
Во свет каде што количината на отпадот се зголемува секојдневно, креативноста и репоутребата стануваат клучни за иднината на планетата. Наталија којашто стои позади профилот „Los bandidos.DIY“ преку уникатен и инспиративен начин го користи отпадот и со него креира играчки и украси.
„„LOS BANDIDOS.DIY“ e тим кој на креативен и едукативен начин има за цел да ја подигне колективната еколошка свест, како и да ја развие креативностa кај младата популација и да им биде инспирација преку поттикнување и едуцирање за важноста на рециклирањето како и сите придобивки со кои се здобиваме при земање на активно учество.“ – велат од „Los bandidos.DIY“
Материјали кои најчесто се користат за изработките се електронски отпад односно отфрлени уреди кои се поврзани на електрична мрежа или содржат електронски делови, како и хартија, стакло и пластика.
„Акцентот го ставаме на електронскиот отпад затоа што како категорија е најбрзо растечки вид на отпад од количински аспект. Изработките кои ги креираме не ги продаваме, туку најчесто ги подаруваме.“ – потенцираат од „Los bandidos.DIY“.





Нивната цел како што велат, освен поттикнување на креативното размислување и заштита на животната средина, има и цел да ги едуцира и мотивира младите да станат активни учесници во создавањето на поодржлива иднина.
„Креативноста и поминато време во вакви активности го поттикнува целокупниот психомоторен развој кај децата, како и развивањето на творечкте вредности и оставрување на индивидуалната креативност. Помага во развивањето на социјалните вештини, способноста за самостојната работа и прецизност како и мн. др бенефиции со кои се здобиваат децата.“ додаваат од креативниот тим.









Освен украси, играчки, накит, тимот изработува и изработки согласно сезоната. Па така, во зима доминираат новогодишните мотиви.






Во иднина „Los bandidos.DIY“ заедно со еколошките организации со кои соработува, планира да организира настани од хуманитарен карактер. Преку нив, тимот сака да ги вклучи и младите во процесот на рециклирање и да покаже дека отпадот може да се претвори во нешто корисно или уметничко.
„Веќе имаме голема поддршка и соработка со „Нула отпад“, Друштво за управување со електронски отпад, при што во план сме понатаму да организираме повеќе изложби и настани кои би биле од хуманитарен карактер.“ додаваат од тимот.
Иницијативи како „Los bandidos.DIY“ се примери кои можат да ја инспирираат поширока заедница да учествува во процесот на рециклирање и намалување на отпадот. Во иднина, ќе биде клучно државите и еколошките организации да продолжат да соработуваат на глобално ниво и да се ангажираат во развој на нови стратегии за управување со електронскиот отпад, како и за негово претворање во нови ресурси кои ќе бидат корисни за општеството.
Сепак, решавањето на проблемот со електронскиот отпад не е задача која може да биде исполнета само преку индивидуални иницијативи. За да се спречи понатамошното загадување и да се обезбеди поодржлива иднина, државите мора да преземат конкретни мерки, како што се усвојување на поефикасни закони за управување со електронски отпад, подобра информираност на јавноста за важноста на рециклирањето, како и инвестирање во технологиите за безбедно и ефикасно рециклирање. Според извештајот на Европската агенција за животна средина, само 40% од електронскиот отпад во Европа се рециклира на соодветен начин, што укажува на потребата од подобра инфраструктура и поширока јавна свест.