Македонија повторно во смог, мерките само на хартија

Препораки има, како и позитивни примери во светот со земји кои се справиле со аерозагадувањето низ годините. Ние единствено се справуваме со воведување на мерки на хартија кои никако да станат реалност и граѓаните на Македонија да почнат да дишат чист воздух.
Автор: Ангела Петровска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов, Горан Бошковски
Продукција: Види Вака

„Мириса на загадено“ оваа реченица се слуша изминативе денови, повторно со Скопје влеговме во топ 10 најзагадени градови во светот. Со тоа се наговестува дека Македонија и оваа зима ќе дише токсичен воздух. Скопје, но и Гостивар, Куманово, Струмица, Велес, Тетово и Кавадарци, веќе се искачија високо на листата на градови со најзагаден воздух во светски рамки. Со започнувањето на грејната сезона и ниските зимски температури, Скопје многу брзо се искачи на високото шестто место меѓу најзагадените градови во светот. На загадениот воздух кој е присутен низ текот на целата година, но највидлив во зимските периоди, покрај затоплувањето на домовите и државните објекти, му влијаат и индустриските објекти, малите количини на зелени површини, градежништвото и сообраќајот, вели Блаже Јосифовски, претседател на здружението „Гоу Грин“.

Согорувањето на биомаса е најголем загадувач според податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање, спроведено во период од октомври 2020 до декември 2021, на мерните станици во Ново Лисиче и Карпош.

..

СМРТНИ СЛУЧАИ, СРЦЕВИ И МОЗОЧНИ БОЛЕСТИ СЕ ПРЕПИШУВААТ НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО

Македонија по глава на жител е земја со најмногу смртни случаи предизвикани од аерозагадување во Европа, а просечно околу 11% од смртните случаи на годишно ниво се предизвикани од загадениот воздух. Аерозагадувањето остава долгорочни последици кај здравјето на луѓето – мозочни и срцеви болести се препишуваат како предвремено умирање поради загадениот воздух, а само во 2019 година 3.400 луѓе починале како последица од аерозагадувањето, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Покрај тоа, загадениот воздух продира и во утробата на трудниците, со што загадениот воздух стигнува и до бебињата, што може влијае на нивното здравје.

Македонија со децении се соочува со проблеми со аерозагадувањето, а надлежните не преземаат конкретни мерки за справување со истото.

Според претседателот на Здружениетот „Гоу Грин“, Блаже Јосифовски, во последните 30 години може да се забележи дека има одредени мерки и политики кои властите на локално и национално ниво ги преземаат, но дека тоа се сепак мерки коишто имаат ограничен опсек на влијание. Според Јосифовски, многу повеќе средства треба да се вложат во здравјето на граѓаните за поквалитетно живеење и да се намали смртноста како последица од аерозагадувањето.

ЗЕЛЕНИТЕ ПОЛИТИКИ И ПРАШАЊА НЕ СЕ ПРИОРИТЕТ

Иако зелените програми на политичките партии беа дел од кампањите на последните два изборни циклуси на локално ниво, кога доаѓа време за имплементација на истите овие прашања не се повеќе приоритет, вели Јосифовски за Види Вака. Според него, за тоа влијаат повеќе фактори, како слабиот капацитет на институциите за имплементација на такви решенија.

„Многу ретко нѐ бараат да помогнеме со експертиза или со контакт и така натаму. Значи сметаат дека можат сами да ги решават и обично прават некоја „шминка“ решение коешто само изгледа добро за слика, но, реално не дават вистински резултати. Мислам дека граѓаните го бараат, а институциите тоа не го дават, а на национално ниво, откога се отвори решението дека со гасификација ќе сме го решиле целостно овој проблем, кога и да се праша, само ќе ви кажат како што ќе дојде гасификацијата, тоа ќе ги реши сите проблеми, што навистина е, морам да кажам, многу едноставен отвор на толку комплексно прашање, бидејќи ако толку беше лесно, ние не мораме да чекаме гасификација. Доволно е, пример во Скопје, да ја прошириме мрежата за централно греење, којашто веќе е на гас, бидејќи самата централна е гасна централна којашто го создава греењето во Скопје, така што сериозни се предизвиците со коишто се соочуваме, но немаме соодветни институции надлежни за да ги решават овие проблеми“, вели Јосифовски.

Од Министерството за животна средина велат дека ги поддржуваат единиците на локална самоуправа во подготовката на Плановите за квалитет на воздух (тоа е законска обврска, Единиците на локална самоуправа), преку програмата за инвестиции во животна средина, а дел и преку проектни активности.

Досега се донесени планови за Агломерација Скопски регион, за градовите Тетово, Битола Струмица, Куманово Кавадарци, Гостивар, Прилеп, Велес и Охрид. Изработени се локалните планови за општините Кичево, Кочани Струга, Штип и Гевгелија, но истите треба да се усвојат од страна на советите на општините. Во тек е изработка на планови за квалитет на воздух за Струмица и ажурирање на плановите за Куманово, Кавадраци, Гостивар и Струга во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ имплементиран од страна на УНДП. Од Програмата за инвестиции во животната средина за  период 2021-2023 година се финансираше и изработка на катастри на загадувачи на воздухот за седумнаесет општини.“- МЖСПП

Во рамките на ИПА 3 проектот „ЕУ за Чист воздух“, чија главна цел e да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во Македонија и намалување на ризиците по здравјето на луѓето, односно да се подобри квалитетот на воздухот во четири големи градови во Македонија (Скопје, Битола, Тетово и Куманово), се предвидени следните активности:

Според екологистите локалните самоуправи немаат доволно капацитет, инструменти ниту доволно кадат да вршат инспекции во индустриските објекти кои го загадуваат воздухот во градовите низ Македонија. Од Министерството за животна средина велат дека заедно со Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање е започната активност за вонредна и континуирана посета на индустриските капацитети за кои имаат издадено А – Интегрирана еколошка дозвола во текот на грејната сезона со цел да се зголеми внимателност при исполнувањето на обврските од Дозволите.

ЌЕ СЕ НАЈДЕ ЛИ РЕШЕНИЕ ЗА ЕКОЛОШКАТА КАТАСТРОФА ВО МАКЕДОНИЈА

Покрај греењето, сообраќајот, индустријата, природните процеси, голем дел во загадувањето на воздухот и животната средина во Македонија се препишува и на депониите во кои се гори секаков вид на отпад, за кои со години се ветува дека ќе се расчистат. Во октомври годинава граѓани од Кочани го блокираа патот кон комуналната депонија кај селото Бели, кочанско, од каде секојдневно дишат канцерогени материи, а градот се гуши во енормно загадување на воздухот.

Кочанчани скоро веќе 2 недели протестираат. За Види Вака изјавија дека овој протест нема никаква политичка заднина и дека сакаат да го вратат сјајот на Кочани, повторно да биде еден од најчистите градови.

„Кочани од еден од најчистите градови стана еден од најзагадените. Барањата на граѓаните се: соодветно оградување на депонијата, ангажирање чувар, забрана за влез на невработени лица и укинување на владината одлука за депонирање отпад од другите општини на оваа депонија.Овој протест не е партиски. Овој протест го поддржуваат сите граѓани – тој е граѓански протест и сакаме така да остане. Протестираме 24 часа на патот кон депонијата, на крстосницата Бели Пониква пред депонијата и не дозволуваме ниту едно возило од другите општини да го истовари својот отпад овде.“

Ширум земјата во текот на целата година горат легални или нелегални депонии за кои граѓаните редовно алармираат.

Според Јосифовски, ова е многу комплексно прашање за државата и треба да се работат и вложи многу повеќе од страна на надлежните институции во соработка со граѓанските здруженија за да има одредено подобрување.

„Верувам дека може да има подобрување и секако, исто така, битен факт е дека реално ни фалат дополнителни анализи постојано, треба научно да го следиме овој проблем. Индустриските земји, ова во континутет, десетици веќе години, декади го испитуваат ова прашање и го следат постојано, бидејќи важно е да следите кој е трендот и како политиките и мерките што ги правите, како тие влијаат на крајните резултати“, вели Јосифовски.

Од Министерството пак велат дека анализите покажуваат дека мерките кои се преземаат во делот на енергетика како зголемување на енергетска ефикасност на национално и локално ниво и спроведување на најдобри достапни техники во индустриските капацитети доведуваат до намалување на загадувањето на воздухот.  Може да се забележи тренд на намалување на концентрациите на PM10 честичките, така што на одредени мерни места во државата во последните години просечните годишни концентрации се пониски од годишната гранична вредност.

„Намалување на загадувањето може да се постигне само со имлементација на мерките од кои ќе се дефинираат во националните плански документи Национален план за заштита на амбиенталниот воздух за периодот 2025-2029 година и Национална програма за контрола на загадувањето на воздухот за периодот 2025-2035 година и достигнување на обврските за редукција кои ќе се дефинираат во рамките на IPA техничкиот проект особено во секторите Производтво на енергија и согорување на горива во домаќинствата и административните капацитети, како клучни извори на емисија на критичните супстанци во нашата земја цврсти честички со големина до 10 и 2.5 микрометри. Воедно на локално ниво се очекува спроведувањето на мерките во веќе усвоените Локални планови да доведат до намалување на загадувањето во зимскиот период,“ посочија од Министерство за животна средина.

Препораки има, како и позитивни примери во светот со земји кои се справиле со аерозагадувањето низ годините. Ние единствено се справуваме со воведување на мерки на хартија кои никако да станат реалност и граѓаните на Македонија да почнат да дишат чист воздух.

Facebook
Twitter
LinkedIn