„О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот –
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто ми навирa река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.“
Блаже Конески во 1942 година во Прилеп за првпат видел како се игра едно од најубавите и најтешките македонски ора „Тешкото’“, тоа го инспирирало оваа македонска традиција да ја надополни со поема која ќе го носи истото име. Конески се грижел и придонел многу за македонскиот литературен јазик и за македонската традиција.
Традицијата е чувар на секоја земја и го гради нејзиниот идентитет, без разлика дали станува збор за културната, духовната, материјалната традиција и така натаму. Одговорноста за тоа како ќе се третира, негува и чува традицијата е прашање што го засегаат повеќе чинители во општествата.
„Многу често тенка границата што е традиција, што не е традиција. И во суштина таквите културни кодови, треба да ги создаваат научниците преку вистинска презентација на традицијата, за да се создаде вистинската слика што е традиција. Лесно е кога некој ќе праша што е традиција, може да не им е погрешна, туку своевидна наследена некоја перцепција. А ние сме тие научници коишто треба да дефинитивно да ја менуваме перцепцијата, односно да ги создаваме тие културни кодови,“ смета етнокореологот Бојан Петковски.
Зборот етнокореологија долги години не циркулираше во Македонија, дециден е Петковски. Според него, важно е во 21-век да се знаат точните називи кога се говори за одредена наука.
Етнокореологијата – приказ на традиционалните ора
Се смета дека играта настанала со самото настанување на човекот, вели етнокореологот Петковски.
„Не во она форма денес ние што ја знаеме, туку од обични гестикулацији, движења на рацете, носиите, да стигнеме до она форма на ора којшто ги знаеме во XIX век. Етнокореологијата, просто кажано е наука за традиционалното чекорење,“ појаснува Бојан Петковски.
Кога станува збор за ората, секое подрачје во земјата си има свои обележја. Па така во западното подрачје доминантни се повеќе мажите со нивната машка игра, каде што ората изобилуваат со големи високи скокови, со вртешки, со поголема слобода во играњето.
„Ако продолжиме како што ние оди нели патот, идеме на кај северното подрачје, тука веќе па можеме да забележиме дека побрзи и потемпераментни ора се сретнуват на теренот, како за машката игра, така и за женската игра, па тука можеме слободно да кажеме дека и жените се во послободна форма, каде што ги играат и брзите ора и потемпераментните. Веќе во источното игровно подрачје, што се однесува тука би ја споменал и музичката придружба, ако во западното и во северното ги имаме тапанот и зурлата како препознатливи музички инструменти, веќе во источното подрачје останува само тапанот и тука би нагласил дека повеќе се темпераментни ората, повеќе со ситни чекорења, со изведување само на инструментот тапан, така да најкарактеристично за источното игровно подрачје би биле изведувањето на ората со тапанот нели,“ појаснува етнокореологот Дени Синадиновски.
Во јужната страна, во југозападното подрачје, во јужното подрачје женските традиционални ора се издвојуваат со елеганција.
„Тука повеќе ни е застапен кларинетот. Меѓутоа кога ги гледаме од една страна и од друга страна, значи женската изведба на традиционалните ора, во јужното подрачје, изобилува со една елеганција од страна на жените. Веќе во југозападното подрачје, тука да кажеме брсјачката жена има поголема слобода во изразувањето на танцувањето или на играњето, да кажеме. Така што, мислам дека југозападното се трга настрана, пластично кажано, се издвојува на страна во слободата на играњето,“ додава Синадиновски.
Три години по ред Синадиновски и Петковски одржуваат едукативни семинари за традиционална музика и игра во НУКЦ „Трајко Прокопиев“ Куманово.
Синадиновски и Петковски уште од мали нозе се заинтересирале за етнокореологијата. Нивната љубов кон традицијата од учество во културно уметничките друштва подоцна се пресликала во образовниот процес, а сега и во нивната работа.
„Од кога паметам за себе, мене сцената секогаш ме интересираше. Дали тоа е балетска, дали е тоа театарска, дали тоа беше фолклорна. За фолклорот и за културно-уметничко друштво тоа што се одлучив беше најверојатно и како што си зборувам, крвта не е вода, по мојот татко. Мојот татко е долги години игрорец. И затоа се одлучив да ја изучувам и да ја негувам етнокореологијата како наука и како уметност,“ објаснува етнокореолог Синадиновски.
Петковски пак, вели дека пресекот во животниот пат се случил откако од играорец сакал да стане научник и уметник во доменот на традиционалната култура.
Целта на овие етнокореолози е преку своите истражувања, да ги доближат убавината и симболиката на традицијата. Три години по ред одржуваат едукативни семинари за традиционална музика и игра во НУКЦ „Трајко Прокопиев“ Куманово.
„Сега кога ние науката сакаме да ја прикажеме на сцена, тогаш мораме да ги поврземе сите гранки, како што се етнологијата, етномузикологијата и етноорганологијата,“ додава Петковски.
Тој е дециден дека во сценската примена е многу важно како ќе се прикажат нештата на сцена.
„Затоа што вие кога ќе кажете ова е кодот на Македонија, ова е традицијата, мора да знаете дека мора да имате севкупна слика,“ изјави етнокореолог Петковски.
Има интерес за традицијата во Македонија, но нејзиното значење мора да се истакне на повисоко ниво
Според етнокореолозите, традицијата треба да биде на исто рамниште со останатите уметности, а тоа ќе се постигне само ако традицијата соодветно се третира и со тоа се однесе на повисоко ниво.
„Не би рекол дека нема интерес за традицијата. Веќе се разбудени младите, но сега во овие години, мислам, нека ќе биде клучно, јасно да се акумулира тој интерес на младите. Тешко е кога нема интерес, но кога имаат интерес е уште потешко за да создадете соодветни платформи каде што ќе го канализирате таа потреба на младите да ја сакат и чуваат традицијата, за да не се измести тој колосек на што е традиција, а што е нешто друго,“ појаснува Петковски.
Според него тешко се стигнува до националните установи, настрана од соработките со домовите и центрите за култура.
„Важно е дека ние имаме ресурси, но погрешно ги користиме тие ресурси. Многу често нашите уметнички сценско-уметнички проекти трпат врз база на одредени непишани правила коишто некои институции ги имаат. На пример, секогаш мора на уметникот да му ја дадете комплетната слобода да работи, како би можел да го направи своето уметничко дело, а не одредена врата или прозор да бидат пречка за не можат тука да влезат уметниците,“ вели Бојан.
Пораката на етнокореолозите е дека издигнувањето на традицијата на исто рамниште со другите уметности ќе зависи од отвореноста на самите институции, но и од барањата на нивните колеги да бидат третирани како уметници. Само на тој начин традицијата ќе биде вреднувана како останатите уметности. Петковски заклучува колку е важна етнокореологијата и колку е важно да се грижиме за сопствената традиција.
„И многу е важно кога работат колегите со институциите да имаат барања. Да не се плашат да бараат да бидат третирани како уметници. Зашто повторно ќе кажам, ние сме и уметност и наука, тоа е многу важно!“