Додека од вилата на Водно одекнува женски глас на лидерство, локалната власт останува да биде „резервирана“ за мажи. Само четири жени ја добија довербата на граѓаните и се избрани да раководат со своите општини на Локалните избори 2025, и покрај тоа што 32 жени се кандидираа за функција градоначалник.
„Зошто и овојпат толку малку жени се одважија да се кандидираат на изборите? Дури имаше и дилеми дали можеби е тоа затоа што не секогаш жените гласаат за жени или е тоа затоа што жените мислат дека мажите нема да гласаат за нив иако се тие докажани во своите професии“ – праша и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите.
Во време кога Македонија направи историски чекор за жените, и на чело на државата за прв пат застана жена, реалноста е дека на локално ниво жените се минимално застапени на одлучувачки функции.
Иако можеби Македонија изгледа напредно на хартија со жена за претседател, реалноста во општините е друга – на локално ниво само четири жени се избрани да водат општини од 32 кандидирани за функцијата градоначалник наспроти 76 мажи избрани за градоначалници.
32 жени и 277 мажи на листата на кандидати за градоначалници 2025
Жените се поретко на листите за градоначалници, одовде и помалку добиваат можност да управуваат со општините.
Најмногу, три кандидатки за градоначалнички имаше во Прилеп, додека, по две се натпреваруваа во Битола, Велес, Карпош, Кисела Вода, Неготино и Центар. По само една жена кандидат имаше во 16 општини и Град Скопје, во останатите 57 општини немаше жени кандидидирани за градоначалнички.

Само четири жени се избрани за градоначалнички на локалните избори 2025, од нив во првиот круг беше избрана само една – Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ за Општина Кисела Вода.
Во вториот круг уште три жени се изборија за функцијата градоначалник и тоа Соња Стаменкова во Општина Македонска Каменица, поддржана од Коалицијата „Локални избори 2025 – СДСМ“, Марија Нацева во Општина Неготино кандидатка на Коалицијата „Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ“ и Наталија Димитриева во Општина Демир Капија исто така кандидатката на Коалицијата „Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ“.
Партиите, општеството, или стереотипите – што ги спречува жените да се поретко на листите на кандидатки за градоначалници?
Според Наташа Димова – претседателка на „Мрежа Стела“, бариерите за жени на одлучувачки функции се видливи на повеќе нивоа.
„Прво, во партиите: носечките кругови се машки и токму таму се носат одлуките кој ќе биде прв кандидат и во кои општини. Жените често се користат за „покривање“ на квоти, но ретко добиваат реална шанса и поддршка за извршни позиции. Второ, ресурси: женските кандидатки имаат послаб пристап до финансирање, логистика и влијателни мрежи, па кампањата им е поскапа и потешка. Трето, средината: сексистичка реторика и онлајн напади создаваат клима на ризик и демотивација. Кога на тоа ќе се додаде и „двојниот товар“ со домашните и семејните обврски, не е чудо што многу способни жени одбиваат да влезат во трката. Исто тука се и медиумите – давањето односно не давањето простор на политичарките, кандидатите и начинот на кој тоа го прават“ – посочува Димова.
Сексистички коментари, псцости, навреди за политичарките во Македонија
Во Македонија 6 од 10 политичарки најмалку еднаш биле жртви на сексистички закани, говор на омраза и клевета покажа истражување на НДИ, каде најчесто се коментира приватниот живот, надворешниот изглед и семејните вредности на жените.
Дека претстои да се изоди долг пат во однос на учеството на жените во политиката во Македонија покажа истражувањето на Национален демократски институт (НДИ) во 2020 година, кој укажува дека покрај недоволната застапеност на жените на државни функции, присутно е и насилството кон жени политичарки.
Стереотипите дејствуваат „одозгора надолу“ – вели Димова од „Мрежа Стела“. Според неа, во партиите, лидерството сè уште се доживува како „машка улога“, па жената мора да се докажува „двократно“ за исто признание – и нема право на грешка.
„Во јавноста и медиумите, доколку се зборува за жените тоа често е нивно оценување по изглед, мајчинство или приватен живот наместо по активности/заложби и резултати; онлајн нападите ја засилуваат стигмата и праќаат порака дека цената за женско лидерство е висока, а реално не секоја е спремна да се носи со тоа не само за себе туку ради тоа што и нивните семејства не остануваат имуни ниту заштитени од директни и индиректни напади. Во поконзервативни средини, тоа носи и семеен/заеднички притисок. Исходот е за жал поразителен: дел од жените воопшто не влегуваат, други се повлекуваат порано, а трети одбиваат извршни функции“ – појаснува Димова додавајќи дека ако сакаме повеќе градоначалнички, мора да се смени партиската култура (правила, поддршка, ресурси) и јавниот дискурс (нулта толеранција за сексизам и омраза).
Број на градоначалнички во Македонија низ годините
Ретроспективно во Македонија бројот на жени на функција градоначалник никогаш не надминал над шест оттука според истражувања на Реактор, женското политичко учество на локално ниво останува ниско и структурно ограничено.
Бројот на жени кои се кандидираат за градоначалнички во Македонија варира од еден изборен циклус до друг. Во 2009 година имало само 13 кандидатки, во 2013 бројката се зголемила на 32, а сличен тренд се повторува и во 2025 година.
Сепак, кога станува збор за избраните градоначалници, локалната власт и понатаму останува силно машки доминирана. Во 2009 година не беше избрана ниту една жена градоначалничка, во 2017 се избрани шест градоначалнички, но веќе во 2021 бројот повторно опадна на само две.
Овие податоци укажуваат дека, и покрај повремено зголемување на бројот на кандидатки, жените сè уште се далеку од еднаква застапеност во извршните функции на локално ниво.
Истражувањата на Реактор за учество на жените во политика на локално ниво покажаа јасни родови разлики во поддршката што кандидатите ја добиваат од политичките партии. Мажите почесто добиваат целосна партиска поддршка, додека жените почесто пријавуваат ограничена или амбивалентна поддршка од сопствената партија. Истовремено, мажите политичари го припишуваат недостигот на жени на позициите градоначалник на наводен недостаток на интерес или амбиција кај жените, додека самите политичарки зборуваат за соочувањето со системски бариери – традиционални општествени ставови, неформални партиски правила и доминација на мажи во одлучувачките партиски структури – стои во истражувањето на Реактор од кадешто потенцираат дека во март 2023 година, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието на Северна Македонија предложи конкретни измени во Изборниот законик – воведување квота 50-50, квота од 30% за помалку застапениот род во кандидирањето за градоначалнички, и квота од 40% за министерските позиции. Сепак, иницијативата не беше политички поддржана и не резултираше со промени.
Според истражувачката организација потребно е повторно отворање на ова прашање, не како репрезентативен симболички гест, туку како суштинско прашање за пристап до реална политичка моќ.
Квотите се инструмент кој може да создаде предуслови за зголемено присуство на жени во позициите на одлучување, но паралелно со тоа мора да се осигура дека жените имаат политички простор, ресурси и институционална поддршка да ги артикулираат и застапуваат приоритетите на жените на локално ниво – Реактор – истражување во акција.
Жените и понатаму се значително недоволно застапени во процесите на донесување одлуки, а факторите како што се родовиот јаз во платите, непропорционалните одговорности за грижа во домот и ризикот од родово базирано насилство, во голема мера го попречуваат нивното целосно учество – стои пак во анализа на Фондација за демократија на Вестминстер, 2024 година
Во време кога Македонија за првпат има жена претседателка, жените на одлучувачка функција во локалната власт речиси и да не постојат. Од 81 општина, само четири се предводени од жени. И додека државата формално се гордее со родовата рамноправност, бројките на локално ниво покажуваат колку таа рамноправност е далеку од реалноста.
Факт е дека во политиката не недостигаат амбициозни жени – недостига простор, поддршка и доверба и не е прашање дали жените можат, туку дали ќе им дозволат.
Жената на врвот на државата е симбол за можност и рамноправност, но вистинската рамноправност ќе дојде дури кога жените ќе седнат на сите маси, од Владата, до најмалата општина во земјата.