Мобинг – феномен во работната атмосфера

Иако добива софистицирани форми, вознемирувањето на работното место може да се докаже. Сепак, потребно е допрецизирање на Законот за заштита од вознемирување на работно место што ќе овомзожи постапките да траат покусо и да ги охрабрат потенцијалните жртви да го пријават мобингот.
Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и дрон: Борис Каески и Лоран Бајрами
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Продукција: Види Вака 2021

Вознемирувањето на работно место е предвидено во Законот за работни односи, кој што има за цел правно да го уреди психичкото вознемирување без оглед на тоа дали го врши работодавач или работник. Во смисла на овој закон:

Mобинг е секое негативно однесување од поединец или група кое често се повторува, најмалку во период од шест месеци, а претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработените лица и предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување.

Закон за работни односи

Крајна цел на ваквото однесување може да биде престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

Во 2013 година се донесува посебниот Закон за заштита од вознемирување на работно место, кој пак предвидува постапката за заштита да се одвива кај работодавачот и има за цел случајот на вознемирување да се реши кај работодавачот и да не заврши со судска постапка.

Меѓутоа неможноста да се препознае, отежнатото докажување пред суд, но и недовербата во системот се дел причините зошто граѓаните се обесхрабрени да пријават мобинг или пак, за истиот да поведат судска постапка. Освен ова, често се случува и жртвата да не разликува прекршување на работничките права, дискриминација и мобинг. 

„Тешко е да се докаже, меѓутоа се докажува. Обично мобингот се врши лице в лице, но кога тоа трае и се повторува, оној што прави мобинг губи контрола и трпение и тогаш не може да биде во лице, тогаш се случува пред сведоци, во писмена комуникација. Неговото трпение е сведено на минимум и во такви ситуации тој не размислува дали остава траги или не“, вели адвокатката Маја Ристова, која повеќе од 10 години се занимава со судски постапки поврзани со работничките права и вознемирување на работното место. 

„Вршењето мобинг е изедначено без разлика дали го прави претпоставен или колега. Законот за работни односи предвидува дека одредено однесување е мобинг ако се случува со појак интензитет во период од најмалку шест месеци.“

Маја Ристова, адвокатка

Психологот и психотерапевт Ана Блажева нагласува дека мобингот, како и секој вид на насилство, неминовно предизвикува негативни последици врз жртвата, но исто така ги нарушува работните процеси, релациите во организацијата, другите вработени и влијае врз целосната атмосфера за работа.

„Не се препознава дека се работи за мобинг ако не сте информирани, исклучени или ви се одземени можностите да учествувате во работни процеси, кога сте приморани да работите работа која е под вашите квалификации, кога се чувствувате обврзани да одговорите на секој повик, порака, мејл во било кој дел од денот, кога постојано сте изложени на критика или ве прекинуваат додека зборувате, или не добивате признание за сработена работа. Најчесто ова се третира како ‘незгоден’ или ‘лош’ шеф, лошо управување и слично и се сведува на лични односи“, појаснува Блажева.

Според адвокатката Ристова пак, најважно е мобингот да се препознае, а за да се докаже треба да трае, да се повторува, но и пред сè, да се разграничи дека не секој стрес подразбира мобинг.

„Нашиот ментален склоп е така скроен да ние мислиме дека сè е нормално. Секогаш мислиме дека ако некој некому даде прекумерна работна задача со краток рок дека тоа е нормално“, додава Ристова.

Според неа, мобингот во денешно време добива софистицирана форма. Поретко се сретнуваат класичното навредување и понижувачко однесување, а потенцијалните жртви се соочуваат со прераспределба од една во друга работна организациона средина или пак, им се даваат бесмислени работни задачи, со цел деградирање и демотивирање на жртвата. Согласно ова, за да се докаже мобинг во судска постапка потребно е жртвата да има материјални и вербални докази.  

Адвокатката Ристова го посочува и мобинг дневникот како доказ во судска постапка. Во тој случај, потенцијалните жртви секојдневно ги запишуваат ситуациите низ коишто поминуваат, а тужениот е тој што треба да докаже каде бил и што правел во посочените ситуации и конкретни датуми.

„Проблемот кај вербалните докази е што не секогаш, односно многу често сведоците се плашат да дојдат да сведочат против оној којшто вознемирува.“

Од Основниот граѓански суд Скопје наведуваат дека во последните три години по основ вознемирување на работно место мобинг заведени се вкупно 24 предмети.

„Од вкупната бројка од 24 предмети, решени се 6 предмети, а уште 18 предмети се во постапка пред судот. Од вкупно решените 6 предмети, во 3 предмети одлуките се правосилни, додека во останатите 3 предмети
одлуките не се правосилни, со оглед да странките имаат право да вложат жалба по истите. Во решените 3 предмети каде одлуката е правосилна, во 1 предмет е донесена правосилна одлука каде тужбеното барање е усвоено и е утврден мобинг – односно постоење на вознемирување на работно место“, појаснуваат од Граѓанскиот суд.

Мобингот како и секој вид на насилство неминовно предизвикува негативни последици врз жртвата. Ги нарушува работните процеси, релациите во организацијата, влијае врз другите вработени и врз целосната атмосфера за работа.

„Како ефекти исто така се појавуваат постојаниот стрес и притисок, анксиозност, различни психосоматски симптоми, нарушена слика за себе и зависно од траењето, видот и други фактори и односи може да резултира со пострауматско нарушување, односно да биде извор на континуирана трауматизација“, појаснува Блажева.

Пријави за мобинг во последниве три години пристигнале и до Државниот инспекторат за труд. Оттаму пак, на ниво на цела држава издадени се 273 решенија.

Блажева е децидна дека живееме во насилна средина во која владее неказнивоста на насилството, а со тоа истото се стимулира.

„Во целост отсуствуваат механизми за решавање и луѓето се препуштени на самите себе, па наместо справување со насилникот и заздравување, луѓето, во случајот жените се најчесто приморани да ја напуштат работата. Тоа егзистенцијално ги загрозува и се двојни жртви на непостоењето на систем за справување со мобинг“, изјави Блажева.

Непрецизираноста во законот овозможува постапките да траат подолго и процесот на утврдување мобинг да биде комплексен и истоштувачки за потенцијалните жртви кои треба да се охрабрат да пријават вознемирување на работно место.

„Мобингот во нашата средина е релативно непознат феномен, не во смисла дека не е присутен, туку дека не е препознаен“

Ана Блажева, психотерапевт

Она што е клучно е неопходната промена во законската регулатива, која е полна со недоречености. Со цел поголема правна сигурност, потребно е да се допрецизираат деталите за вонсудските постапки, особено во делот кои услови треба да ги исполнува лицето кое ќе прави медијација помеѓу жртвата и оној што врши мобинг. А освен ова, круцијално е да се утврди кој ќе биде законскиот рок за медијација и што во случај ако истата биде неуспешна.


За да ни помогнете уште подобро да го истражиме феноменот на мобинг, ќе ве замолиме да одвоите малку време и да одговорите на неколку куси прашања.


Напомена: Оваа сторија е објавена во рамките на регионалната програма „Имплементирање на норми, менување на ставови”, финансирана од Европската Унија и имплементирана од UN Women.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn