Менструацијата продолжува да биде луксуз во Македонија

Пари има во касата на Град Скопје, но нема волја за реализација на иницијативата за бесплатни менструални производи. 🩸
Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Град Скопје има буџет од 4 милиони денари наменети за бесплатни менструални производи за скопските средношколки, меѓутоа се уште не се реализира иницијативата. Додека земјата се соочува со менструална сиромаштија, градската власт е игнорантна по однос на прашањето „Кога скопските средношколки конечно ќе ги добијат ветените бесплатни менструални производи?“

„Парите ќе си останат така како што се, ќе се заврши буџетската година, ќе се затвори буџетот, ќе почне нова и едноставно проектот нема да биде реализиран. Исто како што многу проекти не се реализирани, така и овој. Сега е актуелно со амандманот со бесплатни менструални производи ама во истиов буџет по мој предлог беше изгласнан и буџет за изградба на зелени урбани градини во школите. Исто и за тоа нема интерес да се реализира. Така што, не е само тој еден што стои туку повеќето предлози, иницијативи амандмани што се однесуваат на општо добро, на општокорисна работа остануваат што се вика во фиока. А се што е поврзано со нели со високо политички прашања тоа се реализира,“ вели советничката во Советот на Град Скопје, Теодора Радончиќ, чија иницијатива за бесплатни менструални производи во скопските средни училишта беше изгласната минатата година.

Тогаш по однос на ова прашање беше изгласана сума дупло помала од годинешната, односно 2 милиони денари.

Како што појаснува Радончиќ, уште кога лани се гласал амандманот за ова прашање во Советот, таа се соочила со коментари од колегите: „За какви глупости барате пари?“

Фактот дека во Македонија сè уште има девојки и жени кои импровизираат во менструалната хигиена ја потврдува менструалната сиромаштија во Македонија.

Во сеопфатната студија, „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“ секоја трета учесничка барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влоши и да мора да импровизира со крпи, тоалетна хартија и слично. Ова го потврдуваат и податоците од истражувањето на Новинари за човекови права „Проценка на менструалната сиромаштија во Македонија“.

„Имаш крв на панталоните, ти протекло добиеното! Срамота е!“

Ситуацијата со коментарите и неможноста да се види приоритетот на ова прашање, само ја потврдува веќепостоечката стигма во општеството за менструација, менструална сиромаштија и менструална правда.

„Освен финансикиот притисок, ние живееме уште и под социјалниот притисок дека е срамота ако ви протече. Па така 67% од жените и девојките потврдиле дека биле растени со социјалните ставови дека ако ви протече е срамота или ако не дај боже имате дамки од крв на облеката,“ истакнува Васка Лешоска, истражувачка во Реактор која беше дел од сеопфатната студија Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките.“ 

Срамот и стигмата се многу важен фактор којшто треба да се земе предвид кога се зборува за менструација, смета Јана Коцевска, извршна директорка на Тииит! Инк. Таа вели дека девојките не наоѓаат сигурна и безбедна средина со кого ќе ги разменат информациите дека добиле менструација и како се чувствуваат во врска со тоа.

„Ние во училиштата немаме сексуално образование каде што се учат сите овие работи и тоа наидува на блокада кај родителите, кај наставниците, а всушност овие работи се многу битни за нивното здравје пред се. Затоа што после тоа се гледаат последиците во нивните животи како адолесценти и млади итн. Така што, овие работи мора да се гледаат и од тој социјален и едукативен аспект, а тоа Град Скопје може да го прави барем со овие средства што ги има доделено.“ смета Коцевска.

Прекршено правото на безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена

Но проблемот со менструалната хигиена во училиштата е повеќеслоен. Ученичките не само што се чувствуваат збунето (58%) и уплашено (31%) и немаат со кого да разговараат за оваа тема, тие не ни можат да го остварат правото за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена во нивните училишта.

79 проценти од средношколките потврдуваат дека во нивните училишта не секогаш има сапун и тоалетна хартија.

Голем дел од училиштата низ Македонија воопшто немаат соодветни тоалети за општа хигиена.

„Девојките немаат корпа каде да ги фрлат влошките, ги ставаат во џеб, немаат каде да измијат раце, нема сапуни, нема крпи, нема тоалетна хартија, нема закачалки каде што може да си ја закачат нели торбичката за да променат влошка, не се заклучуваат вратите, често немаат кваки, не можат да се затворат, одат по две три девојки во тоалет,“ појаснува Коцевска.

Се подигнува свеста, но не се преземаат мерки

Последниве неколку години се направија истражувања „Проценка на менструалната сиромаштија во Македонија“ и Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките.“ коишто точно ги лоцираа проблемите, предизвиците и пречките по однос на прашањето за менструација кај девојките и жените во Македонија. Како што велат истражувачите и експертите, се подигнува свеста и се почесто се зборува за оваа тема, но сепак институциите многу бавно или воопшто не преземаат мерки за подобрување на состојбата. Она што е клучно е дека менструацијата не е срамота и менструалните производи не се луксуз, туку потреба. А сите оние кои им е потребно, но не можат да си обезбедат, државата е должна да им го обезбеди.

Шкотска беше првата земја во светот која донесе закон за зашттиа на правото на бесплатни производи за менструална хигиена. Кај нас, градот Скопје требаше да биде почетна точка во државава која ќе ги мотивира и останатите општини низ Македонија да го следат примерот, бесплатни менструални производи за средношколките. Пари има во касата на Град Скопје, но она што недостасува е волја за да се реализира иницијативата. Додека се чека нивната волја, средношколките и понатаму продолжуваат да ја бараат својата менструална правда.

Facebook
Twitter
LinkedIn