Лажните вести причина за одбивност од вакцините против Ковид-19

Автор: Соња Рилковска
Камера и фотографии: Соња Рилковска
Продукција: Игор Стојанов, Дијана Насева, Правен Факултет - УГД Штип, Медиумски студии и односи со јавност
Здравствени работници

Експанзијата на лажни вести во социјалните медиуми, придонесе за одбивност, недоверба и сомнеж кон вакцините против Ковид 19. Течноста за борба против коронавирусот, која спаси илјадници животи и ги намали последиците од болеста врз здравјето на светското население, стана поле за виртуелна војна меѓу антивакциналното лоби и остатокот од светот, кој реши да се вакцинира. 

Од една страна науката, експертите, лекарите, здравствените работници, кои имаат јасен став и повикуваат на масовна имунизација, од друга страна антиваксерското лоби и теоретичарите на заговор, кои неуморно шират лаги и невистини и ја поткопуваат довербата во вакцините.

Полесно се верува на лагите отколку на науката

Од невладината „Инклузија“, која ја следи медиумската писменост во регионот велат експанзијата на лажни вести во однос на вакцинацијата е загрижувачка. Особено загрижува тоа што луѓето полесно потпаѓаа и веруваа на лагите, отколку да веруваат на лекарите и науката. Страшно е што и денес има такви, кои не веруваат дека вирусот постои, а дека вакцините се направени за депопулација. 

Најголемиот број граѓани кои подлегнаа на лагите беа корисниците на социјалните мрежи. 

Изјава на Весна Цветановска

„Како што корона пандемијата земаше се поголем замав, така и тој процес на
ширење лажни вести експандираше. На тоа најмногу беа подложни корисниците
на социјалните медиуми и тие социјални медиуми беа генератори на јавното
мислење посебно во тие пандемиски услови. Се поајвуваа разно разни надри
лекари, непрофесионалци луѓе кои немаат допирна точка со здравствената сфера
и се дозволи без никаква цензура или мониторинг на медиумите да се шират
секакви лаги.“

Сите тие лаги и невистини, ширеа паника, недоумица и избегнување на
вакцинацијата, и покрај силните кампањи на здравствените работници.
Полесно веруваат на лагите отколку на науката.

Изјава на Весна Цветановска

„Колку и да се обидуваме да вршиме едукација против лажните вести, социјалните медиуми не подлежат на цензура и не можеме да влијаеме значително. Од друга страна можеме да ги едуцираме се повеќе и повеќе луѓето, барем оние кои имаат малку зголемена свесност. Стравот си го направи своето бидејки во светски рамки се соочивме навистина со нешто ново но од друга страна свесни сме дека не беше ниту прва а сигурно не ќе биде последна пандемија. Во нашито генетски код веројатно е вградено стравот да биде она што нѐ води“, додава Цветаноска од ЗГ „Инклузија“.

Најсподелуваните лаги во Југозападниот регион во земјава

Во Југопадниот регион во земјава беа широко распространети теориите на заговор. На социјалните мрежи се споделуваа статуси од типот вакцините се „експериментални”, невистина која ја демантираа лекарите, гласно тврдејќи дека ковид-вакцините имаат одобрение за употреба, комплетно клинички
испитани , тие се безбедни и ефикасни.
Честа споделувана лага беа и наночипови преку кои на населението ќе му биде
воспоставена контрола на севкупниот социјален живот, масовна депопулација на
планетата, да воспостави контрола врз населението и да го пороби иако во дозата
на вакцината воопшто нема простор да се вметне чип.
Прскањето со корона вирус од авиони е уште една лага, која ја отфрли научната заедница. Споделувана невистина беше и дека Бил Гејтс со вакцините нѐ чипира, со генетски код за да не следи.
Сите овие лаги ја поткопаа довербата во науката и институциите, но и придонесоа
голем дел од населението да избегне вакцинација. Исти и слични лаги,
поткрепени со фотошопирани фотографии и обработени – монтирани видеа се
ширеа на локално, национално, регионално и светско ниво.

Фејсбук статуси од охриѓани

Два соседни градови со сосема различни статистики

Охрид во градовите со рекордно вакцинирани граѓани, додека Струга на дното по вакцинирани.
До септември 2021 дури 61,45 % од населението во Охрид беше вакцинирано, додека во Струга до јануари годинава биле вакцинирани само 37% од населението. Речиси двојно помалку.
Лекарите сметаат дека дезинформациите имаа клучна улога во одбивноста кон
вакцините. Велат испратиле илјадници апели за да ги убедат своите пациенти
дека вакцините се единствениот излез, но на крајот секој сам за себе одлучува.


„Верувајте се изморивме од објаснување на луѓето, кои не ги
признаваат вакцините и вирусот. Можам еве да послужам како пример. Ако
сметав дека вакцините не се добри сигурно немаше да се вакцинирам во првите
лица во земјава. Луѓето не треба да се плашат од вакцинација, а антиваксерите не
треба да коментираат за безбедноста на вакцина која ја произвеле и одобриле
врвни научници. Впрочем нема друг излез од пандемијата освен масовна
вакцинација“,
вели д-р Докоска

Изјава Д-р Валентина Докоска микробиолог од Специјалната болница за нефрологија Струга

Валентина Доковска, микробиолог

„Во однос на вакцинацијата моја препорака е да го следите
мојот пример. Јас сум вакцинирана, имам заштита. Вакцините се безбедни.
Можам да ви кажам дека сите сме изморени, но вирусот не е“.
Изјава Доктор Горан Балевски поранешен директор на ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид

Горан Балевски, поранешен директор на ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид

„Мојот апел е да се вакцинира цело население без разлика на возраст.
Да ги слушаат препораките на лекарите, да не ги слушаат луѓето кои не се
медицинари. Здравствената фела мора да ја води пандемијата, не може некој кој
никогаш не видел болен човек да кажува дали треба и не теба да се вакцинира.
За мене мора сите да се вакцинираат“.

Најмал процент на вакцинација бележат струшките села, каде според анализите
на Институтот за јавно здравје смртноста беше најголема на национално ниво.
Општина Струга е еден од градовите каде е регистриран највисок леталитет,
смртност од 6,2%.

Над 90% од здравствените работници во Југозападниот регион се вакцинирани

Додека граѓаните се двоумат, здравствените работници веруваат на науката. Над 90% од медицинарите во охридско-струшкиот регион се вакцинирани. Нема ниту еден лекар кој не примил барем една доза вакцина. Невакцинирани од разни причини, има мал процент од помошно-техничкиот персонал, дел од вработените во администрацијата или средно медицинскиот персонал ширум болниците во Охрид, Струга и Вевчани.
Овие податоци сами по себе говорат за безбедноста на вакцините.

„Кај нас повеќе од 95% од вработените во болницата се вакцинирани.
Вакцинирани се и лекари и сестри,болничари, помошен персонал, вработените во
Управата. Но, апелот останува да се вакцинираат сите. Да веруваат на науката
на медицината“, вели д-р Горан Балески поранешен директор на охридската
болница.

Над 90% од вработените во Специјалната болница за ортопедија и
трауматологија „Свети Еразмо“ се вакцинирани.

„Вакцинирани се сите лекари, немаме лекар кој досега не примил вакцина. Имаме
мал процент од вработените кои не се вакцинирани некои прележале скоро.
Најчесто тоа е помошно технички персонал“,
вели д-р Ацо Велески директор на
болницата „Свети Еразмо“.

Рекордер во вакцинација е „Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања“ во Охрид. Таму има 100% вакцинација на здравствените работници.

Од 121 вработен во болницата имаме 121 вакциниран здравствен работник.
Повеќето со две дози, но имаме и со една доза претежно оние кои се сега скоро
прележани“
, вели д-р Елена Башуроска Коваческа директор на болницата Свети
Стефан

И во општина Вевчани нема невакциниран доктор.

„Немаме невакциниран лекар. Над 90% од вработените се вакцинирани. Тој мал
процент невакцинирани се средномедицински персонал“, вели Јован Стојкоски
директор на Здравствен дом „Д-р Светозар Чочороски“.

Во струшката болница од 316 вработени 306 здравствени работници се
вакцинирани.

Ментори: Игор Стојанов, Дијана Насева, Правен Факултет – УГД Штип, Медиумски студии и односи со јавност

Подготвил: Соња Рилковска

Напомена: Оваа сторија е објавена во рамки на проектот за дописничка мрежа на Види Вака, приказните се создадени од новинари кои не се дел од тимот на Види Вака.

Facebook
Twitter
LinkedIn