Миграцијата на младите и неуспехот на младинските политики во Македонија

Автор: Бјанка Станковиќ
Продукција: Види Вака

Сè уште не е целосно имплементиран Законот за младинско учество и младински политики кој треба да го гарантира младинското учество и ги препознава младите и формите на младинско организирање. Ова е заклучокот од мониторингот извештај за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики подготвен од Националниот младински совет на Македонија, заедно со партнерите Фондација за развој на локалната заедница – Штип, SFERA International Битола и Платформа за младинско јакнење ЈЕП – Гостивар.

Ова е особено видливо на општинско ниво, каде што бројни одредби и иницијативи, наведени во законот, не се спроведени во пракса. Недостатокот на имплементација предизвикува загриженост за ефективноста на законодавството и посветеноста на локалните власти да ги поддржат младинското вклучување и политиките.

„Во самиот закон има нејаснотии околу тоа која надлежност му припаѓа на кој чинител и самото тоа придонесува кон задоцнето имплементирање, неадекватно имплементирање или неимплементирање на дел од одредбите од законот,“ стои во мониторинг извештајот.

Законот има за цел да ја зајакне улогата на младите во процесите на креирање политики и одлучување во земјата. Од неговото донесување досега поминаа четири години, а голем дел од предвидените механизми за младинско учество и сервиси за млади сè уште не се имплементирани.

Законот за младинско учество и младински политики е првото законско решение во Македонија кое го гарантира младинското учество и ги препознава младите и формите на младинско организирање. Како таков, законот прави дистинкција помеѓу младинска организација, организација за млади и младинска чадор-организација и ја делегира обврската на Агенцијата за млади и спорт да води Регистар на формите на младинско организирање. Законот, дополнително за првпат, дава дефиниција што е млад човек, младинска политика, младинско учество, младинска работа и младински работник. Во поглед на младинското учество, законот предвидува механизми на национално и на локално ниво за вклучување на младите во процеси на креирање политики и донесување одлуки, односно Национално советодавно тело за младински политики и локални младински совети во сите општини.

Општините со слаб интерес за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики

Младите и младинските организации остануваат ниско на агендите на властите. Освен во поглед на именување службеник за млади (80% од општините имаат службеник за млади), општините имаат мал интерес за имплементација на законските обврски за формирање локален младински совет, канцеларија за млади и/или младински центар.

„Формирање канцеларија претставува еден од најголемите предизвици при имплементацијата на Законот. Општините не ја сфаќаат улогата на овие канцеларии и како такви ги сметаат физичките канцеларии каде што е стациониран службеникот за млади или дополнителни простори кои ги алоцираат за користење на локалните младински совети,“ стои во мониторингот извештај за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики.

Кога станува збор за средините, имплементацијата на Законот доминира во урбаните, а затајува кај руралните средини.

Истражувањата потврдуваат дека младите во Македонија би заминале од земјата

„Ако им се укаже шанса, младите дефинитивно би си заминале од земјава“ ова е генералниот заклучок од повеќе истражувања за младите во изминативе години. Па така, од сите држави во Југоисточна Европа, младите во Македонија изразиле најмногу желба да ја напуштат земјата поради лошиот социјален, животен и економски стандард, услови и можности, овие резултати ги покажува истражувањето на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

„Повеќе од две третини (67,13 проценти) од испитаниците го истакнале финансискиот и професионалниот напредок како причини за емиграцијата. Желбата за подобрување на животниот стандард се наведува како примарен мотив за 27,78 отсто од испитаниците. Подобри можности за вработување (11,44 отсто) и повеќе можности за образование (седум отсто) се другите причини поради кои младите одлучуваат да ја напуштат земјата“ се наведува во истражувањето.

За 62 отсто од испитаниците, корупцијата е најголемиот проблем со кој ќе се соочат нивните земји во следната деценија, а потоа следат невработеноста и емиграцијата. Младите често првпат се соочуваат со корупција во образовниот систем, дури 61 процент од испитаниците сметаат дека може да се купат оценки и испити на универзитетите во нивните земји.

Најновата студија за социо-политичко учество на младите на Фондацијата за демократија на Вестминстер исто така потврдува дека младите би ја напуштиле земјава ако им се укаже шанса, односно шест од десет млади се согласиле по однос на ова прашање.

Само еден од тројца млади луѓе или 32 отсто е задоволен со своето место во општеството. Шест од десет млади луѓе (62%) би ја напуштиле земјата ако им се укаже шанса. Три четвртини од младите (73,7 %) не биле вклучени или консултирани од локалните или националните власти при носењето одлуки. Ова се дел од податоците на студијата.

Младите си заминуваат од земјава, населението старее

Од 2002 година наваму, бројот на младо население во Македонија е во опаѓање. Проценките се дека над 77.000 млади лица кои се родени во државата, заминале во странство последните години. Анализите покажуваат дека бројот на млади се намалил за 6 проценти во периодот од 2002 до 2021 година кога и се одржа државниот попис на население. Според пописот во 2002 година процентот на млади од вкупниот број на население е 24 проценти односно 480.848 млади, додека во 2021 година е 18% т.е 326.733 млади лица.

За десет години над 25 илјади високообразовни кадри ја напуштиле Македонија, покажува конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ подготвен од Државниот завод за ревизија.

„Во периодот 2013-2021 година просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу пет милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари. Одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8 проценти од годишниот БДП. Доколку се земе предвид вкупниот обем на БПД во 2023 година, тоа би биле околу 130 милиони евра годишно.“ покажува анализата на ДЗР.

Според ревизорите, активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата.

Законот за младинско учество и младински политики не е целосно имплементиран, што доведува до загриженост за неговата ефективност. Особено на општинско ниво, бројни одредби од законот не се спроведени, што укажува на слаб интерес и неразбирање од страна на локалните власти за важноста на младинското учество. Иако постојат механизми за младинско вклучување во процесите на креирање политики, нивната реализација и поддршка остануваат ограничени, особено во руралните средини. Исто така, голем број млади луѓе во Македонија изразуваат желба да ја напуштат земјата поради лошите економски и социјални услови, што дополнително ја влошува ситуацијата. Овие податоци покажуваат дека младите се соочуваат со сериозни предизвици и дека е потребна поголема посветеност на нивните потреби и правата од страна на власта. Ако младите си заминуваат, на кого ќе остане иднината на Македонија?

Facebook
Twitter
LinkedIn