НАПУШТЕНИ КУЛТУРНИ МОЖНОСТИ

Автор: Ивана Настеска
Камера и фотографии: Иван Алушевски, Драган Котовски
Монтажа: Синиша Илијески
Продукција: Види Вака

Искршени прозори, метални скали кои недостигаат, демолирани лифтови, расфрлани шрицови насекаде, ѓубре, шут и непознати течности… Влегувањето во напуштената скопска фабрика „Купрум“ наликува на сцена од култните хорор филмови посебно, ако ја посетите на тмурен ден.  Огромниот објект со децении е напуштен, оставен времето да го уништува цигла, по цигла. Она што не успеава природата да уништи, уништуваат луѓето, намерно или ненамерно.

Добрата архитектура на објектите и нивниот  распоред сведочи дека во минатото оваа фабрика била економски двигател. Контратежа на хаосот кој го затекнавме е крикот на графити културата која низ годините спонтано се создала на ова напуштено место. Графитите можеби даваат надеж дека овој необезбеден јавен простор може повторно да стане корисен.

„Купрум“ е само еден од десетиците напуштени објекти во земјава. Дел од нив претставуваат опасност за здравјето на луѓето, дел ја загрозуваат и животната средина, а од друга страна се неискористен потенцијал од кои државата може да заработува, но најмногу може да добијат граѓаните и граѓанскиот сектор.

Дворот на фабриката „Купрум“ во Хром

Иницијативата „Напуштени можности“ на здружението „Културно ехо“ мапираше вакви објекти на територијата низ целата земја. Ако се задржиме само на главниот град Скопје, сконцентрирани се на три објекти во три различни делови на градот. Тоа се Дом на културата „11 Октомври“ во Ченто, спортската сала „Партизан“ во Карпош и фабриката за обоени метали „Купрум“ во населбата Хром.

Интерактивна мапа изработена од „Културно ехо“
на напуштени објекти во земјава со можност за нивна пренамена

„Купрум претставува наша прва иницијатива која ја започнавме со „Културно ехо“ од септември 2018 година. Веќе година и пол работиме на оваа проблематика за пренамена на овој објект во студентски град или младински центар. Тоа е потребно дополнително поради неговата стратешка локација“, велат од „Културно Ехо“.

Се простира на 22.000 квадратни метри од кои изградените објекти зафаќаат само 20 отсто.

Тоа дава можност останатиот дел да се искористи за зазеленување, особено што во овој дел од градот зелени површини речиси и да нема.

Погледнете ја внатрешноста на фабриката „Купрум“

Се наоѓа на влезот на општина Ѓорче Петров во населбата Хром, од едната страна граничи со реката Вардар, а од другата страна со улицата „Васил Чакаларов“, со што одлично е поврзана со центарот на градот. Се наоѓа на 1 километар од студентскиот дом „Гоце Делчев“ што дополнително ја оправдува идејата за младински креативен центар.

Симона Димковска од „Културно ехо“  вели дека иако повеќе од 10 години фабриката „Купрум“ е напуштена, објектите се во одлична состојба од архитектонски аспект. Но, ако остане да пропаѓа, овој објект станува опасност за граѓаните кои живеат во негова близина.

„Не е никако ограден, сите материјали кои се останати од неговото функционирање се распостелени насекаде низ просторот и во дворот. Има азбестни покривни материјали штетни за животната средина, има стаклена волна која е насекаде и во близина на реката. Има нафтени деривати, непознати течности кои се небезбедни за животната средина и за локалните граѓани кои слободно се движат низ фабриката, а меѓу нив и деца., посочува Димковска.

Во изминативе неколку години на Архитектонскиот факултет во Скопје изработени се повеќе од 10 магистерски трудови за ревитализација и заштита на објектот на „Купрум“.

Димковска сепак смета дека овој објект треба да биде ревитализиран во насока на јавен простор во интерес на младите и студентите.

Виртуелна прошетка низ фабриката Купрум со нашиот снимател

Младите се иселуваат од државата , не само по потрага по подобар живот или подобри плати. Туку и по потрага на подобро образование и култура. Нашите факултети за жал немаат просторни капацитети и друг тип на капацитети за да ги задоволат апетитите на моменталните студенти. Се работи за голем капацитет, а Скопје е исклучиво студентски град, и сметаме дека тоа би била најсоодветна пренамена на оваа фабрика“, вели Димковска.

„Купрум“ е во колективната меморија на скопјани

Еден од магистерските трудови е на архитектката Наташа Вчкова и го носи насловот „Урбани празнини“.  Вчкова во 2015 година, се решава да магистрира на оваа проблематика поттикната од рушењето на друг индустриски објект, сапунарата „Цветан Димов“ во општина Кисела Вода.

„Тоа беше еден од првите индустриски објекти граден во манирот на Модерната, а на нејзино место никна копија на зградата Флетајрон во Њујорк. Со овој деструктивен потег не само што засекогаш се избриша од мапата на Скопје еден редок примерок, со огромна архитектонска вредност, туку целосно се исполни една од ретките неизградени површини во градот“, вели Вчкова.

Локацијата на поранешната фабрика „Купрум“, како и потенцијалот во постоечката структура на фабриката кој овозможува лесна трансформација на просторот за било каква намена се главните мотиви за Вчкова да ја вметне во својот магистерски труд. Но, можеби најглавниот фактор е што таа е родена и цел живот живее во Хром, непосредно до фабриката.

„’Купрум’ со децении бил главен двигател на индустријата и економијата во овој дел од градот и претставувал иницијатор за развој на околните населби. Со други зборови, фабриката постои од кога постои и населбата Хром, со што е длабоко врежана во колективната меморија на жителите од овој крај. За жал, денес изгледа како сеќавањето на минатото да доминира над сегашноста за овие простори“, раскажува Вчкова.

Креативниот центар може да биде исплатлив

Во Скопје засега има само еден културен центар –  Младинскиот културен центар. Минатата година таму се реализираа над 660 настани, понекогаш по неколку настани во еден ден..  Растојанието од Младинскиот културен центар до локацијата на поранешната фабрика „Купрум“ е седум километри по Кејот на реката Вардар, а со велосипед од едното до другото место би можело да се стигне за околу половина час.

Младите имаат идеја како Скопје да се кандидира за европски градна културата за 2028 година.

„Културно ехо“ заедно со младите архитекти од „Сити скоп“, но и поведени од магистерските трудови на другите архитекти изработија анализа преку која програмската идеја е вметната во просторните капацитети на „Купрум“.

„Главната производна хала би била најклучен момент за тој студентски град. Затоа што е најголем објект, се работи за две големи нивоа и има потенцијал едниот дел да биде мултуфункционална сала, каде што сите идеи и културни настани може да ги одвиваат тука“, вели Димковска.

Според неа, дел од објектот би бил и економски одржлив, ако се вметне ресторан или менза, со релативно достапни цени за младите и воопшто граѓаните.

„Другиот дел на катот би се поделил на креативни хабови“, додава Димковска.

Во магистерскиот труд на Вчкова, истражувањето предвидува заштита на зелените површини преку реадаптација. Комплексот да добие урбан парк, место каде сега би се одвивал социјалниот живот.

„ Во време кога се бориме со  загадувањето, секој квадрат зеленило е важен. Со адаптација на фабриката, ќе се зачуваат минимум 14 000 м2 зелена површина, а со тоа ќе му се овозможи на секој жител од населбата и пошироко, да поминува доволно време во зеленило и да ужива во благодатите на градината во густо изграденото Скопје“, појаснува Вчкова.

Понатаму, се предвидува културно-едукативен центар односно„Центар за иновација, дизајн, и неформална едукација“ по принципот на „производство“ на култура и уметност како и нивна презентација во предвидениот креативен пазар.

„Покрај тоа, се предвидуваат музички студија и пробувални, кино, галерија, затворени мултифункционални сали, кои ќе користат за вежбање на јога, аеробик, карате и слично“, додава Вчкова.

Идеи за водечки младински центар во регионот

Пренамена на индустриски објекти во културни центри за младите се пракса во Европа повеќе од 50 години. Најпознатиот пример во регионот е „Метелкова“ во Љубљана, автономен културен центар кој е за десет пати со помал капацитет од „Купрум“. Пред 25 години, студентите, активистите и културни работници ја извојуваа битката да задржат еден простор кој е во државна сопственост и да го пренаменат во нешто што е автономен културен центар.

„Денеска тоа е најпрепознатливото место во Љубљана, туристички го отвори градот. Ја зајакна и економијата, 40 отсто од сите културно-едукативни настани се одржуваат таму.Тоа значи дека е и економски исплатливо и навистина еден од најуспешните примери на Балканот како се одржува таков тип на простор“, вели Димковска.

Метелкова“ е најпосетеното туристичко место во Словенија (фото: Википедиа/Заирон)

Останати вакви примери на Балканот се „Термокис“ во Приштина, кој во многу мал простор спроведува активности на 60 младински здруженија. Потоа, шеќераната во Белград, која е изградена пред 100 години и е прогласена за културно наследство. Во неа функционира и регионално признатиот театар „КПГТ“ на режисерот Љубиша Ристиќ. Минатата година во Тирана се отвори и автономниот центар „Узина“, кој започна да соработува со „Термокис“ од Приштина.

Театарот КПГТ веќе две децении функционира во старата шеќерана во Белград (фото:Театар КПГТ)

„Претпоставувам дека  ќе има некакво вмрежување на балканско ниво на тие автономни културни центри. Сега, ние во Македонија немаме такво нешто, а супер би било на таа Балканска мапа на автономни културни центри кои навистина функционираат, да отвориме и културен центар и тука, со што би се вмрежил со сите други балкански центри. Тогаш ќе биде возможна таа размена на знаење, култура и да заживее тој интеркултурализам кој е нашата стратешка цел“, вели Димковска.

Недостига политичка волја 

Пред шест месеци оваа идеја Димковска ја презентираше на владина седница на отворен ден за граѓански иницијативи. Иако, официјално одговорите од институциите се позитивни, целиот труд ќе биде залуден ако не се покаже политичка волја со преземање на конкретни чекори.

Во согласност со приоритетите содржани во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018-2022, Министерството за култура писмено им одговорило дека ги поддржува иницијативите за користење на индустриското наследство во културни цели. Но, и дека постојат законски можности за реализирање на оваа идеја согласно Законот за концесии и јавно-приватно партнерство или во согласност со Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост.

Од Министерството за образование и наука пак велат дека се отворени за разгледување на можностите за реализација на иницијативата за изградба на „Студентски град“.

Од Управата за заштита на културното наследство испратиле писмен допис до „Културно ехо“ во кое го истакнуваат препознавањето на индустриските објекти како културни наследства кои претставуваат единствен примерок од архитектонска, градежна, технолошка и културна смисла.

„Согласно Законот за заштита на културно наследство, вашата иницијатива основано ќе може да се смета за предлог за прогласување на тој комплекс како културно наследство од соодветна категорија, кое ќе може да се стави во функција на младите на нашата земја и наедно да се сочуваат вредностите со кои изобилува нашиот град, особено од архитектонско наследство“, се вели во дописот на УЗКН.

Дополнително  советуваат иницијативата да се достави и до Конзерваторскиот центар во Скопје, под чија надлежност е заштитата за недвижно културно наследство во Скопје.

„Заштитата и пренамена на фабриката „Купрум“ ќе има огромно значење, не само за населбата Хром, туку и за целиот град па и Републиката поради неколку аспекти. Имено, фабриката „Купрум“ би била прв индустриски објект, признаен како индустриско културно наследство, и конечно ќе се покаже дека трансформациите на ваквите објекти можат и требаат да се одговор на потребите на одредено место и време и треба. Дополнително, го негуваат концептот на припадност на едно место, спротивно на досегашните примери каде е употребуван принципот на tabula rasa, односно сруши и изгради одново“, смета архитектката Вчкова.

Граѓаните пред неколку дена го избраа едно од двете идејни решенија за ревитализација на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ позната како „Партизан“. Проектот со мнозинство гласови е на архитектите Томас Ромеро Тали, Метју Сатори и Хавиер Ромеро. Инаку и двата идејни проекти беа подготвени на волонтерска основа од „Културно ехо“. Општина Карпош, најави дека избраниот проект ќе го достави до Агенцијата за млади и спорт, при што ќе следи подготовка на основен проект и реконструкција на салата.

Минатата година се организираше и еко-акција за чистење на Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто, спроведена од „Културно ехо“ заедно со општина Гази Баба. Тој е напуштен речиси 25 години и во моментов претставува опасност за локалното население, бидејќи се наоѓа непосредно до малото паркче и е обиколен со згради.

Од „Културно ехо“ велат дека потребно е прво негова заштита, а потоа и реконструкција со цел враќање во примарната намена, бидејќи во тој дел од градот непостојат никакви културно-едукативни места.

Facebook
Twitter
LinkedIn