Маските да останат и по пандемијата – загадениот воздух е смртоносен како и коронавирусот

Автор: Александар Манасиев
Камера и дрон: Иван Алушевски, Драган Котовски
Монтажа: Николај Митревски
Продукција: Види Вака

„Жешко е, но маски мора да се носат! Коронавирусот убива и мора да внимаваме.“ Вака вели постара жена од Скопје која деновиве ја сретнавме на жешкиот скопски асфалт, како на 40 степени целзиусови ја носи маската за која се надева дека штити од коронавирус.

Лицето едвај се забележува, но може да се види дека е црвено, носот малку подизлезен за полесно да дише, челото испотено, но маската е на вистинското место, а не во рацете како што ја носат многумина други.

Стравот од подлиот вирус, но и препораките од лекарите го сторија своето. Пандемијата на многумина им го смени начинот на живот и маските станаа задолжителен додаток при секое излегување надвор, при фрлање смет, до продавница, до аптека…

Но, македонските граѓани како и нивните соседи во Србија живеат со невидлива закана со децении која исто така е подла како и вирусот и секоја година одзема по неколку илјади животи-аерозагадувањето.

Најкритично е во зимскиот период кога буквално можеме да видиме и намирисаме каков воздух сите ние дишеме.  Сепак, никој доволно не се исплашил од оваа закана за секојдневно да носи маски за заштита од загадување на улица.

За овој проблем нема никогаш да има вакцина, а тоа го знае и Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата „Мој воздух“ преку која стотици илјади граѓани во регионот се информираат за квалитетот на воздухот.

„Коронавирусот не научи што значи секој ден да шетаме надвор со маски, а аерозагадувањето е реалноста во која ќе треба тоа уште долго да го правиме бидејќи 3.000 луѓе годишно умираат предвремено токму поради аерозагадувањето“, вели за Види Вака активистот Горјан Јовановски.

Тој е еден он најзаслужните во земјава, но и во регионот во поставувањето на аерозагадувањето на агендата на политичките партии, од едноставна причина што граѓаните односно гласачите почнаа да се грижат за тоа каков воздух дишат.

Преку „Мој воздух“ илјадници граѓани почнаа на дневна основа да ги следат податоците кои беа „скриени“ на веб страниците на државни институции и тешки за разбирање за „обичните смртници“.

Почна од Македонија па го освои и регионот, а со тоа и свеста и револтот кај граѓаните растеа.

„Ваквите апликации навистина помагаат во кревање на свеста токму поради тоа што ги прават овие податоци попристапни и појасни и поразбирливи за сите луѓе. Пример во Србија кад што „Мој воздух“ се прошири во 2019,  беше првата година кога се појавија огромни протести против аерозагадувањето коишто беа поттикнати токму од слободата на вакви информации“, вели тој.

За тоа колку граѓаните се подготвени да помогнат во решавање на проблемот се гледа и во пријавувањето загадувачи преку платформата „Мој воздух“ каде се прикачуваат фотографии и видеа од случаи каде има загадување на воздухот од фирми или поединци.

МојВоздух – Архива на загадувачи 

Одеднаш аерозагадувањето од непостоечки проблем влезе и во политиката, се најде безмалку во сите предизборни ветувања и во Македонија каде изборите допрва следуваат, но и во Србија каде неодамна завршија.

А реално проблемот е загрижувачки. Според податоците на СЗО, во Србија годишно 3.585 граѓани прерано умираат како директна последица од аерозагадувањето. Во Македонија, според анализите на СЗО, бројот на прерано починати од истата причина е 2.574.  Бројот на заболени од респираторни болести се мери во стотици илјади, а штетите за економијата во стотици милиони евра.

Како коронавирусот е поврзан со загадувањето

Овие бројки на починати како последица од загадениот воздух, иако се реално поголеми од бројот на загинати од Ковид-19, сепак не предизвикуваат толкава паника како бројот на жртви од коронавирусот. Од прогласување на пандемијата во Србија од Ковид-19 починале 277 жители (податоци до 30 јуни 2020), а во Македонија 302 (податоци до 30 јуни 2020).

Членовите на платформата за почиста животна средина „Земи здив“ објаснуваат дека двата проблеми- бројот на заболени од коронавирусот и аерозагадувањето се меѓусебно поврзани и дека како такви треба и да се третираат.

„Знаеме дека овој вирус ги предизвикува истите болести од кои може да биде нарушено здравјето на човечкиот организам изложен на загаден воздух. Белодробните заболувања се најчестата манифестација на штетните последици предизвикани и од овој вирус и од загадениот воздух“, велат од „Земи здив“ додавајќи дека располагаат со истражувања кои покажуваат дека оние кои живеат во загадени подрачја имаат многу поголеми штетни последици од вирусот во однос на оние кои живеат во почиста животна средина.

Објаснуваат дека истражувањата неслучајно се правени во поголемите жаришта на коронавирусот кои исто така се едни и од најзагадените региони во светот.

Екологијата жртва на буџетските кратења во Македонија

„Делфините се вратија во пристаништето“, „патки одат по улица“ итн. Вакви и слични куси информации со фотографии секојдневно се појавуваа по социјалните медиуми директно поврзувајќи какво влијание има пандемијата врз животната средина. Реално е дека коронавирусот во голем број европски земји краткорочно го намали загадувањето на воздухот поради затворањето на голем број фабрики, намалениот патен и воздушен сообраќај и воопшто намалените економски активности.

Аqicn.org – Скопје, Центар

Но, како што се враќа ситуацијата во нормала, така расте и концентрацијата на ПМ10 и ПМ2.5 честички во воздухот, во безмалку сите градови во Европа. Иако е лето, на дел од мерните станици во Скопје во јули, нивото на ПМ10 и ПМ2.5 е покачено, но сепак пониско отколку во зимскиот период.

Аналитичарите сметаат дека намалувањето на загадувањето предизвикано од карантинот поради коронавирусот е само краткотрајно. На долг рок се очекува пандемијата да има значаен негативен ефект на проблемот со загадувањето. Првата и можеби најважна причина е што во земји како што е Македонија, коронавирусот предизвика големи проблеми врз економијата по што носителите на јавни политики беа принудени да извршат буџетски кратења односно да направат ревизија на првично планираниот буџет. Ова во конкретниот случај со Македонија беше направено на сметка на средствата за борба со аерозагадувањето.

Креаторот на „Мој воздух“, Горјан Јовановски не сака да верува дека е скратен буџетот за борба со загадувањето бидејќи смета дека е значаен и еднакво смртоносен проблем.

„Искрено се надевам дека коронавирусот нема да биде искористен како причина за да се намалат или стопираат одредени политики коишто треба да се справат со аерозагадувањето во државата“, вели тој загрижено.

Сепак, анализата на Види Вака за двата буџети-планираниот и ревидираниот го покажуваат токму тоа, значително намалување на средствата за заштита на животната средина во Македонија.

Па така делот „Инвестиции во животна средина“ за кои биле планирани 83.750.000 денари (1,3 милиони евра) се намалени на 19.060.000 денари (310.000 евра).

Делот „Мониторинг и заштита од аерозагадување“ за кои првично беа одвоени 74.850.000 денари сега е скратен двојно односно со ребалансот се предвидени 39.558.000 денари ( од 1,2 милиони евра на 643.000 евра).

Кратење на буџетот има и во делот „Унапредување на животната средина“ за кои првично беа планирани 215.366.000 денари (3,5 милиони евра), а со ребалансот се скратени на 179.186.000 (2,9 милиони евра).

Ова значи дека само за овие три ставки, скратени се околу 2 милиони евра кои би се инвестирале во поздрава животна средина.

И додека средствата за борба за поздрава животна средина се намалени, со ребалансот пораснала сумата за делот „администрација“ и „плати и надоместоци“ за вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија. Па така со ребалансот наместо предвидените 99.269.000 денари за „плати и надоместоци“ се предвидени 102.005.000 денари или покачување за речиси 45.000 евра.

Министерството за животна средина не се откажува ниту од купувањето возила од 50 милиони денари или над 800.000 евра. Оваа планирана сума е непроменета и со ребалансот што значи дека планираната набавка на возила ќе продолжи.

Борбата за поздрав воздух најсилна во партиските програми

Кратењето на средствата и инвестициите за заштита на животната средина се случи токму пред изборната кампања во која аерозагадувањето е исто така присутно на агендата на политичките партии. Безмалку сите поголеми партии имаат делови посветени на поздрава животна средина.

Од платформата „Земи здив“ велат дека проблемот со аерозагадувањето во државата е сериозен проблем и политичките партии мораат да го вметнат во нивните изборни програми доколку ја сакаат довербата од граѓаните.

„Според нашите истражувања, проблемот е доста застапен во програмите на скоро сите политички партии со планови за конкретни мерки и активности со кои сметаат дека ќе се придонесе кон негово решавање. За жал, останува разочарувањето и лошото искуство од изминатите изборни циклуси во кои проблемот е повеќе злоупотребен, одошто сериозно насочен кон негово вистинско решавање“, велат од „Земи здив“.

Според активистите од „Земи здив“, во Македонија недостига политичка волја за решавање на проблемот.

„Волјата недостасува од повеќе причини меѓу кои најважната е фактот што аерозагадувањето е бизнис. Од една страна имате загадувачи кои го загадуваат амбиенталниот воздух за да остварат некои нивни потреби или уште поважно профит, а од друга страна имате власт која треба да го намали остварувањето на нивните потреби или профитот, а тоа значи губење на гласови од засегнатите страни, губење на поддршката и најважното е губењето на финансиската награда со која загадувачите си го купуваат својот мир. Тоа е реалноста и не треба да бегаме од тоа, напротив треба да го погледнеме проблемот во очи и да се обидеме да го решиме“, велат од „Земи здив“.

Додаваат дека изборните програми можат да бидат преполни со мерки за намалување на аерозагадувањето, но состојбата на терен е катастрофална и проблемот зема замав.

„Политичката битка ќе ја добие онаа политичка гарнитура која ќе покаже решителност во решавањето на овој проблем, а тоа значи измена на законската регулатива, построги казни и санкции за загадувачите и нивно целосно спроведување на терен, притоа ризикувајќи ја својата позиција со цел сите ние да живееме во почиста животна средина“, објаснуваат од „Земи здив“.

Сметаат дека пренамената на средства од буџетот за борба со коронавирусот е оправдано, но додаваат дека и вирусот и загадувањето како проблеми се кохерентни и оттаму борбата треба да биде драстично зголемена паралелно на двата проблеми.

Наместо пренамена на средствата односно намалување на средствата за борба со загадувањето на сметка на борбата со коронавирусот предлагаат паралелно зголемувањето на средствата и за двете намени-борба со коронавирусот и борба против аерозагадувањето.

„Кризава со коронавирусот не треба да ја гледаме само како пречка за запирање на проектите, туку како можност за поголемо еколошко освестување и инвестирање во проекти кои веќе долго време се во фиока како развојот на вело урбаниот транспорт. Ова може да се види по примерите на сите урбани центри низ Европа.“, децидни се од платформата „Земи здив“.

Во Србија „испарија“ над 480 милиони евра за екологија

Соседна Србија, според официјалните податоци, е една од најзагадените земји во Европа. Ова добро го знае и Дејан Максимовиќ, истражувач во Еколошкиот центар „Станиште“ од Вршац кој кусо вели дека проблемот е во подолгата систематска негрижа.

„Во однос на состојбата на животната средина, значително заостануваме дури и на државите од Централна и Источна Европа, со кои до неодамна можеле да се споредиме. Долготрајната негрижа, беззаконие и неодговорност на оние кои се на власт на сите нивоа најмногу доведоа до оваа состојба“, вели Максимовиќ.

Анализите на организацијата во која работи покажуваат дека околу 2.5 милиони луѓе живеат во области каде воздухот содржи најмалку еден загадувач кој е опасен по здравјето.

„Во извештај од 2017 година, Европската агенција за заштита на животната средина проценува дека најмалку 10.000 граѓани на Србија не ја доживуваат очекуваната возраст, затоа што дишат воздух кој е претерано загаден. Фискалниот совет проценува дека е потребна инвестиција од околу 2,3 милијарди евра за спроведување на законодавството на ЕУ во областа на заштитата на воздухот од загадување“, анализира Максимовиќ.

Аqicn.org – Белград

Еколошкиот центар „Станиште“ од Вршац одо 2010 година истражува како се трошат парите од даноците за животна средина кои ги плаќаат граѓаните, но и загадувачите. Податоците до кои дошле за загрижувачки.

„Од 2010 година, сите органи на власта, на сите нивоа, крателе на средствата наменети за животната средина трошејќи го „зелениот динар“ за нивни поважни потреби за . До крајот на 2015 година, приходите од еко-таксите беа наменети и требаше да се потрошат преку републички и локални еко-фондови. И покрај оваа обврска, значителни суми беа потрошени за цели што немаат никаква врска со животната средина“, објаснува Максимовиќ.

Додава дека пострашно е што наместо да ги спречуваат ваквите практики со примена на законите, надлежните органи ги прилагодиле законите на ова беззаконие.

„Со измените и дополнувањата на Законот за буџетски систем, овие приходи се претворија во општи приходи и од крајот на 2015 година може да се искористат за било која друга цел. Надлежните органи можат слободно, во уште поголеми размери да продолжат да распоредуваат пари, но сега без да ги прекршат регулативите. Ако парите немаат намена тогаш нема потреба од наменско трошење-проблемот е решен“, разочарано вели тој.

Вкупната сума на овие приходи е навистина голема. Во периодот 2010-2018 година приходите од сите давачки за животна средина изнесуваат вкупно околу 90 милијарди динари (околу 774 милиони евра).

Според анализите на „Станиште“, со кршење или со промена на регулативите, Владата потрошила само околу 35 милијарди динари за програми за заштита на животната средина, додека 55 милијарди динари ( околу 485 милиони евра) за други цели.

„Јасно е дека оваа сума не е доволна за решавање на сите проблеми со животната средина, но го открива односот на властите кон животната средина. Според податоците на Фискалниот совет, треба да се вложат околу 550 милиони евра треба да се одвојат за модернизација на топланата, проширување на мрежата и преминување кон еколошко прифатливо гориво. Тоа е приближно истата сума која е потрошена несоодветно и ако е потрошена наменски  сега би имале значително подобар квалитет на воздухот. Така, изгубивме и пари и загадувањето е на исто ниво“, објаснува Максимовиќ.

Анализа за тоа колку може да влијае намалувањето на концентрацијата на ПМ честичките во воздухот врз бројот на жртви и загинати во Србија има направено Светската здравствена организација (СЗО). Според проектираните податоци, ако концентрацијата на ПМ2.5 се намали за 20 микрограми на метар кубен тогаш бројот на жртви на годишно ниво од сегашните 3.558 ќе се намали за десет пати или ќе достигне до 301 случаи на прерана смрт годишно.

Дишењето е луксуз – Како Србија се справува со аерозагадувањето?

„Излегувам надвор, задимено е. Влегувам во кафуле, задимено е, одам во кафана задимено е. Немам каде да одам, морам да се вратам дома ако сакам да дишам нормално“, вели активистот Милош Бошковиќ од Ниш.

Тој во дебатата, организирана од влијателниот медиум „Јужне вести“ од Ниш, Србија, за тоа колку аерозагадувањето е проблем во Ниш и како власта се справува со него, истакна дека ваквото чувство особено е присутно зимно време.

Со исти проблеми, а без конкретни решенија, се и Македонија и Србија во делот на загадувањето на воздухот. Ова беа само дел од заклучоците од дебатата на која учествуваа претставници од граѓанскиот сектор, универзитетски професор и претставник на локалната власт во Ниш.

Во Србија, како и во Македонија, загадениот воздух убива. Граѓаните ги трпат последиците на лоши политички одлуки кои биле носени во минатото, но и денеска, беше кажано на дебатата.

Јавноста почна да бара одговори и подобрување на квалитетот на воздухот кога податоците за тоа колку е загадено станаа јавно достапни и разбирливи за граѓаните. Но локалната и централната власт од тогаш само ветуваат.

„Кога имавме во текот на зимата состанок со работната група против загадувањето на воздухот добиме информации од следењето на присуството на ПМ честичките од година во година од кои јасно се гледа дека кривата кажува дека секоја година е се пониска концентрацијата на ПМ честичките во градот Ниш. Кога тоа ќе се спореди со зимските месеци се поголемо е опаѓањето на концентрацијата, а во текот на летните месеци постои благ пад. Од ова секако може да се донесат различни заклучоци“, истакна Бојан Гајиќ, енергетски менаџер во град Ниш.

„Јас мислам дека многумина ќе се сложат со овој факт, но треба да прашаме и дали мониторингот и локациите на кои се врши се во ред и дали ние имаме добар мониторинг“, прашува Оливера Милошевиќ, од граѓанската организација „Зелен клуч“.

Дебата на „Јужне Вести“, Србија

Според Бошковиќ, мониторингот на аерозагадувањето не е добар бидејќи во најкритичните месеци наместо да работат, инструментите на мерните станици се на поправка.

„И сега што се случува. Кога тие сензори не се тука тие вредности не се отчитуваат се отчитуваат само останатите вредности и доколку останатите вредности се во рамки на нормалата вие добивате зелено, значи се е во ред. Затоа што ПМ 2,5 и ПМ 10 не се отчитуваат воопшто, не знаеме колкава е нивната концентрација, другите се во ред и севкупно воздухот е во ред. И јас се прашувам дали овие извештаи се направени врз основа на тоа?“, вели Бошковиќ.

Според професорот на факултетот за заштита при работа, Слободан Милутиновиќ, главни извори на аерозагадувањето во Србија се индустријата, производството на струја со горење јаглен и загревањето на домовите.

За подобрување на состојбата потребни се инвестиции во економијата и субвенционирање на граѓаните за употреба алтернативни горива и примена на енергетска ефикасност.

„Сега веќе ги чувствуваме екстерните ефекти на екомијата. Јас не би го свел сето ова на граѓаните и начинот на кој тие се загреваат. Многу е поголемо загадувањето од економските капацитети, фабриките, термоенергетските постројки. Ние ги имаме тие екстерни ефекти кои економијата и производството на некои производи не ги пресметува во цената на тие производи туку ја плаќаме сите ние преку тоа што имаме поголема смртност, многу поголем број на болни како резултат на загадениот воздух“, вели професорот Милутиновиќ.

Акциони планови и стратегии постојат на хартија, но бавно се спроведуваат. Во нив се предвидува примена на алтернативни извори на енергија, подобрување на енергетска ефикасност на зградите и домовите на граѓаните како дел од решенијата.

Но проблем е нивното финансирање бидејќи со ребалансот на буџетот парите се пренаменети за справување со коронавирусот, велат од локалната власт.

„Секоја година кога се носат одлуки и кога се подготвуваат предлозите што треба да се предвиди во буџетот носителите на одлуки имаат дилема дали да применат нешто што ќе биде оправдано или ќе применат некоја мерка која е популарна за граѓаните. Јас мислам дека со 500 милиони евра, доколку во Србија сега би почнале да спроведуваме еколошки проекти, за енергетска ефикасност и адаптација на климатските промени толку многу би можело да се направи што е неверојатно. Градот Ниш може да биде обучен, да се променат постројките за вода, атмосферска канализација милиони работи би можеле да се направат, градот би бил усовршен“, вели Гајиќ.

Тој смета дека долгорочното поланирање и инвестирање нема да биде прифатено од граѓаните толку добро колку примената на некоја популарна мерка, како еднократна помош од 100 евра.

„На граѓаните веројатно би им било важно да добијат 100 евра денес отколку да очекуваат дека ќе вложиме 500 милиони евра за проекти кои не знам кога ќе се реализираат“, додава тој.

Но според професорот, не се само граѓаните виновни за начинот на кој се загреваат.

„Луѓето употребуваат тоа што им е достапно. Доколку вие напрвите да им биде достапно нешто што помалку го загадува воздухот тоа е пар екселанс јавна политика. Значи употреба на обновливи извори на енергија, а не неквалитетен јаглен за производство на енергија. Користење на некои други погодности, на пример една од погодностите е за загревање да не ја користиме најквалитетната енергија т.е. електричната енергија“, смета професорот.

Анализа за тоа колку може да влијае намалувањето на концентрацијата на ПМ честичките во воздухот врз бројот на жртви и загинати во Србија има направено Светската здравствена организација (СЗО). Според проектираните податоци, ако концентрацијата на ПМ2.5 се намали за 20 микрограми на метар кубен тогаш бројот на жртви на годишно ниво од сегашните 3.558 ќе се намали за десет пати или ќе достигне до 301 случаи на прерана смрт годишно.

Учесниците на дебатата на „Јужје вести“ заклучуваат дека потребна е поголема едукација на граѓаните за промена на нивните навики но и поголем притисок врз властите да ги спроведат законите кои сами ги носат и со кои им ветуваат на граѓаните почист воздух.

Штетите се мерат во милиони

Екологистите сметаат дека секој денар кој не се вложува во заштита на животната средина чини неколкукратно повеќе односно е на штета на буџетот на секоја држава.

Прилогот иницијлно е објавен во ноември 2019 година

Па така според анализите на Светска банка, проценетите економски трошоци поврзани со смртноста од изложеност на загадување на воздухот во Македонија е во опсег од 500–900 милиони американски долари на годишно ниво, што е еквивалентно на 5,2–8,5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) за 2016 година. Овој извештај проценува дека околу 1.600 луѓе умираат предвреме секоја година како резултат на изложеност на честичките ПМ2.5. Околу 80% од вкупниот број смртни случаи се од кардиоваскуларни заболувања, од кои околу 95 проценти се јавуваат кај возрасни групи од 50 години па напогоре. Бројот на смртни случаи од рак на белите дробови е најголем кај возрасната група 50–69 години.

Дополнително трошоците за здравствениот систем се 750 милиони американски долари или 6,9 проценти од БДП во 2016 година. Оваа проценка само ги квантифицира економските влијанија од предвремената смртност поврзана со специфични заболувања. Во извештајот не се вреднуваат други видови здравствени влијанија со придружни трошоци, како што се престојот во болници, трошоци за болести и изгубени работни денови. Затоа, цената од загадениот воздух за општеството како процент од БДП е далеку повисока.

Загадувањето на воздухот не е проблем кој е присутен во една земја и нечистиот воздух не запира на границите на една држава. Токму затоа потребен е заеднички, регионален напор за борба со аерозагадувачите. Потребно е да се лоцираат жешките точки, да се работи на елиминирање на црните еколошки точки, но и правилна распределба и трошење на еколошките даноци и такси во насока на вложување во поздрава животна средина. Во спротивно, навиката за носење маски кои сега заштитуваат од коронавирус уште долго ќе мора да остане и по пандемијата, но тогаш граѓаните ќе мора да носат маски кои ќе штитат од смртоносните ПМ честички.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn