Народот носи на власт, но народот и казнува

Како и пред седум години, граѓаните повторно покажаа дека како што народот носи на власт, народот знае и да казни.

За првпат по подолго време по завршување на изборниот процес, изостана неизвесноста кога сите политички партии прогласуваа победа. Сега беше јасно, која партија е победник на парламентарните, а кој кандидат е победник на претседателските избори.

По седум години во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ се враќа на власт. Со над 400 илјади гласови на парламентарните избори, партијата убедливо го победи досегашниот Социјалдемократски сојуз на Македонија.

„СДСМ полека оди од голема кон средна партија, бидејќи не само што они имаат најслаб резултат во историјата, туку овој резултат го добиваат од позиција на власт. Шеќеринска 2008 година имаше околу 210.000 гласа, но тогаш СДСМ беше опозиција. А сега, они од позиција на власт којашто секогаш вклучува дел од клиентелистички гласови, значи оние кои што сакаат да бидат со власта, има најлош скор,“ вели политичкиот аналитичар, Владимир Божиновски.

Аналитичарот Божиновски додава дека доминацијата на ВМРО-ДПМНЕ е очигледна и согласно тоа, лесно ќе може да се направи новата Влада.

„ВМРО и коалицијата имаат скоро апсолутно мнозинство, а можеби ќе имаат и апсолутно мнозинство во следните недела до две, знаејќи ги тие „шифтања“ на пратеници од една во друга коалиција и така натаму. Идната Влада најверојатно ќе биде помеѓу ВМРО-ДМПНЕ, коалицијата Вреди и партијата на Максим Димитриевски -ЗНАМ, најверојатно, ќе видиме нормално, но тие се главните кандидати за формирање на идна Влада,“ посочи аналитичарот Владимир.

Според Божиновски, тешко е дека ДУИ ќе биде дел од следната Влада, со оглед дека они беа дел од досегашната Влада против која ВМРО-ДПМНЕ, всушност, ги бараше гласовите на граѓаните.

„Не верувам дека има било каква можност да биде ДУИ во моментот дел од оваа Влада, но од друга страна ДУИ е силна и доста организирана партија, така што, 2006-2008 година кога беше во опозиција, после се врати уште посилна од тоа што беше претходно и мислам сигурно они ќе калкулираат што можат и како можат, но едноставно они можат да си ја чекаат својата шанса, особено што сега, според бројот нели на освоени пратенички места, таа коалиција на ДУИ, всушност, е втората коалиција според број на пратеници во новиот парламент,“ појаснува аналитичарот Божиновски.

Македонија ја доби првата претседателка

Во 33-годишно постоење од осамостојувањето на Македонија од СФРЈ, државата ја доби првата претседателка, Гордана Сиљановска Давкова. Кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, освои повеќе гласови од Ѓорѓе Иванов во вториот круг во 2014 година и од Бранко Црвенковски во вториот круг во 2004 година.

Низа скандали на СДСМ до изборен дебакл

Хаосот со личните документи, контроверзниот договор со Бехтел и Енка, скандалите со Судскиот совет, нехуманиот третман на Онкологија, нерешените судски постапки со модуларната болница, автобусот во Бугарија, изградба на дивоградби, немањето стратегија за решавање на загадувањето, кратењето на средствата за ХИВ и така натаму, се низа разочарувања што досегашното владеачко мнозинство не успеа да ги реши и за граѓаните да понуди подобар животен стандард во државата.

„Немаше никаква промена во нивните политики, напротив и по поразот на локалните избори 2021 година, после бевме сведоци на оној фамозен француски предлог од страна на Ковачевски, нели како нов премиер, кој го потпиша и покрај огромното незадоволство и противење буквално на целата јавност, оние протести коишто се одржуваа секој ден, месец или два во текот на летото. Тоа е прва работа, второ, они навистина не успеаја да се справат со многу од оние, би рекол базични проблеми на граѓаните. Едноставно корупцијата стана толку видлива што секојдневно секој граѓан се соочуваше со неа и стана најголем проблем, иако секогаш, да кажеме, била зад оние економски прашања, понекогаш дури беше и трет, четврт проблем кој го потенцираа, граѓаните сега во изминатава особено година дена до две, беше буквално број еден проблем којшто беше потенциран од страна на луѓето. И имаше исто така и доста, би рекол, административно-технички проблеми за коишто они навистина не успеаја да се снајдат затоа што немаа никаков план од типот на кризава, нели со пасошите, со личните документи, од типот на нефункционалност на многу од институциите.Така што, наместо да имаме реформа позитивна, одење напред, ние имавме враќање назад,“ вели Божиновски.

Нов бран ветувања со старо руво

Идната Влада без разлика на коалицијата ќе има задача да ги решава корупцијата, непотизмот и неодговорноста за криминалните дејствија во државата. Како што се наведува во програмата, примарна цел и приоритет на следната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е зголемување на животниот стандард на граѓаните во Македонија. Нивната цел е до 2028 година да се намали стапката на невработеност до 7,5%.

„Во следните четири години во Република Македонија ќе се креираат околу 55 илјади нови работни места. Невработеноста ќе биде намалена преку остварување на висок економски раст, oдржување на бизнис-климата на ниво меѓу најдобрите во свет, што ќе даде директна поддршка на домашните фирми за нови инвестиции и отворање нови работни места, привлекување на нови странски директни инвестиции, активни политики и мерки преку Агенцијата за вработување, зголемена и таргетирана поддршка за повисок принос во земјоделството; натамошна поддршка на градежништвото и врзаните дејности преку повисок износ на капитални инвестиции, модернизација на образованието за создавање продуктивна работна сила,“ стои во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ ветува и зголемување на социјалната помош. Додека пак, за пензионерите ќе обезбедат по 5000 денари повеќе за пензии во првата година од мандатот.

Народот го направи својот избор, а партиите сега ќе мора да го исполнат ветеното, она што веќе го најавија во предизборната кампања. Како и пред седум години, граѓаните повторно покажаа дека како што народот носи на власт, народот знае и да казни.

Facebook
Twitter
LinkedIn