Македонија – земја без својата иднина

Училишните клупи без ученици. Ваква епидемија ја зафати цела Македонија изминативе години. Се празнат клупите во основните и средните училиште поради заминување на учениците во странство.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов, Тања Рибарска
Продукција: Види Вака
Образование

Училишните клупи без ученици. За едно полугодие во најголемата општина во Македонија, Куманово се отпишале 164 ученици. Овие основци заедно со своите семејства заминале од своето огниште и татковина, по потрага по подобра иднина. Ваква епидемија ја зафати цела Македонија изминативе години, се празнат клупите во основните и средните училишта поради заминување на учениците во странство.

Во второто полугодие во учебната 2022/2023 година, во општините Штип, Куманово, Кочани и Кавадарци, се вратија значително намален број на ученици во училиштата, причината кај сите општини е иста – иселување во други држави.

КУМАНОВО

Најалармантна е ситуацијата во основните училишта во Куманово, каде за едно полугодие се отпишани вкупно 201 ученик од 10.097 запишани ученици во основните училишта.

Минатата година, поради истата причина се отпишале 155 ученика од основните училишта во Куманово.

Од отпишаните ученици, 37 ученици се отпишани поради преселба во друга општина во Македонија, а дури 164 ученици се отпишани поради преселба во друга држава.

Во средните училишта пак, ова полугодие во Куманово се отпишале 18 ученика поради заминување во странство, а во учебната 2021/2022 тој број изнесувал 54.

КАВАДАРЦИ

Од Секторот за образование од општина Кавадарци велат дека заминувањето на учениците и нивните семејства се должи на условите за живеење на државно ниво.

Во Кавадарци во првото полугодие од тековната учебна година, се отпишале вкупно 36 ученици, од кои 30 од основните училишта, 6 од средните училишта.

ШТИП

И универзитетскиот град, Штип, се соочува со истиот проблем, сè поголем број на ученици се отпишуваат поради заминување во странство.

Изјава Снежана Санева – раководител на Секторот за образование и јавни дејности – локален економски развој при Општина Штип

Секоја година значително се намалува и бројот на ученици запишани во прва година во средните училишта.
Од Секторот за образование на општина Штип велат дека во средното образование се забележува тренд на помал број на запишани ученици уште во самиот почеток на училишната година, односно учениците не се ни запишуваат во средно, заминуваат откако ќе го завршат основното образование.

Во првото полугодие на учебната 2022/2023 година, во основните училишта во Штип имало 3777 ученика, во средните 1968 ученика.

КОЧАНИ

Во Кочани пак, пред почетокот на второто полугодие заради иселување во странство исписници побарале 51 ученик од основните училишта и 12 ученици од средните училишта.

Од општина Кочани дополнително истакнаа дека во нивната општина во континуитет се бараат исписници за одење во странство.


Не постои статистика за тоа колку во изминатите година имаме заминување во странство, но во Општина Кочани континуирано се бараат исписници за одење во странство – податок кој учажува дека години наназад има постојано заминување во странство. На тоа укажува  и состојбата кога се запишуваат ученици во прво одделение каде во изминатите неколку години  во континуитет  имаме помал број на запишани првооделенци од податоците добиени за упис во прво одделение според списокот на МВР за родени деца во таа каледарска година. По направениот упис на првооделенци за одреден број на првооделенци се утврдува дека веќе живеат во странство,“ посочија од општина Кочани.

Тренд на заминување од Македонија

Трендот на отпишување на ученици поради заминување во странство е сѐ поактуелен и на ниво на држава, а училиштата се доведени во ситуација да бараат дозвола за формирање паралелки под 20 ученика бидејќи од година во година опаѓа и бројот на деца кои се запишуваат во прво одделение, па училиштата не го задоволуваат ниту основниот минимум којшто е потребен за формирање на паралелка.

Невенка Величкова – директорка на ООУ „Димитар Влахов“ – Штип посочува дека ако пред пет години бројот на запишани ученици во прво одделение бил околу 150, денес таа бројка се движи некаде околу сто.

По реонизација во Штип годинава требало да бидат запишани 630 првачиња, а се запишани само 436, а со тоа училиштата се принудени да формираат паралелки со под 20 ученика.

Изјава Невенка Величкова – раководител на ООУ Димитар Влахов во Штип

Од Министерство за образование дополнително посочија дека во случаите каде што нема доволен број ученици заради намалениот наталитет или миграцијата, ќе се консултираат со локалната заедница за да се идентификуваат потреби за пренамена на неискористениот училишен простор за задоволување на потребите на граѓаните од други социјални услуги.

Во учебната 2020/21 година, на ниво на државата од вкупно 2.007 ученици кои се отпишале од училиштата, 935 се отпишале поради заминување во друга држава.

Како најчести причини за иселување се вбројуваат квалитет на образованието, партизирани институции, корупција, финансиска несигурност, недоверба во правосудство…

Доколку продолжи да се зголемува се уште трендот на иселување на ученици од основно и средно образование, доколку цели семејства својот пат го продолжат во земјите со поголем просперитет и нашата земја ќе се соочува со „одлив на мозоци“, Македонија дефинитивно ќе остане земја без својата иднина, без младината.

Погледнете го видео прилогот „Училиштатa во Штип остануваат без ученици“
Facebook
Twitter
LinkedIn