Македонија единствена во регионот по производство на ориз, но наместо да се извезува, се увезува

Кочанскиот ориз покривал околу 70% од тогашниот југословенски пазар.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Горан Бошковски
Продукција: Види Вака

Во Македонија ретко кој земјоделски производ количински ги задоволува потребите на македонското население, додека ориз се произведува и повеќе од што ни е потребно.

Во кочанско не недостасуваат оризови полиња, плодна почва и земјоделци, напротив ориз се произведува во задоволителни количини, но сепак се увезува бидејќи често на купувачите им е поважна цената наспроти квалитетот, а цената се должи на вложените репроматеријали.

Во кочанскиот предел се произведува ориз кој може да ги задоволи потребите на цело македонско население. Исто ваква била ситуацијата уште во времето на поранешна Југославија, каде сите се прехранувале со македонски ориз.

Но, денес истото не може да се каже за Македонија и покрај препознатливиот квалитет на кочанскиот ориз, македонскиот пазар се снабдува и прехранува и со увезен ориз, што се должи на разликата во цените.

Професорот Андов, околу 40 години работи на Земјоделскиот институт при УКИМ во Кочани, односно во поранешниот Институт за ориз, кој претрпел неколку промени во името, но и во главната дејност на занимање.

Всушност објектот на денешен Земјоделскиот институт при УКИМ во Кочани датира од 1927 година, тогаш бил формиран под името Овошен расадник. Тогаш биле подучувани луѓето од страна на Институтот како да ги оплеменуваат овошните култури, потоа житата, а подоцна оризот преминува како една од главните дејности на Институтот во поранешна Југославија.

Овошниот расадник најпрво преминал во Реонска опитна станица, па Здружен земјоделски институт, Институт за ориз и на крај во 1999 година се здружува и преминува во состав на УКИМ, односно во состав на Земјоделскиот институт Скопје и до ден-денес функционира во состав на УКИМ.

Оризот станува главна дејност на Институтот во Кочани со формирањето на Југославија, во 1945 година кога станува единствен научен Институт за ориз на територијата на поранешна Југославија и единствен кој се занимава со проблематика на оризопроизводството.

По распадот на Југославија се губи пазарот за продажба

Кочанскиот ориз покривал околу 70% од тогашниот југословенски пазар. По распадот на Југославија се намалиле површините, но се загубиле и пазарите.

Најголемото производство на ориз во Македонија било некаде 1987/1988 година кога површините достигнале до 10.000 хектари, а последниве години производството на ориз е некаде околу 4000 до 4500 хектари површина. Но од друга страна пак, приносите порано биле многу помали, а сега според статистичките податоци, приносите се движат околу и над 6000 килограми по хектар, меѓутоа како што истакнува професор Добре, во реалноста нашите оризопроизводители произведуват и до 9000 килограми по хектар ориз.

Според податоците на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, во 2021 година оризот е застапен на 3 111 ха со намалување од 2% во споредба со 2020 година (3 177 ха). Производството на ориз во 2021 година е 18 962 тони, што претставува намалување од 556 тони или 2,8% во споредба со 2020 година (19 518 тони).

-Во нашата држава останува ориз за извоз кој е исто така многу битна работа ако сте способни како држава да извезувате, со што се остваруваат одредени девизи. Со тие девизи ќе купите што ви недостасува пченка, пченица, брашно… – појаснува професорот Добре.

Сепак, во 2021 година, Македонија на светскиот пазар учествувала со 0.018% во извозот на ориз споредено со државите од цел свет. И само 0.25% извоз споредено со другите европски држави – покажуваат податоците на OEC – Оbservatory of economic complexity.

А, и покрај тоа што се произведува доволно, ориз во Македонија сепак се увезува. Увезениот ориз во Македонија воглавно доаѓа од Грција и Италија, како и од азиското тло.

Според податоци од Државен Завод за Статистика, во 2022 година ориз од Македонија е извезен во количина од 13.000 тони, а увезени се 205 тони ориз во Македонија.

Во минатото се произведувале сорти на ориз кои биле помалку приносни и помалку квалитетни, после 1945 година, донесени се и италијански сорти, а денес има и сопствени сорти кои се одгледуваат во Земјоделскиот институт во Кочани, како и сорти кои се интегрирани од други држави.

Прекин на процесот на селекција и создавање на нови сорти

Постојано излегуваат нови сорти и нови генетики ориз, така што, ако нема постојано создавање на сорти, тие што ги има ќе застареат, па затоа мора да се работи на постојано создавање на нови сорти. Меѓутоа државата со чести прекини го финансира тој процес, споредбено во времето на Југославија, се финансирале проекти во континуитет за да се создаваат нови сорти.

Таа науката во создавањето на нови сорти оди многу брзо и тоа е многу скапа работа и порано Институтот имаше проекти, финансирани од страна на државата, кога беше Југославија, не се прекинуваа тие проекти, се финансираа секоја година бидејќи е долгогодишен процес, постојано се финансираше создавање на нови сорти, ние за жал последниве години не работиме на селекција. Ќе сакаме после да ги обучиме колегите, имаме двајца нови докторанди кои ќе ги обучуваме да ја научат културата, да ја научат техниката на создавање на нови сорти и мислам дека Институтот ќе продолжи да работи на создавање на нови сорти меѓутоа морам да кажам дека на одредени години има прекин на тој процес на селекција и создавање на нови сорти – посочува проф. Добре Андов.

Институтот почнал со селекција во 1959 година со проф. Лазар Бабамов, а подоцна и следните генерации – проф. Верица Горгиева, проф. Добре Андов и проф. Даница Андреевска работеле на создавање и на креација на нови сорти.

Како резултат на таа работа се добиени повеќе македонски сорти што се признаени генотипови – „Бисер“, „Осоговка“, „Ранка“, „Примариска“ и други генотипови кои се создадени од македонски селекционери односно вработени на Институтот.

Но, за жал Земјоделскиот институт долги години се соочува со недостаток на млади кадри.

Државата не вложува во вработување на нови кадри

-Нема подмладок, нема асистенти, нема помлади луѓе доценти кои би работеле на развој – појаснува проф. Добре и додава дека има интерес за работа во Институтот, проблемот е што државата не одобрува вработувања.

Дури минатата година биле одобрени вработувања на двајца докторанди во Институтот. Професорот Добре иднината на Институтот ја гледа во нив, особено што идната година заминува во пензија.

Експерименти на полињата во Кочани

Институтот располага со експериментални полиња каде се прават експерименти, односно испитување и тестирање на сорти и на нови пестициди, исто така испитување на минералната исхрана, на воведување на ѓубрива, начин на исхрана кај оризот, одредени климатски прилагодувања на сортите.

Обработливо земјоделско земјиште на Институтот е отприлика околу 20-тина хектари, на кои површини се произведува ориз и други житни култури како што е пченица, јачмен, пченка и други земјоделски култури.

Институтот располага и со сопствени лаборатории како во Кочани така и во Скопје, каде се прават одредени анализи, односно по полските експерименти во поле, се прибираат растенијата, пробите од поле и се носат за анализа во лабораторија.

Во минатото оризовите полиња се обработувале со запреги, денес се користи напредна механизација

Работниците со запрежна кола вршеле нивелирање на парцелата односно рачно товареле земја од повисоките места за да можат да ја израмнат површината, бидејќи оризот се одгледува во вода и парцелите морат да бидат рамни за да нивото на водата во целата парцела биде изедначено.

И денес во Институтот можат да се видат примероци од најразлични сорти ориз зачувани на традиционален начин – во епрувети

Некогаш Земјоделскиот институт во Кочани репродуцирал околу 300 сорти секоја година. И денес можат да се видат примероци од различни сорти ориз зачувани на традиционален начин, во епрувети. Меѓутоа во поново време сите тие колекции од семиња се чуваат во Институтот во Скопје во Ген банка.
Покрај примероците од ориз, во Ген банката има примероци скоро од сите земјоделски култури, од градинарски, индустриски култури и житни култури каде спаѓа и оризот.

Карактеристично за оризот е што секој дел од стеблото се користи максимално

Комплетно целото растение од оризот и сламата се користат за некаква намена за потребите на човекот.

Од арпата – суров непреработен ориз, при преработка се добива лушпа, бел ориз, скршен ориз и оризова трица која служи во исхранта на домашните животни односно во припрема на концентрати.
Белиот ориз служи за човечка консумација, а триците во сточната исхрана.

Кршениот ориз се користи како за човечка исхрана така и во пиварската индустрија и во хемиската индустрија за правење скроб, пудри и други работи во припремање на детска храна. Кафениот ориз исто така се користи за исхрана.

Кафениот односно карго оризот е многу квалитетен. Тоа е неизбелениот лупен ориз, најголем број од протеините се наоѓаттокму во делот кој се тргнува при белење.

Срастнатите плеви и плевици пак се користат и како енерген за добивање на енргија, во фабриките ги стават во парните котли за добивање на топла вода, за добивање на енергија, горат. Исто така во фармите поготово како простирка за малите пилиња.

Кочанскиот ориз е првиот заштитен производ во Македонија со ознака на потекло

Во 2000-та година од Институтот е изработен Елаборат за заштита на географска ознака на потекло – кочански ориз и кочанскиот ориз станува првиот заштитен производ со географска ознака. А за Елаборатот, Институот ја добива и првата награда во Брисел од тим на стручњаци.

Македонија е единствена земја во регионот каде што оризот успева, најблиски земји во кои се сади ориз се Италија и Турција, а специфичен е и начинот на сеидба на ориз во Македонија. За споредба – во Кина ориз се сее на суво.

Оризот е симбол на Кочани и на Македонија. Кочанчани претежно живеат од ориз, а има и добра заработувачка од него – ова го потврдува и агрономот Тоше Јорданов кој цел живот се занимава со оризопроизводителство исто како и неговите предци.

видео: „Белото злато“ во Македонија

Facebook
Twitter
LinkedIn