Локалните медиуми и професионално новинарство се лек за дезинформациите, а локалните медиуми ги има сè помалку

Автор: Божидар Доневски, студент
Камера и фотографии: Божидар Доневски, студент
Продукција: Игор Стојанов, Дијана Насева, Правен Факултет - УГД Штип, Медиумски студии и односи со јавност
Локални медиуми

 „Гледај, читај, слушај, но проверувај и мисли со своја глава” – Правило за медиумска писменост

Локалните медиуми претставуваат иницијална каписла за развој на демократските потенцијали во локалната средина. Ова значи дека локалните медиуми претставуваат најважни ресурси за демократизација на едно општество и формирање на јавно мислење. Својата независност треба да ја изразуваат со професионалност,пренесувајќи точни, вистинити и веродостојни информации. Професионалното новинарство и медиумската писменост се клучни за зголемување на довербата во медиумите.

Информирањето на граѓаните за она што се случува во нивните локални заедници отсекогаш имало посебно место во едно општество. Граѓаните сакаат да добијат информации за локалниот културен живот, за тоа како работат локалните комунални сервиси, за достигнувањата на локалните спортски клубови и за други настани од општ и јавен интерес.

Сопственикот на една од најгледаните регионални телевизии ТВ Стар од Штип коментира дека довербата која медиумите ја уживаат кај граѓаните е клучна за функционална демократија.

Интервју со Симеон Марјанов, сопственик на тв Стар Штип

Како резултат на промовирање на претприемачки дух и слобода на информирање во еден период во државата функционирале hgповеќе од 180 радиодифузери, коишто својата дејност ја прошириле со телевизиско емитување,односно прераснале во локални РТВ центри. Исто така и локалните весници, како печатени медиуми обезбедувале одредено ниво на информирање, иако работеле со ограничени ресурси и персонал.

Штип отсекогаш важел за новинарски град. До прогласување на независност на Република Македонија, во Штип функционирала радиостаницата – радио Штип, формирана во 1960 година. Од печатените медиуми бил познат „Штипски весник”, кој за жал поради финансиски проблеми престанал да егзистира.

Денес во Штип функционираат следните медиуми : Радио УГД ФМ универзитетско радио, Канал 77, Angels фм, ТВ Стар, ТВ Ирис, m-net HD и печатениот месечник ,,Штипски глас”. За жал правна рамка или потесна медиумска регулатива конкретно за локални медиуми речиси и да не постои.Постои правна рамка за сите медиуми што се содржани во Законот за медиуми и Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во борбата со лажните вести клучна улога играат локалните и регионалните медиуми. Според сопственикот и долгогодишен новинар во ТВ Стар потребно е квалитетни новинари за солидна борба со лажните вести и дезинформации.

Некои анализи упатуваат на тоа дека најголем дел на дезинформации во Македонија можат да се забележат за време на изборна кампања. Но професионализираните и регулираните медиуми не се согласуваат со ова тврдење.

Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, во 2014 година ја усвоил Препораката 364, за улогата на регионалните медиуми, како алатка за градење на партиципативна демократија. Бил упатен апел до советот на Европа да ја препознаат улогата на локалните медиуми, но истовремено да се грижат за безбедноста на новинарите и да воспостават механизми за да ја заштитат новинарската професија. Тие побарале да се унапреди медиумската писменост на локално и на регионално ниво. Локалните медиуми можат да имаат многу важна улога за превенција од лажни вести и дезинформации.

Почитување на новинарските стандарди и на принципите на професионално новинарство се вистинскиот лек против вирусот наречен дезинформација и лажна вест. Професионалниот новинар треба да знае на лице место да ги провери информациите и да ја потврди нивната точност и веродостојност од најмалку три извори.

Воведувањето на медиумската писменост како наставен предмет во училиштата претставува поттик за критичко и креативно размислување во врска со ширење на лажни вести и дезинформации. Медиумската писменост претставува способност за пристап, анализа, евалуација и продукција на медиумски содржини. За жал, состојбата на локалните медиуми е алармантна. Тие се соочуваат со финансиски проблеми и не располагаат со доволно средства да продуцираат квалитетна програма, со цел да ја зголемат гледаноста, а со тоа и приходите.

Ментори: Игор Стојанов, Дијана Насева, Правен Факултет – УГД Штип, Медиумски студии и односи со јавност

Подготвил: Божидар Доневски, студент

Напомена: Оваа сторија е објавена во рамки на проектот за дописничка мрежа на Види Вака, приказните се создадени од новинари кои не се дел од тимот на Види Вака.

Facebook
Twitter
LinkedIn