Во 1871 родена е Роза Луксембург, жената која заедно со својата пријателка Клара Цеткин ги сменија животите на многу жени во светот во борбата за нивните права.
Седум години подоцна (1878) во Македонија се раѓа велешанката Роса Плавева, таа заедно со својата пријателка Накие Бајрам прават голем чекор за женските права во Македонија. Роса и Накие со нивната храброст и истрајност ги нарекуваат македонските Роза Луксембург и Клара Цеткин.
Роса Плавева на свои 22 година се зачленила во првата социјалистичка организација во Македонија. Со својата пријателка Накие Бајрам ги организираат турските жени во борбата против зарот и фереџето. Подоцна во 1908 година, Роса Плавева ги организира и демонстрациите во Скопје за рамноправност на жените.
„Баба Роса Плавева, од Плавевци е, тие се од групата на Главинов од социјалистите од Велес и Скопје. Била следена будно од Отоманската полиција и во една прилика ја затекнуваат со писмо од Ленин. Таа се обраќала до левичарот, од почеток социјал-демократ, после Бојшевик, Владимир Илич, на којшто му пишувала за националните права на Македонците, меѓутоа воопшто националните права и правата на жените. Во таа рација, кога таа забележува дека е следена, она го готнала писмото, берешката и познати се тие мачења на баба Роса,“ истакнува Борко Зафировски, син на партизанката Лилјана Манева и внук на Роса Плавева.
„Да живее 8 Март борбениот празник на сите жени“
Извор: Женско списание „Македонка“ (бр.5/6 март-април 1945)
Меѓународниот ден на жените во 1945 година го нарекувале прв празник во слобода. Таа година, 8 мартовскиот митинг во Скопје бил закажан во 14 часот. Во историските сведоштва стои дека два часа претходно започнале да пристигнуваат поворки жени од сите маала и реони, носејќи транспаренти: „Да живее 8 Март, борбениот празник на сите жени,“ да живееат првите слободни, тајни избори во Македонија,“ „да живее братството и единството на југословенските народи“…
Фотографии: Женско списание „Македонка“ (бр.5/6 март-април 1945)
Освен во Скопје, поворки на жени организирале осмомартовски митинзи и во Куманово, Охрид, Велес, Ресен, Кичево, Гостивар, Крива Паланка, Свети Николе, Кочани, Струга, Кавадарци, Битола и Прилеп, каде поради лошите временски услови, собирот се одржал во салата на „Соколаната“, каде не можеле да се соберат сите жени, па бил наместен звучник за да чујат и насобраните жени надвор од салата.
Извадоци од говори на жени кои учествувале на митингот на 8.3.1945 година.
Жената и нејзиното право на глас
Жените на територија на Југославија по првпат се стекнуваат со право на глас во социјалистичката држава по Втората светска војна. Претходно жените правно беа изедначени со малолетниците и лицата во казнено-поправните установи и специјалните здравствени заводи, кои немаа право на глас. Закон за правата на жените се најавувал во почетокот на 40-тите години на минатиот век, но тоа не се остварило. Дури на 11 август 1945 година, со резолуција на АВНОЈ, жените во Југославија се стекнале и формално-политички со правото на глас. Тоа право по првпат било искористено по Втората светска војна, на изборите за Уставотворно собрание во ноември 1945 година. На тие избори гласале сите мажи и жени во државата, со наполнети 18 години
(Извор: Службен лист на Демократска Федеративна Југославија, 11 август 1945).
Извор: Женско списание „Македонка“ (бр.5/6 стр.5, март-април 1945)
Македонската жена учествувала во создавањето на македонската држава
Од 1976 година за учеството на жените во НОБ се наоѓаат 5.752 биографски белешки на партизанки, 141 жена од Македонија го носи признанието „Партизанска споменица 1941“ и 7 жени се прогласени за народни херои: Мара Нацева, Оливера Јоциќ-Вера, Ибе Паликуќа, Естреја Овадија-Мара, Елпида Караманди, Вера Ацева и Фана Кочовска.
Жени прогласени за народни херои
Жените во Народноослободителната борба биле курирки, пренесувале писма, пораки и оружје, изработувале облека за војниците, работеле во санитетска служба лекувајќи ги повредените. Но воделе и борба за подобрување на статусот на жената во општеството покренувајќи го женското прашање.
Македонската жена иако измачувана, обесправена, сепак пожртвувана и борбена, учествувала во создавањето на македонската држава.
„Во неволји, во големи кризи економски, во војни, има една специфична улога, женското суштество, баш поради природата на тоа што била честопати потценувана и не била баш во сите најударни позиции во општеството, но испадна дека во многу е заслужна. Ако го споменеме тоа најголемото зло кое се одмина, а со кое се создаде оваа држава, тоа е антифашистичката борба 1941-1945, учествувале над пет илјади жени, кои потоа со создавањето на АФЖ, Антифашистичкиот фронт и пред крајот на војната е многу поголем бројот,“ истакна Борко Зафировска, синот на Лилјана Манева и внук на Роса Плавева.
Првото женско списание „Македонка“
Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) – движењето на жените за време на Втората светска војна во Македонија и е претходник на денешни феминистички организации. На конститутивната седница биле избрани: Главен одбор на АФЖ, Извршен одбор и Пленум. Орган на АФЖ станало списанието „Македонка“, чиј прв број се појавил во ноември 1944 година и тоа е првото женско списание на македонски јазик.
Извор: Женско списание „Македонка“ (бр.1)
„Македонка“ е првото женско списание кое било посветено на проблемите на жените во Македонија и нивна еманципација. Прва уредничка на оваа списание била Веселинка Малинска, како и Вера Николова, Благојка Демниева Кузмановска и Лилјана Манева Савелиќ.
Магистрантката и демонстраторка на Институтот за родови студии Мартина Лозаноска Најдовска посочи дека Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) како организација даде сосема поинакви општествени норми.
„На почетокот на XX-от век, се создавала организација која што своите барања ги формулирала врз особено феминистички заложби (имено АФЖ). Ваквата организација својата борба ја согледувала сосема поинаку од постоечките општествени норми, а активностите се организирале преку организацијата која ја нарекувале првенствено како Младинска Секција на женското движење, што ги следело постулатите и целите на КПЈ поистоветувајќи ја заедничката заложбата за целосна општествена еманципација на жените од Југославија. Ваквите активности биле директно поддржани и финансирани од КПЈ, што го исходуваат зачетокот на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) за време на војната како прва женска политичка организација со јасно дефинирани цели и заложби,“ кажа Мартина Лозаноска Најдовска – магистрантка и демонстраторка на Институт за родови студии
Главна конференција на АФЖ се одржала во 1944 година каде биле одредени и главните задачи на Антифашистичкиот фронт на жените.
Веселинка Малинска партизанка и одликуван ветеран на НОБ на Македонија, посветена на идејата за слобода, ослободување и борбата за „едноправие“, како уредничка на првото списание за жени „Македонка“, по повод првата конференција на Антифашистичкиот фронт на жената (АФЖ) во Македонија, пишува:
„Македонската жена е полноправна граѓанка и она е должна да учествува еднакво во целиот државен живот како мажите. Не е правилно, како што има многу случаи, жената да седи во народноослободителните фронтови само за тоа во одборите да има и една жена, само за да се формално исполни принципот на рамноправието. Македонските жени треба да покажат многу поголема смелост и иницијатива во исполнување на оваа задача, којашто е многу важна за нашиот понатамошен живот, за создавање на еден навистина среќен и арен живот“.
(од АРХИВИ на невидливите: Македонка: Орган на АФЖ (1944-52), Скопје: ЦИНИК 2022, 319 стр.)
Обраќање на Мара Нацева Извор: Женско списание „Македонка“ (бр.2 стр.14, декември 1944)
На оваа конференција на Антифашистичкиот фронт на жените, народниот херој Мара Нацева пишува:
„За првпат во слободно Скопје во ослободена Македонија, македонските жени слободно се собираат, слободно ќе ја кажат својата дума за сите прашања кои нив како дел од народот ги интересира. За првпат во историјата на македонскиот народ, македонските жени се собираат како полноправни граѓани да свесно и одлучно го дигнат својот глас за крајна и потполна победа на омразнениот фашизам.“
Активноста на жените во Втората светска војна највидливо и најактивно ги изразува промените во социјалниот статус на жените, тогаш почнуваат фундаментлно да се менуваат правата и обврската на жените.
Според Мартина Лозаноска Најдовска голем е бројот жени од минатото кои направиле многу за женското движење и за правата.
„Навистина има многу жени коишто можеме да ги издвоиме што со нивните заложби придонеле (придонесуваат) за зголемувањето на правата на жените. Од историски аспект не треба да се занемари улогата на голем број жени вклучени во Народноослободителната борба и во нивните делувања поствоениот период, на пример улогата на Веселинка Малинска која била делегат и втора секретарка на работното Претседателство на Првото заседание на АСНОМ (заедно со неа биле и Вера Ацева и Мара Нацева) како една од основачите на АФЖ, прва уредничка на женското списание „Македонка“ како орган на АФЖ – Жена која рамо до рамо се борела со мажите на фронт,“ посочи Лозаноска Најдовска.
Почетоците на женското движење
Според Мартина Лозаноска Најдовска овие податоци зборуваат за поединечното и спонтано учество на жената како ајдутка во бројните ајдутски дружини кои имале разни акции низ македонсите планини.
„Може да се забележи дека организираното учество на жената во борбата на македонскиот народ за ослободување од ропството на Отоманското Царство, настапила во периодот на подготовките за Илинденското востание (1903 година) и во деновите на неговиот разгор, за да продолжи уште поорганизирано и идејно поосмислено низ социјалистичката мисла во напредното работничко движење, во чија револуционерна акција била вткаена и борбата на жената за еманципација“ вели Лозаноска Најдовска.
Со појавата на женските невладини организации, се развивала и феминистичката мисла во Македонија
Женското движење и феминизмот во периодот по осамостојувањето на Република Македонија како независна и суверена држава, започна да се воспоставува и преку формирањето на првите женски невладини организации. И покрај отсуството на стратешка свест, кај најголем дел од организациите, нивните активности во овој период не се разликуваа од активностите на организациите во регионот, во Европа и во светот, кои себеси се идентификуваа како феминистички. Значаен дел од проектните активности на организациите беа насочени кон информирање и едукација на членството за човековите права на жените во различни области на дискриминација и преземање пионерски чекори во јавното застапување за воведување законски решенија, политики и механизми за унапредување на статусот и положбата на жените. Воедно, со појавата на женските невладини организации, се развивала и феминистичката мисла во Македонија која се развивала како дел од глобалното феминистичко движење и теорија со свои специфичности, предизвици и заложби. Заложбите на поединци и институции од невладиниот сектор, научните и високообразовни институции, со подигнување на свеста и со едуцирање во поглед на родовите права и важноста за еднаквоста меѓу мажите и жените, ја наложиле потребата од продуцирање кадри што би работеле на оваа проблематика. Во 2006 година за првпат е донесен Законот за еднакви можности меѓу мажите и жените што дополнително ја актуелизирал потребата од образовен кадар што ќе се занимава со родовата еднаквост и женските права.
Во 2006 година, Евро-Балкан прераснал во приватен научен институт за општествени науки и истражувања и заедно со скопскиот универзитет го основаа Центарот за поддршка и развој на наставни програми од родови студии за високо образование. Неформалната школа за „род и политика“ бил показател за потребата од воведување родови студии во високото образование. Речиси истовремено, во 2007 година беа акредитирани првите додипломски родови студии на Филозофскиот факултет при УКИМ.
Афирмацијата на женското движење и феминистичката мисла во Македонија се зголемува и станува сè посилна со текот на времето. Феминизмот и женското движење имаат значајно влијание во подигањето на свеста за женските права и родовата еднаквост во македонското општество. Организациите, активистките во Македонија работат активно за промена и подобрување на положбата на жените. Феминистичките организации и групи се залагаат за права на жените во сите сфери на животот, вклучувајќи го образованието, здравството, политиката, пазарот на трудот и културата.
Женското движење низ генерациите
Мартина Лозаноска Најдовска од Институтот за родови студии истакна дека меѓусебно се разликуваат како структурно, така и програмски (дури и теоретско-практични разлики), вели таа и додава дека своите заложби првата генерација на женското движење се фокусира повеќе на борбата против домашното насилство, активности за зголемена политичко-институционална партиципација на жените и други програмски цели кои своевремено придонеле кон родовата рамноправност во македонското општество.
Втората генерација, според Мартина, вклучува меѓу другото активности кои своите заложби ги посветиле кон школи за феминизам и женски активизам, инстутуционални форми на борба против родовата нееднаквост, како и програмски цели кон подобрувањето на статусот на жените во разнте професии (безбедност, наука, индустрија и така натаму).
Третата генерација пак, можеме да ја дефинираме како современа или актуелна генерациска заложба во женското движење (активизам) и феминизам, вели таа додавајќи дека своите заложби ги фокусираат кон родовите теории преку вклучување на политиките на идентитети, ЛГБТ+ правата, трансродовите/транссексуалните права, вклучување на законски форми на унапредување на родовата еднаквост и поголема видливост во институциите на системот. Оттука разликите помеѓу овие генерациски заложби во женското движење може дури и да се согледуваат и како „антиподи“ во македонскиот феминистички активизам, заклучи Лозаноска Најдовска.
Жената како инспирација во уметноста
Низ историјата жените во Македонија, па и во светот, намерно или не, секогаш се заборавале или биле во сенка на листата на големите достигнувања. За тоа говори и фактот дека има дузина на спомениците од македонските револуционери, а многу малку од жени. Поголемиот дел од ликовите на македонските револуционерки се поставени на бисти, но не и на споменици.
Фото: Википедија
„Споменик на народоослободителната борба (НОБ)“ – Тетово – Загинатите борци од НОВЈ и жените учеснички во НОБ – скулптур Борка Аврамова;
„Споменик Македонка“ – Куманово -скулптур Коста Ангели Радовани;
„Споменик на Вера Јоциќ“ – Македонска Каменица – скулптур Томе Серафимовски;
„Споменик на Олга Мицеска“ – Кичево;
Исто така и во светската и македонската литература, жените со векови се држени во сенка. Она што за светската литература се Силвија Плат, Емили Дикенсон, Сафо, Ана Ахматова, Десанка Максимовиќ, за македонската литература е Даница Ручигај. Младата поетеса Ручигај ги поставува темелите на поезијата во Македонија.
Македонските жени биле инспирација во поезијата и прозата, но и во голем број народни и забавни песни.
Текст: Ацо Шопов (посветена на Вера Јоциќ, напишана е во Белград, во 1945 година
Музика: Славе Димитров
Народни песни „Во поле одар аргати“ и „Тивко Мирка си заспала“
Борбата за права продолжува
На годинашниот марш по повод 8 Март, Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените во Скопје се порача дека „Правата на жените не се за преговарање“.
На листата на барања и понатаму се еднаква плата за еднаква работа. Ниту една жена дека не смее да остане без плата или работа поради бременост, родителското отсуство мора да биде задолжително за двајцата родители, еднаква застапеност на жените на позициите на моќ, решавање на статусот на сите работнички во културата, платено породилно и болничко отсуство за земјоделките, институциите да се справат со фемицидот и државата да вложува во борбата против митото и корупцијата кои несразмерно ги погодуваат жените.
Голем број девојчиња, жени, мајки, сестри и баби во Македонија и во светот и ден-денес се борат за своите права.
Историјата може ги заборава или ги има ставено во сенка хероините кои ја направиле иднината посветла, може ги заборава и револуционерките кои биле вклучени во создавањето на македонската држава, кои имале една цел, да го живеат животот во слобода, но знаеле дека патот до еднаквоста и слободата е трнлив. Онака како што е запишано во првиот број на женското списание „Македонка“:
„И заедно со својот народ македонската жена тргна по тежок и крвав, ама славен и победоносен пат.“
Патот и понатаму е тежок, па затоа борбата за права и еднаквост мора да продолжи.
Извор: Женско списание „Македонка“ (бр.1 стр. 13, ноември 1944)