со инвалидност.

Иако во Македонија се градат рампи за лица со попреченост, правилниците за нивната широчина, наклон и должина често не се почитуваат, што го отежнува непреченото движење на лицата со инвалидност.

Според правилниците за градба во Македонија градот треба да се прилагодува за сите со нови рампи, тротоари и паркинг-места за лица со посебни потреби.

Рампите треба да бидат со минимална широчина од 130 см и оптимална од 180 см за движење на колички. Нивниот наклон да биде постепен, од 5 до 8%, а по одредена должина да има одморалишта за удобност и безбедност. Страничните огради и ракофати ќе помогнат при движење и на лица со оштетен вид. Тротоарите и патеките добиваат минимум 150 см слободна широчина, места за разминување и благо накосени површини, за лесно и непречено движење на сите. Паркинг-местата за лица со посебни потреби треба да бидат најмалку 3% од вкупниот капацитет, рамни и јасно обележани, со дополнителен простор за пристап и маневрирање на колички – стои во Правилникот.

Закон за пристапност на хартија, пречки во реалноста

Согласно Законот за градење, објавен во Службен весник, Министерството за транспорт и врски преку законските одредби обезбедува задолжителни стандарди за непречен пристап на лицата со инвалидност до и во јавните и деловните објекти. Со членовите 10 и 11 од Законот се предвидува сите градби од јавна и деловна намена, како и станбените згради, да бидат проектирани и изградени така што ќе овозможат непречен пристап, движење, престој и работа за лицата со инвалидност.

Сите јавни, деловни и станбени објекти треба да бидат проектирани и изградени така што лицата со инвалидност ќе имаат непречен пристап, движење, престој и работа.

Види Вака се обрати до Министерството за транспорт и врски, барајќи информации дали државните институции ги почитуваат правилата за непречен пристап за лица со попреченост, но и дали и колку контрола и надзор се врши и како се постапува за оние кои не го почитуваат.

Од Министерството ни одговорија дека според Законот за градење се предвидува услови за пристапност, но дека тие немаат инспекциски овластувања и дека надзорот се врши од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за А категорија градби и од локалните самоуправи за Б категорија.

Од Инспекторатот не добивме конкретен одговор во врска со бројот на казни и контроли.

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам врши инспекциски надзор согласно Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење. Во областа на урбанизмот вршиме контрола во постапките за изработка, донесување и спроведување на Урбанистички планови и урбанистички проекти од страна на Министерството за транспорт, општините и општините на Град Скопје, односно дали ги имплементираат Стандардите за мобилност и пристапност во Општите и посебни одредби во урбанистичките плановите и проекти, согласно член 188, 189,190,191, 192, 193 194,195 и 196 од  Законот за урбанистичко планирање, кои задолжително треба да бидат почитувани, за да можат истите да бидат донесени во законска процедура.
Од страна на градежништвото дирекно вршиме контрола над објекти од прва категорија од значење на државата за имплементација на Непречен пристап и движење до и во градба согласно член 7, 10, 11 и 164 од Законот за градење. Сите овие контроли се вршат врз основа на Годишна програма за редовни како и вонредни надзори.
Во нашите Листи за проверка се имплементирани сите проверки поврзани со Националната стратегија за правата на лица со попреченост 2023-2030 година организирана од Владата на РСМакедонија, каде дадовме активно учество во областите на Пристапност и Локална инклузивна заедница, со обуки за овластените градежни инспектори во општините и зголемување на нивниот број и нивна централизација, заради поголеми видливи резултати на терен.
– писмен одговор од Државен инспекторар за градежништво и урбанизам.

Иако постојат законски правила, не е јасно колку градби и институции навистина се контролираат, ниту колку казни се изрекле за непочитување на правилата. Практично, нема прецизни податоци за тоа дали се спроведува ефективна контрола и какви мерки се преземаат против оние кои не го обезбедуваат непречениот пристап за лицата со попреченост.

Итна потреба од промени, измени и дополнувања на закони

Мобилност Македонија има организирано повеќе кампањи во локалните самоуправи наречени „Пристапна Македонија“ на кои присуствувале и лица од секторите за урбанизам во локалните самоуправи. Преку овие кампањи со презентација на состојбите и проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост, како и преку отворена дискусија, укажуваат на сите недостатоци со понудени конкретни решенија за надминување на состојбата со пристапност.

Пред сѐ, доследно и целосно почитување на веќе донесената законска и подзаконска легислатива за пристапност и вградување на елементи на пристапност при изградба на сите објекти од деловена, стамбено – деловна и стамбена намена, а во наредна фаза промена на Законопт на градење во делот на пристапноста – бараат од Мобилност Македонија.

Овој Сојуз беше дел од работна група за време формирање на нацрт-текстот на новиот Закон за градење и тогаш побараа и од Комисијата беа вградени во текстот, неколку дополненија меѓу кои пристапноста да стане една од основите за градба, што би значело без почитување на овој основ нема изградба на било каков објект.

„Исто така побаравме и заострување на казнената политика во случај на непочитување на стандардите на пристапност со времено одземање на лиценци на лица кои ќе издадат градежна дозвола (подоцна и употребна дозвола) на објект кој не ги содржи елементите на пристапност. Законот за градење е во постапка за донесување и ќе видиме дали ќе ги содржи нашите барања кои се од суштинско значење за непречено движење, работење и станување на лицата со попреченост“ – изјави Бранимир за Види Вака.

Види Вака и претходно апелираше за овој проблем дека лицата со попреченост секојдневно се соочуваат со сериозни пречки во движењето и пристапот до јавните простори. Темата за непристапноста со години се повторува во медиумите, но состојбата на терен останува речиси непроменета.

Ваква е и приказната на 36-годишниот Игор Петров од Скопје кој се движи со инвалидска количка и е само еден од многуте граѓани што наидуваат на неправилно паркирани автомобили, несоодветни тротоари, стрмни или нефункционални рампи и лифтови.

Видеото е оригинално објавено на 26.07.2023

Надеж за промени

Чисти и пристапни тоалети, лифтови, рампи, лифтови и тротоари, пристапен јавен и меѓуградски превоз, да нема паркирани возила на тротоарите, слободни тротоари, пристап до сите институции, соодветни рампи со соодветен степен за закосеност, а не стрмни, повеќе паркинг места за инвалиди, тактилни патеки, звучни семафори, едуцирани вработени за правата на лицата со попреченост.

„Ако го пречекорам високиот граничник на тротоар, а немам пристапност на самиот тротоар ,тогаш повторно има проблем“ – за граѓаните со попреченост секоја промена е битна.

„Потребни се законски решенија кои ќе опфатат поширок спектар во општествениот живот за лицата со попреченост како културниот живот, посета во кино, театар, концерти, кафулиња, ноќни клубови, но и достапни основни и средни училишта во 21-от век. Како и можности за вработување во непристапните институции“ – се надеваат граѓаните со попреченост.

Строги казни за непочитување на правилниците и законите, едукација и учење за различностите од најмали години, но и вклучување на лицата со попреченост во креирањето на политики и мерки поврзани со нивните права потребни се како дел од системските промени кои би довеле до поправично и попристапно општество.

Facebook
Twitter
LinkedIn